Showing posts with label Политика. Show all posts
Showing posts with label Политика. Show all posts

Thursday, June 14, 2018

Шекеринска манипулира!

Гостин во вчерашната (13 јуни 2018) емисија „24 анализа“, која се емитуваше на телевизијата „24 Вести“, беше Радмила Шекеринска, министер за одбрана во македонската Влада. Една од многуте манипулации кои Шекеринска ги кажа, во заштита на предавничкиот договор со Грција, е дека успеале да го зацементираат македонскиот јазик, односно името на македонскиот јазик. Одговарајќи на прашање на водителот Мишко Крстевски, во врска со неговото тврдење дека македонскиот јазик и сега не е оспоруван од страна на Обединетите нации, таа изјави (4:49 - 5:09):

„Еве ќе ќе побарам да, оние кои што ете имаат секогаш дилеми со тоа што ќе се каже на телевизија, можат да погледнат во терминологијата на Обединети Нации, во ставката која што, која што стои 'inhabitans', 'население', значи, нешт... и блиску и до 'nationality', ќе видите дека стои празно за Македонија.“



Со вака формулираниот одговор, во кој не спомнува ништо за јазикот, Шекеринска се обидува да побегне од вистината, односно истата да ја затскрие. Иако одговорот изгледа несмасно, таа не спомнувајќи јазик, лукаво создава простор за индиректно толкување во насока дека штом придавката „македонски“ не се користи за населението, истата не се користи ниту за јазикот.

Всушност случајот не е таков.

Доколку се постапи по барањето на Шекеринска и се отиде на сајтот на Обединетите Нации - unterm.un.org,* ќе се види, без никаква дилема, дека Шекеринска манипулира. Графата за население навистина е празна, но само во верзијата на англиски јазик. Во верзијата на француски јазик, за разлика од она што таа го тврди, е напишано „Macédonien“.**

Од друга страна пак, во графата за јазик, и на англиски и на француски јазик, јасно стои дека Обединетите Нации го признаваат македонскиот јазик како македонски јазик, односно како „macedonian“ на англиски и „macédonien“ на француски јазик!

Принтскрин:
 

Оттука со право се поставува прашањето: од каде произлегува потребата Шекеринска да манипулира со ова? 

Одговорот е јасен: Шекеринска, а очекувам дека таква ќе биде тактиката и на останатите функционери во оваа Влада, е преку манипулации поразот да се претстави како победа. Шекеринска се обидува оваа целосна капитулација на Македонија да ја претстави како парцијална победа, со тоа што барем се успеало да се зачува и зацементира името на нашиот јазик кое всушност не е ни предмет на преговори, имајќи предвид дека се преговара за разликата во врска со името на државата.

Причината, пак, за оваа очајна тактика и потценување на сопствениот народ е затоа што актуелната владеачка гарнитура знае дека со штетниот договор ќе изгуби политички поени, односно дека нивната политика ќе ги чини изгубена доверба кај народот, а поради што прават обид преку манипулаии и невистини да ја минимизираат штетата и да го убедат македонскиот народ самиот да се укине и да гласа „за“ на најавениот референдум во врска со овој предавнички договор и промената на името.

Дополнителна светлина за тврдењето на Шекеринска околу признавањето на нашиот јазик од Обединетите Нации, фрла фактот дека Обединетите Нации го признаваат македонскиот јазик како таков уште во далечната 1977 година, како што во напис објавен на Курир, открива  Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“:

„Со резолуција на УНГЕГН при ООН македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се признати уште во 1977 година и тоа сред Атина. Толку! Значи, постигнавме со Грција нешто што е постигнато уште пред 40 години, а денеска го претставуваме како најголем бенефит од преговорите“

Документот:
 

За подетално види:  Елка Јачева-Улчар: Постигнавме Грците да ни признаат нешто што ни е признаено уште во 1977 година и тоа било успех

Дека македонскиот јазик, како македонски јазик, е признаен од страна на Обидинетите Нации, може да се види и на долниот документ од 1982 година (а подетално може да се види на сајтот Macedonian Truth):


За подетално види: Greece and the United Nations recognizes the Macedonian language in 1982!

Ситуацијата во врска со македонскиот јазик не е розева, но моментално е далеку подобра од она што Шекеринска го тврди. Вистината е дека Обединетите Нации во повеќе наврати и на повеќе места македонскиот јазик го нарекуваат имено така - македонски јазик. Втор пример за ова може да се види на сајтот на програмата на Обединетите Нации за заштита на децата - УНИЦЕФ (The United Nations Children's Fund). Имено, верзиите на документите на македонски јазик се посочени со придавката „macedonian“ (македонски), односно со „macedonian language“ (македонски јазик), што јасно може да се види на следнава врска (принтскрин долу): https://www.unicef.org/tfyrmacedonia/resources.html


*Доколку пак ова се провери на сајтот на Обединетите Нации - data.un.org, навистина ќе се види дека во профилот на земјата не се спомнува „македонски“ во ставката за „население“. Врска до профилот на Македонија - клик! Сепак, причината за ова не е затоа што таа ставка е празна, туку затоа што таква ставка и нема. Впрочем, ставка каква што Шекеринска спомнува, нема ниту за останатите земји, а не само за Македонија. За споредба, врска до профилот на Франција - клик!
**Придавката „македонски“ се користи и во други документи на Обединетите Нации.

Wednesday, December 16, 2015

Грција можеше да го реши спорот уште во 1995 година ако сакаше!

Цитат на неделата:
 
Хеленската Република, која единствено го спори името на нашата држава во однос на целиот останат свет, доколку сакаше да го реши проблемот за името, тоа можеше да го стори уште во 1990-тите години ако Атина нѐ признаеше под официјалното уставно име Република Македонија. Тоа во исто време е единственото прифатливо име за нас, а го признаа над 120 држави во светот. Атина не го стори тоа, а повеќе од 20 години глуми дека бара компромис. Тоа го потврди и пресудата на Меѓународниот суд, во согласност со меѓународното право, која јасно и прецизно кажа дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Иако Грција не треба да врши понатамошно блокирање на зачленувањето на Република Македонија во НАТО или други меѓународни организации, таа го прави тоа. Оттаму, доколку нашиот јужен сосед е навистина подготвен за историски исчекор, како што се навестува, тогаш треба да даде и историски предлог - да го предложи името Република Македонија, односно да се помири со фактот за неменливоста на уставното име на државата.

Monday, November 02, 2015

Поздрав до Нимиц

Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, а пренесено од Канал 5[1], медијаторот за спорот со името, Метју Нимиц рекол:

„Прво, треба да постои договор за името на државата кое ќе го содржи терминот Македонија, но и една разумна одредница, според мое мислење, географска одредница би било најдоброто нешто за да се осигури достоинството на земјата, но исто така да се разграничи од големиот дел на Македонија, кој е нераскинлив дел од Грција.“

По пореден пат би сакал да му порачам на Нимиц, дека единствениот разумен договор во врска со спорот за името е: Република Македонија, без никакви придавки и додавки.


[1] Сања Ристовска Нимиц: дојде време да се реши проблемот за името, Канал 5, 2 ноември

Thursday, February 12, 2015

Збор-два против договорот заснован на декларацијата од 1999 година

Денес (12.02.2015 12:45) повеќе домашни медиуми, меѓу кои и Република, во написот „Митов: Има напредок во односите меѓу Бугарија и Македонија“, известено беше дека одреден е датумот за разговори меѓу бугарската и македонската работна група за подготовка на Договорот за добрососедство.[1]


Во врска со ова, министерот за надворешни работи на Република Бугарија Даниел Митов, во одговор на прашање на БГНЕС изјави:

„Веќе го одредивме датумот на кој двете работни групи, од двете министерства, ќе го продолжат овој разговор. По посетата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Бугарија, се разјасни дека Декларацијата од 1999 година и нејзиниот дух и содржина, треба да се вметнат во соодветниот договор, кој ќе се подготви – изјави Митов и изрази надеж дека тоа да ќе случи.“[1]

Претседателот на Република Македонија Иванов, пред неполна година навистина изјави дека е спремен да потпише Договор заснован на Декларацијата од 1999 година.

„Претседателот Ѓорге Иванов... изјави дека е подготвен веднаш и неодложно да ја потпише декларацијата за добрососедски односи со соседна Бугарија од 1999 година... предлагам ние двајцата (Иванов и Плевнелиев) да го направиме тоа веднаш и неодложно, во Софија или Скопје, изјави за МИА македонскиот претседател Ѓорге Иванов...“[2]

Што има спорно со ова, кој е проблемот Декларацијата од 1999 година да прерасне во Договор? Штом и македонскиот и бугарскиот државен врв се залагаат за нејзино прераснување во Договор значи е во обостан интерес. Но ајде да видиме.


„Со декларацијата од 1999 година, која што од македонска страна ја потпиша Љубчо Георгиевски, Македонија се откажа од заштитата на Македонците кои што живеат во Пиринска Македонија (и останатите денови на Бугарија). Ова е доволна, но не и единствена причина зошто декларацијата од 1999 година не смее да прерасне во меѓудржавен договор. Секој што се залага за нејзино унапредување во меѓудржавен договор, работи на штета на националните интереси на Македонија.“[3]

 Имено во член 11 од истата таа декларацијата пишува:

„Република Македониjа изjавува дека ништо од неjзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македониjа во внатрешните работи на Република Бугариjа со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државjани на Република Македониjа.“ [3]

Значи, според ова, само Македонија си зема обврска, без притоа и Република Бугарија да преземе еквивалентна обврска од своја страна.

Со прифаќањето Декларацијата да прерасне во Договор, и тоа во најскоро време, претседателот Иванов лекомислено застанува отворено против националните интереси на Република Македонија од само нему познати причини. Би сакал да дадам критика и за министерството за надворешни работи на Република Македонија што за овие спорни делови од декларацијата досега ништо не кажала и не објасниле како така тие не се штетни и се прифатливи. Критика заслужуваат и домашните медиуми што не им поставиле такво прашање.

Но ова не е единствената негативност во врска со Декларацијата која што, според најавата, во скоро време би требало да прерасне во Договор. За штетноста од ваквото нешто, во написот „Има сериозен проблем за нов договор со Бугарија“ Ристо Никовски пишува:

„...(Декларацијата) е потпишана на македонски и бугарски јазик, според уставите на двете земји!” Тоа е неприфатливо деградирање на македонскиот јазик бидејќи тој не е уставна категорија. Тој не произлегува од Уставот на државата, како што е претставен во Декларацијата. Напротив, во Уставот е само овенчано неговото значење како народен и мајчин јазик на мнозинското население и официјален на државата. Поентата на Софија е дека уставите се менуваат... па така и јазикот!
Тоа што и бугарскиот јазик е претставен во иста форма нема никакво значење бидејќи тој од никого не е оспорен.
5. Во дипломатијата, еднаш направен преседан, како во случајов, обврзува. При интеграцијата во ЕУ (ако до тоа и дојде?), бидете сосема уверени, Софија нема да дозволи регистрирање на македонскиот јазик, како што е случајот со сите други земји. Максимално што ќе дозволи – тоа е формулата од Декларацијата – “...македонски јазик според Уставот...”. Значи, јазикот не е автохтон туку... Исто како што е и народот, според Софија, измислен. Било од Тито, било од Коминтерната.
6. И така, чекор по чекор ама крајно систематски, диригирано од еден центар, македонштината наша се извитоперува, сe минимизира, се прави вештачка, измислена... Нема име, туку референца; нема јазик, туку нешто извадено од Уставот; народот Славомакедонци...“[4]

Декларацијата е веќе потпишана и во таа насока не можеме да повлијаеме, но можеме да спречиме истата да прерасне во Договор, затоа што „декларација“ и „договор“ не е исто и е со сосема различна тежина. Во истиот напис, за ова Никовски пишува:

„Декларација” и „договор” се сосема различни документи. Тоа е исто како да споредувате Фиќо и Мерцедес 350. И двата се автомобили ама... Особено не смее во ист кош да се става „договор за пријателство и соработка” со каков било друг договор, да не зборуваме за некаква декларација. Тоа е врвниот документ кој го потпишуваат две држави. Истиот, покрај другото, покажува и потврдува дека меѓу нив нема отворени проблеми. За жал, тоа не е случај меѓу Македонија и Бугарија. Така, логично е прашањето – дали токму затоа Софија инсистира на потпишување на таков договор? Демек, се е чисто меѓу двете држави. Со други зборови, ние се согласувме дека сме тоа што не смета Софија. Бугари. [4]

Се надевам дека одговорните во Министерството за надворешни работи на Република Македонија и претседателот Иванов ќе ги отворат очите и ќе се освестат за штетноста од прераснувањето на Декларацијата од 1999 година во Договор што се однесува до член 11, какои и деградирањето на македонскиот јазик.

Monday, November 17, 2014

Отворено писмо до властите на С.Р. Германија во врска со спорот за името

Почитувани,
С.Р. Германија веќе подолг период игнорантски ги посматра барањата на Р. Грција за промена на името на нашата татковина Р. Македонија. Германската надворешна политика е во насока на постојано укажување на потребата од компромис во спорот за името на нашата земја кој што Р. Грција ни го има наметното, односно од потреба да го смениме името на нашата земја што за нас како Македонци е најголем тип на навреда.

Ние како граѓани на Р. Македонија сакаме да истакнеме дека евентуална промена на името на земјата во која што живееме за нас ќе значи своевиден геноцид, лишување од историја со која што толку многу се гордееме и губење на основното обележје кое што нè прави она што сме - Македонци. Ве уверуваме дека никогаш и под никакви услови нема да се согласиме со промена на името на нашата земја, па затоа како политичари и функционери на С.Р. Германија направете напори, политиката на С.Р. Германија кон нашата земја да не биде на истата страна како грчките барања за уништување на сè она што е македонско.

Замислете дали доколку некој од вас побара да го промените името на вашата земја Германија вие самите би се согласиле. Секако дека не. Барањата кои што нашиот јужен сосед ги поставува се неаргументирани, апсурдни и максималистички и никој здраворазумен човек не би се согласил со нив. Затоа спорно е зошто надворешната политика која С.Р. Германија ја има по однос на ова прашање е инсистирање на прифаќање на компромис, односно промена на името на нашата земја.

Промовирајќи идеи за компромис, кој што би требало да го направиме во врска со нашиот идентитет, нема да донесе никаков позитивен резултат ниту за Р. Македонија ниту за С.Р. Германија. Ние, граѓаните на Македонија, никогаш нема да се согласиме со примена на името на нашата земја исто како што и вие не би се согласиле на промена на името на вашата земја. Повиците за компромис кои С.Р. Германија ги испраќа кон Р. Македонија можат да бидат само во взаемна штета, односно во функција на нарушување на пријателството меѓу македонскиот и германскиот народ. Македонците немаат никакви отворени прашања со Германците, но исто така не гледаат со благонаклоност кон оние кои што застануваат зад геноцидните и спротивни на меѓународното право барања исто како што и вие Германците не би гледало благопријатно кон нас Македонците доколку од вас побаравме да го промените името на вашата земја.

Во Македонија не постои антигерманско расположение, ниту пак такво било кога имало од осамостојувањето на земјата па сè до денес, според што нејасно е зошто германската надворешна политика по прашањето на името на нашата земја инсистира на компромис, односно негова промена.

Сакаме да потсетиме дека еден од најомилените, ако не и најомилениот, странски дипломат во Македонија беше токму првиот амбасадор на С.Р. Германија во Р. Македонија - Ханс Лотар Штепан. Делото кое што тој го остави и по неговото заминување од земјата и од овој свет и понатаму наидува на огромна почит од страна на Македонците. Секое споменување на овој политичар во Македонија е проследено со најпозитивни зборови, а тие зборови и те како се редистрибуираат и на општиот впечаток за С.Р. Германија. Со спроведување на надворешна политика во функција на промена на името на Р. Македонија, германските функционери само ја затемнуваат светлата слика која што Македонците ја имаат кон С.Р. Германија.

За разлика од ова пак, во последните неколку години, во Р. Грција, антигерманското расположение ескалираше. На протестите кои што се одржаа по повод пристигнувањето на германската канцеларка Ангела Меркел во Атина, во октомври 2012 година, дел од грчката јавност ја поистовети С.Р. Германија со нацизмот. На еден од транспарентите, кои што илјадниците Грци ги носеа на протестите, пишуваше  „госпоѓо Меркел - гитла“ (Frau Merkel getout).[1] На друг транспарент пак испишано беше „Ќерко на Хитлер гитла од Грција и не на четвртиот рајх“.[2]


Па сепак, и по прашањето на должничката криза која оваа земја ја има и со која што ја влече ЕУ во економска бездна, и по прашањето на спорот со името кој што резултира со дваесетгодишно заложништво на Р. Македонија, се чини дека С.Р. Германија на своја штета стои зад официјална Грција.

Не бараме од вас да работите против интересите на С.Р. Германија, напротив бараме од вас да и погледнета на вистината во очи и да престанете политиката која што вашата земја ја гради да биде на иста линија со лагите пласирани од официјална Грција. Бараме од вас да не ја подржувате Р. Грција во нејзините геноцидни барања за промена на името и идентитетот на една мала, мирољубива земја како што е Р. Македонија. Застанувањето зад барањата на официјална Грција за промена на името на нашата татковина и на нејзиното постојано блокирање за членство на Р. Македонија во ЕУ и НАТО, не е во ваша корист, а не е во корист ниту на поширокиот регион, како и на стабилноста и просперитетот во Европа.

Бараме од вас да се запрашате зошто на земја како што е Р. Грција во која што владее не само антимакедонско туку и антигерманско расположение и чии што граѓани отворено се против С.Р. Германија која наводно е главниот виновник за нивната должничка криза им давате толкава голема подршка во спорот за името кој што тие ни го наметнаа. Запрашајте се зошто на земја како Р. Грција која што ја влече целата ЕУ во рецесија ѝ ги толерирате каприците и игнорантски посматрате како таа го блокира својот северен сосед во напорите за интегрирање во ЕУ и НАТО, за што Р. Македонија ги спроведе сите потребни реформи.

А.С. (Македонска Ризница)

[1] "Debt crisis: as it happened - October 9", 2012, Telegraph, 9 октомври 2012
[2] "Griechen demonstrierten vor Merkel-Besuch", Kleine Zeitung, 8 октомври 2012: "Tochter Hitlers, raus aus Griechenland und kein Viertes Reich"

Sunday, November 09, 2014

Името Македонија и Македонци не е добиено на референдум

„Името Македонија и Македонци не е добиено на референдум и кој ни дал нас право да излеземе на референдум и да менуваме нешто што се пренесува од генерација до генерација“ [1]

проф. д-р Тодор Чепреганов- историчар

Изјава на неделата

Фото: Стојановски, преземена од: DW

[1] Катерина Дафчева, Промовирана книгата “Името, нашата татковина“, МРТ, 8/11/2014 16:44 (напомена: поправени печатни грешки во цитатот)

Saturday, April 19, 2014

Секој глас е важен

Пред неколку денови, на предизборен митинг, еден македонски политичар изјави:

„Секој глас е важен, секој глас се брои“

А за тоа колку секој глас е важен, сведочи фактот дека на последните парламентарни избори во 2011 година, вкупно 106.027 од излезените гласачи (или 9,43%) останаа без свој претставник во Собранието на Република Македонија.

За повеќе информации, прочитајте го написот на Драган Алчинов „Демократијата и изборниот систем“, објавен во февруари 2012 година на неговиот блог.

Sunday, April 06, 2014

„Македонија има право да се именува како сака“

Цитат на неделата:

„Македонија има право да се именува како сака и нема дилема дека името Македонија е право на земјата оти и Грција и Македонија имаат античка историја. Жалам што одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во случајот со Македонија не најде одглас во одлуките на челниците на земјите од ЕУ и НАТО и државата сè уште не е членка на овие меѓународни ентитети“,  Ханс Кушлер професор на Универзитетот во Инсбрук, Австрија и претседател на Меѓународната организација за напредок.[1]

[1] „Кушлер: Македонија има право да се именува како сака“, МИА Македонска информативна агенција, 4 април 2014

Thursday, December 05, 2013

„Македонија на крајот ќе си го зачува името“

Цитат на неделата:

„Убеден сум дека порано или подоцна Грција и Македонија ќе се договорат, за Македонија целосно си го употребува своето име и дека Грција ќе го прифати тоа без многу тешкотии поврзани со историјата“, Шарл Рик-Шапуи (Charles RICQ-CHAPPUIS), професорот од Универзитетот од Женева и член на Центарот за опсервации на Европските региони (во интервју за МИА)[1]

Thursday, November 28, 2013

Заев некогаш и сега

Некогаш:

Заев: „Мора да свиткаме кичма за името“

„Македонија мора да направи отстапка во делот на меѓународната употреба на името, имајќи ја предвид тешката економска состојба во државата, како и извесното заострување на изолацијата однадвор, а особено од страна на Грција и нејзините поддржувачи.“ [1]

Сега:

Заев: Ќе ја добијат Струмица на разгледница

„Во Струмица живеат луѓе кои зборуваат македонски јазик, кои пеат македонски песни, играат македонски ора, учат, пишуваат, читаат и размислуваат на македонски и стојат простум кога се интонира македонската химна. Оние кои бараат да биде Струмица дел од Бугарија, нека остават точна адреса затоа што можат да ја добијат Струмица само на разгледница ... а на разгледницата ќе пишува Поздрав од МАКЕДОНИЈА.“ [2]

За разлика од порано, овој новиот Заев некако почнува и да ми се допаѓа.

А на членовите на Атака еве им разгледници од Струмица:




„Македонија никогаш нема да го смени името“

 Цитат на неделата:

[17:20] „Македонија никогаш нема да го смени името. Тоа е факт! ... Тој што прв ќе стави потпис може само да му летне главата нему и на неговата фамилија и тие што тоа го прифаќаат. И никогаш нема оваа држава да го смени името, тоа е повеќе од сигурно. Секој може спокојно да спие!“, Тодор Петров, претседател на СМК


„24 Анализа“, Телевизија 24 Вести, 26.11.2013, водител Билјана Арсовска
 
„Како се воделе разговорите за разликите околу името во првите години по осамостојувањето“

Гости:  Тодор Петров- претседател на Светскиот Македонски Конгрес, Александар Флоровски, поранешен пратеник на ВМРО ДПМНЕ

Tuesday, August 27, 2013

Притисокот за името – нов букурешки договор

Oтворено писмо на Иницијативниот одбор на групата Македонски манифест упатено до политичките лидери во Република Македонија:

И по сто години од Букурешкиот договор судбината на Македонија е под неговата заканувачка сенка. Над Македонија е надвиснат облакот на новите црни бури што треба да ја доуништат. Ќе се лажеме ли сè уште или свесно ќе признаеме дека промената на името значи геноцид врз македонскиот народ преку ликвидација на идентитетот?

И денес, како и пред сто години, заговорници на тој холокауст се големите европски нации скриени зад божемната хуманистичка маска на Европската унија, само што сега за нашето уништување се игра на крајно софистициран и перфиден начин кој треба да не доведе до промена на името со наша согласност, што ќе рече до самоуништување. Тоа значи дека ни по сто години кобниот Букурешт за нас не е завршен. Разликата денес е во тоа што оние кои пред сто години ја парчосуваа Македонија сега работат на ликвидација на нашиот идентитет, засилени со уште една империјална сила – САД.

Грција, која сака целосно да ја уништи Македонија е поддржана во нејзиниот геноциден фашистички концепт токму од овие сили, а за нас како земја врз која се врши нечовечки експеримент, не важат човековите права, судските пресуди на меѓународните судови и правилата на Обединетите нации кои важат за сите други. Ќе дозволиме ли да се самоукинеме како Македонци и тоа сега кога конечно изградивме сопствена држава!? Ќе дозволиме ли безимени да влеземе во ЕУ и во НАТО?

Затоа им се обраќаме на политичките лидери, на претседателот, на премиерот и на водачите на опозицијата, од кои бараме, без завиткан политички јазик, да кажат на какви позиции стојат: дали веќе го прифативте обезличувањето или сте спремни да застанете во одбрана на името? Сакаме да знаеме дали за вас е прифатлив предлогот Горна Република Македонија ставен на маса без да ни се каже што се нуди под маса? Дали веќе се подготвуваат и се печатат листовите за референдум на кој треба да се стави она што за нас е свето и вековно, затоа што овој молк фрустрира и измачува? Kако инаку да ја толкуваме изјавата на германскиот пратеник за Југоисточна Европа, Ернст Рејчел кој јавно кажа дека предлогот за името на Нимиц бил прифатен од македонска страна и дека сега се чека ставот на Грција? Вистина ли е?

Ќе може ли конечно македонскиот народ да дознае од нашите  политички лидери или со нашите чувства ќе си играат европските бирократи? Ќе чуеме ли што крие во пакетот Горна Република Македонија или ќе не ставите пред свршен чин на референдум, кога партиско-политичката машинерија ќе биде спремна да одработи како со референдумот од 2004 година за територијалната поделба?

Дали овие прашања заслужуваат одговор или по којзнае кој пат ќе бидеме изиграни како Македонци и доведени до потпишување  капитулација и ќе се збогуваме од автентичното постоење, од сопствениот идентитет, оти ние сме убедени дека поместување на само една буква од името е губење на идентитетот. Тоа би било рамно на самоуништување.

Јавно го повикуваме македонскиот народ да биде буден и ако затреба да биде спремен со сите можни средства да се спротивстави на новиот букурешки договор за наша идентитетска ликвидација.

Иницијативен одбор
на групата Македонски манифест

Wednesday, July 31, 2013

Дебата за името

Вчера (30 јули 2013) лидерот на партијата ДУИ, Али Ахмети, побара јавна дебата за најновиот предлог на Метју Нимиц[1], односно за спорот за името, пренесе веб страницата Телеграф.[2]

„Јавна дебата за спорот околу името на нашата земја ќе бара лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој, на денешниот брифинг со новинарите во партиското седиште во Мала Речица“[2]

Па штом сака дебата јас уште еднаш да си го повторам мојот став дека сум против промена дури и на само една буква од уставното име на нашата татковина Република Македонија и сум за отпочнување на иницијатива за конечно исфрлање од употреба на привремената референца. 


Thursday, July 25, 2013

Не прифаќаме промена на името

На 23 јули оваа година, неколку Македонски портали излегоа со провокативната вест дека американскиот претседател Обама, односно САД, биле за промена на името на нашата татковина во Горна Македонија.[1][2]

Американците и Обама можат слободно да си го сменат името на нивната татковина ако сакаат и во Долна Македонија, мене баш ме заболе долниов. Само би сакал да ги потсетам дека ние Македонците сме против промена на вековното име на нашата татковина:


Wednesday, July 10, 2013

Македонско вино farewell


„Какво симболичко самоубиство! Прифаќањето на регионален (локален) атрибут за македонските вина е самоубиство и од економски/комерцијален аспект, и директен удар кон сите напори во битката за името на државата! Мисли ли некој дека Вардар и неговата долина имаат некое значење за пазарите во ЕУ и во светот? Па и ние овде знаеме дека ако и треба да брендираме регион, тоа е тиквешкиот, а не повардарскиот!

Прифаќањето на небулозниот предлог (за два грста евра) е истовремено на мала врата прифаќање на поразот - Грција победува со тоа што го присвојува атрибутот Macedonian , а ние кротко го прифаќаме. Во сите предлози на Нимиц суштинската точка беше токму онаа дека ниту една страна во спорот нема ексклузивно право на употребата на атрибутот македонски. 

Наздравје!“


Дополнително:

Saturday, June 29, 2013

Притисок за промена на името

Завчера (27.06.2013, 17:51), во интервју за дневниот весник Дневник, премиерот на Р. Македонија изјави дека од страна на големите сили се вршел притисок врз Македонија за промена на името на нашата татковина (за целото интервју види: Притисокот за името е врз нас, зашто сме неединствени).

Всушност ваквиот притисок за промена на името на Македонија, односно целосен етноцид на еден народ и земја, од страна на големите сили се врши повеќе од еден век.

На 7 април 1903 година, Султанот на Отоманската империја Абдул Хамид II (анг. Abdul Hamid II) издал наредба во која што се забранува користење на името Македонија. Во оваа наредба пишува:

„Отсега па натаму, во претставките и соопштенијата поврзани со работите на царските вилаети на Румелија, категорично се забранува терминот (називот) Македонија...“ (за повеќе види: Султанска наредба за името Македонија)

Македонскиот професор Владо Поповски во ТВ дебата изјави дека на оваа Султанска наредба, претходел договор (1902-1903) помеѓу министрите за надворешни работи на Русија, Австро-Унгарија и Франција:

„Во осведочувањето на Русија дека се подготвува општо востание, а она е за поделба на Македонија многу децении претходно, од 1886 година, министерот за надворешни работи грофот Ламсдорф [1], му пишува на Урусов [2], амбасадорот, кнез Урусов во Париз, известете го Делкасе [3], министерот на Франција, дека ние со Голуховски [4] се согласивме отсега натаму Македонија да не ја именуваме како Македонија, туку трите турски вилаети. А Македонците да не ги именуваме натаму како Македонци, туку како христијаните од трите турски вилаети...“



Macedonian professor Vlado Popovski explains how the ministers of foreign affairs of Russia, Austria-Hungary and France decided to stop calling Macedonia with its name and pressed the Ottoman Sultan to do the same in February-March-April of 1903. He also briefly tries to explain why Greece has the so-called "name issue" problem with the Republic of Macedonia.

Македонскиот професор Владо Поповски објаснува како министрите за надворешни работи на Русија, Австро-Унгарија и Франција решиле да престанат да ја нарекуваат Македонија со нејзиното име и го натерале Отоманскиот Султан да го направи истото во февруари-март-април 1903 г. Тој исто така накратко објаснува зошто Грција го има т.н. проблем "околу името" на Република Македонија.

Отоманските власти оделе дотаму што дури и забранувале зборот „Македонија“ да се користи во Библијата, што е пренесено од американскиот весник The sun, од 16 јуни, 1903 година (за повеќе види: Неуништливото име - Македонија). За овој весник, од Американското библиско друштво преку писмо изјавиле:

„Ние имаме сериозни тешкотии во Турција со одделот за јавни инструкции. Цензорите протестираа за зборот „Македонија“ од Новиот Завет. Нашите апликации за дозвола за нашите нови едиции се подложени на подолготрајно и уште понеразумно одлагање, одошто било кога претходно.“

Проблемот со името и со нашиот идентитет не е од вчера и не е ограничен само во мандатот на актуелната или пак на претходната власт. Тој опстојува веќе со векови.

На нашите непријатели им останува и понатаму да вршат притисок за промена на името, а на нас ни останува обврската пред минатите и идните генерации да не попуштаме и да опстанеме.

[1] Владимир Николаевич Ламсдорф (анг. Vladimir Nikolayevich Lamsdorf рус. Владимир Николаевич Ламсдорф) руски амбасадор за надворешни работи помеѓу 1900 – 1906 година.
[2] Лев Урусов (анг. Lev Vladimirovich Urusov рус. Лев Владимирович Урусов), руски дипломат, амбасадор на Русија во Франција во периодот помеѓу 1897 - 1904 година.
[3] Делкасе (фр. Théophile Delcassé), француски министер за надворешни работи во периодот помеѓу 1898 - 1906 година.
[4] Голуховски (анг. Agenor Maria Adam Gołuchowski), австро-унгарски министер за надворешни работи во периодот помеѓу 1895–1906 година.

Sunday, April 21, 2013

Не можеме да го решиме спорот за името

Би сакал да ја препорачам колумната на Дарко Јаневски, од 19/04/2013 (16:11), насловена како „Не можеме да го решиме спорот за името“. 

„Сè на сè, кога е во прашање пораката „решете го спорот“, се чини таа е упатена на погрешна адреса. Ние не можеме да го решиме тој спор затоа што ние не сме го ни создале. Спорот може да го реши само земјата, односно можат да го решат само тие земји што го создале и кои го поддржуваат неговото егзистирање.“

Ова всушност ме потсети на еден напис со наслов „Ние да го решиме спорот што тие го изродија?“, објавен на блогов на 06/12/2012 година, во кој меѓу другото, пишува:

„Спорот со името не е проблем кој што го создаде Македонија и сама на себе си го наметна. Спорот со името е проблем кој што го создаде една земја членка на неговата таканаречена Европска Унија и таа има морална одговорност да му стави крај.

Тоа што Европската Унија за дисциплинирањето на својата неодговорна земја членка и запирањето на овој апсурден спор не прави ништо, ја прави соучесник на Грција и подеднаков виновник за овој геноциден акт против Македонија и против Македонскиот народ.“

Wednesday, February 27, 2013

Бранко - најпопуларно алиби

Порталот MKD-news.mk, во статијата „Бранко е крив ако добиеме негативен извештај од ЕУ – Груевски“ објавена на 19/02/2013 (00:36) пренесува дека премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на промоцијата на партискиот кандидатот за градоначалник на општина Гевгелија, изјавил дека „Треба да биде јасно дека ако добиеме негативен извештај од ЕУ, тоа ќе биде лична заслуга на Бранко Црвенковски.“

Постапката на премиерот да бара вина во другите не му е туѓа на човекот, а особено не на политичарите. И Хитлер кога почнал сериозно да ја губи војната вината за поразот не ја лоцирал во своите лоши командни постапки туку ја распределил врз германскиот народ кој што според него недоволно добро ги следел наредбите и учењата на Третиот рајх. Па сепак и покрај тоа, вистинското лидерство на поединци се изјавува, меѓу другото, во тоа што наместо да ги обвинуваат другите, се спремни самите да ја прифатат одговорноста за нивното владеење.

Тамара Атанасоска во својата младинската он-лајн колумна (Балансираноста е мртва) на Радио Слободна Европа пишува:

„И секогаш се криви сите, само власта не е. Има изговор. Ние и допуштаме да се извлече со тој изговор затоа што сме зафатени, завиени во балансираност.“

Народот не го избра Груевски за да си наоѓа алиби во транзициските политичари како Бранко Црвенковски и во опозицијата, туку за правилно и успешно да ја води државата. Наместо да се правда за евентуален негативен извештај и да со тоа ќари по некој беден политички поен, тој треба да направи сè што е во негова моќ за да го спречи добивањето на негативен извештај. Прашањето да не биде кој е виновен, а кој е прав, туку како проблемот што надвиснал да биде отстранет.

Имајќи предвид дека власта, дадена од народот, е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски, најголемиот дел од одговорноста и вината за добивањето на еден негативен извештај од ЕУ ќе е нивна, а не на Бранко Црвенковски и на опозицијата. Одлуката на Бранко Црвенковски за бојкот на локалните избори е далеку од исправна и е штетна за македонската демократија, но ако истиот, како Голдстајн (Emmanuel Goldstein) во „1984“, и понатаму продолжува да биде единствениот виновник за сè негативно што ни се случува во државава тогаш зошто мнозинството од народот гласаше за ВМРО-ДПМНЕ?

Thursday, February 21, 2013

Вистинско пријателство

Откако Бугарија го блокираше добивањето на датум за започнување на преговори на Македонија со ЕУ, бугарскиот премиер Бојко Борисов лицемерно изјави дека Бугарија сепак продолжувала да биде добар пријател на Македонија и дека ќе дадела поддршка за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО.

Ако Бугарија навистина мислеше да дава поддршка за Македонија на нејзиниот пат во ЕУ и НАТО, немаше воопшто да нè блокира. Зарем Борисов мисли дека во Македонија пиеме нафта.

Од друга страна пак, српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека Србија сакала и понатаму да продолжи да биде најдобар пријател на Македонија и не излажа. [2] Сведоци сме дека во Србија, во повеќе градови, како службен јазик беше воведен и македонскиот.[3]

Која соседна земја може да се смета за вистински пријател на Македонија, излишно е да се потенцира.

[1] „Борисов: Македонија мора да ги исполни критериумите“, Sky: „Бугарија останува добар пријател и ќе и даде поддршка на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.“
[2]  „Дачиќ: Немаме претензии кон Македонија, ние сме ваши најдобри пријатели“, Kapital: „Ве уверувам сите во Mакедонија кои што можеби имаат поинакви погледи, или некакви сомнежи. Србија не само што нема никакви претензии кон Македонија, ниту на нејзиниот територијален интергритет и суверенитет, нити националниот идентитет, напротив ние сакаме да продолжиме да бидеме најдобриот пријател на македонскиот народ и македонската држава“
[3] „Македонскиот стана официјален јазик во уште една општина во Србија“, Maxim, 19. февруари 2013 - 9:38

Трагичната шега наречена нобелова награда за мир

По повод доделувањето на Нобеловата награда за мир на Европската унија, чешкиот претседател Вацлав Клаус (Václav Klaus) изјави[1]:

"Awarding the Nobel Peace Prize, in this case, to a bureaucratic institution is an empty award…it is also a tragic joke."

Превод:

„Доделувањето на Нобеловата награда за мир, во овој случај, на бирократска институција претставува празна награда... Исто така е и трагична шега.“

Клаус го бојкотираше доделувањето на Нобеловата награда за мир на ЕУ, а според интернет анкетите, мнозинството од Чесите кои што гласале на нив го поддржале нивниот претседател во оваа одлука.[2]

Од друга страна пак, официјална Бугарија не испушти да се пофали дека и таа е заслужна за закитувањето на ЕУ со Нобеловата награда за мир, со што она што Клаус го нарекува „Трагична шега“ доби целосна смисла. Бугарското министерче за надворешни работи Николај Младенов изјави[3]:

„По думите на Младенов за България наградата означава признание, че усилията ѝ на Балканите са напълно в контекста на успеха на европейската идея. "Да бъдем не само пример за толерантност и добросъседство, но и генератор на стабилност в труден регион - това са водещи приоритети за нашата страна", подчерта той.“

Превод:

„По зборови на Младенов, за Бугарија наградата означува признание дека нејзините напори на Балканот се наполно во контектст на успехот на европската идеја. „Да бидеме не само пример за толерантност и добрососедство, туку и генератор на стабилноста во комплицираниот региом - тоа се водечките приоритети не нашата земја“, тој потенцираше.“

Ако не знаев дека Бугарија е земјата која што го блокираше добивањето датум за започнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ [4] и дека официјална Бугарија нетолерантно и спротивно на принципите на добрососедство гледа кон внатрешните работи на нашата земја, ќе помислев дека лажгите со опашки кои што Младенов ги истресе се вистина.

[1] "Nobel Prize Ceremony boycotted", presstv.ir , 4 декември 2012
[2] „Чешка нема да присуствува на врачувањето на Нобеловата за мир“, A1ON, 1 декември 2012 : „Според анкетите кои се појавија на интернет, во врска со бојкотот на чешкиот претседател на доделувањето на Нобеловата награда за мир, мнозинството Чеси гласале за тоа дека е исправно Чешка да не учествува на церемонијата бидејќи ЕУ не ја заслужува наградата.“
[3]„Младенов: Нобеловата награда е и признание за усилията на България на Балканите“, dnevnik.bg , 12 октомври 2012
[4] „Лицемерието на бугарскиот политички врв“ 12 декември 2012

Види и: