Thursday, February 10, 2011

Ozymandias

И покрај тоа што карактерот на Роршах, односно неговата бескомпромисност во овие моменти е поважна за нас Македонците, сепак поголема поврзаност имаме со ликот Адријан Вајт* (Adrian Veidt) односно Озимандијас** (Ozymandias) кој исто како и ние го идолизира Александар III Македонски.

Јасно е дека карактерот на Озимандијас во голема мера е инспириран од оној на Александар III Македонски. На почетокот на единаесетата епизода (стр. 8) Озимандијас вели дека иако со парите наследени од своите родители можел да живее луксузно тој сепак решил сè да прави сам. Од историјата знаеме дека Александар III Македонски на секоја нова победа на неговиот татко Филип, наместо да се радува, тој жалел велејки дека нема да остане ниедна земја која ќе може тој да ја освои откако ќе го наследи тронот на Македонија. И за Александар и за Адријан водителка во животот е желбата не да живеат во луксус туку да остават своја трага во историјата.

На истата осма страна Озимандијас вели дека единствениот човек со којшто чувствува поврзаност умрел триста години пред раѓањето на Исус Христос и се викал Александар III Македонски (Alexander of Macedonia). Овој негов говор се засилува од слика на Александар во позадина и скулптура која веројатно е Ника од Самотраки (Nike of Samothrace) или нејзина копија. Скулптурата (денес се наоѓа во Лувр) и била направена во чест на поморска победа на Македонците ***.

Понатаму Озимандијас раскажува како го поминал пеш патот по којшто Александар III Македонски го освојувал тогаш познатиот свет.

Во еден панел од единаесетата епизода (стр. 22) може да се забележи оклоп украсен со две осумкраки сонца, кој неверојатно многу потсетува на оклопот на Александар III Македонски (во битката против Дариј, 333 п.н.е.) прикажан на мозаик во Помпеја. Знаејки дека сценаристот Алан Мур многу внимавал на деталите нема зошто да се сомневаме дека во паралелната реалност во којашто стрипот егзистира тоа и навистина е оклопот на славниот војсководач.

На страниците 4, 15 и 27 од истата единаесета епизода на еден од ѕидовите може да се забележи слика на којашто е прикажана сцената на Александар III Македонски и Гордиовиот јазол (Gordian Knot). Гордиевиот јазол е споменуван многукратно и во претходните епизоди. Во третата епизода (стр. 7, 8, 10) на комбето и на работната униформа на мајсторот којшто ја поправа вратата на Ден Драјберг е испишано името на фирмата: гордиев јазол (Gordian Knot).

Во истата трета епизода (стр. 15) кога Доктор Менхетен (Dr. Manhattan) е обвинет дека е причина за болест на неколкумина од неговото опкружување, кабелот на микрофонот на еден од новинарите е заплеткан во вид на јазол. На претходниот панел на еден плакат може да се види дел од името на Озимандијас (V. dias) со што јасно се става до знаење кој стои зад сето тоа.

Во епизода 5 (стр. 3 и 23), бравата на Молох (Moloch) го носи називот на истата компанијата Gordian Knot, што е уште еден знак којшто не упатува кон вистината уште пред таа експлицитно да ни биде соопштена.

Веројатно добар дел од вас имаат слушнато за Гордиевиот јазол, а за оние што не знаат еве краткот текст според пишувањата на Путарх за животот на Александар:

"Во 333 година п.н.е. во градот Гордиум, гласник му кажал на Александар дека таму постои јазол кој досега никој не го одврзал, а според верувањата, оној кој тоа ќе го стори ќе го освои светот. Александар, израдуван од можноста што му се нуди, веднаш отишол на тоа место. Откако добро го разгледал јазолот и увидел дека штом никој не го одврзал на конвенционален начин, па нема да може и тој, го извлекол мечот и отсекол еден дел од него при што јазолот се отплеткал и се појавиле повеќе краеви. Убеден во веродостојноста на пророштвото тој го продолжи походот."

