Monday, December 08, 2014

Предлог грбот на Република Македонија правен според припишан грб на Александар Велики

Откако го објавив претходниот напис (12 05 2014 22:27) во врска со предлогот за нов грб на Република Македонија, наредниот ден (12 06 2014) на истата тема беше објавен напис и на сајтот на  Македонското Хералдичко Здружение.


„Блазонот на овој грб гласи: На златно-жолто поле разгневен црвен лав. Штитот е крунисан со златно-жолта градобранска круна со пет кули, поставени на златна дијадема, украсена со рубини и бисери од Македонија.“[1]

Во написот насловен „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“ се потврди мојата споделена претпоставка дека Македонското Хералдичко Здружение стои зад создавањето на предлогот за нов грб на Република Македонија, како и тоа дека грбот, меѓу другите, е правен според припишан грб на Александар Велики од грбовникот на Жером де Бара (Jérôme de Bara).

„Доколку прикажаниот грб е истиот оној кој што Владата го има усвоено, се работи за грб чие што графичко решение (емблазон) очигледно е работено според припишан грб на Александар Велики (Александар III Македонски) од грбовникот (Le Blason des Armoiries) на Жером де Бара (Jérôme de Bara) од 1581 година.

Иако засега никаде не е посочено, најверојатно грбот го имаат изработено од Македонското Хералдичко Здружение.“[2]

Еве што пишува во написот на Македонското Хералдичко Здружение:

„Предлогот за грб на Република Македонија е базиран на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи од илустрациите на Вилем Верланд (+1481) и грбовникот на Жером де Бара од 1581 год., кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефаровиќ (1741), ќе стане и земски грб на Македонија.

Жером де Бара (1581 год.)

Во европските грбовници најконзистентна претстава е црвениот лав на златно поле. Најпознати претстави од него се дадени во грбовниците на Жером де Бара (1581 год.) и Жан Робен (1639 год.), кои претходат на илирските и потекнуваат од европски земји со развиена хералдичка традиција.“[1]

Жан Робен (1639 год.)

Сепак она што ми се чини дека намерно е испуштено во написот објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение е дека двата посочени грба всушност се припишани грбови на Александар Велики (Александар III Македонски).

Исто така не е спомената поврзаноста на посочените илустрации од Вилем Вреланд со Александар Велики.

Како што реков не верувам дека е случајно, не само затоа што никаде во написот објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение не е спомнато името на овој македонски крал, туку и затоа што на фототипите од двата грба, текстот кој што стои над нив, а кој што е „Alexandre le Grand“ (Александар Велики) е пресечен на едниот и избришан на другиот.

За илустрација еве го припишаниот грб на Александар Велики, од грбовникот на Жером де Бара, со текстот кој што стои над него:


Еве го и припишаниот грб на Александар Велики, од грбовникот на Жан Робен, со текстот кој што стои над него:


Исто така, колку што следев, во ниеден од написите објавени во медиумите во кои што беше известено за грбот, не е споменато дека грбот е правен според припишани грбови на Александар Велики.

Легитимно право на Република Македонија е да избере грб според припишан грб на крал на Македонија, односно според припишан грб на Александар Велики, затоа што тие, според хералдичкото сфаќање за кралот и земјата, претставуваат грбови на Македонија. И самиот претседател на Македонското Хералдичко Здружение, Јоновски го потврдува ова:

„Станува збор за грбовите поточно речено на кралот на Македонија. Мораме да имаме во обзир концептот, значи од средновековното разбирање на работите, дека всушност земјата е еднаква со кралот. Затоа што земјата всушност претставува една наследна сопственост на кралот.“[3]

Сепак она што, според мене, фрла дамка е криењето од македонската јавност дека предлогот за нов грб на Република Македонија е правен според припишан грб на Александар Велики. Ова ме потсетува со случајот на официјално именување „Воин на коњ“ на статуата на Александар Велики на плоштадот во Скопје. Се поставува прашањето зошто е сокриена поврзаноста со Александар Велики на предлогот за нов грб на Република Македонија? Поради можна реакција од Грција, на што укажав во претходниот напис, поради избегнување на наводно етикетирање за „антиквизација“,  или поради нешто сосема трето?

[2] „Нов грб на Република Македонија“, Интернет Македонец

No comments: