Showing posts with label Личност. Show all posts
Showing posts with label Личност. Show all posts

Saturday, June 16, 2018

Тој што има проблем со нашето име, тоа е негов проблем и тој треба да си бара решение

Изјава на неделата:

“Ние не можеме да бидеме ништо поинаку од тоа што се определиле нашите предци што ни оставиле аманет за идните поколенија. Ние сме тука само да го чуваме континуитетот на нашата само-определба. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци. Тој што има проблем со нашето име, тоа е негов проблем и тој треба да си бара решение.“

 Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија


Friday, February 02, 2018

Павел Шатев против двојазичноста во Македонија

Павел Поцев Шатев
15 јули, 1882 (Кратово) - 30 јануари*, 1951 (Битола)

На исечокот, Шатев, апропо сегашната предложена двојазичност во државата Македонија, уште во 1945 г. дал јасни насоки целата државна администрација да се води на официјалниот државен јазик - МАКЕДОНСКИОТ, ама кој да слуша...

- Павел Шатев „Историја на Македонија (материјали)“, ДАРМ/Македоника Литера, Том 1, Скопје, 2012, стр. 19

Вечна му слава на неуморниот македонски гемиџија, по кого е крстен мојот прв син!



*според некои податоци починал на 29 јануари, 1951

Monday, January 29, 2018

Автопат „Геноцид“

Најсоодветно име на автопатот:
Ципрас, лидер на земја членка на најмоќната воена Алијанса во историјата на човештвото, вели дека стравува од македонскиот иредентизам, бара промена erga omnes (во внатрешна и севкупна надворешна употреба) и брои колку пати зборот на М се спомнува во нашиот Устав. Нашиов, пак, како добар верник, кај што се преплаши и да го изговори името на земјата на чиј Устав дал заклетва, го заврти и другиот образ, па понуди ново име на аеродром и на автопат. Да биде иронијата поголема, автопатот „Пријателство“ фактички запира на грчката граница (се разбира, откако Заев ќе се пофали и со последната делница направена во време на Груевски). Гледано историски, тоа е патот по кој бегалците од Граѓанската војна во Грција, нејаките старци, мајки и деца, бараа спас и засолниште – а кои сѐ уште не добиле никаква репарација или извинување за страдањата. Заев дозволи „неговата држава“ да биде обвинета за иредентизам, без и да се обиде да ги извади од ракав двата адута: извештајот на Бадинтеровата комисија која заклучи дека името Република Македонија не имплицира никакви територијални претензии, и пресудата на Меѓународниот суд на правдата која оцени дека македонската страна не извршила никакви акти кои би можеле да се толкуваат како иредентистички.“

Биљана Ванковска

„...кога Заев веќе тргнал да го менува името на автопатот, Единствена Македонија му предлага да се вика „Геноцид“ како име за пат кој поминува и низ места во Беломорска Македонија каде се врши етничко чистење на Македонците во последните два века.“

Јанко Бачев

Friday, January 19, 2018

Нашата држава има име, тоа е Република Македонија!

Изјава на неделата:
„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение...“

Wednesday, January 10, 2018

Прекин на преговорите со Република Грција и поднесување на Резолуција во ОН

Против промена на име:
...прекин на преговорите со Република Грција и поднесување на Резолуција во ОН за признавање на нашата држава под нејзиното уставно име. Секој оној кој ќе се дрзне да направи било каква промена и со било која цел, ќе биде третиран како предавник.

Thursday, January 04, 2018

Сервилната надворешна политика не вродува со плод

Изјава на неделата:
„Што уште треба да се случи за актуелната Влада да сфати дека сервилната надворешна политика не вродува со плод? Напротив се злоупотребува.[...] Дури да ги исполнат сите грчки хирови, јасно е дека официјална Атина нема да попушти од својот став[...] Некоја друга Влада претходно смени Устав, знаме, се откажа од сонцето на Кутлеш, прифати срамна привремена референца ПЈРМ за да обезбеди прием во ООН, направи многу крупни отстапки на штета на македонскиот народ, а Грција не отстапи од својата ирационална политика на блокади и закани.“

Wednesday, January 21, 2015

Името Македонија историски ѝ припаѓа на Македонија

Изјава на неделата:
„Името Македонија историски ѝ припаѓа на Македонија“

Хавиер Нарт (Javier Nart)


Saturday, November 08, 2014

Денко, те поздрави Гоце

„Зашто, да не заборавиме дека двата наши симбола на борбата за Македонија, Александар и Гоце, биле со хеленска и со бугарска национална свест“ [1]

Денко Малески

Едвај ли има народ кој толку многу страдал од своите синови изроди, колку македонскиот! [2]

Гоце Делчев

Идеја: Г.П.

[1] Денко Малески „Гулабот на Хелените и врапчето на партизаните“, ПлусИнфо, 6 ноември 2014
[2] Писмо (втора страница) од Гоце Делчев до Никола Малешевски од 1897 година, Гоце Делчев - цитати, Македонски документи

Wednesday, March 05, 2014

Интервју - Никола Темков

Никола Темков е стрип автор и илустратор од Скопје и еден од нашите најдобри познавачи на стрип теоријата и историјата на македонскиот стрип. Во интервју од десет прашања и десет одговори, ексклузивно за читателите на „Македонска Ризница“, тој претставува една општа слика за деветата уметност и за стрип ситуацијата во Македонија.


1. Што е тоа стрип?

Ќе се обидам накратко да одговорам на ова прашање, иако не би можело накратко да се објасни што е тоа стрип. Иако има повеќе дефиниции, не би навлегувал многу во детали па наједноставно би кажал, стрипот е визуелно раскажување преку цртежи во низа, но придружено со текст. Неслучајно е наречен и девета уметност, бидејќи претставува доста макотрпен и креативен процес, па може да се мери на сите нивоа со сите останати уметности. Во исто време, стрипот сам по себе претставува и медиум, и тоа еден од оние масовните, бидејќи на креативен начин може за кратко време да пренесе моќна порака. Значи, преку стрипот може да се раскаже едно книжевно дело од типот на „Војна и Мир“, исто така може да се изрекламира еден производ, да се пренесе порака, но и да се направи уметничка изложба. Мислам дека отприлика ја објаснив димензијата на зборот стрип, и што сè тој претставува.

2. Од кога датираат првите стрипови?

И ова е доста тешко да се објасни со неколку реченици, затоа што има повеќе верзии, и не се знае со сигурност. Проблемот е во перцепцијата, т.е. во тоа кого го прашуваш или во кој дел од светот се наоѓаш.


 Ако се наоѓаш во Европа, горделивите французи ќе истрчаат да се пофалат дека стрипот за првпат се појавил во Франција, т.е. дека првиот стрип го нацртал белгијанецот Рудолф Топфер, во почетокот на 19 век. Дури одат дотаму што некои од нив ги сметаат и илустрациите на Густав Доре за први стрипови, затоа што на некои од нив има и текст. Во Америка пак, на пр. ќе ти кажат дека првиот стрип се појавил на американско тло, т.е. тие го сметаат „Жолтото Момче“ (Yellow Kid) од 1896 година за прв стрип, бидејќи текстот, покрај илустрациите, во овој стрип за прв пат се наоѓа во таканаречено текстуално балонче. Некои ги споменуваат илустрираните преводи на Библијата, Трајановиот столб, па и некои записи на камен, папирус и сл... Значи точна и стриктна дефиниција, и точен датум не постои, бидејќи според некои теоретичари од областа на стрипот, првите стрипови се всушност пештерските цртежи, бидејќи раскажуваат низа настани во слики и симболи т.е. букви.

3. Кога стрипот се има појавено и на македонско тло?

Иако многу малку се знае за ова, стрипот кај нас не е дојден од вчера, туку постои одамна. Да не бидеме и ние покуси, и за ова има неколку верзии, т.е. кога се појавил првиот стрип на македонско тло. Во книгата на Томислав Османли (Стрип - запис со човечки лик), ќе сретнете дека првиот стрип го нацртал и напишал нашиот познат писател Славко Јаневски и тоа во 1945 година под наслов „Еден бункер падна“. Меѓутоа, таму се даваат информации и за неколку стрипови пред првиот, ако може така да се каже, и тоа се спомнува стрипот од извесен Желимир Книвалд, насловен „За нас и о нама“ уште во 1937 година, но исто така и неколку стрип табли од Панде Јаревски од 1941 година, кој нормално поради војната не е завршен, па не може да се смета за прв. Оној на Книвалд пак е на српско-хрватски јазик, па исто така се отфрла, така што еве да речеме дека сепак тоа е стрипот на Славко Јаневски. Од друга страна, земајќи ја предвид креативноста на овој народ, можат да се забележат и доста илустративни преводи на Библијата и тоа од многу одамна, кои во многу наликуваат на стрип, нормално не во форматот кој денес нè асоцира на стрип, ама сигурно повеќе личат на стрип од онаа верзија на Топфер, која французите се погрижиле да стане првиот официјален стрип, барем на европско тло. Како и да е, стрипот на ова тло има долга традиција.

4. Би можело ли фреските во македонските цркви со кои што визуелно се раскажуваат библиски приказни да се сметаат за еден вид предвесник на македонскиот стрип?

Па зошто да не? Ако цртежите на пештерите некој ги смета за предвесници на стрипот, секако дека би можело и фреските да се сметаат за предвесници.


Се разбира не сите, туку оние во кои се раскажува приказна, во која има низа од повеќе следствени настани, придружени со текст, а такви сигурно веќе сте виделе во некоја од македонските цркви. Секако не заборавајте го зборот предвесник, не би сакал некој да заклучи дека црквите ни се полни со стрипови.




Еден интересен податок е што неодамна слушнав дека може да се најде Библијата во стрип во некои наши цркви, мислам дека е тоа српско издание, преведено на македонски јазик, ама јас го немам досега видено, така што не знам сигурно.

5. Како стрип автор можете ли накратко да го објасните процесот на создавање на еден стрип?

Секако, иако секогаш се препотувам кога ќе го видам зборот накратко... Значи вака, прво и основно за секој стрип е идејата. Мора да се знае што ќе се раскажува во стрипот, каков вид на стрип ќе биде, за што ќе биде наменет, и за кого е наменет, или каква порака, емоција или расположение ќе пренесе. Откако ќе ја добиеме идејата, таа треба да се разработи, по можност на хартија, во вид на сценарио, па потоа да се одреди колку страници ќе биде тој стрип, и за секоја страница да се направи концепт, не само цртачки, која сликичка каде ќе биде, туку и каде и како да се смести текстот. Разработката на ликовите е исто така важна во овој дел на процесот, така што пожелно е да се направат концепти за ликовите (барем за оние главните) да им се одреди карактерот, облеката итн. Откако е сценариото готово, ликовите спремни, се преоѓа на цртањето. Без разлика дали се работи класично или модерно (дигитално), цртањето би требало да се состои од цртеж во молив, па туш, и на крајот колор доколку се планира стрипот да е во боја. Е сега, технологиите на денешницава овозможуваат тотално спротивен пристап, така што не треба да се земе ова како правило туку како мој личен пристап. Познавам некои луѓе кои можат да почнат со цртеж, па потоа да ја осмислат приказната, или на пример да го постават во колор па потоа одозгора да цртаат, или директно со туш да цртаат, меѓутоа тоа веќе е прашање на избор.

6. И покрај тоа што претставува комплексна уметност, имам впечаток дека стрипот кај нас сепак се смета за пониска форма на уметност?

Прашањето ти е на место, не само што стрипот се смета за пониска форма на уметност, туку не сум сигурен дали воопшто се смета за уметност. Како таков го нема на нашите факултети за уметност, дури сум слушал и приказни од колеги кои завршиле на ФЛУ дека им било дури и забранувано да цртаат стрипови. Се надевам дека ситуацијата е сменета, барем на новиве приватни факултети, и мислам дека стрипот е прифатен сега засега во сите школи за дизајн, или барем така би требало да биде. Зошто и како кај нас стрипот во академските кругови е анатемисан не знам и не ми е јасно како може да го има на факултетите насекаде, еве на пр. во сите соседни земји, не одам подалеку, освен кај нас.

7. Колку стрипови годишно се издаваат кај нас и во колкав тираж?

За жал, на ова поле сме најслаби во регионот, сите комшии се светлосни години пред нас. Еве во Србија на пример, секоја година има околу 10-тина стрип фестивали во различни градови како Белград, Лесковац, Ниш, Нови Сад, Шабац, Крагуевац, Зрењанин... Бројот на издавачи е далеку поголем, се издаваат стрипови од сите стрип школи, италијанска, франко-белгиска, американска, јапонска манга... Кај нас постои само една продавница „Бункер”, каде што 95% од стриповите се од српски или хрватски издавачи... Постои само еден стрип салон, ако може така да се нарече тој еден викенд во годината во Велес, и тоа не е тоа. Се издаваат годишно по максимум 5 македонски стрип албуми, и тоа се најчесто авторски проекти, т.е. самиот автор доколку собере средства си го издава стрипот. Постои Здружението „Макстрипови”, кое повремено го издава „Синдром” и има сопствен форум (http://www.makstrip.com.mk/forum/) каде што се собираат љубителите на стрипот и стрип авторите, барем на интернет. Има моментално две-три стрип изданија што излегуваат многу нередовно, или еднаш двапати во годината („Синдром”, „Креатор”, Антологиите на „Визант”) и толку. Издавачи за стрип моментално нема, издавачите на книги се тотално незаинтересирани за стрип, јас со мојот другар и колега Игор Јовчевски допрва започнуваме годинава нешто со „Стрип Квадрат”, но тоа според мене е премалку. Ете таа е споредбата, за жал.

8. Каде е проблемот, немаме доволно автори, читатели, издавачи или нешто сосема четврто?

Некој ќе рече за тоа е виновна економската ситуација, но не е така. Се работи за нешто друго. Јас мислам дека нема константна публика на читатели на стрипови, да не речам се нема култура. Овде кај нас, на 35 години да те видат јавно, на пример во автобус, како читаш или разлистуваш стрип, ќе те сметаат за недораснат, или заостанат, нетокму... Воопшто многу малку се чита, а камоли стрип. Во поранешната држава, пред распадот беше малку поинаку, јас се сеќавам дека уште како дете читав стрипови, а читаа сите од моето опкружување. Се менував со стрипови со средовечни луѓе, не постоеше таа граница, дека ете стрипот е само за деца. Сега и децата не читаат. Таквата ситуација налага дека стрипот нема пазарна вредност, т.е. ако нема публика или е многу мала, не се исплати да се издаваат стрипови, и затоа и нема издавачи. Имаше неколку обиди за издаваштво на стрипови, се обидоа неколкумина со издавање претежно на стрипови од италијанската „Бонели” школа (Загор, Дилан Дог, Марти Мистерија...), но сите пропаднаа. По се изгледа дека овие денешни генерации не се навлечени на тој тип на стрипови, и треба можеби да им се понуди нешто ново, поинакво. Од друга страна, автори имаме доста, и тоа квалитетни, но тие работат или за странство, или се тотално пренасочени кон дизајн или нешто трето. Да се биде стрип автор во Македонија е тотално неисплатливо, па за да се преживее мора да се работи нешто друго. Но љубовта кон стрипот е голема, и не има околу 50-тина души што водиме инает и им пркосиме на сите норми, и сè уште наоѓаме време да се занимаваме, макар и повремено со стрип.

9. Пред само неколку месеци министерката за култура најави дека во наредниот период стрип културата ќе добие поддршка. Според вас каков вид на поддршка е потребна?

Поддршка, каква таква имало и досега, меѓутоа прашање е каде оделе тие средства. Ете секоја година, 15-тина години наназад, „Стрип Центарот” во Велес од Министерството за Култура, па и од Сорос и уште од неколку други извори, добива одредена сума за подршка на стрипот. Но, нели е срамота за сите тие 15 години, да се организира само по еден викенд годишно, да се издадат само 3 стрип албуми (сте слушнале за стрип албумите „Мис Стон”, „Ајдучка Чешма” и „Волшебното Самарче”???) и годишно по еден број на списанието „Креатор“, којшто никаде не може да се купи, печатен е на фотокопир и на најевтината хартија што може да се најде, во којшто стриповите се на база на донација, т.е. не се исплаќаат авторски хонорари на авторите? Секоја најава за подршка е добредојдена, но ако се доделуваат тие средства на одредени невладини организации (како „Стрип Центарот“ во Велес, „Визант“ во Прилеп итн.), кои и досега ништо не направиле за стрипот, средствата ќе бидат залудно потрошени. Според мене, треба да се подржуваат повеќе авторските проекти, да се помогнат самите автори да издадат нешто, оти ако се чека на самопрогласените „институции“ и „центри“ за стрип да издадат нешто, ништо нема да се случи како и досега. Издавачите на книги (ги има многу) може малку да се заинтересираат за стрипот и да понудат барем по еден проект годишно, т.е. да подржат стрип изданија, а не само да мислат на брза заработувачка и да издаваат само евтини преводи на светските „бестселери“, кои во суштина немаат никаква вредност.

10. Каква е иднината на стрипот?

Малку конфузна, ако може така да се каже. Ако зборуваме генерално, во светски рамки, токму овој период на филмувани стрипови (Бетмен, Тор, Хулк, Икс Мен...) не само во Америка туку и во светски рамки допринесе за своевидна популаризација и на стриповите. Се отвори цела една нова индустрија поврзана со овие стрипови, во вид на продажба на играчки, потоа видео игри, анимирани филмови и слично, т.е. одредени стрип јунаци станаа своевидни брендови кои успешно се продаваат. Од друга страна пак, дигитализацијата полека но сигурно го убива стрипот на хартија, но само како издание, т.е. печатената верзија стана луксуз само за упорните класичари. Но тоа не значи дека стрипот како форма уназадува, и дека го снемува, напротив тој е моментално попопуларен од било кога, меѓутоа се менува начинот на издавање, и ако може така да се каже начинот на конзумирање. Овде кај нас не знам како да ја одредам иднината на стрипот, затоа што и сегашноста ни е за никаде. Треба да се смени менталниот склоп на цела една генерација, новиве генерации да ја согледаат убавината на стрипот како таков, и на пример кога гледаат во кино или на ТВ филм со Бетмен, или Астерикс, гледаат цртан филм Аниматрикс или Покемон, пијат сокче со Спајдермен, носат маици Икс-мен, да се сетат да прочитаат и некој стрип со тие ликови. На ова поле, морам да ги пофалам дечките од „Макстрипови“ кои се трудат на новите генерации, уште од најмали нозе да им го приближат стрипот преку разноразни акции, бесплатни школи за стрип и сл. Но, колку e тоа доволно и дали ќе вроди плод допрва треба да се види, најважно е дека нешто се прави за иднината на стрипот кај нас.

Александар Стеванов (Македонска Ризница, 19)

Thursday, December 12, 2013

Интервју со скулпторот Димитар Филиповски

Димитар Филиповски (www.dimitarfilipovski.mk) е македонски скулптор, автор на поголем број на скулптури ширум Македонија. Средното уметничко училиште го завршува во Скопје каде што подоцна дипломира на Факултетот за ликовни уметности, на вајарски оддел, во класата на проф. Драган Попоски-Дада. По дипломирањето извесен период работи во студиото на академик Томе Серафимовски.

Дел од скулптурите на Филиповски се: Дивокоза, Шмизла, Еееј, Заљубени, Цар Самуил, Методија Андонов - Ченто...

Во 2004 година Филиповски ја добива наградата „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ, а од 2006 година работи како професор во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.


1. Вие сте автор на модерни, но и на скулптури на историски личности. Која е тежината при изработката на првите, а која при изработката на оние вторите?

Не постои тежина при изработка на скулптура. За мене тоа  е доживување, приказна. Може некоја скулптура без оглед на нејзината тематика, само да ме мачи физички, доколку треба да моделирам клекнат или легнат во чудна позиција. Одговорноста е потешка од физичката тешкотија. Постои одговорност при изработката на скулптури со историски контекст. Подеднакво внимателно приоѓав и кон анахронизмот на Цар Самоил, но и кај релативно кусата временска дистанца од годината на смртта на Ченто.

2. Несомнено при изработката на скулптурата на Методија Андонов - Ченто се имате послужено со фотографски материјал. Од каде го набавивте и дали можеби имавте помош од неговите потомци и институциите?

Имав прекрасни и уникатни фотографии од Ченто и тоа од сите периоди на неговиот живот благодарејќи на неговиот син Илија Андонов. Навистина многу ми помогнаа. Дополнително, имав и материјали од Државниот архив.

3. На повеќето фотографии кои што можат да се видат во историските книги, Ченто е во униформа. Зошто вие како автор на неговиот споменик во Скопје одлучивте да го претставите во градска облека?

Ченто никогаш не бил партизан. Не бил учесник во НОБ, во битки. Нема ни еден испукан куршум. За време на војната бил во логор, во Чучулигово, Бугарија. По војната Ченто на митинзите што се одржувале низ македонските градови каде што тој држел говори е облечен во граѓанска облека. И најважно од сè тој бил човек од народот. Не на партијата, не на војската. Сите ги мами онаа фотографија на Ченто во униформа која е направена во фото-студио и со одредена намена. Вистината е друга. Фотографиите кои ексклузивно ги добив говорат сè.

4. Дел од потомците на Ченто беа незадоволни од реализацијата на скулптурата на Ченто во Прилип. Како регираа на вашата скулптура?

Најголемата грутка од моето срце се симна во моментот кога синот на Ченто, Илија после неколку доаѓања во моето атеље обвиен со сериозност и силен, студиозен поглед, во еден момент ми рече:
-Ајде сега да пиеме по една ракија... Го погоди!
За мене тоа беше огромна сатисфакција. Подоцна кога и останатите роднини го видоа и им се допадна, јас прилично се успокоив. Имав голем притисок самиот врз себе.

5. Означува ли можеби нешто симболично трупчето на скулптурата на Ченто или пак единствена причина за неговото поставување е стабилноста на самиот споменик?

Тоа е единствено заради тоа што Италијаните инсистираа на него.

6. За скулпурата на Ченто сте можеле да користите фотографски материјал како би го претставиле поверодостојно, но што е со статуата на царот Самуил?

Користев она што можев да најдам и нормално својата фантазија. Имав доста материјал од разни автори. Јован Скилица би го издвоил како и црквата Св. Ахил во Преспа каде што е закопан Цар Самоил.

7. Како тече подготовката за изработка на една скулптура на историска личност?  Претпоставувам дека не е доволно само да се погледнат негови фотогафии, туку и да се прочита нешто повеќе за неговиот живот како би се видело каква личност тој бил.

Се разбира. Без читање не може да се дојде до сознанија, особено ако се работи за личност од која нема фотографии или слики. Но, мислам дека најбитна улога има сенсот за создавање скулптура.

8. Освен за овие две дали можеби како скулптор се пријавивте на конкурсите од проектот Скопје 2014 за изработка на скулптури на други личности од македонската историја?

Не можам да Ви дадам прецизен одговор. Едноставно, не се сеќавам на колку сè конкурси сум се пријавил.

9. Покрај вашите скулптури, според вас, кои други скулптури од проектот Скопје 2014 би ги издвоиле според нивната уметничка вредност и квалитетот на изработката?

Сметам дека сите споменици се коректно изработени. Барем во занаетчискиот дел. За мене споменикот на Карпош е еден од најсветлите моменти во проектот 2014. Јас навистина се восхитувам на свежеста и на поетиката на овој споменик, кој иако е копија на Аугустинчиќ сепак плени.

10. Постои ли можеби кај вас посебна желба за изработка на скулптура не некоја друга значајна личност од македонската историја?

Да. Но, не на личност од револуционерното минато. Во мене гори желбата за изработка на 2-метарска скулптура на Јонче Христовски. Засега имам направено само 50 сантиметарска макета. Авторот на „Македонско девојче“ и многу други песни кои се душата на македонскиот народ заслужува да има свој паметник. Здравје...ќе бидам среќен доколку успеам во тоа во текот на следната година!

Александар Стеванов

Објавено во Македонска ризница, бр. 17

Monday, March 18, 2013

„ОХРИД“ - МАКЕДОНСКА ФОЛКЛОРНА ГРУПА

Македонската фолклорна група "Охрид" (Ohrid Macedón Folkegyüttes) беше формирана во април 2012 година и е составена воглавно од магистранти и докторанти на Македонскиот Лекторат на Универзитетот Eötvös Loránd во Будимпешта.

Таа е прва и единствена фолклорна група во цела Унгарија која што се занимава исклучиво само со македонските ора и песни. Основачите и членовите на групата се 5 девојки Ана Марија Боља, Тунде Хатала, Марина Компар, Јудит Тономар и Илдико Махо, но се надеваат дека бројот на членовите се зголемува.

Ана Марија Боља е водителката на групата и во исто време е инструктор на игрите. Таа и нејзината колешка, Тунде Хатала беа во Охрид на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, каде што ги научиле најпознатите ора: право оро, пајдушко, јени-јол, овчеполско, бувчанско, паланечка тројка, циганчица итн. Членовите на групата се четири Унгарци и една Хрватка, кои се љубители на македонската традиционална музика и танци. Целта на групата е да ја подигне свеста и да го претстави богатството на македонскиот фолклор (посебно низ музика и танци), како и да ги прошири унгарско-македонските врски. Името на групата доаѓа од Охридското езеро во Македонија.

Живописниот Охрид бил познат како еден од најважните центри на словенската писменост од 9-тиот век наваму. Уште од 16-тиот век охридската област почнала да создава силни врски со Унгарија, бидејќи многу од трговците од областа мигрирале и се населиле во унгарските градови (Miskolc, Gyöngyös, Eger, и други), носејќи ги со себе учењата на Кирил и Методиј, и култот на Свети Наум.

Friday, March 15, 2013

ИНТЕРВЈУ СО ЕДЕН МАКЕДОНСКИ МАГИСТЕР ПО ИСТОРИСКИ НАУКИ

Интервју со Александар Јаневски, дипломиран професор по историја и магистер по историски науки со специјалност историја на македонскиот народ XIX век, вработен како наставник по историја во основните училишта Ѓорѓи Сугарев и Климент Охридски во Битола.

1. Колку учениците на часовите по историја се интересираат за минатото на својот народ?

А.Ј. Генерално гледано, интересот на учениците за минатото на својот народ е задоволително. Сепак сè уште се бориме со одредени стереотипи кои не следат подолг период дека историјата е наука која единствено бара меморирање на години и настани и полека минуваме кон еден нов аспект на толкување на историските настани каде акцентот се става на причинско-последични врски и социолошка анализа на животот на луѓето во минатото, а во овој контекст годините се само временска рамка на приказната за тие настани.

2. Учат за оценка или за знаење?

А.Ј. Ако се има во предвид дека при упис на ученик во средно образование или на факултет во предвид се земаат оценките, може да се донеси еден заклучок дека поголемиот дел од учениците учат токму за оценката. Но, покрај тоа, има ученици кои сакаат да го надополнат општото познавање кое е предвидено во програмата за предметот историја и работат на истражувачки проекти, членови се во историска секција и сл.

3. За кој период и личност од македонската историја пројавуваат најголем интерес?

А.Ј. Кога би зборувале за период тогаш од моето досегашно искуство можам да заклучам дека историјата на Античка Македонија и сеопфатно историјата на стариот век е најинтересна за учениците. Додека кога сме околу личностите тогаш не би одел со име затоа што има поширок круг на историски ликови кои се дел од сите периоди во историјата и кои по своето дело и значење предизвикуваат интерес кај учениците.

4. Зошто, според вас, тоа е така?

А.Ј. Првенствено поради возраста на учениците ( во програмата за основно образование античка Македонија се изучува во 6 одд ) но исто така голем фактор е и временската дистанца која нè дели од тој период. Тоа му дава одредена мистичност на настаните и ликовите од тоа време и ја буди фантазијата кај учениците за тоа како изгледале сите случувања во тој период.

5. Реално можат ли историските настани и херои од минатото на Македонија да послужат како пример за градење на здрав карактер на македонските ученици?

А.Ј. Убеден сум дека вистинското истакнување на значењето, ликот и делото на нашите значајни историски личности можат да делуваат во изградувањето на националниот дух, идентитет и искреното родољубие. Во склоп на ова би дал само еден пример, се работи за периодот кога македонската кошаркарска репрезентација ги имаше своите најблескави моменти. Токму дел од тие натпревари се поклопуваа со почетокот на учебната година и во таа еуфорија честопати учениците нашите кошаркари ги споредуваа со историски личности од нашето минато.


6. Живеејќи во исполитизирана средина, се соочуваат ли и тие со дилемата дали сме ние „антички Македонци“ или пак „словенски Македонци“?

А.Ј. Се случува да постават такви прашања, но најчесто без притоа да ги имаат анализирано тие термини туку едноставно само пренесуваат што слушнале и прочитале низ медиумите. После дебатата која се отвара станува недвосмислено јасно дека таква поделба воопшто не е историски исправна и дека постојат единствено и само Македонци кои живееле во различни временски периоди.

7. Забележувате ли дали дневно политичките толкувања на историјата влијаат врз поимањето на македонската историјата од страна на учениците?

А.Ј. Имајќи ја во предвид возраста на моите ученици можам одговорно да тврдам дека дневнополитичките толкувања немаат големо влијание во реализацијата на наставната содржина по предметот историја, на што искрено се радувам. Но, честопати се случува од мои ученици кои се во средно образование или веќе на факултет да добијам прашања во кои и тоа како има вмешано прсти дневната политика. Во глобала забележливо е дека мас медиумите си ја вршат својата работа и влијаат врз градењето на одредни толкувања за одредени историски прашања кои не се целосно разработени.

8. Има ли македонски личности и настани кои, според вас, или недоволно или пак неоправдано многу се застапени во учебниците по историја?

А.Ј. Она во кое што сум убеден е дека потребно е зголемување на фондот на неделни часови по предметот историја. Два часа неделно со кои моментално сме застапени во  образовниот процес честопати не се доволни поцелосно да се разработат значајни моменти од нашата историја. Исто така проблем кој што е воочлив е преголемата застапеност на историјата на Балканските народи на сметка на националната историја.

9. Колку Интернетот се користи како алатка во историското описменување на учениците?

А.Ј. Последните активности на Министерството за образование беа насочени токму во овој правец при што во училиштата се инсталирани компјутери кои треба да ја помогнат реализацијата на наставата. Историјата како предмет има бенефит од оваа алатка затоа што за секое прашање, лик, настан и сл. веднаш може да се добие пишуван или визуелен одговор. Тоа на учениците им помага поедноставно да стигнат до одговорите на сите свои прашања и да ги разреши евентуалните дилеми. Сепак гледано од друга страна, честопати интернетот е поле каде што се случува за одредени настани и личности да има непотврдени толкувања од модераторите на некои страни. Затоа доста внимателно мора да се работи со информациите од интернет.

10. Македонија и македонскиот народ многупати во текот на својата историја имале трагична судбина. Колку целосната информација за тие настани може да им се пренесе на младите детски умови, без притоа имајќи ја предвид нивната младост, да се создаде омраза кон некои соседни нации и држави?

А.Ј. Македонскиот народ може да биде среќен затоа што во минатото никогаш не се нашол во улога на агресор, освојувач или уништувач на културно-историски добра. Таа позитивна страна од нашето минато е моментот кој постојано се афирмира. Историјата е наука која го учи народот врз база на настаните од минатото да ја гради својата иднина, во тој контекст ние ги пренесувам трагичните судбини на нашиот народ, со идеја да ги знаеме, за никогаш да не дозволиме повторно да ни се повторат.

11. Ви се случило ли некој ваш ученик да ве изненади со своето знаење на некои теми од македонската историја кои ги стекнал не од учебниците, туку од друга литература?

А.Ј. Се случува и тоа радува, затоа што тоа е индикатор дека некои ученици не се задоволуваат само со податоците кои им се сервираат според учебникот. За тие ученици програмата предвидува додатна настава и тоа е местото каде поопширно се работи на расветлување на новите информации и вметнување во историската приказна на соодветното место.

12. Во колкава мера учениците кои се припадници на некое етничко малцинство покажуваат желба за изучување на историјата на Македонија?

А.Ј. Во училиштата во кои што сум ангажиран имам можност да работам и со ученици од другите малцинства кои живеат во Македонија. Радува тоа што тие како деца не се обременети со политичките ситуации во Македонија и целосно и одговорно си ги извршуваат своите задолженија.

13. Во последно време од одредени личности се слушаат обвинувања дека македонската историја се ревидирала, постои ли навистина таков процес во образовниот систем на Македонија?

А.Ј. Историјата постојано е на удар и тоа најчесто во улога на напаѓачи се наоѓаат лица кои воопшто не се историски образовани. За среќа тие лица се далеку од изработката на наставните програми за предметот историја

14. Кој е реално опипливиот бенефит од изучувањето на националната историја на Македонија ?

А.Ј.  Да научиме дека „наведната глава сабја не сечи“ и „учи за да не работиш“ не смеат да бидат патоказ за иднината на македонскиот народ. Дека е време „Македончето“ гордо да се исправи пред предизвиците и како Македонец подготвен со работа и труд, да ја претвори Македонија во достојно место за живеење.

Александар Стеванов (Објавено во Македонска ризница, бр. 5)

Friday, February 08, 2013

Да знаевме дека ќе има рамковен договор...

Коментар од еден учесник во воениот конфликт од 2001 година:

„Да знаевме тогаш дека ќе има рамковен договор ни накај Липково, ни накај нигде немаше да се оди. Сите дома ќе си седеа и немаше да има жртви. Додека едни загинаа и беа ранети и спремни да умираат, други извршија велепредавство и потпишаа рамковен договор од нивните дебели фотељи“

Jove Palasovski

Wednesday, October 24, 2012

ИНТЕРВЈУ СО ЕДЕН НАШ ХОКЕАР

Зоранчо Гриовски е македонски хокеар и капитен на овогодинешната македонска репрезентација на квалификациите за Светското првенство во хокеј на ролерки. Тој го носи бројот 9, а нешто повеќе за него и за случувањата во македонската хокеј репрезентација прочитајте во интервјуто кое што го направивме со него:

1.    Како воопшто започна да се интересираш за хокеј?

Во Баварија, во пред-алпското подрачје каде што пораснав, хокејот е традиционален спорт. Едноставно така беше - во лето се игра фудбал, а во зима хокеј на мраз.

„Јужниот ген“ првично ме влечеше кон фудбалот и бев доста успешен како јуниор, но хокејот беше сè поприсутен околу мене. Во нашиот град имавме доста успешен тим и беше модерно да се оди на хокеарскиот стадион. Хокеј се играше буквално сегде. И на улица мои соиграчи фубалери играа хокеј, а дел од нив сега се познати играчи во втора или трета германска хокеј лига.

На почеток мене хокејот ми беше само лабаво хоби и играв рекреативно, но откако во Германија почна да се игра инлајн хокеј, т.е. хокеј на ролерки во организирано првенство почнав да играм активно во клуб – една година во првата германска лига ДИХЛ и потоа 6 години во баварската БИХЛ, што е еднакво на втора лига.

Како капитен на мојот клуб Шонгау три пати го освоивме баварскиот фице шампионат.

Можам да се пофалам со лични статистики и рекорди како стрелец на најбрзиот гол во клупската историја, првиот водечки гол постигнат на гости, највеќе одиграни натпревари, а секако и за мене типичното – највисок број на лични казни во клупската историја.

Имам посетувано и курсеви за тренер во Инлајн хокеј за која поседував и лиценца за германската ДИХЛ. Но сето тоа беше до 2002 година.

2.    А како потоа се префрли на македонската хокеј сцена?

Се преселив во Македонија и немав играно сè до 2011 година кога се приклучив и учествував, од почетокот, во првите обиди за основање на македонската хокеарска федерација, а подоцна и на СЦБТ за да се врати хокејот во Македонија. Оттогаш се обидувам да помогнам каде што можам и да го внесам моето искуство.

Од првиот тренинг наваму тренирам редовно бидејќи сакам да се вратам пак во стара форма. Но со оглед на бавниот развој тука и со недостаток на лизгалиште во Македонија каде да се игра редовно хокеј, тоа веројатно ќе остане само сон. Но рака на срце лани, со 35 години, станав репрезентативец на Македонија и тоа го гледам веќе како голем успех на кој што јас никогаш и не се надевав.

Сега мојата цел е да учествувам и во првиот официјален натпревар на македонската репрезентација на мраз – тоа е она на што се фокусирам како играч. Како љубител на хокејот ми е драго што има обиди да се врати хокеј спортот и сè додека можам, или има  потреба, ќе помагам во развојот на хокејот во Македонија. Ќе бидам дел од тоа во било која улога па дури и само како навивач.

3.    Од кога се корените на хокејот во Македонија? Имало ли порано хокеари, имаме ли традиција или ова е нешто сосема ново?

Хокејот во Македонија се појави пред половина век, во 1959 година, кога беше формиран Хокеарскиот клуб Скопје. Во тоа време не постоеле игралишта за хокеј и лизгалишта, па хокеарите на ХК Скопје првиот меч го играле на замрзнатото Мавровско Езеро.

Првиот натпревар во Скопје се одиграл во 1962 година, на импровизираното игралиште на тогашното училиште „Иво Лола Рибар“. Ледените зими во тоа време биле искористени така што на игралиштето била пуштена вода и оставена преку ноќ да замрзне.

Во средината на 60-тите години од минатиот век Скопје се јавува и како организатор на Светското првенство во хокеј на мраз, во тогашната Ц-група, кое се одиграло од 23. февруари до 1. март 1969 година. Со тоа започнува и развојот на хокејот во Македонија, кој своите златни времиња ќе ги постигне во следните две децении, со кулминација во средината на 80-тите години.

Тогашни тимови се: ХК Скопје кој подоцна се преименува во ХК Вардар. Вардар во младинска конкуренција е југословенски вицешампион во 1974 година. Потоа ХК Скопје Макотекс кој е оформен во 1985 и кој играше во тогашната прва лига.

Но сè се заврши во 1988 година. Многумина велат заради финансиски проблеми, но сигурно играше и улога недовршувањето на лизгалиштето под Кале. Сите други хокејарски метрополи во тогашната СФРЈ имаа сали, освен Скопје – каде и тогаш исто како ние сега се соочувале со истиот проблем.

Со отворено лизгалиште можеш да функционираш само 2-3 месеци, а во затворено до цела година.

Интересно ни е кога постарите играчи ни раскажуваат за средбите кога вриело од гледачи под Калето и имало вистински дерби натпревари во Скопје. Се надеваме дека во иднина ќе можеме да вратиме нешто од тој минат сјај на скопскиот мраз, па и гледачите и децата да ги вратиме пак на стадион.

Во Македонија на времето имало хокеари и бил доста популарен спорт, значи има темели на кои можеме да се потпираме и да изградиме нови генерации талентирани хокеари.

4.    До кое ниво е македонскиот хокеј во моментов и кои се главните предизвици?

Кратко и јасно, нивото е на најниско ниво. По расподот на СФРЈ нема активен клуб ниту првенство. Недостасуваат цели генерации на играчи.  Ниту палка за хокеј или пак лизгалки можат да се купат во Македонија.

Во Македонија треба да се започне од основата – изградба на инфраструктура и обука на децата.

Потребна е долгорочна стратегија, фокусот мора да биде У10 и потоа на категории У15 и У18 и пред се на домашни првенства во тие категории. Но не се само играчите, недостасуваат и тренери, судии, па дури и записници и официјални лица за управување на хокејарскиот семафор, Па така имаме уште многу работа пред нас.

Но сето тоа тешко да се оствари кога ја нема инфраструктурата. Македонија не поседува едно функционално лизгалиште до сега со вистински мраз со услови за тренизни или натпревари за развој на хокејот.

Условите на старото лизгалиште под Кале не треба да се спомнуваат поради тоа што едноставно нема услови, се пресоблекуваме после тренизни на минус 20 степени надвор, без соблекувални. Мраз има само 2-3 месеци, а квалитетот е катастрофален и на сето тоа за термини за хокеј се наплаќа огромна сума, а настинката е гратис.

Спортскиот центар Борис Трајковски исто така направи обиди и изгради првично отворен терен кој што сега е покриено лизгалиште, но не беше со природен мраз туку со таканаречен синтетичен мраз т.е. пластична подлога која симулира мраз. Но се зборува дека годинава СЦБТ ќе не израдува со вистински мраз, и тогаш ќе може конечно да се почне со развојот и со играње домашно првенство.

Хокеј на мраз е скап спорт, едно функционално лизгалиште во географска јужна средина како Македонија во период од 6 месеци кој би бил потребен за развој на хокеј и уметничко лизгање на повисоко ниво,  ќе има многу високи оперативни трошоци за производ и одржување на мразот. Исто така голема побарувачка на електрична енергија како на пример за климатизацијата. Тоа се битни фактори кој дополнително го успоруваат развојот.

Но според мене во држава како Македонија која сака да развива хокеј на мраз, би требало да се ориентира според примери како оние на Аргентина, каде што хокејот на мразот го развиваат преку хокејот на ролерки. Игралишта за хокеј на ролерки не се голема инвестиција ниту пак би имало оперативни трошоци за продуцирање мраз. И едно такво отворено игралиште би можело без проблеми до 8 месеци во годината да се користи, а нуди и можност за други спортови. Значи како мултифункционално игралиште, а ќе може подоцна во секое време да се надгради во лизгалиште.

Еве, арената „Под Калето“  можеше да се среди за хокеј на ролерки со мали напори, но дадено е под концесија и тоа е тоа. Но, каде се и другите градови во државата? Можеби има талентирани деца во државата што за 10 или 20 години или пак никогаш нема да имат лизгалиште во својот град. Па така пак се нуди опцијата со ролерките. И младината да биде првично изучена на ролерки па подоцна кога ќе има инфраструктура само да се префрлат во зимската сезона  на мраз, или пак таленти ќе бидат откривани во лето и форсирани во зима во главниот град.

Низ државата, низ градот, на кејот гледам дека младината знае да вози ролерки – па едноставно кажано, дај му палка и еве ти речиси готов хокејар.

И покрај хокејот на мраз и на ролерки исто може да се земе предвид алтернативата стрит хокеј/street hockey кој што се игра со патики. И во тоа исто така се одржуваат светски првентства што претставува дополнителна можност за промоција на нашата држава и спортисти. А Скопје со одличната инфраструктура во и околу Спортскиот Центар Борис Трајковски би имало со сигурност можност да биде редовен домаќин на вакви првенства.

5.    Спомнавте „ Ниту палка за хокеј или пак лизгалки можат да се купат во Македонија “. Па како тогаш тимот се снабдува со опрема?

Да, тоа е огромен проблем. Не само што нема каде да се купи, туку и самата опрема не е баш ефтина. Да кажеме квалитетна опрема за играч од глава до пети е  над 1.000 евра. Минималната сума би била некаде околу 500 евра, а за голман е двојно. Тоа особено е проблем кај младите кои што растат и речиси секоја сезона им е потребен некој нов дел опрема.

Повеќето од играчите сами си ја купуваат опремата, преку роднини во дијаспората или самите ќе отидат до Софија или Љубљана каде што има опрема. По некоја мала донација со користена опрема добиваме и од дијаспората или од мои поранешни контакти. Сега пред кратко добивме панталони и кациги, за да не изгледаме како папагали како што изгледавме до сега.

Федерацијата сè уште не е финансиска моќна за да ги задоволи сите потреби на една репрезентација дури на вакво ниско ниво, а мислам дека и првите домашни клубови ќе се соочат со истиот проблем. Така што останува да се обидеме преку нашите играчи во дијаспората да дојдеме до некоја соработка.

Еве пример, во Хрватска во Медвешчак играат Хрвати од дијаспората, еден од нив, Томи Цаноски, се ангажира за младината и има оформена организација преку која ја снабдува младината во Загреб со опрема или донации пратени од дијаспората. Таковиот пример треба ние да го следиме со играчите со македонско потекло.

А има и други примери, еве во Германија тимови во ниски категории се обидуваат да најдат самите извори за финансирање опрема, па така организираат на пример забави, фестивали или неделно ледено диско каде што се лизга на гласна музика или пак собираат стара хартија, или имат Фан Шоп на нивните Интернет страници каде што се нудат голем избор на артикли за навивачите.

Исто така ги продаваат користените дресови на eBay и така си го полнат буџетот дополнително покрај членскиот прилог и спонзорските средства. Но треба организација и добра екипа зад екипата за да се успее во една ваква работа.

6.    Во светот има повеќе славни хокеари со македонско потекло, дали тоа значи дека Македонците се природно талентирани за овој спорт?

Тоа е интересно прашање, на кое искрено немам одговор. Но би рекол дека секој е талентиран за нешто кое што треба да се открие. А без можност за откривање на талентот, како во наш случај без лизгалиште, тоа е тешко.

Но она што можеби е во нашиот македонски ген е упорноста. Кога нешто сакаме - можеме да бидеме успешни. И тука имаме одличен пример, играчот во „најсилната лига во светот“ NHL со потекло од тетовско - Ед Јовановски релативно доцна го започнал хокејот, но успеал да се избори и веќе со години игра успешно. За него има и документарец кој што се вика „Ed Jovanovski the late bloоmer“ (во превод, цветот кој закаснато почнал да цути). Интересно е тоа што него го викаат Јовокоп (Jovocop) според неговите дефанзивни квалитети и агресивна игра.

Има доста, хокеари со македонски корени. Браќата Крис и Брендон Таневи, сè популарниот и успешниот Стивен Стамкос, Ден Јанчевски и ред други. Но има и играчи кои што не се од прв поглед „наши“, но имаат македонски корени како н.пр. голманот Хосе Теодоре или Кореј Елкинс. Во северна Америка, посебно во Канада, има многу играчи со македонско потекло. Тие и самите си имат организирано рекреативна лига која се вика МК Хокеј Лига и во која играат тимови како Солун, Битола, Лерин, Охрид,... А воедно учествуваат и во канадската мултиетничка лига како Македонски Лавови. Но и Македонките во дијаспората играат хокеј и во првиот обид во таа иста лига станаа шампиони.

7.    Забележав дека за разлика од дресовите на македонските репрезантативци од останатите спортови, на дресовите на македонските хокеари е испишано името на нашата земја – Македонија. Како ви успеа?

Треба да им се благодариме на спонзорите кои што ни овозможија да го реализираме овој турнир и со гордост го носевме овој наш феноменален дрес на квалификациите за СП во инлајн хокеј.

Во светската хокеарска федерација официјално сме примени под привремената референца и во сите официјални известувања така не нарекуваат. А искрено, инлјан првенството и посебно квалификациите не се толку популарни и мислам дека на турнирите на мразот немаше толку лесно да пројдеме поради тоа што мора да се користи официјалниот дрес од светската федерација. Но не е дека немавме план Б.

8.    Како поминавте на последниот квалификациски турнир во Софија. Бугарија?

Ова ни беше второ учество во квалификациите за светското првенство во Инлајн хокеј во Германија 2013 година одиграно во Софија. Покрај домаќините годинава учествуваа повторно Турција и Латвија како дебитант, која во нашите очи беше фаворит за пласман.

Победникот се пласира на светското пвенство и исто како и лани, и ова година тоа беа домаќините Бугарија. Тие покажаа агресивен и успешен хокеј и на крај со заслужената среќа, во продолжение против Латвија победија. А Латвијците покажаа хокеј за мерак според добро познатата руска школа.

Како што кажав погоре имајќи предвид дека нема македонската екипа каде да тренира, резултатите се одлични и се од секундарно значење. Примарно е играчите кои до сега немале шанса да играт воопшто на вакви натпревари да соберат искуство кое ќе им служи за во иднината. Имаме неколку играчи помеѓу 18-25 години кои што имат огромен талент, но тој талент мора да се поттикне. Не може да се очекува резултат од екипа која тренира три пати пред првенството на вистински терен, а во остатокот од времето на плочникот кај соборната црква. Но ретко кој го знае ова...

Кога ќе бидеме во можност да си играме домашно првенство во инлајн хокеј и да играме редовно, резултатите веднаш ќе се подобрат. Но реално сме сè уште далеку. Во држави како Латвија хокејот е национален спорт и тешко да се мериме со нив, а такви екипи постојатно ќе ги има на квалификациите.

Од сите три порази имаме и позитивни аспекти за во иднината. Споредено со минатата година, ги дуплиравме дадените голови и пред сè младите покажаа дека имаат талент и дека има напредок.

Против Турција ја намаливме гол негативата од лани и долго време се држевме рамноправно за дури во последната четрвтина да паднеме со минус 7 гола. Против Бугарија негативата ја намаливме на половина споредено со претходната година и дадовме повеќе голови, но на почетокот бидејќи игравме со голема трема и нè фатија на ладно со два брзи гола. А против Латвија добивме лекција за памтење.

Знам дека доколку некој прочита дека Македонија изгубила од Латвија 28:2 ќе е близу до исмејување на нашиот тим, но како пример, Бугарија на светското првенство лани ја имаше истата судбина и освои нов рекорд во негативна смисла со вкупно 9-74 голови.

Инлајн хокејот е неверојатен брз и динамичен спорт, во минута можат да паднат  10 гола, па дури и повеќе. 60 секунди во хокејот можат да бидат многу, многу долги.

Имавме и историски момент, за прв пат настапија играчи од дијаспората за македонскиот тим. Тоа се браќата Стефан и Дејан Велкоски со потекло од тетовското Жилче. Тимот одлично ги прифати и браќата покажаа дека се засилување за нас и од кое што можеме да учеме што е битен фактор.

Дејан е голман за Минхен во регионалната баварска лига, а Стефан е судија во првата германска лига ДЕЛ но има играно активно хокеј во Германија и е фантастичен лизгач. 

Имавме и обиди за други играчи од дијаспората, но имавме и незгодна ситуација. Првично беше објавено дека на почетокот на септември се игра во Валадолид, Шпанија, но на почетокот на јули ни стигна известување дека квалификациите се играат за три-четири недели во Софија, Бугарија. Па така дел од нашите планови пропаднаа и според тоа гледано можам да кажам дека беше успешен турнир со многу подобра организација споредено со лани, нешто кое што ни дава дополнителна надеж за идни задачи и успеси.
9.    Ќе играте ли на следните квалификации на ролерки и какви ви се плановите, доколку веќе ги има?

Да секако дека ќе играме. За следните квалификации се планирани засилувања од дијаспората – но не е фокусот на готови играчи за брз успех туку примарно на младите кои ќе полнат 16 години и со тоа ќе имаат право на учество во квалификациите. И планот е со поглед на подолго време да бидат дел од репрезентацијата па така ќе имаме за веќе 2-3 години добро уигран тим. И оваа година веќе го подмладивме тимот споредено со лани и со тоа подобрените резултати уште повеќе добиваат на тежина и покажуваат дека тоа беше правилна одлука.

Се надевам дека федерацијата ќе се одлучи да ја продолжи соработката со тренерите Пламен Галабов и Микулаш Фурнаџиев, кои годинава за прв пат го водеја тимот и според мене одлично си ја завршија работата.

10.    Дали може да се очекува Скопје да биде домаќин на квалификации во инлајн хокеј?

Доколку ќе се оствари можност да се игра Инлајн хокеј во СЦБТ мислам дека има опција да биде Скопје многу скоро домаќин на официјалните квалификации, како што веќе и спомнав. И најискрено тоа ми е желба и цел. Што може да биде поубаво да играш пред своја публика? А таа идеја и не е толку спорна: СЦБТ има одлична инфраструктура, скоро готово лизгалиште, за Инлајн првенство би било потребно само специјална подлога, хокејарски семафор и секако трибини. Првите две отворени прашања може многу бргу и поволно да ги решиме со нашите контакти во дијаспората. Се друго е веќе тука и луѓето од СЦБТ се веќе доста искусни во организирање меѓународни средби, а на квалификациите гоствуваат можеби само две или три репрезентации. А и убеден сум дека ќе имаме повеќе гледачи и медиумска покриеност одошто до сега во Софија, каде во јавностата турнирот не се ни спомнува. Па така сметам дека ова е реално можно и може да биде одличен турнир во Скопје. А од друга страна како домаќин би го знаеле терминот пред време што отвара можност за детални подготовки преку скоро една цела сезона.

Во инлајн хокејот има и друга опција за учетсво во едно такво првенство. Македонија преку Хокеј Федерација на Македонија оваа и последната година учествуваше во натпреварите на светската хокејарска федерација ИИХФ каде ХФМ е член веќе од 2001 година, но постои уште една светска федерација која одржува првентства во хокеј на ролерки, Федерацијата за спортовите на ролерки ФИРС, која ги опфаќа и другите спортови на ролерки, како брзо возење, слалом, уметничко возење, скејтбординг, и други. Така што се отвораат ред други дополнителни опции за да биде младината ангажирана во организирана средина со натпреварувачки дух. Но Македонија до сега не е членка во ФИРС а не ни знам дали воопшто имаме домашна федерација за спортови на ролерки.

11.    Според вас каква иднината има македонскиот хокеј?

Иднината е добра, но сè зависи од тоа кога ќе има инфраструктура како главен фактор или да кажам пречка. Но и сега веќе има напредок, во СЦБТ скоро година ипол се ангажирани тренери од Русија и ги учат играчите основни работи. Но поради немање мраз, тренингот е т.н. „сув тренинг“ каде имаме кондициони и координациски тренинзи, и работа со палка на сува подлога.

И веќе во тој период се гледа напредок, некој од почетниците не знаеа да ја држат палката, а камо ли да шутираат, а сега на турнирот во Софија веќе даваа голови. Е сега да си замислиме дека тие млади деца би можеле да тренираат барем 4 месеци на мраз и 8 месеци на ролерки. Мислам дека набргу може да се остваруваат добри резултати и некој бум во Македонија. Хокејот е многу атрактивен спорт, полн со динамика и атлетика, но бара и психичка подготвеност, дисциплина и итрост поради брзината на играта.

И да не заборавиме, покрај хокејот во СЦБТ се прифати многу добро и уметничкото лизгање и доста млади девојчиња и момчиња тренираат редовно, но се соочуваат со истиот проблем. Значи се гледа дека има потенцијал и потреба за функционално лизгалиште во Македонија и

убеден сум дека кога и да е ќе ги имаме тие услови. Но покрај тоа е потребна и долгорочна стратегија за развој. Ништо не може во хокејот да постигнеме од денес за утре. Сите држави во регионот со исклучок Албанија се пред нас и таму веќе со години се одржуваат домашни првенства на мраз како и на ролерки. Време е да се почне и кај нас. Да не губиме „контакт“, всушност да можеме да оствариме контакт што можно поскоро.

12.    Дали има во моментов талентирани хокеари во Македонија кои би можеле да играт во странство?

Да, дури сега покрај ова лоша ситуација дома, имаме двајца млади хокеари кои имаат голем потенцијал. Но, „странство“ во хокејот е широк поим, во топ лиги или хокејарски нации нема да имат шанса. Едноставно им недостасува минимум 10 години искуство заради немањето организиран хокеј во Македонија. Но во регионот или во „егзотични“ лиги во Европа секако.

Двајцата и летово беа на своја сметка на хокеј кампови во Словенија. Стефан Децковски го гледам како еден од најбрзите лизгачи во регионот со јак и опасен, но уште не многу прецизен шут – но тоа би се средило доколку би имал можност редовно да тренира и да се натпреварува. А вториот, Кристијан Ташевски е одличен пример за талентот со кој би можел да располага Македонија. Лани, со 17 години беше почетник, а годинава е првиот стрелец на наш гол во Софија против Бугарија. Значи

располагаме веќе со добри таленти. Но така гледано наши хокеари веќе играат во „странство“. За грчкиот Ираклис од Солун зимава настапиле во неколку натпревари Ивица Тасков, Стефан Децковски, како и јас во бугарската БаХЛ. Исто така на ролерки имаме играно за Ираклис и имаме одлични контакти со играчите од Грција и одлично си поминуваме кога играме заедно. А во Ираклис и тоа веќе е нормална работа, со Васил Шишков, Ристо Аиновски и браќата Грчеви наши хокеари со години играа за сино-белите.

Но, ако имаме годинава мраз во СЦБТ, ќе играме дефинтивно против нив... Па, се надевам наскоро ќе можете да нè гледате.

А.С. објавено во Македонска Ризница, бр. 2

Monday, October 22, 2012

ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА З.Х.С. - СКОПЈЕ

Интервју со Давор Хорватовиќ, прв и актуелен претседател на „Здружението на Хрватите Славонија“ („Udruga Hrvata Slavonija“) од Скопје, за македонско-хрватските односи и за пријателските врски помеѓу двата народа.

1. Кога е формирано „Здружението на Хрватите Славонија“ - Скопје, и колку членови тоа брои?

Здружението е формирано во летото 2010 година од иницијативниот одбор и брои нешто над 320 членови. Според Статутот во ова здружение може да членува секој државјанин на Р. Македонија, без оглед на националноста, бојата на кожата, верска припадност и др.

Воглавно членовите се Хрвати, нo има и голем број на членови кои се Македонци, а има и Турци, Албанци, Срби, Власи и др.
2. Која Ви беше идејата за формирање на едно вакви здружение?

Идејата за формирање на ова здружение дојде како незадоволството на веќе постоечкото Хрватско здружение (ZHRM), Kое со години наназад и покрај прекрасните услови за работа нe ги оствари целите поради кои беше формирано. И  јас сум инаку еден од 19–те членови на претседателството и еден 19 еднакви, рамноправни членови во претседателството во истата таа организација koja  брои околу 1300 членови и со моите Славонци (нашто здружение) партиципираме во работата на oбединувaчкaта организација ЗХРМ (ZHRM).

„Здружението на Хрватите Славонија“ (З.Х.С)  или „Udruga Hrvata Slavonija“ (U.H.S) e основано пред две години со цел да ги развива и унапредува меѓуетничките односи помеѓу двата народа, но и меѓу сите останати. Да биде канал за размена на културните вредности меѓу двата етникума  и пошироко. Да ги поврзува традиционалните вредности помеѓу Хрвати – Славонци и останатите koи што живеат тука, со постоечките вредности нa Мaкедонскиот народ, а и со останатите.

3. Кои се Вашите главни цели и кои се активностите кои што досега ги има преземено Здружението на граѓани Хрвати „Славонија“ Скопје?

Основни цели и задачи на здружението се:

- Да ги развива и унапредува меѓуетничките односи во регионот на Македонија,
- Да укажува и превентивно да делува против нарушување на меѓуетничките односи,
- Да ја информира и анимира јавноста за постоење и за потребите од решавање на одредени проблеми во заедницата,
- Да го зајакне и развива граѓанското општество во Република Македонија,
- Да бара и прибира информации кои се од значење за граѓаните,
- Да организира трибини, работилници, тркалезни маси, средби, семинари, дебати, конференции, кампањи со цел јакнење на граѓанската свест и изградба на граѓанско опшество,
- Да гради мрежи и коалиции со граѓанските и други организации за остварување на заедничките цели,
- Да презема активности во сите степени на процесот на јавната политика,
- Да покренува научно-истражувачки активности од областа на развојот на граѓанското опшество и други свои програмски активности,
-Да организира културни и спортски манифестации и средби со здруженија во земјата и надвор од неа.

Настојуваме да ги унапредуваме меѓуетничките односи во Р. Македонија, да ствараме нови вредности, да се дружиме меѓу себе, заедно со останатите граѓани на Р. Македонија, да си помагаме и др.

Главна и основна цел е дружењето, запознавањето и меѓусебното помагање. Но во исто време организираме приредби, излети за запознавањето на македонските убавини, зачувувања на традицијата, јазикот, културните наследства и обичаи, превиме проекти, учествуваме и организираме трибини, спортски настани, медијација меѓу младите и др.

4. Како „Здружението на Хрватите Славонија“ - Скопје е организирано?

Првите 14 месеци нашето здружение ги користеше просториите на веќе одамна постоечкото здружение на Хрвати и сите наши активности ги насочувавме преку тоа здружение бидејки, како ново здружение, не смеевме да учествуваме во подавање на проекти во институциите на системот, а и немавме свои простории.
Сега преку еден наш член, дојдовме до простории кои што еднаш неделно ги користиме за собирање, дружење и работење. Летово, секој петок, се собиравме на базенот „БИСЕР” во Аеродром каде што ни беше одобрено со нашите членски книшки да можеме да влегуваме безплатно. Таму се собиравме до неговото затворање.

Во Македонија постои едно големо старо здружение кое функционира одамна, но како „Кровна удруга“ малку  ги  исполнува  потребните услови за да биде сервис на сите Здруженија и на сопствените ограноци на Хрватите во Македонија, а  особено во сферата на добивањето на советодавна и логистичка помош на здруженијата, ограноците и граѓаните Хрвати.

5. Последниот попис во Р. Македонија не беше успешен, а резултатите од оној од 2001 година беа негирани од неколку етнички заедници. Каков е случајот со Хрватите? Според Ваши информации колкав е нивниот број во Р. Македонија?

Ние се надевавме дека со најновиот попис во Македонија ќе го откриеме точниот број на Хрватите во Македонија, бидејќи се изборивме и Хрватите во Македонија да пишуваат на хрватски јазик и слободно да се изјаснуваат како Хрвати. До сега многумина се попишани како Македонци. Дури се изборивме да има и Хрвати попишувачи. Но за жал пописот се прекина и не успеа. Ние сметаме дека во Македонија има околу 5000 Хрвати. Нашиот интерен попис поради недостаток на средства не успеавме да го доведеме сосема до крај.

Но Хрватите се многу лојални граѓани на Македонија, па и од почит се изјаснуваат како Македонци бидејќи тука живеат. Многумина тука се родени, а има и такви кои се трета, па можеби и четврта генерација.

6. На овогодинешниот пивофест во Прилеп, хрватскиот пејач Петар Грашо изјави дека е презадоволен од приемот од македонската публика. Генерално како Хрватите се прифатени во македонското општество?

Ова е eдно од вистинските и убави прашања. Имено, улогата нa хрватските граѓани вo создавањето нa модерна Maкeдонија e исклучително голема и присутна. Mожеби e добро ова прашање да се разгледа преку неколку нивоа на присутност на овој феномен.
Голем број нa Хрвати преку бившата заедничка федерална Југославија преку разни службени должности сe преселиле и останале дa живеаат тука. Тиe останале да делуваат вo рамките нa своите професионални определувања. Завземале високи општествени позиции и со својот голем допринос учествувале вo создавањето нa модерна Македонија. Тиe личности се присутни во сите сфери на нашиот општествен, културен и стопански живот.

Jaс денес нема дa издвојувам имиња поради евентуалнo неспомнување нa некои од нив, нo вo некоја друга прилика, сигурно можe дa ja отвориме овaa тема. Пред сè, затоа што има многу такви кои треба да се набројат и споменат, а и многу тоа што да се каже за нив. Нема ни место за толку пишување, би било преопширно.

Друго ниво е  нивото на создавање на меѓуетнички мешовити бракови, кoи низ времето станале одличен фактор нa меѓуетничко спојување. Трето ниво е нивото нa историските врски, создадени низ времето на политички план. Оттука денешка Македонија и Хрватска имаат добра билетерална соработка.

Исто така и присуството на Хрватите вo македонскиот општествен живот. Tие релации и врски отсекогаш и овие две култури секогаш изнаоѓаат начин да имаат секаква меѓусебна размена.

Па и хрватските пејачи се секогаш добродојдени и нивните концерти се секогаш добро посетени. Драго ми е што е така и што нашата македонска публика ги обожава пејачите Петар Грашо и  Оливер Драгојевиќ кои што и јас лично многу ги обожавам, како и Славонецот Крунослав Кичо Слабинац со неговите тамбураши и многу други.

7. За разлика од некои други директни соседи на Р. Македонија кои што го негираат јазикот, народот или пак името, со Р. Хрватска немаме никаков спор. Велат дека најдобри соседи се оние кои што не граничат, па нема за што многу да спорат. Дали, според Вас, пријателството меѓу Р. Хрватска и Р. Македонија се должи само на тоа или пак има нешто поисконско што ги спојува нашите земји и народи?

Не, не, сигурно не е само тоа. Хрватска е во многу слична состојба со Македонците. Тоа доста нè зближува ... и на Македонија дел од териториите и се надвор од државата , како и на Хрватска. И двете држави се доста оштетени, нецелосни. И двете држави со години не смееја да помислат за осамостојување, да кажат збор...

А и за тоа, се идеше на голи оток. Мислам дека тоа е најосновното а има  и  многу постари далечни Историски врски ... Хрватска , многу и има помогнато во минатото на Македонија ...

8. Соработувате ли можеби со здруженијата на Македонците во Р. Хрватска?

Имаме постојани контакти со Македонците од Хрватска и тоа со повеке македонски здружениа. Имаме направено неколку заеднички проекти....

Еден последен проект, кој е многу убав, но релативно скап, за жалост не успеа да помине. Но има доста соработка, контакти и заеднички проекти кои се веќе реализирани.

9. Неодамна имав можност да разговарам со потпретседателот на Заедницата на Македонците во Р. Хрватска* кој искажа најпофални зборови за моделот со кој што Република Хрватска ги има решено малцинските прашања, а со тоа и прашањето на тамошните Македонци. Задоволни ли се Хрватите во Република Македонија од нивните права кои што ги имаат овде?

Македонците во Хрватска се влезени во уставот на Хрватска за разлика од нас, Хрватите во Р. Македонија, кои иако сме процентуално и повеќе одошто Македонците во Хрватска. Ние Хрватите овдека, во Македонија, сè уште се водиме под „останати“. Република Хрватска на македонските здруженија издвојува од буџетот околу 130 илјади евра. Тоа требаше да го направи и Македонија.

Иако и Р. Македонија требаше одамна, и покрај тоа што македонските власти ветија дека така ќе постапат и дека ќе се издвојува и доделуваат средства за Хрватите во Македонија, до сега Хрватите немаат добиено ни еден денар.

Македонците имаат свој претставник во хрватскиот парламент, иако процентуално се помалку од Хрватите во Македонија, кои пак нажалост немаат свој претставник  во  македонскиот парламент.

10. Забележав дека активно се залагате против промена на уставното и историското име на Р. Македонија. Сметате ли дека заштитета на Р. Македонија и на македонските интереси е должност на сите граѓани на Р. Македонија без оглед на нивната национална припадност?

Знамето, јазикот, писмото, националноста, законите и името на државата e нешто  што не сe менува  и  затоа ние,  Хрватите, нe би сакале да не дојде до никаква промена, и би сакале просперитет и напредок на оваа наша втора домовина. Исто така сметам дека заштитата на Р. Македонија и на македонските интереси е должност на сите граѓани на Р. Македонија без оглед на националната припадност.

Лојалноста треба да е основен принцип и обврска на секој еден нејзин граѓанин!

А.С. објавено во Македонска Ризница, бр. 2

Wednesday, October 10, 2012

11 октомври симболичен почеток на востанието против фашизмот

По повод статијата „Кога навистина во 1941 година започна востанието во Македонија?“ на авторот Тихомир Каранфилов, објавена на 8 август 2012 година на овој портал, за да се расчистат контроверзите околу датумот кој што се слави како ден на народното востание во Македонија и да се избегне неговото табуизирање, на оваа тема направивме интервју со македонскиот историчар магистер Кире Филов.

1. 11 октомври го славиме како ден на народното востание во Македонија, датум на кој што во 1941 година започнала борбата за ослободување на македонскиот народ од фашистичкиот окупатор. Зошто е одреден токму овој датум?

11 октомври е земен како симболичен датум за почеток на востанието против наци-фашистичкиот окупатор во Македонија. Тогаш се случила поголемата вооружена акција во Прилеп.

2. Сепак и пред 11 октомври 1941 година, во Македонија се регистрирани случаи на организиран отпор против фашистичкиот окупатор. Зошто тие претходни настани, не се земени предвид при одредувањето на денот на Народното востание?

Точно е дека и пред 11 октомври се случувале диверзантски и вооружени акции против окупаторот. Во текот на мај 1941 година, под раководство на Методија Шаторов Шарло била организирана воена обука, а биле извршени и повеќе диверзантски акции. На 2 јуни 1941 година од група младинци била извршена диверзантска акција во која што бил уништен германски авион, потоа на 12 јуни истата година бил запален еден германски камион.

Тука, секако не треба да се заборави формирањето на првиот партизански одред во Македонија, а тоа е Скопскиот партизански одред формиран на 22 август 1941 година. Овој одред кон крајот на август извршил вооружена акција во која бил нападнат Пиротехничкиот завод во Ханриево (Ѓ. Петров).

Според мене, кај Македонците и немало прекин во национално-ослободителното движење.

Тука треба да ја споменеме и дејноста на Шарло и неговата национална програма. Тој зборува за НОД и ослободување и обединување уште пред да дојдат наци-фашистите. На Петтата земска конференција на КПЈ одржана во октомври 1940 година кај Загреб, Шарло ги застапува ставовите за национално ослободување и обединување на македонскиот народ. Особено бил цврст неговиот став против српските колонисти, кои биле носители на големсрпскиот режим. Поради ваквите негови ставови бил доста критикуван дека застранил од линијата во однос на националното прашање. Затоа бил и разрешен од фунцијата секретар на ПК на КПЈ за Македонија.

Кој, како и зошто одлучил датумот да биде 11 октомври е друга работа.

3. Тогаш зошто и покрај фактот дека и пред 11 октомври имало облици на организиран вооружен отпор, овој датум е избран за ден на народното востание во Македонија?

Како што реков 11 октомври е општо прифатен датум, кој е само симболичен. Во нашата историја постојат многу датуми, кои секако се важни, и денес ги славиме како големи државни празници. Сите тие датуми се само симбол за долгогодишната борба на македонскиот народ за негова национална слобода и обединување. И датумите пред 11 октомври ние ги знаеме, но сме одлучиле да го користиме овој датум како почеток на вооруженото востание во Македонија во 1941 година.

4. Има ли веројатност Комунистичката партија на Југославија да влијаела при изборот на овој датум?

Овој датум е земен и утврден за да се намали или да се минимизира улогата на Методија Шаторов Шарло, кој што, да потсетиме, многу години беше именуван како народен непријател и предавник. Но, денес сите добро знаеме кој е Шарло и што сторил за слободата на Македонија. Како што знаеме во февруари 1940 година Шарло бил назначен за секретар на ПК на КПЈ за Македонија. Веднаш активно се вклучил во работата на Партијата и цврсто ги застапувал ставовите за обединување на Македонија. На Покраинската конференција одржана на 8 септември на Водно кај Скопје, била донесена Резолуција во врска со целите на НОД. Значи, уште пред почетокот на окупацијата на Југославија, во Македонија се зборувало за Народноослободително движење, а Шарло сакал Вардарска Македонија да ја претвори во база за ослободување, обединување и создавање на независна Македонска држава.

Изборот на 11 октомври како почеток на востанието во Македонија, бил со цел да се маргинализира, минимизира или отстрани улогата и влијанието на Шарло во МНОД. Него го заменил Колишевски, за кого знаеме дека бил силен послушник во однос на политиката на КПЈ и Југославија во однос на македонското национално прашање.

5. Според вас има ли потреба за ревизија на датумот на кој што се слави народното востание во Македонија?

11 октомври останува да биде празнуван и славен како „симболичен” почеток на востанието на македонскиот народ против фашистичката агресија. Мое мислење е дека овој датум треба да остане, како симбол на НОД во Македонија, бидејќи го одбележува антифашизмот, борбата за национална слобода и борба за обединување.

А.С., објавено и на Македонска Нација

Sunday, October 07, 2012

Интервју со Ване Трајков од СЦМ - Велес

Интервју со Ване Трајков, извршен директор на Стрип центарот на Македонија  и стрип колекционер.

1. Како се оформи здружението Стрип центарот на Македонија?

В.Т. Пред околу 15 години како претседател на Здружението на љубители на стрип „Стрип Арт“, чукав на вратите на разни владини, културни и други институции со цел стрипот како култура да се реафирмира. Распадот на СФРЈ, создаде еден вакуум во кој што немаше место за стрип, пред сè на страниците на забавните изданија. Некако дојдов до Соросовата фондација каде што покажаа интерес за неколкугодишно финансирање. Бидејќи јас сум од Велес, а тоа е град со традиционално развиен јавен и културен живот, град со публика гладна за културни настани, нормално беше овде да биде и седиштето. Доста помогна и тогашниот градоначалник Аце Коцевски со доделување на простор каде што можевме непречено да работиме.

Во почетокот сè течеше розово, министерството за култура и другите институции ги финансираа дури и авторските хонорари. Но со тек на времето се покажа дека Стрип центарот на Македонија може да живурка само на база на повремени реализирани проекти, а од Министерството и од општината иако добиваме редовни средства, сепак не беа доволни. Бизнис секторот е посебна приказна, тие повеќе би сакале да земат одошто да дадат. Со други зборови материјалната основа на нашите активности не е солидна, а имаме ситуација и желби, на пример, за Стрип салонот да угостиме максимум луѓе со минимални средства.

2. Оваа есен во ваша организација ќе се одржи десетиот по ред Интернационален стрип салон. Споредено со сега, каква беше македонската стрип сцена во периодот кога тој за прв пат беше одржан?

В.Т. Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, од 12 до 14 октомври ќе го организира традиционалниот Меѓународен салон на стрип, кој што оваа година е десетти јубилеен. Овде, меѓу другото, се организираат промоции на автори и стрип сцени од определени земји, дебати за развојот на стрипот и неговата улога во општеството. Преку оваа активност целта е македонската стрип сцена (автори, оператори, публика, медиуми...) да се запознае со познати стрип автори од други земји, организатори на фестивали, менаџери и други стрип дејци. Во тоа потполно успеавме, а ефектите се видливи. Пример самиот Марко Стојановиќ од фестивалот во Лесковац неодамна ми потврди дека позначајно зголемување на учество од Македонија имало после неговата прва посета во 2004 година кога беше гостин заедно со Владимир Весовиќ од фестивалот во Белград. Следната година гостин беше и Тихомир Тикулин Тицо од фестривалот ЦРШ од Загреб.

Интересен е случајот со фестивалот во Призрен, Косово, кој што до почеток на нашата меѓусебна соработка беше неафирмиран. Кoнтактите стекнати кај нас продуцираа нови и нови познанства. Блиската соработка продолжува, персоналот на СЦМ Велес секојпат е канет, но најголемо задоволство секако претставува сè поголемиот успех на овој фестивал.

Но, да бидеме реални и да споменеме дека сме имале и ситуации, заради финансиски причини, некогаш најавени гости да не дојдат. На пример во 2006 година Томаж Лаврич, Изток Ситар и Зоран Смиљанич не допатуваа, но им беше организирана изложба. А во 2008 година, пак, заради истите причини не дојде и реномираниот Игор Кордеј од Хрватска.

Ние како стрип организација сме имале подеми и падови, позитивности и грешки (процени на ситуација), но моменталната ситуација на македонската стрип сцена не може да се спореди со онаа од пред 10 години. Започнат е процес кој што не запира. Има нови иницијативи, има нови субјекти и исклучиво од нивната работа, имиџ, а би рекол и потенцијал за коректна соработка ќе зависи нивниот успех. Кај нас вратата секојпат била и ќе биде отворена.

3. Вкупно колку дела ќе бидат изложени оваа година?

В.Т. На досегашните конкурси учество земале автори од сите континенти, освен Арктик и Антарктик. Од почеток до сега има пораст, а најголемо учество е пројавено во 2010 година со вкупно 137 пристигнати дела. Минатата година имавме 108 пристигнати дела, а оваа година со свои дела учество ќе земат вкупно 138 учесници. Нè радува тоа што оваа година се јавуваат доста нови имиња од Македонија, а секој квантитет доведува до квалитет.

За споредбата со други фестивали немам точни податоци, но реална претпоставка е дека пријавувањето таму е доста поголемо. Затоа има повеќе причини: традицијата во стрип творештвото, поголем број на афирмирани автори од тие земји кои можат да ги искористат своите надворешни познанства и искуства, но и ситуација на згуснатиот календар на стрип фестивали во определени периоди на годината. На крај тука може да ги посочиме и пропозициите за учество на конкурсот. Имено дел од македонски стрип автори од оваа година предложија да нема лимит во испраќањето на дела што од наша страна беше делумно прифатено т.е. еден сценарист да може да работи неограничено со повеќемина цртачи. Во споредба со изложбениот простор на Лесковац, нашиот во Велес е најмалку 5 пати помал.

4. Каков е одзивот на младите македонски стрип таленти?

В.Т. Одзивот на децата е голем и тој сè повеќе се зголемува. Впрочем ние секоја година доделуваме награда за најмлад учесник. Досега лауреати биле деца од Велес, Скопје и од други градови. Од неодамна практикуваме и официјални покани до некои заинтересирани училишта со кои веќе соработуваме.

5. На кој принцип ги носите одлуките за тоа кои стрипови ќе бидат наградени?

В.Т. Наградите од меѓународниот конкурс за стрип ги доделува тричлена комисија составена од претставници на Стрип центарот и ликовни педагози од Велес. Стрип центарот на Македонија доделува и специјални награди.

Но да не го заборавиме и доделувањето на традиционалното годишно признание за развој и афирмација на македонскиот стрип наречено според прерано починатиот македонски стрип доајен Љупчо Филипов. Досегашни лауреати се: Миле Топуз-стрип автор, Диме Илиев Димано-стрип автор, Александар Сотировски-стрип автор, Ване Трајков-аниматор и промотер, потоа (тогаш) неформалната групација ТАЈФА АРТ, Томислав Османли-стрип теоретичар и хроничар, Дарко Марковиќ-творец на легендарниот Пецко, Иванка Апостолова-стрип авторка и наша соработничка која ни овозможи контакти со неколку фестивали низ Европа.

За оваа година добитници на ова признание се Киро Донев и редакцијата на „Детска радост“. Киро Донев-беше долгогодишен уредник на списанието „Наш свет“ (од 1963 до девеесетите години). Ова е период кога списанието „Наш свет“ има објавено најголем број на страници на стрип во изданијата за деца и млади во Македонија, воопшто. Редакцијата „Детска радост“ уште од 1960 година успешно го промовира стрипот преку своите сегашни и поранешни изданија: „Наш свет“, „Развигор“, „Другарче“, „Историска епопеја“, „Макстрип“. Ова признание го доделува Управниот одбор на Стрип центар на Македонија.

6. Кои познати стрип автори ќе бидат гости на овогодишниот стрип салон?

В.Т. Оваа година специјален гостин на македонските стрип автори и публика ќе биде Мауро Лоренти, реномиран стрип автор од издавачката куќа Бонели, кој што ќе дојде заедно со неговата девојка, моделот Џована Иноченти. Лоренти е познат како еден од авторите кој што го црта легендарниот стрип „Загор“. Контактите со него започнаа за време на ланскиот фестивал во Призрен. Ги повикуваме сите заинтересирани фанови на средба со него за време на Интернационалниот стрип салон во Велес, да потсетиме од 12 до 15 октомври.

Освен нив на овој Салон како специјални гости ќе присуствуваат нашите стари пријатели Сибила и Иван Коритареви од Бугарија, талентирани и веќе афирмирани цртачи и аниматори.

7. На Стрип салонот имало гости од голем број на земји, какви се нивните импресии од престојот во Македонија и од македонската стрип сцена?

В.Т. Речиси без исклучок, тие се пријатно изненадени од талентот но и интересот на Македонците за стрип. Посебно кај најмладите. Исто така речиси без исклучок се непријатно изненадени од материјалните услови во кои што се развива стрипот кај нас. Гостите од регионот продолжуваат со натамошна соработка со македонските стрип автори.

Ова се импресиите и од ланскиот салон каде што гости беа Џамал Игл од DC Comics како и Кан Такахама од Јапонија и Фрида Бунзли од Швајцарија, кои што преку наше посредство учествуваа и на Стрип фестивалот во Призрен, Косово. Што се однесува до младата Герта Опараку од неафирмираната стрип сцена на Албанија, таа е премногу благодарна за помошта која преку неа и други автори ја доделуваме кон стрип сцената во нејзната земја.

8. Во 2010 година се сеќавам дека имавте гости и од Грција, имаа ли тие проблем со името на нашата татковина?

В.Т. Нашиот гостин Алесандрос Антонос заедно со неговата сопруга дојдоа, пред сè како добитници на една од наградите од претходниот салон. Во фаза на подготовките за салонот во 2010 година ни дистрибуираше стрипови и биографии од грчката стрип сцена.

Добро се сеќавам дека на ковертот со кој беше дистрибуирано неговото стрип дело во 2009 година на адресата стоеше напишано „Republic of Macedonia“. За време на престојот во Велес тие секојпат во неформална конверзација го употребуваа името „Macedonia“, а пред камерите ја употребуваа фразата „Вашата земја“.

Тие доаѓаат од Атина, реон кој штo е поумерен во однос на прашањето за името на нашата земја.

9. Споредено со земјите од регионот, на кое ниво е македонската стрип култура?

В.Т. Ситуацијата во регионот, пред сè во бившите југословенски земји, како порано, така и сега е многу понапредна во споредба со македонскиот авторски стрип. Како што истакнав порано Македонците како стрип автори имат индивидуални напори да си го најдат своето место под сонцето на стрипот. Ние како стрип центар на Македонија досега отворивме доста врати и патишта за соработка со авторите (цртачи, сценаристи, организатори на фестивали).

Неколкумина македонски автори веќе на големо работат со сценаристи од Србија и Хрватска. Нивните дела се објавуват по разни стрип списанија. Но морам да забележам дека македонските стрип автори и воопшто чинители, најнапред треба да соработуваат помеѓу себе си и многу повеќе да ги посетуваат изложбите.

10. Освен со организирање на Стрип салонот кој што се одржува секоја година, кои други активности ги извршува СЦМ-Велес?

В.Т. Списанието „Стрип креатор“ до скоро време беше единственото постојано издание во кое покрај наградените стрипови од Интернационалнот салон, заслужено место добиваа и македонските автори. И покрај често видливата скромност во изгледот и дизајнот на овој магазин, што е произлезено од хроничната беспарица, оваа ревија има посебно значење бидејки токму овде доста македонски автори ги имаат објавувено своите први стрипови. Ова се однесува како на веќе поафирмирани стрип автори, така и за идни генерации.

СЦМ Велес веќе подолго време се бави со општествената примена на стрипот во општеството, посебно во сферата на меѓуетнички односи. Впрочем, независно од политичкото опкружување и околности, на Интернационалниот стрип салон без никаков проблем се дружат стрип автори од сите бивши југословенски земји, Грција, Бугарија, Србија, Албанија...

Често организираме мултиетнички работилници од неколку денови со млади од сите етникуми кои живеат во Македонија. Тоа се проекти коишто имаат свои посебни донатори, пред сè меѓународни. Вистина е дека, на почетокот акцент беше ставен на интеретничкото заедништво и анимирање на стрип во затворени етнички заедници. Но со тек на времето се открија поголем број на таленти коишто сакаат посериозно да се бават со стрипови, овде има и вистински откритија. СЦМ-Велес е во постојан контакт со нив и нивните училишта

Во овој момент персоналот на стрип центарот се бави со активности за застапување и лобирање за стрип до Владата и Парламентот на Р. Македонија. Конкретно се работи за уфрлање на терминот „стрип“ во новата верзија на Националната стратегија за култура на Р. Македонија, вклучено и со конкретни интервенции во долгорочниот Акционен план за култура на Р. Македонија. На прв поглед тоа не личи на нешто големо, но секако е база за подобро третирање на стрипот. Имаме контакти со Владата, со пратениците во Парламентот и со останати културни асоцијации и се надеваме на успех. Сакаме исто така и да ги афирмираме можностите коишто ги дава стрипот во образованието, маркетингот, бизнисот...

Сакаме да ги интензивираме контактите со издавачките куќи и списанија. Исто така планираме да организираме и анимираме нови автори и интересенти за стрипот. Освен Велес и Скопје, сакаме да посетиме и некои градови каде што постои голем интерес за Интернационалниот салон.

11. Дали стрипот, во македонското општество, го има местото кое што го заслужува?

В.Т. Оваа култура, кај нас е потценета, но во светот, на пример во Јапонија и во Франција стрипот го полни буџетот на својата земја со по 5-6 илјади наслови во форма на стрип албуми. Оние што знаат за што зборувам ќе разберат дека тука е целата разлика - во комерцијализацијата. Пред некоја година читав еден текст. мислам беше од Оливер Ромевски којшто истакна една вистина, дека стрип јунаците од други земји како бренд ни се продаваат и преку перници, постелнина, на маичките носат разни Дигимони или Покемони и тркалаат автомобилчиња на Бетмен. Значи стрипот ни го продаваат 24 часа дневно, а ние сè уште велиме „кој таму чита романчиња“ наместо да измислиме или промовираме наш стрип јунак.

Затоа секој оној кој се бави со промовирање, анимирање, организирање или со други зборови овозможување на услови за работа и афирмирање на стрип авторите од Македонија заслужува најголеми комплименти. Ова се однесува на стрип форумот и здружението „Макстрип“, напорите на Дарко Богданов како автор и организатор на настани во неговата Виница, соло издавачките потфати на Игор Јовчевски и Матеј Богдановски, стрип книжарницата „Бункер“, ангажманите на Јовче Крстевски преку организацијата „ИМКА“ во Битола, „Визант“ од Прилеп, активностите на Оливер Ромевски...

12. Каква е иднината на македонскиот стрип?

В.Т. Од аспект на автори, македонската стрип сцена достигна едно ниво, највисоко досега и неопходна е поголема помош од страна на државата, медиумите и јавноста. Околу македонските автори можам слободно да истакнам дека има автори коишто, можат да понудат квалитет надвор од нашиите граници. Пред сè мислам на Александар Сотировски, Михајло Димитриевски и уште некои имиња кои можат во иднина да го покажат својот труд. Има и нови и млади автори кои објавуваат како во списанието „Синдром“ така и во „Креатор“ и други наши изданија. На пример на отворениот конкурс за Балканскиот фестивал во Лесковац, Стрип центарот на Македонија анимираше преку 40 млади автори од цела Македонија. За сите нив како постари така и помлади важи правилото - помалку зборување и само работа, работа и работа.

На крај ја повторувам тезата дека стрип авторите и стрип промоторите сакаме овде да примениме некои стандарди, но резулатите се секојпат фрустрирачки заради условите на делување (материјалните). Тоа создава дополнителна нервоза внатре во македонската стрип сцена, дури и меѓусебна недоверба. Секој непромислен збор и гест и непроверена информација создава последици кои траат и траат. Но за тоа нема да кукаме.

А.С. Mkd-news.com