Showing posts with label Стрип рецензија. Show all posts
Showing posts with label Стрип рецензија. Show all posts

Monday, February 02, 2015

Вара - каменот на љубовта

Во, сега веќе далечната, 1998 година, најавено беше издањето на „првиот македонски стрип албум“ [1]. Се работи за стрипот „Вара каменот на љубовта“, по сценарио на Иван Пешев, цртеж на Зоран Танев, туш на Смиле Цветановски и колор на Тони Анастасовски. Па сепак, и покрај тоа што стрипот не само што беше нацртан, туку е и испечатен, до неговото издавање за жал никогаш не се стигна. Причините за ваквиот немил расплет на настаните се обвиткани во магла.

По речиси 20 години од печатењето на стрип албумот,  во време кога истиот тоне во заборав без изгледи за скорешно издавање, македонскиот стрип автор Дарко Богданов, во сплет на околностите, успева да пронајде едно негово отпечатено, неуништено издание. Благодарение на Дарко, во овој блог напис ќе можете да го прочитате несудениот „прв македонски стрип албум“ кој што воедно, доколку официјално влегол во продажба, ќе бил и првиот македонски колор стрип албум.


Скенови од дел од нацртаните и обоени табли, а не скенови од печатеното издание, можете да видите на блогот на колористот на самиот стрип, Тони Анастасовски - врска.

Стрипот „Вара каменот на љубовта“, во CBR формат, можете да го преземете од следната врска:

www.mediafire.com/download/0zfrlay8rqushzv/Vara+-+Kamenot+na+ljubovta.cbr

Доколку сакате да дознаете нешто повеќе околу најавите на овој стрип, непосредно пред неговото планирано објавување, ви го прикажуваме интервјуто со сценаристот Иван Пешев направено од М. Костовска, кое што на 11 декември 1998 година е објавено во весникот  M Express, од 66 до 68 страница [2]

Со Иван Пешев, авторот на првиот македонски стрип – албум

Астерикс, варди се!

„Замисли преку стрипот да градиш еден победнички дух кај децата. Да им покажуваш дека нивните предци биле бестрашни, биле авантуристи, на некој начин непобедливи. Со тоа им се дава некаква позитивна насока уште од најрана возраст, да не гледаат лошо на фактот што се родени тука и да сфатат дека имаат многу интересна и горда историја. Едноставно да создаваме позитивен мит за сопствената нација“

Деновиве нешто ѝ се случува на мас-културата во Македонија. Штотуку се подготвува на виделина да излезе првиот македонски стрип-албум, со жанр карикатурална гротеска и со наслов „Вара-каменот на љубовта“, без ничија помош...

Сценарист и извршен продуцент на стрипот е Иван Пешев.

  • Како дојде до идеја за правење на стрип, кој ќе биде македонски одговор на светските стрип гротески?

Кај многу наши уметници постои потреба да направат нешто невидено од кое светот ќе „падне на нос“. Затоа многу често се „забегува“ и задолжително има некое промашување од причина што занаетот не е „испечен“ како што треба. Овој стрип не е ништо ново во однос на светската продукција на стрипови. Но, со доволна гордост и самоувереност, тврдам дека како приказната така и цртежот се држат до европските стандарди. Слободно може да се стави покрај „Астерикс“, за кој многумина ќе нè обвинат дека, нели, личи на него, и може без срам да „стои“ покрај него. Со подобри услови на технологија, на пример, да се работеше колорот на “blue print” стрипот ќе изгледаше уште подобро.

  • Дали е ова прв стрип албум, творба на македонски уметници?

Македонија, како држава, постои педесет години но, досега имало само обиди за омасовување на стрип културата. Кога велам обиди, не омаловажувам никого. На пример, тука е Диме Иванов, кој има направено многу стрип – табли, потоа Мацко Ќамиловски кој има најголемо интернационално професионално искуство и кој помогна многу за да излезе овој стрип, како и многу други. На Македонија ѝ треба стрип како израз на мас културата. Тука функционира само „висока“ култура, значи се печатат на пример, дела на Пауло Коељо, но не и на Стивен Кинг. Масовната култура се создава со пожанровска литература, чиј дел е и стрипот. Во однос на стрип културата, Македонија сега се наоѓа во парадоксална ситуација, постои “underground” стрип кој излегуваше во весникот „Лифт“ и кој требаше да биде одговор на некаков “main stream” стрип, кој всушност го нема. Ние немаме ништо против “underground” стрип, но смешно е да нема ниту еден “main stream” стрип (каков што е „Вара“). Тоа е како да имате одговор без прашање.

  • Чиј сон е овој стрип?

Иницијативата е на Љупчо Палевски, кој беше заинтересиран за една моја хумористична приказна која потоа ја претворивме во карикатурална гротеска. Тоа се случи отприлика пред шест месеци, кога се изработи синопсис, а потоа се изработи и сценариото од кое, пак, се оформија ликовите. Тимот се состои од навистина способни луѓе, како што се Зоран Танев, главниот цртач, кој е исклучително талентиран човек и чиј талент треба да се негува на овие простори, потоа тушерот Смиле Цветановски и колорот кој отпрвин планиравме да се изработи компјутерски но, го средивме со колористот Тони Атанасовски (Анастасовски, н.з.), кој направи одлична работа.

  • Што ви беше идејата?

Идејата е на хумористичен начин да се прикаже нашата историја. Историјата е подложна на интервенции од секаков вид, што не мора секогаш да значи нешто лошо. Јас направив спој на две теории, на официјалната историја која вели дека Словените потекнуваат од зад Карпатите, а алтернативната историја, која зборува дека ние никогаш не сме дошле од некакаде туку сме овдешно, домицилно население. Во кратки црти, се работи за група Словени предводени од храбриот Домогој и неговата ќерка Вара кои доаѓаат на Балканот во својата потрага по голема вода покрај која се наоѓа каменот на љубовта кој всушност е аманет од нивниот прадедо Преслав кој живеел на тоа место. (Тука е тој спој на официјалната и алтернативната историја). Сосема случајно доаѓаат во Лихнидос, кој е под византиска власт. Царот на Византија Ираклиј, кој е историска личност, го испраќа супертајниот шпион Страбон во Лихнидос со цел да им го загорчи доаѓањето на Словените и да ги натера да се вратат таму од каде што дошле...

  • Ти се трудиш во приказната да вткаеш историска подлога.

Приказната има голема историска подлога. Ние се служиме со историски личности, како што е на пример царот Ираклиј, Ромеите, значи несловенското население, се вистинити ликови пронајдени во разна литература за Византија. Словените пак, со мали интервенции дека Преслав потекнува од тука е тој микс на двете верзии на историјата. Но, кој може да ни замери?

Ги учиме децата да не бидат „кукумјавки“

  • Во овој стип покрај историјата, се жонглира и со националното чувство, да не кажам национализмот.

Кажи ми што мислиш, на каква публика, стрипот е најомилена литература?

  • На деца и млади.

Замисли преку стрипот да градиш еден победнички дух кај децата. Да им покажуваш дека нивните предци биле бестрашни, биле авантуристи, на некој начин непобедливи. Со тоа им се дава некаква позитивна насока уште од најрана возраст, да не гледаат лошо на фактот што се родени тука и да сфатат дека имаат многу интересна и горда историја. Едноставно да создаваме позитивен мит за сопствената нација. Од тој аспект, стрипот може да се сфати како облик на национализам. Но, таков стрип е и „Астерикс“, на пример, чија приказна е за едно мало галско племе кое се бори против империја од калибар на еден Рим и помалку или повеќе, секогаш победува. „Астерикс“ се јавува по Втората светска војна кога на Франција ѝ треба духовно излекување. Така Астерикс е Гал – јунак (Франција), кој задно со своите пријатели успева да ја задржи слободата на своето племе и да извојува моралната победа над страшната Империја (Германија).

Сепак, ултранационализам, од кој секој интелектуалец би требало да бега, би било кога авторот ќе ја пропагира само алтернативната историја, односно дека ние сме потомци на старите Македонци, што ќе се спротивставува на теоријата за Големата преселба на народите, што инаку е познат историски факт. Јас не бегам во шовинизам туку „играм“ меѓу двете стории. Вистината е секогаш помеѓу, нели?

  • Кај нас до сега во јазикот немаме т.н. стрип – јазик (жаргон). Ти на себе ја преземаш одговорноста преку „Вара“ да „создадеш“ и да го наметнеш тој стрип жаргон, а сепак да ги зачуваш основните јазични норми.

Ние бевме генерација(ии) кои единствен контакт со стрипот можевме да го оствариме преку српскохрватскиот јазик. Денес, за жал, е сè уште така. Ако некој 10-11 годишник сака да прочита стрип мора да научи српски или хрватски. Каква глупост! Во тој поглед на ова јазично прашање, слободно обвинете ме за ултранационализам! Што се однесува до тоа дали „Вара“ ќе се држи до некаков литературен македонски јазик, одговорот е, се разбира, не! Стрипот „Вара каменот на љубовта“ не е т.н. „висока“ литература, па според тоа, жаргонот ќе биде неговиот јазик.

  • На почетокот ми кажа дека стрипот е реализиран без помош на државните институции, односно на министерството за култура. Да не прашувам зошто?

Во последно време на „грб“ на споменатото министерство се закачија многу „крвопии“ со доста убедлив став дека нивните проекти ја заслужуваат нивната финансиска помош. Но, не само што тие проекти се лоши, туку се и недоходовни. Јас, на пример, во последно време не забележав дека некој филм финансиран од министерството заработи одредена сума на пари...

Затоа, ние одлучивме да си го заштедиме времето и финансискиот проблем да го решиме како знаеме и умееме. Љупчо Палевски е човек кој има идеја да остави нешто зад себе во поглед на уметноста и тој е човекот кој ја финансира својата идеја. Така, сега имаме стрип од педесет табли, full color, што исто како и стандардното издание на „Астерикс“. Планираме и второ, трето и четврто продолжение, а ако е сè во ред, односно ако постои заинтересираност кај публиката, тогаш ќе продолжиме и понатаму.

[1] Иако е најавен како прв македонски стрип албум, сепак би требало да се спомне дека и претходно, во рамки на поранешна Југославија, се објавувани стрипови на македонски автори, меѓу кои стриповите од едицијата „Никад робом“, дел од кои што беа прикажани и на овој блог.
[2] Интервјуто е скенирано од Никола Темков и е преземено од форумот Макстрип (врска), а од страна на авторот на блогот, од слика е конвертирано во текст.

Tuesday, January 14, 2014

Бел Стар

Некаде на почетокот од деведесетите години на минатиот век, во ревијата Макстрип, за прв пат во мојот т.н. живот прочитав стрип од македонски автор. Беше тоа стрип со преубавата шерифка Бел Стар, а впечатокот кој што тогаш ова дело го остави кај мене, е прилично свеж и ден денес, по повеќе од две декади.

Бел Стар, објавен во Макстрип

Бел Стар е стрип илустриран  од еден од нашите најдобри стрип автори Љупчо Филипов[1][2] по текст на Лес Лили. Откако ја исчитав епизодата, моите во тоа време детски очи сосема случајно го забележаа името на илустраторот. Македонско име, си помислив, но дали е можно?

Стрипот изгледаше преубаво. Исто како што немаше да ми изгледа веројатно дека „Бетмен“ е македонски филм, ми беше тешко да поверувам дека овој стрип е дело на македонски автор. Мислев дека поскоро се работи за некаква грешка.

Љупчо Филипов

Дотогаш имав исчитано италијански, француско-белгиски, американски стрипови, но не и македонски, па имав некое предубедување дека Македонците не ги бидува за стрип. Но Љупчо Филипов и неговата Бел Стар, за среќа, навреме ми ги исправија и проширија погледите во врска со ова.

[1] Љубомир Филиповски, Википедија
[2] Љупчо Филипов 1947-2000. Легенда на македонскиот стрип, можеби најплодниот стрип автор во историјата на Македонија, кој за жал веке не е меѓу нас. По него е именувана и наградата што се доделува секоја година на “Салонот за стрип” во Велес.
Роден е во 1947 г. во Скопје. Неговите кратки стрипови и илустрации се објавувани во многу стрип списанија и магазини во Македонија и на поранешните Ју простори, меѓу кои сараевскиот “Strip Art”, “Мак Стрип”, “Стрип Забавник”, “Nikad Robom”, македонски “Стрип Арт” и др. Во соработка со Ервин Рустемагиќ (сопственикот на Strip Art Features - SAF) има нацртано и објавено повеке стрипови, меѓу кои и неколку епизоди на “Veliki Blek” и “Lun Kralj Ponoci”. Познат е и по неговиот авторски стрип “Вили Вилд”. Има работено и стрипови за англиски и американски издавачи, од кои најпознат му е “Belle Tristar”... Исто така има изработено доста детски илустрации за сликовници и книги за скоро сите издавачки куќи од Македонија... Во последните години од животот се има пробано и во полето на анимацијата, а овде го паметиме по анимираниот филм за деца “Саки од Саканија”,Темник, Макстрип

Wednesday, June 12, 2013

Стрипови за личности од македонската историја

На 22 февруари оваа година напишав дека „ако денес тоа се прави преку споменици, пред половина век присеќавањето на македонската историја се изразувало преку стрип“[1]  и оп, по неполни два месеци, на почетокот од април, беше објавен стрипот за Александар III Македонски [2].

Автор на сценариото на овој стрип албум, правен според текст на Ниче Димовски, е Оливер Ромевски, цртежот е на Зоран Танев, колорот на Тони Анастасовски, а дизајнот е на Александар Николовски.[2]


Неодамна дознав дека освен овој стрип за Александар III Македонски, веќе три години се објавува стрип каиш за уште една личност од македонскта историја - Марко Крале. 

Авторката на тој стрип вели:

“Сметам дека е многу важно нашата историја да биде обработена, како младите би имале увид во нашата историја и воопшто во Марко Крале.“[3]

Но ако мислите дека авторката на стрипот за Марко Крале, под  „нашата историја“ мисли на историјата на Македонија, се лажете.  Седумнаесет годишната стрип-авторка Невена Митровиќ не е од Македонија, а од Србија.

Секоја чест за неа, а на нас останува да извлечеме поука.
 
[1] Карпош - стрип, I, Macedonian, 22 февруари 2013
[2] Стрип албум за Александар Македонски, MN.mk, 03 Април 2013: „Издаден е нов стрип албум кoј e продуциран од "Del Rio Films". Базичниот  текст на Ниче Димовски-Македон е адаптиран од Оливер Ромески, цртежот е на Зоран Танев, бојата е на Тони Анастасовски, а дизајнот и монтажата се на Александар Николовски. Изданието го обработува животот на Александар од неговото раѓање до битката на Хиронеја кога имал 16 години. 50 страни боја, а ќе се продава на сите попристојни продажни места низ Македонија. За животот на Александар Велики-Македонски се планира да се направат  уште две стрип изданија.“
[3] Avanture Marka Kraljevića u stripu, RTS.rs, 8 февруари 2013: „Smatram da je to veoma bitno za našu istoriju da se obradi, kako bi mladi više imali uvid u našu istoriju i Marka Kraljevića uopšte“

Sunday, June 17, 2012

Вулверин - Македонец!?

На блогот Dresdencodak, блогерот Арон Дијаз (Aaron Diaz) има направено повеќе алтернативни концепти и предистории за стриповски херои, меѓу кои се и хероите од X-Men (инфо: Nesomai, Македонски стрипови FB група).

За македонските вљубеници во стрипот ова можеби ќе побуди интерес и без да има некоја особена поврзаност со нашата татковина Македонија.

Сепак за просечниот Македонец, веројатно би било интересно пред сè поради тоа што во овој алтернативен концепт на X-Men, Логан „Вулверин“ (Wolverine, во филмовите толкуван од Хју Џекмен) е претставен како родум од Македонија (Macedon).

Во текстот пишува и дека тој е стар околу 2500 години (времето пред Александар III Македонски), дека е најпрвиот мутант од сите, како и тоа дека е создаден директно од боголики вонземски битија (Celestials - godlike alien beings).

"Born in Macedon 2,500 years ago, Logan was the very first mutant, directly mutated by the Celestials along with three other subjects. "

Хммм, не знам за вас, но мене делот со „пред 2500 години“ премногу ме потсетува на сега веќе знаменитата реченица „Само сонцето е постаро од Македонија“. А делот дека бил создаден од „боголики вонземјански битија“ (Celestials - godlike alien beings) ме потсетува на контроверзното видео во кое што наводно Господ го создава првиот човек - Македонец.

Во текстот за алтернативната предисторија на X-Men исто така пишува дека Логан "Вулверин" е професор по историја. Иако и самото место на раѓање, Македонија, е доволен показател сам по себе, сепак, и ова повлекува паралела помеѓу замислениот од Арон Дијаз "Вулверин" од една страна, и денешна Македонија во која поради склоп на околности невозможно е човек да побегне од историјата и минатото од друга страна.

Понатаму во текстот пишува дека Логан "Вулверин" има проблеми со меморијата (амнезија) и не се сеќава на тоа кои се неговите корени, ниту пак колку е стар.

"Logan now no longer knows how old he is or what his origins really are, only that he is centuries old. In recent years, Xavier has aided Logan in recovering some of his memories..."

И ова повлекува интересна паралела помеѓу овој алтернативен "Вулверин" и денешна Македонија во која што заборавеното античко минато, како и некои личности од подоцнежните периоди игнорирани за време на бивша Југославија, повторно си го добиваат заслуженото место во колективната меморија на Македонецот.

На сајтот newsarama.com на кој што овие слики и концепти за алтернативниот X-Men свет беа реобјавени, беше порачано:


"The X-Men Reboot I’d Love To See. I know that Marvel keeps saying that they’re not going to reboot the universe after Avengers vs. X-Men, but if they were…? They should go with Aaron Diaz’ amazing reboot idea."

(„X-Men рестарт кој би сакал да го видам. Знам дека од Марвел постојано велат дека нема да го рестартираат универзумот по Avengers vs. X-Men, но ако сепак го рестартираат...? Треба тоа да го направат тоа според неверојатната идеја на Арон Дијаз.“)

Од сајтот io9.com на кој што овој концепт за X-Men исто така беше пренесен, порачуваат:

"Hey Marvel, make this X-Men reboot a reality"

(„Еј, Марвел, направете го реалност овој X-Men рестарт“)

Епа ајде и ние од Македонија да им се придружиме во апелот.

Кога веќе сме кај стриповските херои со хипотетичко македонско потекло, може да се спомне дека блогерот Развигор (Филип Стојановски) во статијата со наслов Фиктивни, а славни (можни) Македонци? (24.03.08) го споделува своето мислење за веројатноста стрип хероината Модести Блејз да е Македонка од Егејска Македонија:

„Модести Блејз, чија приказна започнува со:

„Во 1945 година безимено девојче избегало од бегалскиот камп во Калирос, Грција. Таа не се сеќавала на ништо од своето кусо минато. Талкала низ повоените медитерански и арапски региони. Во текот на тие години го научила грубиот начин на преживување.“

Дете-бегалец од Грција, со избришано сеќавање на минатото - звучи сосем егејски...“

Исто така овде може да се спомне и бугарската шега, на наша сметка, за македонското потекло на можеби најпознатиот маскиран супер херој - Бетмен.

Според оваа шега, стрипскиот лик Бетмен (Batman во буквален превод од англиски е Лилјак човек) е родум од градот Прилеп (во превод од бугарски на македонски јазик зборот „прилеп“ значи лилјак):

„Македонски учени са установили, че Батман е македонец, родом от Прилеп.“

(„Македонските научници открија дека Бетмен е Македонец, родум од Прилеп.“).

Оваа како и слични на неа реченици со истата шега, можат да се најдат на повеќе места на Интернет.

Thursday, June 14, 2012

Македонски супер херои

На Интернет порталот Курир (четврток, 07 Јуни 2012 11:16) беше објавена статија со насловот „На Балканот само Македонија нема супер херој“.

Во врска со оваа статија неколку мои пријатели прокоментираа дека Македонија има доволно вистински историски херои, па измислени не и се ни потребни. Но сепак ова тврдење на Курир не е ни приближно точно. Македонски автори, како што подолу ќе биде презентирано, имаат креирано поголем број на измислени ликови, дел од кои што и можат да бидат наречени „македонски супер херои“.

Еден таков лик e Алшар, креиран од Стефан Коцевски (цртеж) и Бруно Велјановски (приказна). Името на овој лик е според истоимениот македонски рудник во кој што може да се најде реткиот минерал Лорандит.

Со овој лик тие учествуваа на talenthouse конкурс на Стен Ли за избор на нов супер херој, а од порталот Inpess го претставија Алшар како „Македонски суперхерој...“.

Ајвармен е лик креиран од страна на македонскиот стрип сценарист Давор Драмиќанин и македонскиот илустратор Игор Јовчевски. За разлика од претходниот лик, Ајвармен, освен како илустрација се појавува и во форма на стрип во стрип-магазинот „Креатор“ (епизода 1) и во првиот број на промотивниот стрип магазин „Синдром“ (епизода 3, стр. 9-12).

Втората епизода од стрипот со овој лик освои награда на Меѓународниот салон на стрип во Белград, Србија во 2007 година. Во врска со ова, весникот Вест му посвети статија со наслов „Македонскиот суперхерој Ајвармен доби награда“.

Во оваа листа секако влегува и супер херојот Супер Тоше, лик (и стрип) креиран од Оливер Ромевски и Зоран Танев врз база на македонскиот пејач Тоше Проески.

Во врска со овој стрип од Утрински весник (Катерина Шекеровска) ќе напишат „...суперхерој во стрип - Супер Тоше.

(надополнето) Најмакедонски од македонските супер херои веројатно е Капетан Канго. Овој лик е креиран од македонскиот стрип автор и илустратор Тхе Мичо, а освен како цртеж се појавува и во две епизоди од стрип каишот - Волшебното катче на Цане (епизода 34 и епизода 35)

Како што видовте, сепак, и Македонија имала супер херои, а има и уште многу други супер херои кои можеби немаат некоја особена поврзаност со Македонија за да се наречат „македонски“, но сепак се креирани од Македонци. Такви се на пример: Саба (Весна Ничевска Саравинова), Optimist (Давор Драмиќанин, Bane the Jester) Ultra Hiper Man (Здравко Гиров...) и многу други.

Friday, March 16, 2012

Modus Vivendi

Од штотуку исчитаната последна страна на стрипот Modus Vivendi, она што јас го имам како првичен впечаток е дека во рацете држев документ - длабока уметничка исповед на авторот, кој на специфичен начин успеал да ги долови своите лични доживувања, нагони, желби и стравови.

Наместо да ја продолжува низата на потчинување на некои веќе утврдени стандарди и очекувани клишеа, овој стрип е практичен пример за ослободено од секакви граници, преточување на нечиј душевен свет во логичната низа на текст и цртежи.

Авторот преку надреалистички поетичен наратив, симболизам и доза на театричност, под бледата светлина на ноќните ѕвезди и закопаната месечина, ја оголува својата душа и ни ја соопштува својата лична внатрешна потрага.

Преку овој стрип тој покренува низа прашања, а наместо нивните одговори да ни ги понуди сервирани на некоја страна, не поттикнува сите ние да ја раздвижиме имагинацијата и да дадеме наш индивидуален одговор на секое од нив.

И за разлика од многу други, Modus Vivendi не цели кон импресионирање туку кон воспоставување на искрена двонасочна комуникација со читателот кој како сведок директно зема учество во сите случувања од имагинативниот свет на разновидни емоции.

Автор на стрипот Modus Vivendi e Дарко Богданов, а вие доколку сакате да се нурнете во оваа раскажана од него мрачна приказна исполнета со ѓаволии и призрачни сенки, посетете ја продавницата за стрипови - Бункер и купете го.

Thursday, February 10, 2011

Ozymandias

И покрај тоа што карактерот на Роршах, односно неговата бескомпромисност во овие моменти е поважна за нас Македонците, сепак поголема поврзаност имаме со ликот Адријан Вајт* (Adrian Veidt) односно Озимандијас** (Ozymandias) кој исто како и ние го идолизира Александар III Македонски.

Јасно е дека карактерот на Озимандијас во голема мера е инспириран од оној на Александар III Македонски. На почетокот на единаесетата епизода (стр. 8) Озимандијас вели дека иако со парите наследени од своите родители можел да живее луксузно тој сепак решил сè да прави сам. Од историјата знаеме дека Александар III Македонски на секоја нова победа на неговиот татко Филип, наместо да се радува, тој жалел велејки дека нема да остане ниедна земја која ќе може тој да ја освои откако ќе го наследи тронот на Македонија. И за Александар и за Адријан водителка во животот е желбата не да живеат во луксус туку да остават своја трага во историјата.

На истата осма страна Озимандијас вели дека единствениот човек со којшто чувствува поврзаност умрел триста години пред раѓањето на Исус Христос и се викал Александар III Македонски (Alexander of Macedonia). Овој негов говор се засилува од слика на Александар во позадина и скулптура која веројатно е Ника од Самотраки (Nike of Samothrace) или нејзина копија. Скулптурата (денес се наоѓа во Лувр) и била направена во чест на поморска победа на Македонците ***.

Понатаму Озимандијас раскажува како го поминал пеш патот по којшто Александар III Македонски го освојувал тогаш познатиот свет.

Во еден панел од единаесетата епизода (стр. 22) може да се забележи оклоп украсен со две осумкраки сонца, кој неверојатно многу потсетува на оклопот на Александар III Македонски (во битката против Дариј, 333 п.н.е.) прикажан на мозаик во Помпеја. Знаејки дека сценаристот Алан Мур многу внимавал на деталите нема зошто да се сомневаме дека во паралелната реалност во којашто стрипот егзистира тоа и навистина е оклопот на славниот војсководач.

На страниците 4, 15 и 27 од истата единаесета епизода на еден од ѕидовите може да се забележи слика на којашто е прикажана сцената на Александар III Македонски и Гордиовиот јазол (Gordian Knot). Гордиевиот јазол е споменуван многукратно и во претходните епизоди. Во третата епизода (стр. 7, 8, 10) на комбето и на работната униформа на мајсторот којшто ја поправа вратата на Ден Драјберг е испишано името на фирмата: гордиев јазол (Gordian Knot).

Во истата трета епизода (стр. 15) кога Доктор Менхетен (Dr. Manhattan) е обвинет дека е причина за болест на неколкумина од неговото опкружување, кабелот на микрофонот на еден од новинарите е заплеткан во вид на јазол. На претходниот панел на еден плакат може да се види дел од името на Озимандијас (V. dias) со што јасно се става до знаење кој стои зад сето тоа.

Во епизода 5 (стр. 3 и 23), бравата на Молох (Moloch) го носи називот на истата компанијата Gordian Knot, што е уште еден знак којшто не упатува кон вистината уште пред таа експлицитно да ни биде соопштена.

Веројатно добар дел од вас имаат слушнато за Гордиевиот јазол, а за оние што не знаат еве краткот текст според пишувањата на Путарх за животот на Александар:

"Во 333 година п.н.е. во градот Гордиум, гласник му кажал на Александар дека таму постои јазол кој досега никој не го одврзал, а според верувањата, оној кој тоа ќе го стори ќе го освои светот. Александар, израдуван од можноста што му се нуди, веднаш отишол на тоа место. Откако добро го разгледал јазолот и увидел дека штом никој не го одврзал на конвенционален начин, па нема да може и тој, го извлекол мечот и отсекол еден дел од него при што јазолот се отплеткал и се појавиле повеќе краеви. Убеден во веродостојноста на пророштвото тој го продолжи походот."

Но каква е симболиката на Гордиевиот јазол? Tоа е метафора за голема задача/проблем решен на нов, нестандарден начин, со решителен удар. Откако најпаментиот човек на светот - Озимандијас осознава дека да се биде најпаметен човек во свет кој е уништен од нуклеарно оружје не значи ништо, решава да ги преземе работите во свои раце. Поврзаноста на Гордиевиот јазол со овој стрип односно со Озимандијас е дека тој на нестандарден начин со решителен удар го решава (се обидува да го реши) проблемот за опстанокот на светот.

Во последната дванаесета епизода (стр. 19) повторно е прикажана сликата со Александар и Гордиевиот јазол. Во истиот тој панел Озимандијас вели "I did it" (успеав). Сликата во овој случај е еден вид на ехо. Александар и Озимандијас на ист нестандарден начин надвор од рамката, решаваат проблем кој секој друг би пробал да го реши поинаку, би пробал и не би успеал.

И самиот костим на Озимандијас (околу вратот и на рацете) е украсен со симболот сонце. Во случајов можеби и не се работи за поврзаност со македонското сонце, туку со египетскиот симбол на богот Амон Ра (бог на сонцето), но и тогаш поврзаноста со Александар Македонски стои. Александар во 332/331 година п.н.е. го освоил Египет и од свештениците бил прогласен за син на Амон Ра и бог на земјата.

И тајната база на Озимандијас на Антарктикот на многу места е украсена со орнаменти кои наликуваат на сончеви зраци.

Бојата на костимот на Озимандијас е златна и пурпурна. Пупурна е бојата на благородништвото и кралевите (освен костимот, пурпурно е и неговото сако). Се смета дека тоа била и бојата на македонските кралеви. Интересно е и што првата христијанка во Европа, односно Македонката Лидија тргувала токму со пурпурна ткаенина****. Златото пак е симбол на богатство и во антиката, а и денес. Освен тоа златната е најблиска боја до онаа на сонцето.

На главата Озимандијас како дел од костимот има златен обрач, што веројатно е стилизирана античка македонска дијадема (без златните дабови листови).

Озимандијас поседува генетски модифициран рис. Знаеме дека лавовите едно време живееле на овие простори. Од Македонците биле исклучително почитувани. Прикажани се на мозаици, монети и други артефакти од античко време. Според Плутарх македонските кралеви повеќе сакале да се китат со нивните кожи одошто со злато. Денес во Македонија не живеат лавови, но по шумите сеуште ги има нивните роднини рисовите, или како што еден мој пријател ги нарекува - горските лавчиња.

Контрапункт на Озимандијас во стрипот е NiteOwl. Иако и двајцата имаат исти цели, сепак идејата како да ги постигнат им е сосема различна. Карактерно едниот е повлечен, просечен граѓанин, а другиот ексцентричен мегаломан. Спротивни се како ден и ноќ, па и според симболот којшто го имаат - едниот сонце, а другиот месечина.






*Тој потекнува од родители - германски емигранти, а и самото презиме Veidt е германско. На германски јазик V се изговара како Ф. Според ова неговото презиме би требало да се изговара како Фајт, но сепак во филмот (а и општо за англојазичното говорно подрачје) се чини дека презимето е американизирно и е прифатено да се изговара како Вајт (англиското изговарање на буквата V).

**Името Озимандијас е старогрчки превод на (дел од) името на египетскиот фараон Рамзес Велики (Рамзес II). Многупати во стрипот се среќава симболот пирамида којшто недвосмислено укажува дека зад тие настани стои токму ликот на Озимандијас.

Озимандијас е и сонет од англискиот поет Перси Шели. Крајот на единаесетата епизода завршува со цитат токму од оваа песна: "My name is Ozymandias, king of kings: Look on my works, ye Mighty, and despair!"

***Се смета дека е направена во 190 година п.н.е. Божицата Ника се среќава и на многу македонски артефакти и на македонски монети меѓу кои и на Александар III Македонски. Нешто повеќе за поврзаноста на Александар и Македонците со божицата Ника можете да прочитате на овој ЛИНК.

****Paul and his companions met those women, some of whom formed the nucleus of the church of PhiIippi. Their leader was Lydia, a native of Thyatira, who traded in the purple dye, manufactured from the juice of the madder root, for which her native region had long been famed. - St. Paul in Macedonia - F. F. Bruce

Saturday, February 05, 2011

Watchmen - ликови

Watchmen е сместен во реалност поинаква од нашата. Таа реалност ја прави различна појавата на маскираните херои во САД.

Главните ликови во стрипот се прикажани колку што е можно поуверливо. Прикажано е нивното минато и секојдневните проблеми со кои и обичниот човек се соочува. Тие делуваат вистински во тој свет во којшто во стриповите наместо суперхероите коишто се секојдневна појава можат да се прочитаат приказни за егзотичните пирати.

Комедијантот (The Comedian) - Едвард/Еди Блејк (Edward Blake)

Во литературата лик којшто е мртов уште на почетокот на делото тешко може да се очекува дека би бил меѓу главните ликови. Но таков не е случајот со Еди Блејк во Wachmen. Тој е еден од првите маскирани херои. По усвојувањето на законот на Кин (Keene act) во 1977 година, под закрила на владата на САД, единствено нему и на Доктор Менхетен им е дозволено да продолжат со работата.

Беџот со смајлито којшто се јавува на повеќе места во стрипот е негов. Заедно со часовникот претставува најпрепознатлив симбол и на самиот стрип.

Роршах (Rorschach) - Волтер Џозеф Ковакс (Walter Joseph Kovacs)

Во шарениот свет на Watchmen, во којшто нема апсолутно добри или апсолутно лоши карактери Роршах е најблиску до црно-бел. Неговото име е инспирирано од тестот роршах, креиран од швајцарскиот психолог Херман Роршах (Hermann Rorschach). Самиот тест (симетрични дамки мастило) се гледа и на неговата маска.

За разлика од останите маскирани суперхерои за него маската не е претпазна мерка за да не се открие неговиот вистински идентитет туку таа е неговиот вистински идентитет. По една неуспешна мисија и неисполнето ветување Ковакс станува маска за Роршах.

Nite Owl - Даниел Драјберг (Daniel Dreiberg)

Даниел го презема карактерот на Nite Owl со дозвола од првиот Nite Owl - Холис Мејсон (Hollis Mason) по неговото пензионирање. Холис е херој за него и со парите кои ги наследува од неговиот богат татко одлучува да стане маскиран херој. На крајот дури и го зема името на Холис Мејсон за свое презиме (Сем Холис).

Ликот на Nite Owl во многу нешта потсетува на оној на Бетмен. Интересно е тоа што Дејв Гибонс го креира првиот Nite Owl на 14 годишна возраст и во голема мера постетува на Робин.

Silk Spectre - Лори Јуспечик (Laurie Juspeczyk)

Лори е втората Silk Spectre и станува маскиран херој поради инсистирање на нејзината мајка. Таа е единствената врска на Доктор Менхетен со земјата и луѓето. Ако Тројанската војна се водела заради убавата Елена, во Watchmen опасноста за уништувањето на светот станува веројатно заради тоа што Лори раскинува со Доктор Менхетен.

Инаку интересно е што суфиксот во полските презимиња -czyk, значи "мала" или "син/ќерка на". Таа навистина е по потекло од Полска и е ќерка на првата Silk Spectre Сели Јупитер (Sally Jupiter). Колку само е посветено внимание на деталите.

Д-р Менхетен (Dr. Manhattan) - Д-р Џонатан/Џон Остерман (Dr. Jonathan Osterman)

Доктор Менхетен е единствениот херој во стрипот којшто поседува надчовечки супер моќи. Самото име Остерман (герм. Ostern, анг. Easter) значи велигден (човек) и најверојатно го добива поради тоа што и тој како Исус воскреснува од мртвите.

Тој е најблиското нешто до бог и е виртуелно семоќен. Реалноста којашто тој ја перцепира е различна од нашата, нештата ги гледа на субтомско ниво. Ја доживува сегашноста, минатото и идината во исто време, а таква е и нарацијата во стрипот.

Во неговиот случај може да се каже дека не важи сентенцата дека облеката не го прави човекот. Како што неговата херојска униформа станува пооскудна така тој се повеќе се алиенира од светот и луѓето.

Wednesday, February 02, 2011

Watchmen

Читајки книга или гледајки филм сигурно не еднаш сте го имале чувството дека доколку само малку го промените ова или она, ако тој лик бил малку поинаков, а наместото на овој бил некој друг, делото би било многукратно подобро. Е тоа чувство ќе го немате читајки го Watchmen - еден од најкултните стрипови на сите времиња.

Иако знаев за стрипот сепак долго време одбивав да го прочитам. Мислев дека се работи за некоја млака претерано комерцијална верзија на Бетмен или Супермен. Нешто во стил стави што повеќе суперхерои за да кешираш што повеќе пари. Во тоа време не ни можев да замислам дека темата суперхерои може да се изврти за 180 степени и од неа да излезе нешто поубаво и од појдовната точка.

Watchman е стрип во 12 епизоди кој излегува од септември 1986 до октомври 1987 година од издавачката куќа DC Comics. Автори на стрипот се: текст Алан Мур (Alan Moore) арт Дејв Гибонс (Dave Gibbons) и колор Џон Хигинс (John Higgins)

Насловот на стрипот Watchmen е игра со зборови која има повеќе значења. Глаголот "Watch" на англиски значи "заштитува" (пази), со што насловот би можел да значи луѓе кои не пазат - пазители (заштитници). На повеќе места во стрипот се среќава графитот "Who is watching the Watchmen?" (Кој ги пази пазителите?)*. Второто значење на зборот "Watch" како глагол е "гледа". Според тоа може да се направи паралела меѓу главните херои и Големиот Брат (Big Brother) на Џорџ Орвел. Алан Мур за првпат почнува да работи на создавањето на ова дело токму во 1984 година, што е и наслов на орвеловиот роман.

Од друга страна доколку "Watch" се однесува на именка, тогаш на македонски се преведува како часовник. На многу места во стрипот е прикажан часовникот чии стрелки покажуваат неколку минути до пред полноќ. На многу места во стрипот се создава и паранојата дека на светот му претстои опасноста од нуклеарно војна помеѓу двата блока. Часовникот во овој случај ја претставува и таа опасност од нуклеарно уништување.

Но со митологијата на насловот не се престанува овде. Часовникот е прикажан на многу места. Роршах (Rorschach) на неколку пати гледа во својот рачен часовникот (пример епизода 1, стр. 4). Исто е и со Ден Драјберг (Daniel Dreiberg) при посетата на Холис Мејсон (Hollis Mason) во епизода 1, стр. 9, кога забележува дека е речиси полноќ (преносно светот е на неколку минути од нуклеарно уништување). Жолтиот часовник се забележува и во епизода 2 (стр. 9), кога хероите разговаарат... Мотивот полноќ преку стихови од песна на Боб Дилан е прикажан на крајот од првата епизода**.

Еден од главите херои - Доктор Менхетен (Doctor Manhattan) е прикажан како син на саатчија кој сакал да го наследи во занаетот, но поради фрлањето на атомската бомба на инсистирање на својот татко станал физичар (бомбардерот Enola Gay кој ја фрлил атомската бомба Little boy може да се заблежат на плакат). На крајот од четвртата епизода е спомнат и цитат од Ајнштајн во врска со атомската бомба и саатчија.***

Доктор Мехетен станува суштество моќно како бог благодарение на тоа што го заборава часовникот којшто го поправа на неговата колешка и идна сопруга, којшто бил згазнат од дебел човек, откако паднал (епизода 4).

Исто како и неговиот наслов и стрипот е поделен на повеќе нивоа. Приказната не е линеарна, а е исполнета со нарации коишто се измешани во времето. Има приказна во приказна и мноштво скриени пораки. Постојано има навраќања во минатото, претскажувања за иднината и различна сегашноста којашто секој од карактерите ја гледа со други очи. Секој херој има различно гледиште за настаните и за она што тој го смета за вистина, а некои од прашањата дури и на крајот остануваат неодговорени.

Во сценариото на Алан Мур се опишуваат и најмалите детали. Дури и нешта кои се појавуваат во позадина и кои изгледаат тривијално сепак имаат значење за приказната. Понекогаш делуваат како клуч, понекогаш како ехо.

Дали ќе се видат тие скриени пораки кои авторите ни ги оставаат зависи од интелектот на оној што ги чита. Како што рекол Гете човек го гледа само она што го знае (Man sieht nur, was man weiß). Доколку некој никогаш не прочитал ништо од Ниче тогаш невозножно е да забележи дека Алан Мур намерно користи негова малку изменета мисла во епизода 5 (стр. 12) ****

Доколку го нема гледано "The day that Earth sood still" нема да знае зошто во тој дел од дванаесетта епизода (стр. 1, 8) токму тој филм се прикажува на кино. Доколку не ја знае историјата на нацистичка Германија нема да може со плакатот (епизода 12, стр 2) на којшто е испишано Krystalnacht (кристална ноќ) да направи паралела со случувањата во тој дел од стрипот.

Во истата епизода (стр. 1, 2), на неколку плакатите во позадина е испишано "Pale horse" (блед коњ). Доколку не се знае значењето на тој симбол, плакатот ќе делува само како случајна сценографија, но доколку се знае дека во Библијата смртта е опишана како јава на блед коњ***** тоа неминовно го засилува впечатокот на сцената, придонесува за повеќеслојност на приказната и одѕвонува како ехо.

Списокот на скриени пораки е доста долг. Ако треба да ја спомнам секоја ќе треба да го триплирам овој блогпост, а сигурно има уште многу кои не сум ги ни забележал. Стрипот не е наменет да се чита само еднаш, а со секое наредно читање да се открива нешто ново и претходно незабележано.

Всушност и сите овие детали го прават стрипот интелектуално искуство за потсетување на некои работи што ги знаеме, нивно доживување на поинаков начин, но и за учење на некои нови. Секоја епизода завршува со цитат. Признавам дека повеќето за првпат слушнав ги при читањето на овој стрип. Некои дури и ме натераа да побарам и научам нешто повеќе за нив.

Стрипот повторно е издаден во луксузно издание со нов колор повторно од Џон Хигинс во 2005 година (Absolute Watchman). За помрзеливите постои и Watchmen Motion Comic, но сепак доживувањето при читањето на стрипот е сосема различно. Watchmen е измислен специјално за медиумот наречен стрип. Ако во школите се учеше стрип тогаш ова без сомнение ќе беше задолжителна лектира.

Во Македонија Watchmen стана релативно попопуларен благодарение на филмот Watchmen (2009 година) поточно благодарение на една од репликите на еден од главните херои во која вели се спомнува Александар кралот на Македонија. Но за тоа повеќе во некој нареден пост.

*Quis custodiet ipsos custodes? (лат) - Juvenal (римски поет)

**At midnight all the agents and the superhuman crew, come out and round up everyone that knows more than they do - Desolation Row - Bob Dylan

***The release of atom power has changed everything except our way of thinking... Тhe solution to this problem lies in the heart of mankind. If only I had known, I should have become a watchmaker.

****Во петта епизода, страна 12 зборовите на морнарот се модифицирана верзија на мислата на Ниче: "And if you gaze for long into an abyss, the abyss gazes also into you".

*****Revelation 6:8 I looked, and there before me was a pale horse! Its rider was named Death, and Hades was following close behind him. They were given power over a fourth of the earth to kill by sword, famine and plague, and by the wild beasts of the earth.

Tuesday, January 25, 2011

Axa

Во последниов период се вратив на мојата стара љубов стриповите. Исчитав можеби стотина. Веројатно многумина ќе речат дека подобро ќе сум си поминел ако сум отишол во стриптиз бар. Веројатно е така, па сепак би сакал да раскажам нешто за еден од моите омилени стрип ликови.

Акса (Axa) е лик од истоимениот стрип на авторите Дон Авенел (Donne Avenell) и Енрике Ромеро (Enrique Romero). Објавуван е во британскиот весник The Sun од 1978 до 1986 година, како дневен стрип каиш во три (поретко два) панели. Тоа и ги објаснува нарациите кои читајки ја Акса во стрип албум изгледаат излишни. Откако The Sun ненадејно престанува со издавањето на Акса, осумнаесетата епизода со ироничен наслов The Betrayed останува незавршена. Во форма на стрип албум во 9 броја, Акса е издадена од американскиот Ken Pierce Books. Постои и Акса колор албум издаден во 1985 година. Стриповите се објавувани во над 20 земји. За прв пат на македонски јазик со епизодата The Mobile, Акса се појавува во Илустриран Забавник (средина на деведесетите) преку кој и јас се запознав со неа.

Јасно е дека секс симболот Брижит Бардо е инспирацијата за физичкиот изглед на главната хероина од стрипов. Акса е преубава, но исто така е добра и со мечот - и мора да биде. Ако Акса е убавицата, што секако дека е, тогаш светот којшто ја опкружува е ѕверот. Каде и да оди нејзе постојано ја следат опасности и непријатности, но сепак таа ужива во животот и не пропушта ниту една прилика да го покаже своето голо тело. И има што да покаже, Ромеро завршил одлична работа цртајки ја, сепак дури и кога се разголува тоа никогаш не е вулгарно. Нејзината голотија е само врвот на сантата мраз, читајки го стрипот ја сфаќате неговата повеќеслојност. На пример во првата епизода, кога ја кине својата облека, тоа го прави за да покаже желба за слобода и непокорност кон системот.

Постапокалиптичниот свет во којшто Акса живее е последица на фикционен воен конфликт кој се одвивал кон крајот на дваесетиот век и којшто од тогашната цивилизација оставил пустош. Ајнштајн рекол: „Не знам со какво оружје ќе биде водена третата светска војна, но знам дека четвртата ќе биде водена со дрва и камења“. За оружјето со кое се водела третата светска војна во стрипов и кое го разурнало светот на Акса сепак знаеме, што во тој поглед не прави попаметни од славниот физичар. Прво било употребено биолошко оружје, а потоа следувале атомските бомби. Сценарио слушнато многупати и сценарио кое за жал навистина му се заканува на светот во реалноста. Дон Авенел има напишано дека се надева оти Акса ќе се објавува засекогаш или барем се додека светот не го стигне ужасното предвидување за холокаустот. Јас пак се надевам дека ако предвидувањето се исполни, постапокалиптичниот свет кој ќе следува нема да биде лишен од Акса.

Орудијата којшто нам ни се познати во стрипот се прикажани како ретки археолошки наоди и реликти. Авторите неретко не потсетуваат за тоа и вината за разурнатиот свет од иднината ни ја префлаат нам, на како што сме наречени: „старите луѓе“. Но случувањата во стрипот освен како резултат, се и рефлексија на случувањата денес. Иако се одвиваат во 2080 година, јасно се гледа паралелата, односно критиката за денешниот човек во реалноста. Во првата епизода кога Акса едвај спасува жива глава, на тоа што средните луѓе се згрозуваат од нејзината голотија, таа возвраќа: „Некој штотуку се обиде да ме убие, а сè за што вие се грижите е дека сум гола“. Така е и во реалноста, се грижиме која музичка или филмска ѕвезда со кого спиела, а не гледаме дека илјадници деца секојдневно умираат од глад.

Да, можеби е многу подобро да се отиде во стриптиз бар одошто да се прочита некој стрип, ама не и кога се работи за стриповите со прекрасната хероина Акса.

Ken Pierce Books (US):

1. The Beginning, the Chosen (1981)
2. The Desired (1982)
3. The Brave, The Gambler (1983)
4. The Earthbound, the Tempted (1983)
5. The Eager, The Carefree (1984)
6. The Dwarfed, The Untamed (1984)
7. The Mobile, The Unmasked (1985)
8. The Castaway, the Seeker (1986)
9. The Escapist, The Starstruck, The Betrayed (1988)

- Axa Color Album (1985)

Eclipse Comics (US):

За разлика од претходните изданија во овие сценарист не е Дон Авенел , туку Чак Диксон (Chuck Dixon) а колорист е Маркус Дејвид (Marcus David)

1. Axa - The Adopted (April 1, 1987)
2. Axa - The Donor (August 1, 1987)

Во втората епизода е најавено продолжение односно трета епизода со наслов The Rebel, која не се појавува.

2000AD Showcase (4, 5):

- Axa - Island of Noah (1992)
- Axa - The Lethal Hive (1992)

Magnum (Sweden):

- Axa (?)