Димитар Филиповски (www.dimitarfilipovski.mk) е македонски скулптор, автор на поголем број на скулптури ширум Македонија. Средното уметничко училиште го завршува во Скопје каде што подоцна дипломира на Факултетот за ликовни уметности, на вајарски оддел, во класата на проф. Драган Попоски-Дада. По дипломирањето извесен период работи во студиото на академик Томе Серафимовски.
Дел од скулптурите на Филиповски се: Дивокоза, Шмизла, Еееј, Заљубени, Цар Самуил, Методија Андонов - Ченто...
Во 2004 година Филиповски ја добива наградата „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ, а од 2006 година работи како професор во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.
1. Вие сте автор на модерни, но и на скулптури на историски личности. Која е тежината при изработката на првите, а која при изработката на оние вторите?
Не постои тежина при изработка на скулптура. За мене тоа е доживување, приказна. Може некоја скулптура без оглед на нејзината тематика, само да ме мачи физички, доколку треба да моделирам клекнат или легнат во чудна позиција. Одговорноста е потешка од физичката тешкотија. Постои одговорност при изработката на скулптури со историски контекст. Подеднакво внимателно приоѓав и кон анахронизмот на Цар Самоил, но и кај релативно кусата временска дистанца од годината на смртта на Ченто.
2. Несомнено при изработката на скулптурата на Методија Андонов - Ченто се имате послужено со фотографски материјал. Од каде го набавивте и дали можеби имавте помош од неговите потомци и институциите?
Имав прекрасни и уникатни фотографии од Ченто и тоа од сите периоди на неговиот живот благодарејќи на неговиот син Илија Андонов. Навистина многу ми помогнаа. Дополнително, имав и материјали од Државниот архив.
3. На повеќето фотографии кои што можат да се видат во историските книги, Ченто е во униформа. Зошто вие како автор на неговиот споменик во Скопје одлучивте да го претставите во градска облека?
Ченто никогаш не бил партизан. Не бил учесник во НОБ, во битки. Нема ни еден испукан куршум. За време на војната бил во логор, во Чучулигово, Бугарија. По војната Ченто на митинзите што се одржувале низ македонските градови каде што тој држел говори е облечен во граѓанска облека. И најважно од сè тој бил човек од народот. Не на партијата, не на војската. Сите ги мами онаа фотографија на Ченто во униформа која е направена во фото-студио и со одредена намена. Вистината е друга. Фотографиите кои ексклузивно ги добив говорат сè.
4. Дел од потомците на Ченто беа незадоволни од реализацијата на скулптурата на Ченто во Прилип. Како регираа на вашата скулптура?
Најголемата грутка од моето срце се симна во моментот кога синот на Ченто, Илија после неколку доаѓања во моето атеље обвиен со сериозност и силен, студиозен поглед, во еден момент ми рече:
-Ајде сега да пиеме по една ракија... Го погоди!
За мене тоа беше огромна сатисфакција. Подоцна кога и останатите роднини го видоа и им се допадна, јас прилично се успокоив. Имав голем притисок самиот врз себе.
5. Означува ли можеби нешто симболично трупчето на скулптурата на Ченто или пак единствена причина за неговото поставување е стабилноста на самиот споменик?
За мене тоа беше огромна сатисфакција. Подоцна кога и останатите роднини го видоа и им се допадна, јас прилично се успокоив. Имав голем притисок самиот врз себе.
5. Означува ли можеби нешто симболично трупчето на скулптурата на Ченто или пак единствена причина за неговото поставување е стабилноста на самиот споменик?
Тоа е единствено заради тоа што Италијаните инсистираа на него.
6. За скулпурата на Ченто сте можеле да користите фотографски материјал како би го претставиле поверодостојно, но што е со статуата на царот Самуил?
Користев она што можев да најдам и нормално својата фантазија. Имав доста материјал од разни автори. Јован Скилица би го издвоил како и црквата Св. Ахил во Преспа каде што е закопан Цар Самоил.
7. Како тече подготовката за изработка на една скулптура на историска личност? Претпоставувам дека не е доволно само да се погледнат негови фотогафии, туку и да се прочита нешто повеќе за неговиот живот како би се видело каква личност тој бил.
Се разбира. Без читање не може да се дојде до сознанија, особено ако се работи за личност од која нема фотографии или слики. Но, мислам дека најбитна улога има сенсот за создавање скулптура.
8. Освен за овие две дали можеби како скулптор се пријавивте на конкурсите од проектот Скопје 2014 за изработка на скулптури на други личности од македонската историја?
Не можам да Ви дадам прецизен одговор. Едноставно, не се сеќавам на колку сè конкурси сум се пријавил.
9. Покрај вашите скулптури, според вас, кои други скулптури од проектот Скопје 2014 би ги издвоиле според нивната уметничка вредност и квалитетот на изработката?
Сметам дека сите споменици се коректно изработени. Барем во занаетчискиот дел. За мене споменикот на Карпош е еден од најсветлите моменти во проектот 2014. Јас навистина се восхитувам на свежеста и на поетиката на овој споменик, кој иако е копија на Аугустинчиќ сепак плени.
10. Постои ли можеби кај вас посебна желба за изработка на скулптура не некоја друга значајна личност од македонската историја?
Да. Но, не на личност од револуционерното минато. Во мене гори желбата за изработка на 2-метарска скулптура на Јонче Христовски. Засега имам направено само 50 сантиметарска макета. Авторот на „Македонско девојче“ и многу други песни кои се душата на македонскиот народ заслужува да има свој паметник. Здравје...ќе бидам среќен доколку успеам во тоа во текот на следната година!
No comments:
Post a Comment