Во изјава од јавната дебата на Филозофскиот факултет за предлогот на Владата за нов државен грб, пренесена во Утрински весник[1], професорката Снежана Филипова, коосновач на Здружението на хералдичари, сподели дека според неа амблемот на лавот би требало да е со глава не во профил, туку во анфас.
„Потребно е да се издолжи штитот и да се измени круната. На нејзиното место да се стави дијадема за да не дојде до забуна дека станува збор за грб на град, бидејќи муралната круна е карактеристична на градовите. Исто така, според мене, потребно е да се направи измена во погледот на лавот, односно тој да не биде свртен во профил, туку неговата глава да се постави фронтално“, рече професорката Филипова.[1]
Апсолутно се согласувам дека амблемот и целиот грб (емблазонот) би требало да подлежи на измена, односно уметничка (ликовно-графичка) доработка. Токму тоа го објавив на блогов, во напис од 5 декември:
„Според мене графичкото решение (емблазонот) не е лошо, но истото можело да се реши далеку подобро, со стилизација на лавот и негова симплификација, со поплавни линии и користење на геометриски форми.“[2]
Но никако не би можел да се сложам со професорката за тоа дека главата на лавот наместо во профил треба да биде во анфас. Од сите земски грбови на Македонија, како и од оние припишани на владетел на Македонија, ниту еден не е со лав чија глава е свртена во анфас, односно сите се со лав чија глава е свртена во профил. Оттука мислењето на професорката за потребата лавот да е со глава во анфас нема никаква историско - хералдичка поткрепа, ами напротив.
[1] „Предлогот е добар, но мора да претрпи мали измени“, Утрински весник, 11.12.2014, 16:24
[2] „Нов грб на Република Македонија“, Интернет Македонец, 5 декември 2014
1 comment:
Lion gardant е една од позите каде лавот има лице анфас, лав што варди, чува е една од можните хералдички пози на лавот. За неупатениот стручњак ако некогаш прочита, да научи. https://en.wikipedia.org/wiki/Lion_(heraldry)#/media/File:Lion_Rampant_Guardant.svg
Post a Comment