Wednesday, October 20, 2021

Кон книгата „Стрип – Деветтата уметност“ на Томислав Османли

Импресивна студија за уметноста на стрипот

Во практичниот свет во којшто живееме, практична неопходност е специјализираноста за сметка на сестраноста. Во светот на стрипот, што го прави засебен (творечки) универзум, случајот не е таков. Како комплексна уметност која во себе ги интегрира безмалку сите аспекти на човечката креативна дејност, енциклопедизмот (не нужно за сметка на специјализираноста) по однос на стрип-творештвото е не само неопходност туку и предуслов. А, за таквата полиматија поврзана со деветтата уметност на наше тло, како парагон несомнено стои личноста зад името Томислав Османли. 


На општата публика г-динот Османли им е познат првенствено како исклучително способен раскажувач и долгогодишен новинар. Неговата богата сценаристичка, драматуршка, критичарска и новинарска дејност, сама по себе, е атестат за прееминентноста на неговото неуморно творечко перо, а освоените бројни значајни признанија го поставуваат на самиот врв од културно-уметничкиот живот кај нас. За стрипофилите, пак, не само од нашата земја туку и од регионот, неговото име е неодвоиво врзано и со (историјата на) македонскиот стрип. Покрај што се потпишува како сценарист на неколку имагинативни, вешто реализирани приказни во слики, тој е и стрип-теоретичар и стрип-хроничар. Всушност, што сметам дека е битно да се истакне, Томислав Османли е втемелувач на историографијата на деветтата уметност во нашата земја и првиот кој кај нас теоретски го има обработувано стрипот.

Како потврда дека творештвото е неразделно врзано за авторот, во случајов особено што се однесува до сестраноста и квалитетот, стои неговата најнова блескава творба: „Стрип – деветтата уметност“, која што топло ја препорачувам. Станува збор за исклучително значајно и ретко дело од областа на стрипот, со особена истражувачко-едукативна вредност. Воедно, тоа плени и со своите лингвистичко-стилски особености, нудејќи му на читателот вистински деликатес од навезени зборовни конструкции, без жртвување на јасниот тек на мислата. Секој еден што сакал да научи што стрипот претставува (но немал кого да праша), во оваа книга на Османли ќе пронајде опширен учебник. А, во услови кога стрипот се изучува во основното и средното образование по предметот ликовно образование, но не и на ликовната академија, последното тврдење од претходната реченица и не е само метафорично.
 


Во „Стрип – деветтата уметност“, како што загатнува насловот, Османли хируршки прецизно ја обработува стриповската полисемичност, внимателно анализирајќи го неговиот јазик и законитостите што го прават стрипот засебна уметност, и темелно истражува низ неговото минато доловувајќи дел од најбитните дела од деветтата уметност. Наспроти општото непрецизно мнение за стрипот како ништо повеќе од жанровска определба, засилено од холивудскиот тренд за филмување американски стриповски суперхерои, Османли одговара со пробивање на жанровските и тематски стеги и оди отаде стилските лимитации. И, водејќи се од мислата на стрип класикот Берн Хогарт за тоа дека „стрипот не треба да се бори да стане уметност, зашто тој веќе е тоа, но треба да се бори за неговото рамноправно место меѓу другите уметности“, Османли ѝ пристапува на оваа уметност како на (вистинска) уметност – академски, со сериозна посветеност и задлабочено.

Во оваа своја најнова книга, Османли не го лишува стрипот ниту од медиумската димензија и традиционално поимање, а не испушта да го спомене ниту неговото богато наследство и не многу експонирана праисторија. Љубителите на „романчињата“ при читањето одредени сегменти од „Стрип – деветтата уметност“ ќе евоцираат драги спомени од своите омилените стрипхерои. Дел од поглавјата во оваа книга се посветени на: Таличниот Том, Алан Форд, Темниот витез, Челичниот човек… Но, она што во неа претставува висока нота по однос на историското наследство на стрипот е што Османли во ниту еден миг не ја сведува деветтата уметност на обична носталгија. Тој во својата студија инспиративно го слика стрипот со правите бои, како урбан феномен, уметност без граници со неверојатна привлечност и за современието и постмиленијалните генерации. На тој начин тој го користи минатото за трасирање на иднината, со верба дека тоа ќе изроди побогата домашна стрип-сцена и продукција.


За мене, што верувам дека ќе е случај и кај сите вљубеници во стрипот кај нас, особено значајно е токму поглавјето посветено на домашната стрип-сцена. Во него, што како единствен случај претставува подвиг без конкуренција и мерило за сите идни слични публикации, е направен пресек на целокупното домашно творештво на (с)ликовно-секвенцијални дела. Почнувајќи од Желимир Книвалд, првиот што на територијата на нашата земја креирал и објавил стрип, информација која Османли прв ја има споделено пред јавноста, па до најновите стрип-таленти од добата на дигиталниот стрип, во „Стрип – деветтата уметност“ со биографски портрети се претставени стотина (!) домашни стрип-автори и пионери на оваа уметност.

Како своевидна огледална проекција за вредноста на публикацијата „Стрип – деветтата уметност“, можеме да се свртиме кон претходно објавените книги на Османли на истата тема, кои не само што се закитиле со значајни награди туку и веќе одамна се распродадени, што говори за нивната високо оценета (и од читателите и од критиката) вредност. И самиот како стрип-хроничар, автор на четири објавени книги од оваа област, многу пати досега сум се повикувал и сум ги цитирал неговите писанија. Во своите истражувања, сум забележал дека тие се обемно цитирани и од други автори во уште позначајни дела, како што е „Стриповите кои што ги сакавме: избор на стрипови и творци од просторот на бивша Југославија во XX век“, а сум забележал и случаи во кои иако авторите не биле акрибични, според вордингот и информациите јасно е дека црпеле инспирација од истражувањата на Османли. Впрочем, истражувањата на Томислав Османли, кој е основоположник на македонската стрип – историографија, ми беа главна инспирација и самиот да започнам да се занимавам со проучување на домашното стрип-наследство. Преку второто издание на неговата исклучително студиозна книга „Стрип – запис со човечки лик“, Османли беше оној што ми покажа дека стрипот има мноштво други аспекти, а не само ескапистичкиот, забавниот и хумористичниот. Мислам дека ние сѐ уште во потполност не го сфаќаме значењето кое тоа негово дело го има за развојот и унапредувањето на стрипот кај нас, затоа што нема како да се измери што би било кога не би постоело. Судејќи од досегашната пракса и неговиот квалитет, убеден сум дека и ова најново дело на Османли го очекува истиот позитивен прием.

Имајќи го предвид сето погоре наброено, и како автор и како обичен љубител на стрипот, би сакал да ја искажам мојата силна препорака за книгата „Стрип – деветтата уметност“ на нашиот истакнат автор Томислав Османли. Со квалитетот кој ги надминува границите на нашата земја, во оваа импресивна студија за уметноста на приказните во слики, чие што објавување со нетрпение го очекував, верувам дека би уживал секој еден стрипољубец. Впрочем, моја цврста убеденост е дека нејзиното објавување ќе биде прибележано како најзначајниот македонски стриповски настан и тоа не само на оваа туку и на претстојните години, барем од неговата деветта декада.

Александар Стеванов

No comments: