Showing posts with label Грбови. Show all posts
Showing posts with label Грбови. Show all posts

Friday, January 02, 2015

Грбот е идеален...

Во написот "Macedonia" објавен на 13 декември 2014 година, на блогот Dibujo HERÁLDICO, на авторот Xavier Garcia, направена е анализа на предлогот за нов грб на Република Македонија.


Во написот кој што е на шпански јазик, авторот ја критукува круната на предлог грбот, како чуден спој помеѓу благородничка и мурална (градобранска) круна. Главниот заклучок во врска со предлог грбот е следниот:

"En definitiva y para acabar el escudo de armas es ideal, el timbre es para-heráldico y ya está."

Слободен превод:

На кратко, грбот е идеален, круната е пара-хералдичка.

Се надевам дека од Македонското Хералдичко Здружение на критиката за круната ќе излезат со одговор.

Monday, December 29, 2014

Македонскиот лав

Ви препорачувам да го прочитате блог-написот „Македонскиот лав во Македонската борба (18-20 век)“, објавен на 13 декември 2014 година на блогот marPedia.


„Додека го склопував  постот за историјата на македоснкиот лав, забележав дека на интернет има многу малку податоци за симболите од илинденското време. За среќа наидов, случајно, на одличниот блог http://documents-mk.blogspot.cz/, и благодарение на неговиот автор ја склопив долната галерија. Линк до знамиња и до грбови

Во овој пост се претставени решенија на Македонскиот лав за периодот 18-20 век. Се надевам дека ги имам пронајдено најголемиот дел од нив.

Лавот се сретнува најпрвин на мијачките знамиња, или бајраци. Двата најстари зачувани примероци се стари околу 200 години. Други два примерока, свадбарски мијачки знамиња, се представени во Музејот на Македонија.“

За повеќе клик!

Wednesday, December 17, 2014

Црвен лав со син јазик и канџи...

Според написот „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“ објавен на веб страницата на Македонското Хералдичко Здружение, предлог грбот е базиран, меѓу другите и, на грб од грбовникот на Жером де Бара.

„Предлогот за грб на Република Македонија е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи од илустрациите на Вилем Верланд (+1481) и грбовникот на Жером де Бара од 1581 год., кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефаровиќ (1741), ќе стане и земски грб на Македонија.“


Ако самиот предлог грб се спореди со припишаниот грб на Александар Велики од грбовникот на Жером де Бара, како и со оној од грбовникот на Жан Робен, кој што исто така е спомнат во написот на Македонското Хералдичко Здружение, ќе се види дека хералдички станува збор за речиси истиот грб. Се работи за црвен разјарен лав на жолт француски штит. Сепак постои една разлика.

Имено под припишаниот грб на Александар од грбовникот на Жером де Бара пишува (блазон):

"D'or à va lyon de gueulles, armé & lampassé d'azur"  

Истото го пишува и под припишаниот грб на Александар Велики од грбовникот на Жан Робен:

"D'or au lion de Gueulle, armé lapacé d'azur"

Превод:

„На жолто поле црвен лав со сини канџи и јазик“

Всушност и ако се погледнат емблазоните, ќе се види дека лавот и на двата грба е со сини канџи и јазик. 

Припишаниот грб на Александар Велики од грбовникот на Жером де Бара со сини канџи и јазик:


Припишаниот грб на Александар Велики од грбовникот на Жан Робен со сини канџи и јазик:


За разлика од ова пак, на предлогот за грб на Република Македонија канџите и јазикот на лавот, не се со сина боја:


Хипотетички, доколку предлогот за грб на Република Македонија беше изработен целосно според блазонот на споменатите грбови од грбовниците на Жером де Бара и Жан Робен, истиот ќе изгледаше вака:


Од друга страна пак, лавот од споменатиот земски грб на Македонија од Стематографијата на Павле Ритер Витезовиќ од 1694 година не е со син јазик и канџи:


Ист е случајот и ао печатената Стематографија на Витезовиќ од 1701 година во која што лавот не е со син јазик и канџи:


Сепак постои разлика и меѓу овој грб (грбови) во споредба со предлогот за грб на Република Македонија - различна е формата на штитот. Амблемот на лав од земскиот грб на Македонија од Стематографијата на Витезовиќ е на шпански штит.

Monday, December 15, 2014

Лавот како амблем на грбот на РМ е прифатлив и за националностите

И покрај забелешката која што ја имам за емблазонот на предлогот за нов грб на Република Македонија, сметам дека сепак тој е многукратно подобро решение од актуелниот грб и дека, покрај останатото, како обединувачки симбол би можел да придонесе за сплотување на целото македонско општество, вбројувајќи ги овде не само Македонците, туку и националностите.


Токму делот со сплотувањето е потенциран и во написот на Македонското Хералдичко Здружение, кое стои зад креирањето на грбот.

„Лавот како симбол може да биде обединувачки на сите заедници и граѓани, како што е тоа докажано и во низа европски земји. Лавот е несомнено симбол и на македонците, албанците и другите заедници во Македонија кој преставува и земски симбол на земјата, територијата, државата.“ [1]

Исклучително позитивен знак (под услов да не се работи за уцена со барање за отстапки) е што и министрите од ДУИ го прифатиле грбот и гласале за предлогот.

„И министрите на Демократската унија за интеграција се согласиле со предлогот за нов државен грб.

Од ДУИ потврдија дека се согласуваат со изгледот на предложениот грб и дека сите министри гласале за.

„Лавот е прифатлив да биде во центарот на државниот грб. Прво, затоа што како хералдика е застапен на грбовите на многу стари и големи албански семејства, впрочем, лавот го има и во грбот на градот Тирана и Драч. Второ, прифатлива е и круната, бидејќи го одразува старото скопско кале“, велат во ДУИ.“[2]

Објаснувањето кое што го даваат е донекаде наивно. Причината за тоа дека лавот бил „застапен на грбовите на многу стари и големи албански семејства“ и „во грбот на градот Тирана и Драч“, како што велат од ДУИ е затоа што лавот, од животните, е најчест амблем на грбовите во светот. Ова го потврдува и македонскиот истражувач на грбовите Александар Матковски во книгата „Грбовите на Македонија“:

„Од животните најчест амблем на грбовите во светската хералдика е лавот... Не само во грбовите на приватните семејства, туку и во земските грбови лавот е најчеста фигура.“[3]

Всушност грбот со лав (во различни бои) најверојатно би можел да се сретне како грб на град или семејство во сите земји во кои што се знае и практикува хералдиката. Лавот го има и на голем број европски државни грбови, а не само на оние на албанските градови Драч и Тирана, што пред некој ден беше објавено и на порталот МКД.мк:

„Лавот како симбол се јавува на десетина грба на европските држави. Освен Бугарија, лавот е на државниот грб и на Велика Британија, и на Финска, Белгија, Шкотска, Чешка, Норвешка, Шведска...И сите се различни.“[4]

Ваква слична анализа е направена и на блогот Развигор, и тоа уште во 2009 година:

"As a contribution to the decades-long public debate on the coat of arms of Republic of Macedonia, I provide a graphic analysis of the animals used on the coats of arms and emblems of Europe and nearby areas. It's a kind of best practices study."[5]

Biodiversity on the coats of arms of Europe & surrounding areas

Дополнителна причина за тоа дека лавот е „застапен на грбовите на многу стари и големи албански семејства“, како што велат од ДУИ, е затоа што хералдичките влијанија во Албанија се јавиле доста рано. И за ова пишува Александар Матковски:

„Од сите балкански народи, хералдичкото влијание на Западна Европа најрано и најсилно се почувствувало во Албанија и тоа од XIII век.“[6]

Па сепак фактите се факти и објаснувањата зошто и како, во случајов, можат да се стават во втор план. Она што го зборуваат од ДУИ, дека лавот е „застапен на грбовите на многу стари и големи албански семејства“ е факт потврден и од македонските хералдичари. Во интервју за Нова Македонија, од октомври 2009 година, претседателот на Македонското Хералдичко Здружение Јован Јоновски ќе каже:

„Проучувачите на хералдиката утврдиле дека семејните грбови на Албанија многу повеќе имаат лав отколку орел. “ [7]

Ако треба до крај да бидеме искрени, грбот со лав навистина има неоспорна врска со Албанија. Александар Матковски посочува дека лавот се јавува како амблем на земскиот грб, не само на Македонија, туку и на Албанија:

„Така, лавот е амблем во следниве земски грбови: Русија, Романија, Бугарија, Албанија, Македонија, Црна Гора, Венеција и други.“[8]

Овде е важно да се напомене дека грбот се однесува на територијата на Албанија (земски грб), а не на Албанците, уште помалку на етничките Албанци кои што живеат во Македонија. Па сепак доколку ова придонесува за прифаќањето на предлогот за нов грб на Република Македонија од страна на етничките Албанци кои што живеат во Македонија, тогаш е во општ интерес: Република Македонија добива државен грб со историска хералдичка традиција, а во исто време е прифатен не само од етничките Македонци туку и од етничките Албанци кои што живеат во Република Македонија.

Уште еднаш би спомнал дека за поздрав е тоа што од ДУИ гласале за предлог грбот (освен ако не се работи за уцена), со што не само што се отвора врата за негово изгласување во Собранието на Република Македонија, туку и при евентуално изгласување негово прифаќање и од етничките Албанци кои што живеат во Република Македонија, како државен симбол кој што тие ќе го почитуваат.

Лавот како симбол, повеќе или помалку, се среќава во повеќето, ако не и сите европски земји. Во контекст на употребата на лавот како симбол (не како амблем на грб) во Албанија, би спомнал дека е поставен на неколку монети од 1926 година.

Albania Coin King Zog 1926 XXF
1/2 lek Lion and Man Fighting
Albania coin 1/4 lek 1926 - Lion walking
Bronze 5 Qindar Leku. 1926


Исто така лав може да се види и на рељеф во југо-западна Албанија (Buthrotum) за кој што се смета дека датира од пред 8 века. Се работи за камен рељеф од т.н. „Лав порта“ (Lion Gate).

The lion gate

 "The so-called Lion Gate takes its name from the relief depicting a lion devouring the head of a bull positioned above the entrance. The lion relief was not part of the original wall, but was placed here in the 5th century AD, in order to reduce the size of the gate and make it easier to defend. The relief is from a temple building and may date from as early as the 6th century BC."[9]

Оттука, само како практицирање дневна политика и како пополнување на празниот политички простор може да се смета реакцијата на ДПА, од каде што обвинија дека предлогот за нов грб на Република Македонија е моноетнички.

„Наметнувањето на еден таков симбол за државен грб секако не придонесува позитивно во држава каде што етничкиот состав и реалноста се различни од тоа што го прикажува грбот предложен од страна на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ; истакна на прес-конференција пратеникот Беким Фазлиу од ДПА.
Побара од Владата да го повлече овој предлог од процедура и, како што рече, да се отвори вистински диjалог со цел изнаоѓање друго решение за државен грб кој ќе ги содржи специфичностите и барањата на двете најголеми заедници во државата.

Со жалење констатираме дека ДУИ како последица на 153 илјади гласа, го има и Бадентеровото мнозинство, кое е потребно за носење на новиот грб и ние, како ДПА, сме немоќни да го спречиме неговото донесување, додаде Фазлиу.“ [10]

Изјавата на Фазлиу е крајно лаичка, затоа што не може да станува збор за едно или повеќе-етнички грб. Грбовите се однесуваат на земји, држави, територии, а не на етнички групи. Овде би се послужил со скорешната изјава за Република на д-р Стојан Антонов, претседател на здружението на хералдичарите од Р. Бугарија:

„За хералдиката не е важно кој ја употребува- Срби, Бугари, Македонци, Грци- важно е за која територија се однесува.“ [11]

Претседателот на Македонското Хералдичко Здружение Јоновски, уште попрецизно го објаснува ова:

„Грбот не го дефинира етничкиот состав на една држава. Народот не може да има грб. Грб има или територијата или државата. Апсурдно е да бараме во грбот да бидат застапени сите, или која било од заедниците. “[7]

Дополнително, за популарноста на лавот како амблем меѓу Албанците, повторно би се послужил со уште еден цитат од Јоновски, од истото интервју:

„Албанците не можат да кажат дека тие не го сакаат лавот или Македонците да велат дека не го сакаат орелот. Двата симболи се присутни на овие простори долго време - вели Јоновски. “[7]

За популарноста меѓу Албанците на лавот како амблем, пишува и Александар Матковски во книгата „Грбовите на Македонија“:

„Значи, до паѓањето на српската средновековна држава под Турција лавот како амблем бил многу сакан и тоа не само во Македонија туку и во Србија, Бугарија и Албанија.“[12]

Од горниот цитат се гледа дека  нема зошто лавот како амблем на новиот државен грб на Република Македонија, да не биде прифатлив и за етничките Албанци кои што живеат во Република Македонија. Но исто така се гледа дека тој би требало да биде прифатлив и за етничките Срби кои што живеат овде и кои што според пописот во 2002 година, изнесуваат вкупно 1.78% од целокупното население во Република Македонија.

Матковски во своето дело „Грбовите на Македонија“ уште и пишува:

„Во тоа време кај српските властелини за првпат се јавува лавот како амблем и тоа на печатот на Вук Бранковиќ од Скопје во 1388 година.“[13]

За крај само би пренел дел од написот за новиот грб објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение:

„Со донесувањето на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори.“[1]

[1] „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“, Македонското Хералдичко Здружение, 6 декември 2014
[3] Александар Матковски „Грбовите на Македонија“, 1990 година, Мисла, стр.24
[4] „Пола Европа го има лавот за свој државен грб“, МКД.мк, 9 декември 2014
[5] Biodiversity on the coats of arms of Europe & surrounding areas, Razvigor, 7 ноември 2009
[6] Александар Матковски „Грбовите на Македонија“, 1990 година, Мисла, стр.40
[7]Албанците не може да не го сакаат лавот, а Македонците орелот, Нова Македонија, 15 октомври 2009 година
[8] Александар Матковски „Грбовите на Македонија“, 1990 година, Мисла, стр.24-25
[9] The lion gate, Butrint.com
[10] „ДПА: Власта носи едноетнички грб на државата“, Телеграф.мк, 9 декември 2014
[11] „Лажна политичка пропаганда на бугарскиот „Телеграф“- Ексклузивно за Република, Стојан Антонов, претседател на бугарските хералдичари“, Република, 8 декември 2014
[12] Александар Матковски „Грбовите на Македонија“, 1990 година, Мисла, стр.45
[13] Александар Матковски „Грбовите на Македонија“, 1990 година, Мисла, стр.39

Sunday, December 14, 2014

Амблемот од предлог грбот на Република Македонија - глава во анфас или профил?

Во изјава од  јавната дебата на Филозофскиот факултет за предлогот на Владата за нов државен грб, пренесена во Утрински весник[1], професорката Снежана Филипова, коосновач на Здружението на хералдичари, сподели дека според неа амблемот на лавот би требало да е со глава не во профил, туку во анфас.


„Потребно е да се издолжи штитот и да се измени круната. На нејзиното место да се стави дијадема за да не дојде до забуна дека станува збор за грб на град, бидејќи муралната круна е карактеристична на градовите. Исто така, според мене, потребно е да се направи измена во погледот на лавот, односно тој да не биде свртен во профил, туку неговата глава да се постави фронтално“, рече професорката Филипова.[1]

Апсолутно се согласувам дека амблемот и целиот грб (емблазонот) би требало да подлежи на измена, односно уметничка (ликовно-графичка) доработка. Токму тоа го објавив на блогов, во напис од 5 декември:

„Според мене графичкото решение (емблазонот) не е лошо, но истото можело да се реши далеку подобро, со стилизација на лавот и негова симплификација, со поплавни линии и користење на геометриски форми.“[2]

Но никако не би можел да се сложам со професорката за тоа дека главата на лавот наместо во профил треба да биде во анфас. Од сите земски грбови на Македонија, како и од оние припишани на владетел на Македонија, ниту еден не е со лав чија глава е свртена во анфас, односно сите се со лав чија глава е свртена во профил. Оттука мислењето на професорката за потребата лавот да е со глава во анфас нема никаква историско - хералдичка поткрепа, ами напротив.

[1] „Предлогот е добар, но мора да претрпи мали измени“, Утрински весник, 11.12.2014, 16:24
[2] „Нов грб на Република Македонија“, Интернет Македонец, 5 декември 2014

Wednesday, December 10, 2014

Предлог грбот и знамето на Република Македонија

Слика на предлогот за нов грб, поставен на знамето на Република Македонија.


Повторно: предлогот за нов грб на РМ правен според припишан грб на Александар Велики

На шести декември, на порталот „Доказ“ беше објавен напис во кој што се тврди дека предлогот за нов грб на Република Македонија е всушност стариот грб на албанскиот град Драч.

Новиот државен Грб е всушност стариот грб на градот Драч во Албанија

На владата изгледа не и е доволно позната хералдиката па нити можеле да ја консултираат пред да го донесат новиот државен грб на Македонија кој хералдички е ист со оној стариот на градот Драч во Република Албанија.Несмасно круната е заменета со топови или кули што хералдички претставува малку за да имаме нов оригинален грб на Македонија туку е копија позната во хералдиката и е грб од Република Албанија оној на градот Драч
Нашата редакција доби копија од хералдичар од Република Албанија каде е опишан стариот грб на градот Драч и е заведен како грб кои се употебувал во овој град се до почетокот на втората светска војна.
 
Дали овој грб е во договор со Али Ахмети или пак во Вмро-Дпмне не ја консултирале хералидката треба лично да се изјаснат министрите кои го поставија новиот грб на јавните мрежи.
“[1]

Всушност вистината е поинаква. Од Владата не само што консултирале, туку и самиот грб е изработен од хералдичари, поточно од Македонското Хералдичко Здружение. Од таму пак децидни се дека предлог грбот е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија.

Предлогот за нов грб на Република Македонија

„Предлогот за грб на Република Македонија е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи од илустрациите на Вилем Верланд (+1481) и грбовникот на Жером де Бара од 1581 год., кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефаровиќ (1741), ќе стане и земски грб на Македонија.

Во европските грбовници најконзистентна претстава е црвениот лав на златно поле. Најпознати претстави од него се дадени во грбовниците на Жером де Бара (1581 год.) и Жан Робен (1639 год.), кои претходат на илирските и потекнуваат од европски земји со развиена хералдичка традиција.“[2]

Ако се погледне припишаниот грб на Александар Велики (Александар III Македонски) од грбовникот на Жером де Бара и се спореди со предлогот за нов грб на Република Македонија ќе се види поврзаноста, односно дека станува збор за безмалку истиот грб. Исто така и инспирацијата за емблазонот на предлогот за нов грб на Република Македонија е повеќе од очигледна.


Припишан грб на Александар Велики од
грбовникот на Жером де Бара (1581 год.)

Имено поради ова инсистирав на споделување пред пошироката македонска јавност, а не на криење, дека предлогот за нов грб на Република Македонија е правен според припишан грб на Александар Велики.[3]

Tuesday, December 09, 2014

Како ќе изгледаше предлогот за нов грб доколку боите на лавот и штитот беа сменети

Македонскиот земски грб во илирските грбовници (речиси секогаш) е златно-жолт лав на црвено поле. Со појавата на ракописната стематографија на Павле Ритер Витезовиќ во 1694 година ова претставувањето на земскиот грб на Македонија се менува. Имено прво во ракописната, а потоа во 1701 година и во печатена стематографија на Павле Ритер Витезовиќ, боите на земскиот грб на Македонија се заменети, односно намeсто златно-жолт лав на црвено поле, грбот на Македонија е црвен лав на златно-жолто поле.


Академик Александар Матковски, прв истражувач на македонската хералдика, во своето капитално дело „Грбовите на Македонија“ тврди дека Павле Ритер Витезовиќ направил грешка во боите, односно дека несакајќи, од невнимание, ги заменил македонскиот и бугарскиот грб.

„Стематографијата заслужува внимание поради тоа што Витезовиќ од невнимание и несакајќи направил огромна грешка, која потоа оставила длабоки последици сè до денес. Тој ги заменил бугарскиот и македонскиот грб. Таква замена можела да се случи, бидејќи грбовите имаат ист амблем, но боите им се различни.“[1]

Од друга страна пак претседателот на Македонското Хералдичко Здружение, Јован Јоновски, според најновите истражувања, тврди дека сепак не станува збор за ненамерна грешка, односно дека Павле Ритер Витезовиќ знаел што прави и дека намерно, од само нему познати причини, го претставил македонскиот земски грб со тие бои.

„Од негова своја причина човекот (Павле Ритер Витезовиќ) не го направил тоа мешајќи ги сликичките.“[2]

Во овој напис без да навлегувам во детали и анализи, би сакал само да споделам како би изгледал предлогот за нов државен грб на Република Македонија, доколку боите беа сменети, односно да прикажам како би изгледал предлог грбот доколку наместо црвен разгневен лав на златно-жолто пол , беше златно-жолт разгневен лав на црвено поле.


(предлогот за нов грб на Република Македонија)
Црвен разгневен лав
на златно-жолто поле   


(Истиот предлог грб само со заменети бои)
Златно-жолт разгневен лав
на црвено поле

[1] Александар Матковски „Грбовите на Македонија“, 1990 година, Мисла, стр. 112
[2] Јован Јоновски, предавање „Грбот на Република Македонија – тема за дилема“, одржано на 18 ноември 2013 година, во организација на центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС

Црвениот лав на златно-жолто поле на грбовите на Македонија

Гледам дека деновиве има некои забуни од луѓе кои очигледно не се разбираат или пак прочитале нешто, а не дочитале.

Имено за да нема повеќе вакви забуни ќе пласираме неколку историски извори од црвениот лав користен како грб на Македонија и грб на Александар III Македонски.

Неколку историски извори за македонскиот црвен лав:

„Heraldic composition on Lidlovoj (German Lidl, Johann Jakob) map from 1737, and showing the coats of arms of Slavonia, Croatia, Bosnia, Serbia, Dalmatia, Albania, Epirus, Transilvania, MACEDONIA, Bulgaria, Moldova and Dubrovnik.“

...
 Преземено од: Македонци 
Автор: Мартин Стефановски
За останатите грбови на Македонија со црвениот лав на златно-жолто поле - клик

Monday, December 08, 2014

Предлог грбот на Република Македонија правен според припишан грб на Александар Велики

Откако го објавив претходниот напис (12 05 2014 22:27) во врска со предлогот за нов грб на Република Македонија, наредниот ден (12 06 2014) на истата тема беше објавен напис и на сајтот на  Македонското Хералдичко Здружение.


„Блазонот на овој грб гласи: На златно-жолто поле разгневен црвен лав. Штитот е крунисан со златно-жолта градобранска круна со пет кули, поставени на златна дијадема, украсена со рубини и бисери од Македонија.“[1]

Во написот насловен „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“ се потврди мојата споделена претпоставка дека Македонското Хералдичко Здружение стои зад создавањето на предлогот за нов грб на Република Македонија, како и тоа дека грбот, меѓу другите, е правен според припишан грб на Александар Велики од грбовникот на Жером де Бара (Jérôme de Bara).

„Доколку прикажаниот грб е истиот оној кој што Владата го има усвоено, се работи за грб чие што графичко решение (емблазон) очигледно е работено според припишан грб на Александар Велики (Александар III Македонски) од грбовникот (Le Blason des Armoiries) на Жером де Бара (Jérôme de Bara) од 1581 година.

Иако засега никаде не е посочено, најверојатно грбот го имаат изработено од Македонското Хералдичко Здружение.“[2]

Еве што пишува во написот на Македонското Хералдичко Здружение:

„Предлогот за грб на Република Македонија е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи од илустрациите на Вилем Верланд (+1481) и грбовникот на Жером де Бара од 1581 год., кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефаровиќ (1741), ќе стане и земски грб на Македонија.

Жером де Бара (1581 год.)

Во европските грбовници најконзистентна претстава е црвениот лав на златно поле. Најпознати претстави од него се дадени во грбовниците на Жером де Бара (1581 год.) и Жан Робен (1639 год.), кои претходат на илирските и потекнуваат од европски земји со развиена хералдичка традиција.“[1]

Жан Робен (1639 год.)

Сепак она што ми се чини дека намерно е испуштено во написот објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение е дека двата посочени грба всушност се припишани грбови на Александар Велики (Александар III Македонски).

Исто така не е спомената поврзаноста на посочените илустрации од Вилем Вреланд со Александар Велики.

Како што реков не верувам дека е случајно, не само затоа што никаде во написот објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение не е спомнато името на овој македонски крал, туку и затоа што на фототипите од двата грба, текстот кој што стои над нив, а кој што е „Alexandre le Grand“ (Александар Велики) е пресечен на едниот и избришан на другиот.

За илустрација еве го припишаниот грб на Александар Велики, од грбовникот на Жером де Бара, со текстот кој што стои над него:


Еве го и припишаниот грб на Александар Велики, од грбовникот на Жан Робен, со текстот кој што стои над него:


Исто така, колку што следев, во ниеден од написите објавени во медиумите во кои што беше известено за грбот, не е споменато дека грбот е правен според припишани грбови на Александар Велики.

Легитимно право на Република Македонија е да избере грб според припишан грб на крал на Македонија, односно според припишан грб на Александар Велики, затоа што тие, според хералдичкото сфаќање за кралот и земјата, претставуваат грбови на Македонија. И самиот претседател на Македонското Хералдичко Здружение, Јоновски го потврдува ова:

„Станува збор за грбовите поточно речено на кралот на Македонија. Мораме да имаме во обзир концептот, значи од средновековното разбирање на работите, дека всушност земјата е еднаква со кралот. Затоа што земјата всушност претставува една наследна сопственост на кралот.“[3]

Сепак она што, според мене, фрла дамка е криењето од македонската јавност дека предлогот за нов грб на Република Македонија е правен според припишан грб на Александар Велики. Ова ме потсетува со случајот на официјално именување „Воин на коњ“ на статуата на Александар Велики на плоштадот во Скопје. Се поставува прашањето зошто е сокриена поврзаноста со Александар Велики на предлогот за нов грб на Република Македонија? Поради можна реакција од Грција, на што укажав во претходниот напис, поради избегнување на наводно етикетирање за „антиквизација“,  или поради нешто сосема трето?

[2] „Нов грб на Република Македонија“, Интернет Македонец

Friday, December 05, 2014

Нов грб на Република Македонија

Денес, пред само неколку часа (05.12.2014 | 19:30), на веб сајтот 24 Вести, беше известено дека Владата на Република Македонија усвоила предлог за нов државен грб. Во написот насловен „Владата го усвои предлогот за новиот државен грб“ прикажан е и самиот грб. 

„Црвен разгневен лав во златно - жолт штит со круна во горниот дел, ова е предлогот на Владата за новиот државен грб... Целта е да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата. Со донесување на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори“ стои во предлогот“, „Владата го усвои предлогот за новиот државен грб“, 24 вести

Доколку прикажаниот грб е истиот оној кој што Владата го има усвоено, се работи за грб чие што графичко решение (емблазон) очигледно е работено според припишан грб на Александар Велики (Александар III Македонски) од грбовникот (Le Blason des Armoiries) на Жером де Бара (Jérôme de Bara) од 1581 година.


Иако засега никаде не е посочено, најверојатно грбот го имаат изработено од Македонското Хералдичко Здружение. Според мене графичкото решение (емблазонот) не е лошо, но истото можело да се реши далеку подобро, со стилизација на лавот и негова симплификација, со поплавни линии и користење на геометриски форми.

Очекувам во иднина да се покрене едно главно прашања, и дилема, за бојата на лавот и онаа на штитот. Имено дали грбот на Република Македонија би требало да е црвен разгневен лав на златно-жолто поле (како во предлогот) или златно-жолт разгневен лав на црвено поле. 

Токму за ова, хералдот Јоновски од Македонското Хералдичко Здружение, во напис објавен во Дневник, ќе каже:

„Жолтиот лав на црвена заднина е традиционалниот грб на Македонија“[1]

Истото, односно дека за најприфатлив грб на Република Македонија го смета оној со златно жолтиот разгневен лав на црвено поле за кој што вели дека е има проблем поради тоа што истиот е симбол на една македонска политичка партија, ќе го каже и во напис објавен во Вечер.[2]

Сепак за можноста за избирање на таков грб за грб на Република Македонија, во напис за МКД.мк ќе каже:

„Ако помисливте дека златниот лав на црвена основа е можното решение за Македонија, заборавете - нашите политичари ја испуштиле можноста тоа да го сторат до 1998 година, кога стана грб на Бугарија.“[3]

Исто така, би спомнал дека не би требало да се изненадиме на скорешна реакција од грчка страна, имајќи предвид дека графичкото решение на грбот е според припишан грб на Александар Велики, кој што тие го сметаат за Грк.

За крај го поздравувам потегот за избирање на нов грб на Република Македонија, односно замена на стариот грб (кој што и покрај тоа што правно е дефиниран како грб, сепак не е според хералдичките правила[4]), со нов хералдички правилен грб. А за тоа дали избраниот грб е најдобриот можен, тоа ќе го покаже времето и се надевам скорешната јавна расправа.

[1] Жолтиот лав на црвена заднина е традиционалниот грб на Македонија, Дневник
[2] Македонија остана без свој грб, Вечер
[3] Македонија мора да најде нов грб, од грбовите на Александар Македонски, МКД.мк
[4] Во предавањето „Грбот на Република Македонија – тема за дилема“, одржано на 18 ноември 2013 година, во организација на центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС“, хералдот Јован Јоновски го нарекува грб по статус

Thursday, September 02, 2010

Од Полска со љубов

На денот на одбележувањето на почетокот од втората светска војна со навлегувањето на германската армија на полска територија, запознав едно другарче токму од таму - од Полска.

Низ неколкучасовен разговор со Jakub Zajac за мое зачудување заклучив дека е запознат со Македонија и се интересира за истата повеќе дури и од некои наши Македонци. И не само тоа туку има и дизајнирано негова интерпретација на грб на Македонија заснована на неколку македонски земски грбови. Колку од нас го имаме направено тоа?

Мене лично ми се допаѓа, а и сметам дека е хералдички правилен - златен исправен лав со раздвоена опашка на црвен штит.

За грбот Jakub вели дека ќе му биде чест доколку некој македонски висок функционер го види.

Можеби со прикажувањето на грбот на овој блог ниеден висок функционер нема да го види - си имат тие попаметни работи одошто да се секираат за грбови, макар и македонски. Но мене не тоа ми е поентата. Поентата не е ни грбот сам по себе, туку да се оддаде благодарност до него и сличните на него, како и ние Македонците да разбереме дека дел од луѓето надвор од Македонија се релативно запознати со нашата земја и свесни за нејзиното постоење.

Wednesday, September 01, 2010

Семеен грб со македонски амблем

Барајки грбови на Македонија на Нет, случајно налетав на грбот на сликата кој не е македонски, ама пак затоа на него има македонски амблем. Се работи за семеен грб на Д-р Роман - Канаѓанец кој нема поврзаност со Македонија.

Д-р Роман го избрал овој македонски симбол поради неговата љубов кон историјата и поради тоа што се вика Александар, а тоа име го носи и Александар Македонски - најпознатиот македонски крал и војсководец.

Интересно е што македонското сонце со 16 крака, познато и како сонце од Кутлеш (Вергина) е поставено на сина позадина (штит). Во првата половина на 90-те години од минатиот век, Грција ја уценуваше Македонија да се откаже од користењето на македонското 16-крако сонце како државно знаме, иако тоа беше поставено на црвена позадина (и видно различно од провинциското на грчка Македонија), а сега си ќути за грбот на Д-р Роман и покрај тоа што сонцето е поставен на сина позадина исто ко провинциското знаме на грчка Македонија.

Уште еднаш грчките двојни стандарди и лицемерие се гледаат на дело.