Но каква е симболиката на Гордиевиот јазол? Tоа е метафора за голема задача/проблем решен на нов, нестандарден начин, со решителен удар. Откако најпаментиот човек на светот - Озимандијас осознава дека да се биде најпаметен човек во свет кој е уништен од нуклеарно оружје не значи ништо, решава да ги преземе работите во свои раце. Поврзаноста на Гордиевиот јазол со овој стрип односно со Озимандијас е дека тој на нестандарден начин со решителен удар го решава (се обидува да го реши) проблемот за опстанокот на светот.

Во последната дванаесета епизода (стр. 19) повторно е прикажана сликата со Александар и Гордиевиот јазол. Во истиот тој панел Озимандијас вели "I did it" (успеав). Сликата во овој случај е еден вид на ехо. Александар и Озимандијас на ист нестандарден начин надвор од рамката, решаваат проблем кој секој друг би пробал да го реши поинаку, би пробал и не би успеал.

И самиот костим на Озимандијас (околу вратот и на рацете) е украсен со симболот сонце. Во случајов можеби и не се работи за поврзаност со македонското сонце, туку со египетскиот симбол на богот Амон Ра (бог на сонцето), но и тогаш поврзаноста со Александар Македонски стои. Александар во 332/331 година п.н.е. го освоил Египет и од свештениците бил прогласен за син на Амон Ра и бог на земјата.

И тајната база на Озимандијас на Антарктикот на многу места е украсена со орнаменти кои наликуваат на сончеви зраци.

Бојата на костимот на Озимандијас е златна и пурпурна. Пупурна е бојата на благородништвото и кралевите (освен костимот, пурпурно е и неговото сако). Се смета дека тоа била и бојата на македонските кралеви. Интересно е и што првата христијанка во Европа, односно Македонката Лидија тргувала токму со пурпурна ткаенина****. Златото пак е симбол на богатство и во антиката, а и денес. Освен тоа златната е најблиска боја до онаа на сонцето.

На главата Озимандијас како дел од костимот има златен обрач, што веројатно е стилизирана античка македонска дијадема (без златните дабови листови).

Озимандијас поседува генетски модифициран рис. Знаеме дека лавовите едно време живееле на овие простори. Од Македонците биле исклучително почитувани. Прикажани се на мозаици, монети и други артефакти од античко време. Според Плутарх македонските кралеви повеќе сакале да се китат со нивните кожи одошто со злато. Денес во Македонија не живеат лавови, но по шумите сеуште ги има нивните роднини рисовите, или како што еден мој пријател ги нарекува - горските лавчиња.

Контрапункт на Озимандијас во стрипот е NiteOwl. Иако и двајцата имаат исти цели, сепак идејата како да ги постигнат им е сосема различна. Карактерно едниот е повлечен, просечен граѓанин, а другиот ексцентричен мегаломан. Спротивни се како ден и ноќ, па и според симболот којшто го имаат - едниот сонце, а другиот месечина.






*Тој потекнува од родители - германски емигранти, а и самото презиме Veidt е германско. На германски јазик V се изговара како Ф. Според ова неговото презиме би требало да се изговара како Фајт, но сепак во филмот (а и општо за англојазичното говорно подрачје) се чини дека презимето е американизирно и е прифатено да се изговара како Вајт (англиското изговарање на буквата V).

**Името Озимандијас е старогрчки превод на (дел од) името на египетскиот фараон Рамзес Велики (Рамзес II). Многупати во стрипот се среќава симболот пирамида којшто недвосмислено укажува дека зад тие настани стои токму ликот на Озимандијас.

Озимандијас е и сонет од англискиот поет Перси Шели. Крајот на единаесетата епизода завршува со цитат токму од оваа песна: "My name is Ozymandias, king of kings: Look on my works, ye Mighty, and despair!"

***Се смета дека е направена во 190 година п.н.е. Божицата Ника се среќава и на многу македонски артефакти и на македонски монети меѓу кои и на Александар III Македонски. Нешто повеќе за поврзаноста на Александар и Македонците со божицата Ника можете да прочитате на овој ЛИНК.

****Paul and his companions met those women, some of whom formed the nucleus of the church of PhiIippi. Their leader was Lydia, a native of Thyatira, who traded in the purple dye, manufactured from the juice of the madder root, for which her native region had long been famed. - St. Paul in Macedonia - F. F. Bruce

No comments: