Wednesday, February 27, 2013

Бранко - најпопуларно алиби

Порталот MKD-news.mk, во статијата „Бранко е крив ако добиеме негативен извештај од ЕУ – Груевски“ објавена на 19/02/2013 (00:36) пренесува дека премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на промоцијата на партискиот кандидатот за градоначалник на општина Гевгелија, изјавил дека „Треба да биде јасно дека ако добиеме негативен извештај од ЕУ, тоа ќе биде лична заслуга на Бранко Црвенковски.“

Постапката на премиерот да бара вина во другите не му е туѓа на човекот, а особено не на политичарите. И Хитлер кога почнал сериозно да ја губи војната вината за поразот не ја лоцирал во своите лоши командни постапки туку ја распределил врз германскиот народ кој што според него недоволно добро ги следел наредбите и учењата на Третиот рајх. Па сепак и покрај тоа, вистинското лидерство на поединци се изјавува, меѓу другото, во тоа што наместо да ги обвинуваат другите, се спремни самите да ја прифатат одговорноста за нивното владеење.

Тамара Атанасоска во својата младинската он-лајн колумна (Балансираноста е мртва) на Радио Слободна Европа пишува:

„И секогаш се криви сите, само власта не е. Има изговор. Ние и допуштаме да се извлече со тој изговор затоа што сме зафатени, завиени во балансираност.“

Народот не го избра Груевски за да си наоѓа алиби во транзициските политичари како Бранко Црвенковски и во опозицијата, туку за правилно и успешно да ја води државата. Наместо да се правда за евентуален негативен извештај и да со тоа ќари по некој беден политички поен, тој треба да направи сè што е во негова моќ за да го спречи добивањето на негативен извештај. Прашањето да не биде кој е виновен, а кој е прав, туку како проблемот што надвиснал да биде отстранет.

Имајќи предвид дека власта, дадена од народот, е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски, најголемиот дел од одговорноста и вината за добивањето на еден негативен извештај од ЕУ ќе е нивна, а не на Бранко Црвенковски и на опозицијата. Одлуката на Бранко Црвенковски за бојкот на локалните избори е далеку од исправна и е штетна за македонската демократија, но ако истиот, како Голдстајн (Emmanuel Goldstein) во „1984“, и понатаму продолжува да биде единствениот виновник за сè негативно што ни се случува во државава тогаш зошто мнозинството од народот гласаше за ВМРО-ДПМНЕ?

No comments: