Tuesday, January 25, 2011

Axa

Во последниов период се вратив на мојата стара љубов стриповите. Исчитав можеби стотина. Веројатно многумина ќе речат дека подобро ќе сум си поминел ако сум отишол во стриптиз бар. Веројатно е така, па сепак би сакал да раскажам нешто за еден од моите омилени стрип ликови.

Акса (Axa) е лик од истоимениот стрип на авторите Дон Авенел (Donne Avenell) и Енрике Ромеро (Enrique Romero). Објавуван е во британскиот весник The Sun од 1978 до 1986 година, како дневен стрип каиш во три (поретко два) панели. Тоа и ги објаснува нарациите кои читајки ја Акса во стрип албум изгледаат излишни. Откако The Sun ненадејно престанува со издавањето на Акса, осумнаесетата епизода со ироничен наслов The Betrayed останува незавршена. Во форма на стрип албум во 9 броја, Акса е издадена од американскиот Ken Pierce Books. Постои и Акса колор албум издаден во 1985 година. Стриповите се објавувани во над 20 земји. За прв пат на македонски јазик со епизодата The Mobile, Акса се појавува во Илустриран Забавник (средина на деведесетите) преку кој и јас се запознав со неа.

Јасно е дека секс симболот Брижит Бардо е инспирацијата за физичкиот изглед на главната хероина од стрипов. Акса е преубава, но исто така е добра и со мечот - и мора да биде. Ако Акса е убавицата, што секако дека е, тогаш светот којшто ја опкружува е ѕверот. Каде и да оди нејзе постојано ја следат опасности и непријатности, но сепак таа ужива во животот и не пропушта ниту една прилика да го покаже своето голо тело. И има што да покаже, Ромеро завршил одлична работа цртајки ја, сепак дури и кога се разголува тоа никогаш не е вулгарно. Нејзината голотија е само врвот на сантата мраз, читајки го стрипот ја сфаќате неговата повеќеслојност. На пример во првата епизода, кога ја кине својата облека, тоа го прави за да покаже желба за слобода и непокорност кон системот.

Постапокалиптичниот свет во којшто Акса живее е последица на фикционен воен конфликт кој се одвивал кон крајот на дваесетиот век и којшто од тогашната цивилизација оставил пустош. Ајнштајн рекол: „Не знам со какво оружје ќе биде водена третата светска војна, но знам дека четвртата ќе биде водена со дрва и камења“. За оружјето со кое се водела третата светска војна во стрипов и кое го разурнало светот на Акса сепак знаеме, што во тој поглед не прави попаметни од славниот физичар. Прво било употребено биолошко оружје, а потоа следувале атомските бомби. Сценарио слушнато многупати и сценарио кое за жал навистина му се заканува на светот во реалноста. Дон Авенел има напишано дека се надева оти Акса ќе се објавува засекогаш или барем се додека светот не го стигне ужасното предвидување за холокаустот. Јас пак се надевам дека ако предвидувањето се исполни, постапокалиптичниот свет кој ќе следува нема да биде лишен од Акса.

Орудијата којшто нам ни се познати во стрипот се прикажани како ретки археолошки наоди и реликти. Авторите неретко не потсетуваат за тоа и вината за разурнатиот свет од иднината ни ја префлаат нам, на како што сме наречени: „старите луѓе“. Но случувањата во стрипот освен како резултат, се и рефлексија на случувањата денес. Иако се одвиваат во 2080 година, јасно се гледа паралелата, односно критиката за денешниот човек во реалноста. Во првата епизода кога Акса едвај спасува жива глава, на тоа што средните луѓе се згрозуваат од нејзината голотија, таа возвраќа: „Некој штотуку се обиде да ме убие, а сè за што вие се грижите е дека сум гола“. Така е и во реалноста, се грижиме која музичка или филмска ѕвезда со кого спиела, а не гледаме дека илјадници деца секојдневно умираат од глад.

Да, можеби е многу подобро да се отиде во стриптиз бар одошто да се прочита некој стрип, ама не и кога се работи за стриповите со прекрасната хероина Акса.

Ken Pierce Books (US):

1. The Beginning, the Chosen (1981)
2. The Desired (1982)
3. The Brave, The Gambler (1983)
4. The Earthbound, the Tempted (1983)
5. The Eager, The Carefree (1984)
6. The Dwarfed, The Untamed (1984)
7. The Mobile, The Unmasked (1985)
8. The Castaway, the Seeker (1986)
9. The Escapist, The Starstruck, The Betrayed (1988)

- Axa Color Album (1985)

Eclipse Comics (US):

За разлика од претходните изданија во овие сценарист не е Дон Авенел , туку Чак Диксон (Chuck Dixon) а колорист е Маркус Дејвид (Marcus David)

1. Axa - The Adopted (April 1, 1987)
2. Axa - The Donor (August 1, 1987)

Во втората епизода е најавено продолжение односно трета епизода со наслов The Rebel, која не се појавува.

2000AD Showcase (4, 5):

- Axa - Island of Noah (1992)
- Axa - The Lethal Hive (1992)

Magnum (Sweden):

- Axa (?)

No comments: