Wednesday, February 02, 2011

Watchmen

Читајки книга или гледајки филм сигурно не еднаш сте го имале чувството дека доколку само малку го промените ова или она, ако тој лик бил малку поинаков, а наместото на овој бил некој друг, делото би било многукратно подобро. Е тоа чувство ќе го немате читајки го Watchmen - еден од најкултните стрипови на сите времиња.

Иако знаев за стрипот сепак долго време одбивав да го прочитам. Мислев дека се работи за некоја млака претерано комерцијална верзија на Бетмен или Супермен. Нешто во стил стави што повеќе суперхерои за да кешираш што повеќе пари. Во тоа време не ни можев да замислам дека темата суперхерои може да се изврти за 180 степени и од неа да излезе нешто поубаво и од појдовната точка.

Watchman е стрип во 12 епизоди кој излегува од септември 1986 до октомври 1987 година од издавачката куќа DC Comics. Автори на стрипот се: текст Алан Мур (Alan Moore) арт Дејв Гибонс (Dave Gibbons) и колор Џон Хигинс (John Higgins)

Насловот на стрипот Watchmen е игра со зборови која има повеќе значења. Глаголот "Watch" на англиски значи "заштитува" (пази), со што насловот би можел да значи луѓе кои не пазат - пазители (заштитници). На повеќе места во стрипот се среќава графитот "Who is watching the Watchmen?" (Кој ги пази пазителите?)*. Второто значење на зборот "Watch" како глагол е "гледа". Според тоа може да се направи паралела меѓу главните херои и Големиот Брат (Big Brother) на Џорџ Орвел. Алан Мур за првпат почнува да работи на создавањето на ова дело токму во 1984 година, што е и наслов на орвеловиот роман.

Од друга страна доколку "Watch" се однесува на именка, тогаш на македонски се преведува како часовник. На многу места во стрипот е прикажан часовникот чии стрелки покажуваат неколку минути до пред полноќ. На многу места во стрипот се создава и паранојата дека на светот му претстои опасноста од нуклеарно војна помеѓу двата блока. Часовникот во овој случај ја претставува и таа опасност од нуклеарно уништување.

Но со митологијата на насловот не се престанува овде. Часовникот е прикажан на многу места. Роршах (Rorschach) на неколку пати гледа во својот рачен часовникот (пример епизода 1, стр. 4). Исто е и со Ден Драјберг (Daniel Dreiberg) при посетата на Холис Мејсон (Hollis Mason) во епизода 1, стр. 9, кога забележува дека е речиси полноќ (преносно светот е на неколку минути од нуклеарно уништување). Жолтиот часовник се забележува и во епизода 2 (стр. 9), кога хероите разговаарат... Мотивот полноќ преку стихови од песна на Боб Дилан е прикажан на крајот од првата епизода**.

Еден од главите херои - Доктор Менхетен (Doctor Manhattan) е прикажан како син на саатчија кој сакал да го наследи во занаетот, но поради фрлањето на атомската бомба на инсистирање на својот татко станал физичар (бомбардерот Enola Gay кој ја фрлил атомската бомба Little boy може да се заблежат на плакат). На крајот од четвртата епизода е спомнат и цитат од Ајнштајн во врска со атомската бомба и саатчија.***

Доктор Мехетен станува суштество моќно како бог благодарение на тоа што го заборава часовникот којшто го поправа на неговата колешка и идна сопруга, којшто бил згазнат од дебел човек, откако паднал (епизода 4).

Исто како и неговиот наслов и стрипот е поделен на повеќе нивоа. Приказната не е линеарна, а е исполнета со нарации коишто се измешани во времето. Има приказна во приказна и мноштво скриени пораки. Постојано има навраќања во минатото, претскажувања за иднината и различна сегашноста којашто секој од карактерите ја гледа со други очи. Секој херој има различно гледиште за настаните и за она што тој го смета за вистина, а некои од прашањата дури и на крајот остануваат неодговорени.

Во сценариото на Алан Мур се опишуваат и најмалите детали. Дури и нешта кои се појавуваат во позадина и кои изгледаат тривијално сепак имаат значење за приказната. Понекогаш делуваат како клуч, понекогаш како ехо.

Дали ќе се видат тие скриени пораки кои авторите ни ги оставаат зависи од интелектот на оној што ги чита. Како што рекол Гете човек го гледа само она што го знае (Man sieht nur, was man weiß). Доколку некој никогаш не прочитал ништо од Ниче тогаш невозножно е да забележи дека Алан Мур намерно користи негова малку изменета мисла во епизода 5 (стр. 12) ****

Доколку го нема гледано "The day that Earth sood still" нема да знае зошто во тој дел од дванаесетта епизода (стр. 1, 8) токму тој филм се прикажува на кино. Доколку не ја знае историјата на нацистичка Германија нема да може со плакатот (епизода 12, стр 2) на којшто е испишано Krystalnacht (кристална ноќ) да направи паралела со случувањата во тој дел од стрипот.

Во истата епизода (стр. 1, 2), на неколку плакатите во позадина е испишано "Pale horse" (блед коњ). Доколку не се знае значењето на тој симбол, плакатот ќе делува само како случајна сценографија, но доколку се знае дека во Библијата смртта е опишана како јава на блед коњ***** тоа неминовно го засилува впечатокот на сцената, придонесува за повеќеслојност на приказната и одѕвонува како ехо.

Списокот на скриени пораки е доста долг. Ако треба да ја спомнам секоја ќе треба да го триплирам овој блогпост, а сигурно има уште многу кои не сум ги ни забележал. Стрипот не е наменет да се чита само еднаш, а со секое наредно читање да се открива нешто ново и претходно незабележано.

Всушност и сите овие детали го прават стрипот интелектуално искуство за потсетување на некои работи што ги знаеме, нивно доживување на поинаков начин, но и за учење на некои нови. Секоја епизода завршува со цитат. Признавам дека повеќето за првпат слушнав ги при читањето на овој стрип. Некои дури и ме натераа да побарам и научам нешто повеќе за нив.

Стрипот повторно е издаден во луксузно издание со нов колор повторно од Џон Хигинс во 2005 година (Absolute Watchman). За помрзеливите постои и Watchmen Motion Comic, но сепак доживувањето при читањето на стрипот е сосема различно. Watchmen е измислен специјално за медиумот наречен стрип. Ако во школите се учеше стрип тогаш ова без сомнение ќе беше задолжителна лектира.

Во Македонија Watchmen стана релативно попопуларен благодарение на филмот Watchmen (2009 година) поточно благодарение на една од репликите на еден од главните херои во која вели се спомнува Александар кралот на Македонија. Но за тоа повеќе во некој нареден пост.

*Quis custodiet ipsos custodes? (лат) - Juvenal (римски поет)

**At midnight all the agents and the superhuman crew, come out and round up everyone that knows more than they do - Desolation Row - Bob Dylan

***The release of atom power has changed everything except our way of thinking... Тhe solution to this problem lies in the heart of mankind. If only I had known, I should have become a watchmaker.

****Во петта епизода, страна 12 зборовите на морнарот се модифицирана верзија на мислата на Ниче: "And if you gaze for long into an abyss, the abyss gazes also into you".

*****Revelation 6:8 I looked, and there before me was a pale horse! Its rider was named Death, and Hades was following close behind him. They were given power over a fourth of the earth to kill by sword, famine and plague, and by the wild beasts of the earth.

No comments: