Showing posts with label Стрип вести. Show all posts
Showing posts with label Стрип вести. Show all posts

Saturday, May 18, 2024

Македонскиот историски стрип изложен во Софија

Неодамна во Софија беше отворена патувачката мултимедијална изложба на историски стрип „CAN for Balkans“, на која една четвртина од изложените дела се на македонски автори. Изложбата е поставена во најголемиот изложбен центар во Бугарија, во Домот на Сојузот на бугарските уметници, попознат како „Шипка 6“. Организатор на изложбата е Историскиот музеј на округот Брашов, во Романија, а нејзин куратор е директорот на оваа установа – Николае Пепене. Во Софија таа е поставена во рамките на манифестацијата „Софија комикс експо 2024“, чии организитори се Сојузот на бугарските уметници, секција стрип, и „Проектот Д`га“.



Изложбата „CAN for Balkans“ („Comics Alliance Networking for Balkans“) е дел од истоимениот повеќегодишен меѓународен проект за историски стрип, кој преку програмата „Креативна Европа“ е кофинансиран од Европската Унија. Почнувајќи од октомври 2022 година, досега изложбата беше поставена во Брашов, Тирана, Брисел, Лесковац, Велес и во Букурешт, а во нејзината имплементација е вклучен и Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Покрај стриповите на теми од македонската национална историја, останатите три сегмента од изложбата се посветени на романскиот, албанскиот и на српскиот историски стрип.


 

Меѓу македонските автори што со свои стрипови се претставени на групната изложба „CAN for Balkans“ се Љубомир Филиповски, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Коле Манев, Славчо Темков, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, од кои последниот се јавува и во улога на истражувач и селектор на изложените македонски дела. На предлог на Стеванов, како најемблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола од стрипот „Одмазда на еднооките“ на Филипов, кој на изложбата е поставен на посебно пано отпечатено во реална величина.




„Меѓу личностите од македонската историја застапени во изложените стрипови спаѓаат Александар III Македонски, цар Самуил, Хацон, Пребонд, св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, како и хероите од илинденскиот период и од НОБ. Со оглед на тоа што повеќето од овие стрипови се придржуваат до историските факти, интересно е да се спомне дека дел од нив долги години беа користени во образовниот систем како помагала по предметот историја“, изјави селекторот на македонскиот дел од изложбата, Александар Стеванов.

 


Ова е прво претставување на македонскиот стрип во Бугарија по 2010 година, кога во галеријата „Алтер его“ при Културниот центар „Средец“ во Софија беше поставена изложбата „Нови стрип соседства“. Покрај изложбата „CAN for Balkans“, во Домот на Сојузот на бугарските уметниците во Софија се поставени и изложби на бугарскиот национален историски стрип и на популарната српска стрип-серија „Вековници“. Посетителите на манифестацијата „Софија комикс експо 2024“ ќе можат да ги погледнат сите три изложби до 31 мај.

Monday, May 13, 2024

Стрипови на македонски автори изложени во Сараево

Во Босанскиот културен центар во Сараево е отворена документаристичката изложба „Антифашистичкиот стрип во Југославија: од ’Пионери‘ до ’Партизани‘“, на која со свои дела се застапени стрип-автори од сите поранешни југословенски републики, вклучително и македонските, соопшти стрип-хроничарот Александар Стеванов. Идеен творец на оваа амбициозна тематска изложба, која е реализирана во рамките на манифестацијата „Денови на кантонот“, е истакнатиот хрватски стрип-промотор и хроничар Вељко Крулчиќ, а во нејзината реализација се вклучени и графичкиот дизајнер Златко Гргиќ, директорот на Босанскиот културен центар Јасмин Дураковиќ, како и кустосот Уна Поповиќ.
 
 
„Изложбата е всушност пресек на стрип-продукцијата од географската област на поранешна Југославија, продукција која е жанровски поврзана со темата која вообичаено се нарекувала воени стрипови, партизански стрипови или стрипови на тема НОБ. Она најдоброто и најкарактеристичното. Иако главните центри на стрипот во поранешна Југославија беа Белград, Загреб и Горњи Милановац, а подоцна им се придружи и Нови Сад, антифашистичките стрипови беа осмислувани и цртани од стрип-уметниците од сите републики (денешните земји). Значи, и од стрип-уметниците од Босна и Херцеговина, Словенија, Македонија“, истакнува авторот на изложбата, Вељко Крулчиќ.

На изложбата се застапени не само стрипови, туку и списанија и текстови за стрип, почнувајќи од периодот на првите години на Втората светска војна (1942/43), кога антифашистичките стрипови почнуваат да излегуваат во партизанскиот печат наменет за деца, почнувајќи од „Пионери“. Хронолошки, изложбата на Крулчиќ продолжува со победата на партизаните и ослободувањето, односно со појавата на првите антифашистички стрипови во редовниот југословенски печат. Протегајќи се речиси половина век, сè до крајот на 1980-тите, нејзината завршна точка е последниот број на популарното издание „Партизани“. Помеѓу стотината стрип-автори, сценаристи и цртачи, од просторот на некогашна Југославија, со свои стрипови на изложбата се застапени и Македонците Миле Топуз и Љупчо Филипов.

„Во младинското списание ’Наш свет‘ Филипов објавува низа стрипови чија тема е НОБ, вклучително и такви од сериите ’Родени во виорот‘ и ’Посилни од смртта‘, а подоцна за енигматското списание ’Котелец‘ изработува и стрипувани биографии на нашите народни херои. Автор на поголем број стрипови на теми од НОБ е и Миле Топуз, чие творештво речиси во целост е посветено на историскиот стрип. Меѓу нив се оние од серијата ’40 години од НОВ и револуцијата‘ што своевремено излегува во ’Наш свет‘. Покрај Филипов и Топуз, стрипови на теми од НОБ работат и други македонски творци, меѓу кои Славчо Темков, Илија Јордановски, Коле Манев, Мишо Китаноски, Диме Иванов-Димано, Мишко Хрдличка и Игно Јовановски“, наведува стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип.

Изложбата „Антифашистичкиот стрип во Југославија: од ’Пионери‘ до ’Партизани‘“ на Вељко Крулчиќ е придружена од две самостојни поставки: „Абдулах Козиќ, Ахмед Муминовиќ, ’Мале новине‘ и антифашистичкиот стрип во БиХ“ и „Андрија Мауровиќ и уметноста на антифашизмот“. Посетителите на Босанскиот културен центар во Сараево ќе можат да ги погледнат изложените стрипови со антифашистичка тема заклучно со 25 мај.

Објавено и на:

Tuesday, August 08, 2023

Александар Стеванов за Жељко Книвалд и пионерите на македонскиот стрип

Александар Стеванов е вистински куриозитет на денешната македонска стрип-сцена. Тој е мултиталентиран и хиперактивен автор, кој се јавува како сценарист, илустратор, летерер, графички дизајнер, уредник и хроничар на македонскиот и југословенскиот стрип. За разлика од повеќето локални играчи, кои знаат да прават подолги паузи меѓу своите дела, Стеванов со прецизност на швајцарски часовник издава по неколку наслови годишно, самостојно или во соработка со етаблирани стрип-автори како Дарко Богданов.

Од досегашното творештво на Стеванов, особено интересни се продолженијата на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ и истражувањата поврзани со развојот на македонскиот стрип на просторот на некогашна Југославија. Преку нив Стеванов ревносно ги документира ширината и длабочината, како и вредностите и слабостите на тукашното творештво, де факто цементирајќи ја позицијата на плејада македонски стрип-автори и наслови во колективната меморија.

Во таа насока, публикацијата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип” е најновото парче од мозаикот на Стеванов. Оваа публикација неодамна беше претставена и на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје, а воедно е и повод за интервјуто што следи.


Како почна да се интересираш за историјата на светскиот и македонскиот стрип?

Имам чувство дека повеќе се работи за предодреденост отколку за свесно донесена одлука. Причината за интересот, веројатно како и за сѐ друго човечко, е резултат на мојот наследен генетски фонд, кој при судир со одредени надворешни фактори, односно животни настани, се манифестирал со таквиот фенотип. Откако знам за себе се интересирам за уметност, а особено за визуелна уметност, вклучително и за стрип. Исто така, откако знам за себе, се интересирам за историја, вклучително и за историјата на уметност.

Во мое време за матура се полагаа три предметa, од кои два беа изборни. Јас ги одбрав историја и ликовна уметност. Причината за изборот на ликовно не беше зашто мислев дека ќе положам со малку учење, напротив. Откако голем број ученици, несомнено мислејќи дека лесно ќе положат, се пријавиле за овој предмет, веројатно со цел да ги десеткува, професорот им рекол да не очекуваат високи оценки и дека ќе ги турка ако не знаат. Како резултат на тоа се откажаа сите, освен мене. Така бев единствениот во генерацијата што за матура имаше избрано ликовна уметност, односно историја на уметност.

Од надворешните фактори најголемиот е секако средбата со стрипот, со кој се запознав во 1990 година, во време кога не одев на училиште. Брзо дознав дека и македонски автори, меѓу кои Љупчо Филипов, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, работеле стрип. Тоа за мене беше позитивен шок. Во воведот на една моја публикација напишав дека податокот дека наши автори изработувале стрипови на светско ниво и на занимливи теми, беше исто како некој да ми кажеше дека Бетмен од 1989 година го режирал Македонец. За разлика од повеќето деца кои читајќи стрип посакувале да бидат Загор, Велики Блек, Супермен, јас посакував да бидам стрип-автор.

Вториот таков позитивен шок кој го трасираше мојот пат кон бавење со историја на стрип се случи приближно во истиот период. Во една стрип-публикација што ми ја беше купила мајка ми, која ако добро се сеќавам се викаше „Алманах“, прочитав напис за историјата на ликот Бетмен. Иако и дотогаш имав претстава за мултифасетноста на стрипот, тогаш за првпат дознав дека покрај средство за пополнување на слободното време, за ескапизам и за изразување, стрипот може да биде и академска дисциплина. Инспирација да се бавам со историја на стрип беше и книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли, која е прва, а долго време важеше и за единствена наша книга за стрип, со која се сретнав дваесетина години подоцна.

Кој е најинтересниот аспект од истражувањето во полето на стрипот за тебе?

Пред неколку години направив интервју со мојот пријател, стрип-колекционерот Михајло Јосифовски, кој на прашањето „што е она што недостасува за поголема популаризација на стрипот во нашата земја?“ одговори со: „за поголема популаризација на стрипот во Македонија недостасува стрип.“ И мојот одговор на ова прашање би бил во сличен манир – токму истражувањето, и тоа во целина, е она што за мене е најинтересен дел од работата при создавањето на една публикација или напис на тема историја на деветтата уметност. Нема дилема дека објавувањето на делото е круна на авторскиот труд, но возбудата при истражувањето носена на крилјата на интелектуалната љубопитност е она што во најголема мера го прави тој труд поднослив.


Една од книгите што ги имаш напишано е за Жељко Книвалд, автор на првиот (документиран) стрип создаден и објавен во Македонија. Како дозна за него?

Иако тој го спомнува уште претходно во напис, за Желимир Книвалд дознав пред десетина-дванаесет години токму од споменатата книга на Османли, поточно од нејзиното второ издание од 2002 година, која ме импресионираше со својата сеопфатност и висок стил на израз. Затоа ми причини ограмна чест и задоволство поканата на Османли јас да ја напишам рецензијата кон третото издание на оваа негова книга што излезе пред две години. Во неа, во поглавјето за историјата на македонскиот стрип, пишуваше дека автор на првиот создаден и објавен стрип на македонскиот културен простор е Желимир Книвалд, ученик во Втората машка гимназија во Скопје. Стрипот го создал во учебната 1937-1938 година, односно бил објавен во пролетта од 1938 година во школскиот весник „За нас и о нама“, кој бил орган на културно литературната дружина „Бранислав Нушиќ“.

Стрипот е на српскохрватски јазик, се состои од два панела и е на хумористично-сатирична тема. Иако временски е силно разреден, тој има јасна секвенцијалност, односно последователност на дејствието, поради што може да се класифицира како стрип. Тој не е графички озаглавен, но од подоцнежните извештаи за работата на дружината дознаваме дека се вика „Репортажа низ II машка гимназија“, а во нашата историографија се среќава и под називот на самата публикација во која бил објавен – „За нас и о нама“. Имајќи предвид дека во неа не беа дадени биографските податоци за Желко, уште при првото читање на книгата на Османли посакав да дознам кој бил тој. Ми се чинеше неправедно да не се знае речиси ништо за основоположникот на стрипот во Македонија.

Кој бил Жељко Книвалд? Како би ја опишал средината во која тој се „појавува“ од аспект на регионалниот и светскиот стрип?

За ова прашање што ме фасцинираше речиси цела декада, го дознав одговорот непосредно пред 2020 година, по што и ја објавив книгата посветена нему и именувана според него: „Жељко Книвалд: Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“. Случајно или по воља на судбината, се случи таа да биде објавена во годината кога се навршуваше еден век од неговото раѓање. Па така, иако уште од почетокот на осумдесеттите (благодарение на Томислав Османли, а по укажување на музикологот Јелица Тодорчевска) во нашата историографија беше прибележано дека Книвалд е автор на првиот стрип создаден и објавен во Македонија, дури на стогодишнината од неговото раѓање тој во истата таа историографија влезе и со фотографија и биографска белешка.

Жељко Книвалд, познат и како Брацо како што го викала сестра му Мила, бил роден во 1920 година во Словенска Бистрица, во Словенија. Тој бил син на Милан Книвалд, воено лице, аптекарски капетан, и на неговата сопруга Викторија. Според презимето, кое е од германскојазично потекло („кни“ значи колено, а „валд“ е шума), јас во книгата ја загатнав можноста дека можеби подалечното потекло на семејството е од Австрија, претпоставка што ја споделуваат и некои членови на пошироката фамилија Книвалд. Што се однесува од поблиското потекло, татко му веројатно бил родум од Хрватска, што го прави Жељко занимлив не само за македонската и словенечката стрип-историографија, туку и за и онаа на Хрватска, земја во која денес живеат неговите потомци.

Талентот за уметност Жељко го наследил од својот татко Милан, за кого знаеме дека аматерски се бавел со глума. Милан, односно неговата професија, воедно биле и причина семејството Книвалд да се сели. Од Словенска Бистрица најпрво заминале за Зајечар, Србија, по што се доселиле во Скопје, каде што како среќна околност Жељко ќе го создаде секвенцијалното дело со кое ќе се запише во нашата стрип-историографија како автор на првиот стрип создаден и објавен во Македонија. Освен книгата, за Жељко објавив и два написа, едниот во „Стрип алманах“, а другиот во „Современост“, а за него може да се прочита и во книгата „Стрип – деветтата уметност“ на Томислав Османли, која излезе во 2021 година.

Што се однесува до средината во која стрипот на Жељко се појавува, тоа е период на златната доба на стрипот во Србија, односно во Југославија, во чии рамки во тоа време е и Македонија. Фундаментална разлика овде е што тоа златно доба е иницирано од издавачите, а не од авторите, односно е комерцијално обусловено, додека стрипот на Жељко настанува поради желбата за себеизразување, односно благодарение на неговиот ентузијазам. А токму тоа – авторскиот ентузијазам – е всушност една од примарните особености на македонскиот стрип што низ историјата се покажува и како една од главните причини за неговото постоење.

Имал ли објавено други стрипови и што се случило потоа со него?

Нацртал и други стрипови, како и карикатури и илустрации, за дел од кои прибележал дека настанале во Скопје. Конкретно за стриповите не располагам со податок дали успеал да објави дел од нив, но знам дека подоцна објавувал свои дела во хрватскиот печат. Веројатно во тоа му помогнала неговата сестра Мила, која работела како новинар.

Во Скопје Жељко го завршил средното образование, со високи оценки. Тоа се случило во учебната 1939/1940 година, непосредно по смртта на неговиот татко. Потоа, напуштајќи ја во тоа време идната македонска престолнина, тој заминал за Белград, каде што одејќи по стапките на татко му се запишал на фармацевтскиот факултет. Наредната година студиите ги продолжил во Хрватска, каде што ќе остане до крајот на животот. Најпрво работел како аптекар во Истра, каде што се запознал со сопругата Зденка, а потоа во Загреб, каде што бил на функција раководител на централната аптека. Со својата сопруга Жељко го имал синот Круно, кој непосредно пред да почине многу ми помогна за одговарањето на прашањето кој бил неговиот татко.

Жељко го напушта овој свет во 1998 година, во Загреб, каде што е и погребан на гробиштата Мирогој. Најверојатно тој никогаш не дознал дека во историјата се запишал како автор на првиот стрип создаден и објавен во Македонија, земја во која се стекнал со средното образование. Неговите потомци, на кои им ја испратив мојата публикација, за среќа се добро запознаени со овој факт.

Кои други автори можеме да ги сметаме како пионери на македонскиот стрип во периодот што следи?

Македонскиот стрип има не еден туку повеќе почетоци, карактеристика по која всушност не сме уникатни во регионот. Ако Жељко Книвалд го создал првиот стрип во Македонија, првиот Македонец што објавил стрип е еден друг пионер – Славко Јаневски. Неговиот стрип „Киќа и детективи“ настанал веројатно во 1940 година, а е објавен на почетокот од 1941 година, во белградското списание „Микијево царство“. Истата година стрип создава и Панде Јаревски, кој веројатно е првиот по потекло од Битолско што создава стрип. Од неговиот стрип, кој бил на тема од Втората светска војна односно окупацијата на Македонија, подоцна се објавени само делови.

Славко Јаневски ќе се запише во историјата на македонската деветта уметност и како автор на првиот стрип објавен во повоена Македонија, како автор на првиот стрип објавен во Македонија во медиум со голем тираж и како првиот автор што објавил стрип на македонски јазик. Имено, во 1945 година, во „Пионер“ тој го објавува стрипот „Еден бункер падна“. По ослободувањето на Македонија, стрип објавува и споменатиот Јаревски, а потоа и Боро Крстевски, Душан Перчинков и Петар Глигоровски, како и Мето Петров, етнички Бугарин родум од Србија, кој еден период живее и работи во Скопје.

Пионер на македонскиот стрип несомнено е и Миле Топуз. Иако својот прв стрип го објавува во 1958 година, ваквиот статус го стекнува повеќе како автор на едно свое подоцнежно дело. Кон крајот на шеесеттите излегуваат стрип-публикациите „Цар Самуил“ што тој ги работи по сценарија на Драган Ташковски, а кои се првите македонски стрип-публикации (еквивалент на англиското „comic books“). Интересно е дека цар Самуил е еден од најчестите протагонисти во македонските историски стрипови. Само Миле Топуз за него има направено три стрипа, а првиот кој што направил стрип за овој средновековен македонски цар е уште еден пионер на македонскиот стрип – Коле Манев.

Првите стрипови на Коле Манев што ги имам забележано датираат од 1961 година и се објавени во „Наш свет“, една година по основањето на ова детско списание. Нешто што го напишав во мојата најнова книга „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“, но и што лично како предлог го доставив до директорот на Стрип центарот на Македонија – Велес, е дека Коле Манев би требало да се награди со најзначајната македонска награда за стрип, признанието „Љупчо Филипов“. Во листата на пионери би го вброил и Томислав Османли, кога во прашање е стрип-теоријата и историографијата на оваа уметност.

Твое најново книжевно дело е „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“. Во кој период излегува „ЈУ Стрип“ и кои македонски стрип автори се застапени во оваа српска публикација?

Минатата година излезе мојата публикација за „Плави вјесник“ и содржините поврзани со Македонија во ова хрватско списание, првенствено оние поврзани со стрип, а годинава, пред еден месец беше објавена мојата публикација за српската стрип-ревија „ЈУ стрип“ и Македонците што објавувале во неа. Се работи за српска стрип-ревија во издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац што излегува во периодот 1977 – 1987 година, односно безмалку десет години. Всушност крајот на ова списание е увертира кон опаѓањето на југословенскиот стрип, а донекаде и распадот на Југославија.

Првиот од македонските автори што е застапен во „ЈУ стрип“ е Илија Поповски, кој во ова списание го објавува стрипот „Вселенска авантура“. И покрај насловот, кој сугерира дека се работи за научнофантастичен стрип, всушност станува збор за монтипајтонескна комедија. Поповски е сценарист на ова дело, додека илустратор е српскиот автор Милорад Добриќ. Во „ЈУ стрип“ објавува и најзначајниот македонски автор на XX век, а можеби и воопшто, Љупчо Филипов. На страниците на ова списание се објавени неговите стрипови „Авантурите на еден агент“, „Одмазда на еднооките“ и „Хенки-пенки“.

Со две епизоди од „Итар Пејо“, во „ЈУ стрип“ е застапен и Диме Иванов-Димано, годинашниот добитник на признанието „Македонско стрип наследство “, а со стрипот „П.С. те сакам“ е застапен и Игор Тошевски, најистурениот претставник на македонскиот третогенерациски стрип. Во списанието излегуваат и неколку написа на Томислав Османли, а во него објавува и еден автор со делумно македонско потекло – Владо Неданоски. Треба да се спомне дека обиди да објават во „ЈУ стрип“ имале и други Македонци, меѓу кои Владо Николовски, Ристе Секулоски, Стеве Несторовски, Љупчо Кумбароски и Марјан Камиловски.

Претходно имаш објавено и книга за „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“ заедно со Дарко Богданов и Сашо Гачев. Како би ги споредил „семпловите“ на стрипови објавени во двете публикации?

Разлика има во бројот на македонските автори што се застапени во соодветните изданија, како и во обемот на нивните стрипови. Во новосадски „Дневник“ објавуваат само Љупчо Филипов и Ласко Џуровски, додека во „ЈУ стрип“, покрај Филипов, свои стрипови објавуваат и претходно споменатите Поповски, Димано и Тошевски (и Неданоски). Во „Дневниковите“ изданија излегуваат стрипови што се дел од серијали – „Лун, кралот на полноќта“, „Великиот Блек“ и „Вили Вилд“ – додека во „ЈУ стрип“ се објавувани кратки стрипови што, со исклучок на „Итар Пејо“ на Димано, не се дел од пообемна целина.

Што се однесува до нивниот квалитет, ниту еден од стриповите на македонските автори објавени во „ЈУ стрип“ и во изданијата на новосадски „Дневник“ не заостанува зад просекот на стриповите објавени во овие публикации. За дел од нив дури и би можел да кажам дека се вистински ремек-дела од областа на деветтата уметност, секое во својот жанр. Таков е случајот со „Вселенска авантура“ чие сценарио го пишува Илија Поповски, „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов и „П.С. те сакам“ на Игор Тошевски.

Што е следно? Има ли други публикации или автори што те интригираат и заслужуваат подлабоко истражување?

За добро или зло, јас работам симултано на повеќе (разнородни) проекти, што е причина за нивната бавна реализација. Публикацијата за „ЈУ стрип“, на пример, иако нема некој завиден обем, започнав да ја пишувам на самиот почеток од 2018 година, односно речиси пет и пол години пред таа да биде објавена. Прилично долг беше патот од „концепцијата“ до „раѓањето“ и на публикацијата за „Плави вјесник“, имајќи предвид дека како предуслов требаше да се прегледаат над десет илјади страници материјал, како и на таа за авторот на првиот стрип создаден и објавен во Македонија – Жељко Книвалд.

Кога станува збор за историјата на стрипот, мојата најголема желба е годинава да ги завршам, а во догледно време и да ги објавам наредните два тома од „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, кои го опфаќаат периодот 2016 – 2023 година, а со што би ја „донел“ оваа повеќетомна публикација до денешни дни. При евентуално нивно објавување и со досега публикуваните четири тома, во „Визуелната хроника“ би била раскажана историјата на македонскиот стрип од периодот на осамостојувањето па до денес. Воедно, со збирот од над 300 страници А4 формат, таа би била и најсеопфатната, најдеталната и најобемната публикација од регионот во која е обработена една национална стрип-историја.

Ивица Дукоски (објавено на ОКНО)

Saturday, June 10, 2023

Македонскиот стрип претставен во Букурешт

На мултимедијалната патувачка изложба „CAN for Balkans“, поставена во Националната библиотека на Романија, во Букурешт е претставен македонскиот стрип. Изложбата ќе биде отворена до 12 јуни, а покрај делата на авторите од Србија, Албанија и Романија, на неа се изложени и стрипови на историска тематика на неколку генерации македонски автори. Љубомир Филиповски, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој воедно е и селектор на македонскиот сегмент од изложбата, се само дел од македонските стрипописци во чии неколку стотици стрип-табли ќе можат да уживаат романските вљубеници во деветтата уметност.

 


– Најголемиот дел од македонските стрипови поставени во Букурешт се премиерно објавени во детското списание „Наш свет“, во српската ревија „Никад робом“, во првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, а во поново време и како албумски изданија. Од историските личности во нив се среќаваат Александар III Македонски, Хацон, Пребонд, св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, цар Самуил, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и ѓемиџиите, но и фикциони ликови сместени на историскиот фон. Еден таков лик, Самуиловиот едноок воин Никола, е избран за најемблематичен протагонист од македонските историски стрипови и како таков е отпечатен во реална величина, изјави Стеванов.

Изложбата е организирана како дел од активностите на меѓународниот проект „CAN for Balkans“ (Comics alliance networking), во рамките на кој беше објавена и публикација за историјата на балканскиот историски стрип, вклучително и македонскиот. По минатогодишното гостување во Брашов, ова е второ претставување на македонскиот стрип пред романската публика. Патувачката мултиметијална стрип-изложба, чија реализација е кофинансирана од Европската Унија, досега беше поставена и во Тирана, Брисел, Лесковац, а пред неколку месеци и во Велес. Со нејзиното поставување во Букурешт се заокружува проектот „CAN for Balkans“, во чија имплементација како партнерска организација е вклучен и Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес.

Thursday, May 25, 2023

Објавена публикацијата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“

Деновиве излезе од печат „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“, најново книжевно дело на стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип. Станува збор за истражувачка студија со фабуларна структурираност што како проект од национален интерес е објавена со поддршка на Министерството за култура. Како што открива нејзиниот наслов, во книгата е обработена своевремено популарната српска периодична публикација „ЈУ стрип“, со посебен акцент на неколкуте македонски автори што со свои стрипови биле застапени на нејзините страници. 



 – Во својата блескава публикација, Стеванов дава детален приказ на српската ревија „ЈУ стрип“ што „Дечје новине“ од Горњи Милановац ја издава во периодот 1977 – 1987 година, како и на сите македонски творци што со свои дела биле застапени во неа. Книгата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“ на Александар Стеванов е допадливо напишана, мајсторски уредена, современо дизајнирана, богато илустрирана и обилно референцирана, пишува дипломираниот моден и индустриски дизајнер Моника Гачева, во својата рецензија кон книгата.

„Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“ е деветта публикација на тема историја на деветтата уметност во авторство на Стеванов. На истата тема тој објавувал и во поголем број списанија, а се јавува и како автор на стрипови. Со стрипот „Балада за мојот непријател“, тој беше застапен на групната изложба на актуелен македонски стрип неодамна поставена во Сомбор, Србија, а најавено е дека ќе учествува и на првото издание на стрип-фестивалот „Стрип трип“ што на 17 и 18 јуни ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

 Објавено и на:

Saturday, June 18, 2022

Објавена публикацијата „Плави вјесник, 9-тата уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае”

Како проект поддржан од Министерството за култура во рамки на годинашната програма за култура, излезе од печат публикацијата „Плави вјесник, 9-тата уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи за истражувачка студија раскажана со фабуларна структурираност, на која Стеванов започнува да работи уште во 2015 година. Во неа тој дава преглед на популарното хрватско списание „Плави вјесник” кое излегува во периодот 1954-1973 година, и од македонска перспектива ги обработува содржините објавени во него, примарно оние поврзани со стрип-уметноста. 



– „Плави вјесник”, миловно познат како „Плавец”, е култна хрватска периодична публикација, своевремено исклучителнo популарнa на просторот од Вардар до Триглав, во својата рецензија кон книгата пишува дипломираниот драматург Сашо Гачев. Од списанијата од ваков тип, по тиражите и популарноста во бивша Југославија заостанува само зад „Политикин забавник”. Објавена е во речиси илјада броја, а иако не се редовна појава, раштркани во нив се наоѓаат бројни содржини кои се битни за македонската култура и визуелна уметност. Прелистувајќи над 10 000 страници текст, авторот Александар Стеванов ги пронашол сите нив, ги прибележал и минуциозно ги запишал во книгата „Плави вјесник, 9-тата уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае”. Како што, впрочем, открива насловот, во неа преку спојот на тие три нешта тој дава приказ на ова загрепско списание, ставајќи акцент на стрипот и особено на оној поврзан со Македонија. Притоа, тој ни открива една возбудлива и досега непозната епизода од историјата на македонскиот стрип.

Во дваесетте години живот, во кои во издание на загрепски „Вјесник” излегува во вкупно 970 регуларни броеви, „Плави вјесник” се стекнува со огромна читаност. Со бројните сликонизни содржини објавувани во него, тој е меѓу првите публикации кои во повоена Југославија делуваат во насока кон разрушување на негативниот стереотип за стриповите, давајќи придонес за враќањето на популарноста на оваа уметност. Како што во својата книга открива Стеванов, во „Плави вјесник” излегуваат низа содржини на македонска тематика. Како дописници на списанието, дел од нив се во авторство на идни македонски истакнати културни дејци, меѓу кои подоцнежните универзитетски професори Горан Стефановски, Ферид Мухиќ и Јован Корубин. Од содржините поврзани со Македонија, особено внимание заслужуваат два стрипа на тема од македонската национална историја, кои по сценарија на Руди Аљиновиќ ги илустрира таткото на хрватскиот стрип – Андрија Мауровиќ. Особено внимание заслужуваат и стриповите „Капетан Леши” на Жика Митровиќ и Јулио Радиловиќ-Јулес, во кои нацртани се појавуваат неколку македонски актери, како и првото место што на вториот стрип-конкурс распишан од „Плави вјесник” го освојува Љупчо Филипов од Скопје.

Авторот на книгата „Плави вјесник, 9-тата уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае”, стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип, се потпишува како автор на десетина други публикации, меѓу кои и на неодамна објавениот четврти том од едицијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип”. Во неговата професионална биографија стои дека е добитник на петнаесетина награди, меѓу кои прва и втора награда освоени на Меѓународниот стрип-фестивал во Ваљево, награда за најдобар балкански стрип-сценарист освоена на Балканската смотра на млади стрип-автори во Лесковац, како и на три трети и на две втори места освоени на Меѓународниот салон на стрип во Велес. Зад себе има учество на голем број групни стрип-изложби и на една самостојна, а учествувал и на неколку стрип-колонии. До крајот на годината се очекува да излезе уште една публикација во негово коавторство, а ангажиран е и во меѓународен проект за историски стрип поддржан од Европската Унија, како селектор на македонските стрипови предвидени да бидат изложени во повеќе земји.

Објавено и на:

Thursday, June 16, 2022

Објавен четвртиот том од „Визуелна хроника на македонскиот стрип“

Излезе од печат четвртиот том од едицијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, најново дело на стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип. Со неа авторот ја продолжува својата мисија за прибележување на историјата на деветтата уметност на македонско тло, овојпат обработувајќи го периодот 2012-2015 година, во кој македонската стрип-ренесанса ја достигнува својата кулминативна точка.

 

 

„Исто како и претходните, и оваа четврта ’Визуелна хроника на македонскиот стрип‘ е едно особено визуелно патување низ кратката, но бурна и богата историја на домашната стрип-сцена. Совршен баланс на инфoрмација, популарно напишан текст поткрепен со академско референцирање, и придружен од стотина илустрации и цитати“, за оваа публикација истакнува рецензентот Сашо Гачев.

„Визуелна хроника на македонскиот стрип: 2012-2015“ е со формат А4, а на нејзините 60 страници во боја се презентирани преку 250 хронолошки единици – албуми, фестивали, работилници, изложби – прошарани со стотина илустрации и цитати. Објавувањето на публикацијата е поддржано од Министерството за култура, како проект од национален интерес во културата од областа на издавачката дејност за 2022 година.
 
Објавено и на (Time.mk):

Sunday, October 31, 2021

Македонскиот стрип има богата историjа

„Сѐ додека потребата за авторско изразување е главна причина за постоење на стрипот кај нас, не може да разговараме за вистински прогрес на оваа уметност на македонско тло. Во светот стрипот е мултимилионска индустрија, а кај нас се сведува на хоби и професија во слободно време“, вели Александар Стеванов, сценарист, хроничар и стрип-цртач

 

 
Александар Стеванов завршил медицина на факултетот во Варна, но изгледа дека е еден од ретките среќници на кого хобито му станало професија, па така, на нашата јавност и е најмногу познат како стрип-цртач, сценарист, уредник и хроничар на стрипот. Во моментов работи на проектот „Приказна за лекарот, поетот и стрип-пионерот“, и како што вели, засега тоа е единствената точка на пресекување меѓу овие две негови професии. Се работи за македонско-англиска биографска книга раскажана на нетипичен начин, посветена на еден од првите стрип-автори на просторот на бивша Југославија, кој за разлика од Александар, работел и како лекар.

ФИЛМ+: Вие сте автор на трите тома „Визуелни хроники на македонскиот стрип“, каде се опфатени периодите од 1990 до 2011. Кој беше мотивот и како го направивте концептот, со оглед на тоа дека се работи за хронолошки подредени податоци? Колку беше тешко да се прибере сиот тој материјал?

Александар Стеванов: Велат, потребата е мајка на сите пронајдоци. Во време кога почнав посериозно да се интересирам за историјата на македонскиот стрип – постоеше само една книга, во која настаните беа нецелосни. Па, немајќи од каде да ги проверам и потврдам историските факти, кои ми требаа за моите написи, почнав во 2014 година да ги прибележувам сите стриповски настани, поврзани со Македонија, по хронолошки редослед за свои потреби. Иако со години претходно ја следев стрип-сцената кај нас, се изненадив од бројот на ваквите настани. По неполна година листата стана толку долга, што од проект за сопствени потреби неминовно прерасна во идеја за серија книги, кои чекаат да бидат реализирани.

Се радувам дека три од нив, во кои се опфатени околу 650 хронолошки единици, веќе се реализираа. Но, за другиот дел беше потребен поголем напор за да се пронајдат потребните информации. Сакав да опфатам што повеќе објавени стрипови на македонски автори, но проблемот беше што некои од нив, воопшто, ги нема во нашите библиотеки. Таков е случајот со „Супер Тоше“, на пример. Иако печатен во тираж од неколку илјади примероци и своевремено исклучително популарен, не можеше да се најде ниту еден примерок, па така, за информации за некои епизоди, морав да се обратам на стотина адреси.

Сликовницата „Девоjче на Месечината“ е мое единствено публикувано дело каде што сум сценарист и илустратор

Дали ќе следува и четврти том, всушност, колку се планирани?

-Четвртиот и петтиот том, кои го опфаќаат периодот 2012 – 2019 година, се во завршни подготовки. Со поддршка од Министерството за култура се надевам дека ќе излезат во наредниве две години (македонскиот стрип има интересна историја, која е побогата одошто се мисли).

Автор сте и на сценарија на неколку албуми. За што станува збор?

-Пишувањето сценарија е првата активност со која посериозно влегов во светот на стрипот. Се јавувам како автор на текстовите на сите објавени стрипови во третиот и во четвртиот број на публикацијата „Стрип Алманах“. Меѓу другите, во нив се објавени секвенцијални дела што ги работев со Весна Ничевска, која е заслужна што почнав да се занимавам со стрип, потоа Мирко Бојаџијевски, Катерина Николовска, Стефан Коцевски и Дарко Богданов. Со последниот од нив, минатата година ја објавивме стрип-збирката „ÆgriSomnia“, која претставува заокружување на нашето десетгодишно познанство и соработка. Автор сум и на малата сликовница „Девојче на Месечината“, која е мое единствено публикувано дело каде што сум сценарист и илустратор. Токму деновиве дознав дека нејзиниот тираж е веќе распродаден.


„Мачорот што сакаше да стане крал на светот“ и „Приказна за безбоjното мече“ нѝ донесоа неколку меѓународни признаниjа
 

Стрипот во Македонија, заедно со успесите, се резултат на ентузијазмот на поединци. Како да се подигне заинтересираноста кон стрипот, да се зголеми бројот на консументите, да се афирмира македонскиот стрип во пошироки рамки? Дали треба да се следат активностите што ги има Стрип-центарот во Велес, кој е и еден од најактивните во Македонија?

-Тоа е прашање кое не е многу тешко да се одговори, но тешко е да се реализира одговорот. Сѐ додека потребата за авторско изразување е главна причина за постоење на стрипот кај нас, не може да разговараме за вистински прогрес на оваа уметност на македонско тло. Во светот стрипот е мултимилионска индустрија, а кај нас се сведува на хоби и професија во слободно време. Потребно е да се направат напори за одржливост на домашниот стрип, а освен со поддршка од државата, најголема разлика во таа насока можат да направат консументите. Многу пати во историјата досега се покажало дека стрипот ги имал своите комерцијални пикови првенствено поради интересот на читателите.

Вашата успешна соработка со Катерина Николовска е потврдена со освоени награди за два стрипа, каде што се појавувате како сценарист. Од што се раководите кога одлучувате илустрациите да ги направи некој друг, а не вие?

-Не постои уметничко дело во кое не е вградено макар едно зрно од духот на неговиот автор. Верувам дека уметничките дела се духовен одраз на нивните создавачи, па така некако ги избирам и соработниците или подобро кажано, со својата уметност тие самите се „регрутираат“. Тешко ми е да замислам некој друг да стои потпишан како илустратор на „Мачорот што сакаше да стане крал на светот“ и „Приказна за безбојното мече“, стрипови што Катерина ги реализираше во волшепство од линии и бои, а што на крајот нѝ донесе и неколку меѓународни признанија.

 

Стрип-сцената е толку богата со настани, што логично беше тоа да прерасне во сериjа книги под наслов „Визуелни хроники на македонскиот стрип“


Стрипот по својата форма и содржина е речиси ист со една книга на снимање, што се користи при снимање филм: тука се сценариото и цртежите кои ги прикажуваат главните кадри т.е. планови на снимање. Дали би додале уште нешто?

-Филмот и стрипот се уметности со сроден генетски материјал. Ако најкратката дефиниција за стрип е приказна во слики, филмот би бил таква во подвижни слики. Единствената суштинска разлика меѓу нив е дејствието кое кај филмот се развива темпорално, а кај стрипот – просторно. Имајќи го предвид последното, како што посочува теоретичарот Скот Меклауд, филмската лента гледана без посредство на проектор е разреден стрип. А, со оглед на тоа што филмот како уметност токму од неа го влече својот назив, излегува дека неговото етимолошко потекло е од еден суштински стрип. Како што и вие начнавте во прашањето, стрипот може да се посматра и како филм на пониска етапа од својот еволутивен развој.

Стриповско-филмската испреплетеност во последните дваесетина години можеби најизразито се манифестираше со масовната преселба на стрип-ликовите на големото платно. Толкувајќи еден таков стрип-мигрант, минатата година Жоакин Феникс дури и се закити со „Оскар“. Но, секако има и обратни примери. Па така, на пример, првиот стрип-албум на македонски јазик, „Мис Стон“, е правен според истоимениот филм од 1958 година. Во доказниот материјал за испреплетеноста на двете уметности би можело да се каже и тоа дека режисерот на овој филм, Жика Митровиќ, во младоста и самиот се занимавал со цртање стрипови. 

„Суперхероj“ – еден од стриповите на коj Стеванов е сценарист


Имате освоено 24 награди меѓу кои и неколку благодарници. На што работите сега и кои се вашите идни планови?

-До пред некое време работев летеринг на два проекта. Првиот е „Потрагата на Коран“, според сценарио на режисерот Гоце Цветановски. Со својот обем, ова дело што со нетрпение го очекувам, е едно од најамбициозните во целокупната македонска стрип-историја. Другиот проект е насловен „Бестрашниот“ и е целосно авторски стрип-албум на Дарко Богданов. Заедно со Гоце Панговски работиме на преводот на споменатата книга, „Приказна за лекарот, поетот и стрип-пионерот“. Покрај наредната „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, ќе се вклучам во еден меѓународен истражувачки проект на тема „историски стрип и стереотипи“, што кај нас го реализира Стрип-центарот на Македонија. И покрај сето ова, се надевам дека ќе најдам време да напишам и неколку сценарија за стрип кои чекаат подолго време да се преселат од светот на имагинацијата во „реалноста“.

 Разговара: Гордана Блажевска (Објавено во „Филм+“ и „Нова Македонија“)

Tuesday, October 26, 2021

Изложба: „Увертира кон македонскиот стрип“

На 26 октомври, вторник, во 17:30 ч. во НУ – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип ќе биде отворена изложбата „Увертира кон македонскиот стрип“. Станува збор за поставка на педесетина рани форми на стрип од просторот на бивша Југославија, создадени во втората половина на 19 век. Во улога на промотор на изложбата се јавува стрип-авторот Александар Стеванов, кој во воведниот говор ќе ја претстави македонската врска на изложените дела.


„Во бивша Југославија, стрипот како термин за првпат се спомнува во 1930-тите години, но како уметност тој има своја богата праисторија. Па така, првите стрипови, односно протострипови, на истиот тој простор се појавуваат уште во 1860-тите. Раштркани во мноштвото периодични публикации, меѓу другите и во оние уредувани од Јован Јовановиќ, за дел од тие рани форми на стрип интересно е да се спомне дека имаат извесна поврзаност со нашата земја“, изјави Стеванов.


Изложбата ќе се спроведе во согласност со мерките и протоколите за заштита од вирусот КОВИД 19, а ќе биде отворена и во текот на наредната недела. Нејзиното организирање е во рамки на проектот „Увертира кон македонскиот стрип“, поддржан од Министерството за култура. Како втора и финална фаза од реализацијата на истиот проект, на почетокот од идниот месец ќе биде објавена и двојазичната истражувачка книга „Приказна за лекарот, поетот и стрип-пионерот“.
 
Објавено и на:

Monday, September 20, 2021

Објавена студијата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли

Книгоиздателството „Бегемот“ ја издаде книгата „Стрип – Деветтата уметност“, капитална теоретска објава посветена на медиумот, уметничкото творештво, општествените влијанија и естетиката на стрипот. Книгата претставува ново, изменето и опсежно, речиси двојно дополнето издание на првата македонска теоретска книга во доменот на „деветтата уметност“, првично објавена под насловот „Стрип – запис со човечки лик“, најнапред во 1987 година (на 133 страници, во издание на „Млад борец“, Скопје), потоа и во 2002 година (со 199 страници, во издание на „Култура“, Скопје) и сега, со голем број нови теми, содржини и илустрации, на 346 страници текст и слики. Со тоа се дополнува празнината која настапи по веќе дамнешното исцрпување на оваа книга за која не престанува интересот меѓу генерациите автори, проследувачи и љубители на деветтата уметност. 
 
 
Студијата на Османли која феноменот на стрипот го разгледува „од развојот на медиумот до актуелната идеологија и типографија на деветтата уметност“, го носи теоретскиот поднаслов „Антропоморфизмот на стрипот“, според тезата на овој наш автор, дека стрипот е фигуративен и како таков – антропоморфен медиум и уметност. Томислав Османли нив подробно ги претставува во воведниот теоретски текст на својата книга насловен „Белешки за медиумската еманципација на стрипот: Пледоаје за современиот стрип“, низ 17 тези извлекувајќи мноштво релевантни теоретски заклучоци за карактерот и својствата на стрипот како медиум и како уметност. На трагата од овие свои постулати, Османли ги истражува медиумските граничници и експериментални стрипови и отаде „човекообраната фигурација“, во стрип-творбите што се стремат да донесат „чисто графичка динамика“ на непредметни или апстрактни форми… 
 
Појава на студијата за стрипот, легендарниот стрип автор, карикатурист и аниматор Дарко Марковиќ ја означи на следниот начин: „Ако досегашните дострели во истражувањето на стрипот кај нас ги означиме со восочна свеќа, тогаш истражувањата на Османли претставуваат ласерски зрак во оваа област…“. Појавата на оваа книга ја акцентира и теоретичарот и историчар на уметноста Проф. Д-р Борис Петковски: „Томислав Османли грижливо ги разгледува проблемите на временската, просторната и динамичка компонента на безбројните обиди, човековата мисловност да се овековечи во различните форми на ликовно-визуелното искажување, сѐ до филмот и фотографијата: за потоа да посочи дека, веќе од мугрите на стрипот, на ‘деветтата уметност’, сите белези што него го одликуваат се воедно и врсници со други инструменти на денешната цивилизација…“. При промоцијата на нејзиното прво издание, со највисоки оценки за теоретскиот труд, книгата ја проследи и проф. д-р Ферид Мухиќ, ако и други автори меѓу кои во најново време, најбележито, стрип-авторот, истражувач и историчар на стрипот Александар Стеванов. 
 
Студијата „Стрип – запис со човечки лик“ доживеа надворешни афирмации: беше прогласена за книга на годината според изборот на сараевскиот неделник „Наши дани“, а втор настан во годината на нејзината појава (1987) на југословенската стрип сцена. Таа стана неодминлив наслов во сите порелевантни објави на значајни наслови на поранешниот југословенски простор, а нејзината појава ја регистрираа повеќе информативни гласила низ регионот. За овој свој пионерски и капитален труд, авторот Томислав Османли доби две високи признанија: државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ за публицистика во 2004; и признанието „Љупчо Филипов“ на Стрип центарот на Македонија, за особени заслуги во афирмацијата на стрип културата и уметноста во Република Македонија, во 2009 година. 
 
Новото проширено издание се појавува под новиот наслов „Стрип – деветтата уметност“ носи квалитети на сосем нова објава: авторот покрај додатоците и елаборациите во сите содржини, воведува едно сосем ново опсежно и богато обработено теоретско поглавје „Стрип и ангажман“ во кое, врз голем број примери на стрип-творби, го разгледува поимот на политичкото дејство на деветтата уметност. Освен тоа Османли, инаку автор на хрониката на македонскиот стрип од неговите почетоци сѐ до оваа негова деветта декада, опсежно ги дополнува содржините на порано застапените стрип-дејци, како и листата на автори на деветта уметност од поново време. При тоа, сообразно со ширењето на графичката уметност на други, но сродни домени, го одбележува творештвото на стрит-арт на побележитите од плејадата македонски графити-артисти. Книгата содржи и детален индекс на објавите на и за стрипот како и на стрип изложбите на нашите стрип автори. 
 
Авторот на поговорот кон ова издание, стрип-авторот Александар Стеванов во својот вдахновен текст истакнува: „…Со квалитетот кој ги надминува границите на нашата земја, во оваа импресивна студија за уметноста на приказните во слики, чие што објавување со нетрпение го очекував, верувам дека би уживал секој еден стрипољубец. Впрочем, моја цврста убеденост е дека нејзиното објавување ќе биде прибележано како најзначајниот македонски стриповски настан и тоа не само на оваа туку и на претстојните години, барем од неговата деветта декада.“ 
 
Посебен придонес кон појавата на оваа книга дадоа Филип Димевски, главен уредник на „Бегемот“, лекторката Ирена Ралева и Наталија Лукомска, која ликовно ја уреди оваа книга со оригинален квадратен формат. Оригиналното решение на кориците е дело на стрип авторот Ѓорѓе Јовановиќ, користејќи за заштитен знак една своја, модернизирана верија на „Жолтото момче“, еден од најстарите стрип-јунаци. 
 
Книгата „Стрип-деветта уметност“ финансиски е подржана од македонското Министерство за култура.

Tuesday, July 20, 2021

Во мисија против заборавот на домашното стрип-наследство: интервју со Александар Стеванов

Автор: Јагода Василева (оригинално објавено на „Патем“)

Со поддршка на Министерството за култура, неодамна беше објавен третиот том на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Станува збор за најнова авторска творба на стрип-хроничарот Александар Стеванов, која совршено ја опишуваат придавките: амбициозна, повеќеслојна и современо конципирана. Или, како што елоквентно посочува писателот Томислав Османли, тоа е „детална, содржински и графички богата, значајна хроника на македонските стриповни творби, дејност и публикации…“ Во неа Стеванов опфаќа над 240 хронолошки единици, придружени од 80-тина цитати и околу 130 илустрации, на тој начин доближувајќи ја до читателите приказната за деветата уметност на македонско тло. Иако причините постоеја и претходно, скорашното излегување на ова енциклопедиско издание го искористивме како повод да поразговараме со нејзиниот автор.

Што ви беше инспирација за настанокот на Визуелните хроники на македонскиот стрип и како воопшто дојдовте на идеја да започнете со прибележување на домашното стриповно минато?

Се сеќавам дека кога бев дете, покрај стриповите, сликовниците и списанијата, како гарант за мирот во куќа мајка ми често ми носеше и тетратки. Најголемиот дел од нив уште веднаш ги исполнував со шарени цртежи, но не и оние тврдоукоричените. Нив, што во тоа време ми изгледаше како нешто далеку позначајно, ги користев за запишување информации за моите омилени стриповски и филмски херои. Цртав како изгледаат или лепев нивни сликички, кои со „писарската“ помош од мајка ми ги дополнував со мини-биографии за секој еден од нив: од каде се, кои се нивните особености, во каков однос се со останатите ликови … Исто како во случајот со овие мои енциклопедии во обид, причините за настанокот на Визуелните хроники во еден дел несомнено се должат на мојата личност. Поради едно или друго, се чини дека проучувањето, документирањето и систематизацијата кај мене побудуваат интерес. А, кога ова ќе се надополни со фасцинираноста од минатото и уметноста, особено стрипот, идејата за прибележување на домашното стриповно минато е само логична последица од сето тоа.

Вториот дел од причините за настанокот на Визуелните хроники, впрочем како и за сѐ друго, се должат на надворешни фактори и влијанија. За време на студентските денови се сретнав со петтомното издание „Сликовна историја на 20 век“ (Pictorial History of the 20th Century) кое што ми остави силен впечаток. Иако уште од раното детство другарував со енциклопедиски изданија, а како задача во текот на образованието имав читано и хроники, сепак дотогаш немав забележано издание во кое настаните се подредени по хронолошки редослед, типографски јасно одвоени еден од друг, а притоа да се и богато илустрирани. Таквиот пристап ми се виде како неверојатно привлечен и полезен за запознавање со одредена област. Во ретроспектива, барем концептуално, можеби токму оваа публикација е еден од најзначајните извори на инспирација за настанокот на моите Визуелни хроники на македонскиот стрип.

Што се однесува до содржината, морам да спомнам дека директен поттик ми беше второто проширено и дополнето издание на книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли. Како своевремено единствена македонска публикација на тема стрип, таа не само што посредуваше во мојата иницијација во областа на стрип-историографијата, туку и прва ми ја покажа мултифасетноста на деветтата уметност, како и безграничните можности за нејзино сериозно проучување. Огромна радост ми причинува што можам да споделам дека годинава, исто како и минатата година, остварив соработка со авторот на оваа исклучително значајна книга, почитуваниот г-дин Османли. По однос на дизајнот, пак, и повеќе од инспирација ми беа неколку феноменално изработени енциклопедии во издание на меѓународното книгоиздателство „Дорлинг Киндерсли“ (Dorling Kindersley), а за истото се служев и со боите во избор на „Пантон“ (Pantone). 

 

 

Знаете ли за други проекти налик Визуелните хроники, чија цел е документирање на друг сегмент од културното живеење во Македонија?

Според концептот, ми се чини дека нивен „брат од други родители“ е книгата „Македонски рок времеплов“ на авторот Тошо Филиповски. И во случајот со оваа публикација која излезе пред неколку месеци, опфатените единици се графички интересно подредени, придружени со слики во боја и временски систематизирани. Покрај што се работи за пообемно издание, можеби единствената суштинска разлика во однос на Визуелните хроники е што редоследот во „Македонски рок времеплов“ е првенствено детерминиран од денот и месецот, а не од годината. Од истиот автор овде би ги спомнал и книгите „Македонска рок енциклопедија“ и „Македонска дискографија: винили“, амбициозни проекти кои што исто така имаат за цел прибележување на домашното културно наследство, а со кои би се гордеела и држава економски далеку побогата од нашата.

Публикација со која Визуелните хроники на македонскиот стрип споделуваат слична основна идеја е и „Хроника: Хронологија на настани од областа на македонските современи ликовни и применети уметности од 1987 – 1997“ од Марина Лешкова. И во неа, исто така, настаните се подредени хронолошки, но само како листа – без подетален опис и придружни слики. Истиот пристап е искористен и во неколку написи на тема македонско сликарство и применета уметност објавени во списанието „Ликовна уметност“, а како публикација со сродна „ДНК“ би ја посочил и „Македонска карикатура“, капитално дело на историчарот на уметност Владимир Величковски. Тематски, Визуелните хроники веројатно имаат најголеми сличности со последното поглавје од споменатата „Стрип – запис со човечки лик“, во кое е раскажана историјата на македонскиот стрип.

Би било убаво доколку сличен третман добие и трагот што на македонско тло го оставиле останатите уметности. Во спротивно, по однос на нив, минатото во свеста на обичниот Македонец ќе изгледа како залудно потрошено време.

Кој ви беше главниот извор на информации и како течеше процесот на подготовка на Визуелните хроники?

Информации црпев од мноштво извори, а воедно и информациите за секоја хронолошка единица се обидував да ги потврдам со повеќе од еден извор. На почетокот од деведесеттите и одново почнувајќи од 2009 година, активно ги следев стриповските случувања во државата, па за добар дел од нештата се потпирав на сопствената меморија и стрип-колекција, на база на што потоа дополнително истражував. Се служев со информации од семрежјето и од дневниот печат. Мрежните места на македонските дневни весници во време кога го започнував истражувањето, за разлика од денес, имаа архиви во кои можеше да се пребарува што значително ми ја олесни работата. Како извор на информации се служев со написи на поголем број новинари, меѓу кои Сунчица Уневска, Љупчо Јолевски, Петар Печков, Биљана Стојановска, Мимоза Петревска-Георгиева, кои од сенка имаат дадено значаен придонес за популаризација на македонскиот стрип. Како незаменливи извори на информации би ги посочил и балканскиот веб-магазин „СтрипВести“ (stripvesti.com), македонскиот стрип форум „Макстрипови“ (www.makstrip.com.mk), електронското списание „Македонска Ризница“ (issuu.com/makedonska_riznica), библиотечниот систем „COBISS“ (www.mk.cobiss.net), како и мрежното место „ЗаУм“ (zaum.mk).

Се трудев споделените информации да бидат поткрепени од обележани референци (ендноти), како би биле покредибилни, а кои воедно би им послужиле и на некои идни истражувачи. А, за да стигнат до нив, би спомнал и дека направив напор за трајно зачувување на искористените семрежни написи. Како што во својот напис „Веб наследството како артефакт за идните генерации“ истакнува д-р Ненад Живановски, „во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.“ Ваквата практика на незавидна грижа за домашното интернет-наследство ме натера да ги архивирам речиси сите написи од семрежјето, искористени за потребите на Визуелните хроники, пред тие трајно да исчезнат. Па иако дел од реферираните семрежни написи денес не постојат на своите оригинални места (како што се тие своевремено објавени на веб-сајтовите на македонските дневни весници), како нуспојава од изготвувањето на овие публикации, кон најголем дел од истите сѐ уште може да се пристапи преку „Internet archive“ (archive.org), а верувам дека таков ќе биде случајот и по децении од сега.


 

За изготвувањето на Визуелните хроники ми помогнаа и написите на тема македонски стрип, како што се оние на Ване Трајков за Меѓународниот салон на стрип во Велес и за македонските стрип-ревии од деведесеттите. Се служев и со каталози и други публикации, вклучително и со самите стрип-изданија за кои пишувам, дел од кои ги имам во мојата домашна стрипотека. За комплетирање на стриповскиот мозаик не ретко добивав помош и безрезервна поддршка од мојот добар пријател Дарко Богданов од Виница, за што сум му многу благодарен. За последната Визуелна хроника неколку дополненија ми испрати Давор Драмиќанин, а за истата ми помогна и издавачот и стрип-автор Никола Темков. Меѓу другото, тој ми посочи неколку странски публикации во кои објавувал, а ми достави материјал и за промоција на македонскиот стрип во Франција, информации кои во недостаток на медиумска покриеност тешко некој одовде би можел да ги дознае на друг начин. А, како би се ориентирал во морето од случувања, би сакал да истакнам дека уште од самиот почеток од непроценлива помош ми беше последното поглавје од книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на нашиот истакнат писател Томислав Османли.

Што се однесува на процесот на изготвување на Визуелните хроники, се трудев работата да тече последователно. Најпрво истражував, селектирав, архивирав и подредував по хронолошки редослед, потоа пристапував кон пишување на хронолошките единици, истите добиваа типографски третман и ги придружував со слики, односно ја дизајнирав публикацијата, додавав референци и воведи, за на крај сето да го проверам неколку пати. Сепак, пред сѐ поради информациите откриени во меѓувреме, во еден дел работата неминовно се сведуваше на контролиран хаос.

Според кои критериуми ја вршевте селекција за тоа кои настани и изданија да бидат опфатени, а кои не?


Селекцијата не беше воопшто строга, како би се избегнале одлуки базирани на вкус и субјективност, а се раководев главно од два критериума. Првиот секако беше одреден настан да има врска со стрипот, а вториот – да се случува на македонско тло или како учесник во истиот да се јавува Македонец, односно македонски граѓанин. Па така, како засебни хронолошки единици во Визуелните хроники влегуваат стрипови на македонски автори, без оглед каде се објавени, но и стрип-публикации објавени во Македонија, без оглед дали Македонци или странци се потпишуваат како нивни автори, стрип-фестивали кои се одржале кај нас, како и такви одржани во странство на кои наши автори гостувале или освоиле награди, изложби на стрипови поставени на македонско тло и изложби на македонски автори во странство… Или накратко кажано: предуслов беше хронолошките единици да се однесуваат на стриповски активности на македонски чинители или на стрипот во Македонија, критериуми што во добар дел од нив се препокриваат.

На одредена етапа од подготовката на Визуелните хроники мислев да ги опфатам и странските стрипови за чија содржина знаев дека има некаква врска со Македонија, без оглед дали таа е историска, географска или пак само сценографска. На крај, сепак одлучив да се откажам од оваа замисла. И покрај тоа што станува збор за стрипови, како и тоа дека имаат врска со Македонија, таквите странски стрип-публикации немаат ништо општо со македонскиот стрип, без оглед дали поимот ’стрип‘ го сфаќаме како уметност (творештво) или како медиум (издаваштво).

За разлика од претходните Визуелни хроники на македонскиот стрип во кои се обработени периоди од десет, односно осум години, оваа опфаќа само четири. Значи ли тоа дека во неа и бројот на страниците е преполовен?

Всушност – не. Бројот на страниците е ист како и кај претходните Визуелни хроники, а причината за намалувањето на временскиот опфат е резултат на зголемената стрип-продукција во него. Споредено со претходните осум години, односно со деведесеттите, нивниот број од 2008 до 2011 година, на годишно ниво е зголемен во просек за двојно, односно за тројно. Па така, ако во периодот 1990 – 1999 (10 год.) имам прибележано околу 190 хронолошки единици, во периодот 2000 – 2007 (8 год.) безмалку 230, нивниот број во периодот 2008 – 2011 (4 год.) изнесува околу 240.

На што се должи таквата силно зголемена стриповска продукција?

До првите неколку години од новиот милениум, македонскиот стрип се карактеризира со кратки изблици и воспоставени традиции најчесто не подолги од половина декада. Па така стрип-групата Туш лабараторија функционира од почетокот до средината на осумдесеттите, првата македонска стрип-ревија „Макстрип“ од 1989 до 1993 година, а стрип-ревиите „Стрип експрес“, „Клик“, „Стрипотека“ и „Тотем“ не доживуваат ни годишнина од своето постоење. За разлика од ова, дел од стриповските настани зачнати во првите неколку години на 21 век периодично продолжуваат да се појавуваат до денес. Значи, освен што од година во година се појавуваат нови чинители и нови настани, во овој период традицијата ја задржуваат и дел од старите. А тоа всушност е една од причините за зголемената продукција на стриповски содржини кај нас во периодот 2008 – 2011 година. Во групата на настани кои периодично продолжуваат да се појавуваат и во овој период, на тој начин воспоставувајќи традиција, спаѓа манифестацијата Меѓународен салон на стрип во Велес, годишното признание за афирмација и развој на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“ и стрип-магазинот „Стрип Креатор“.

Од „раѓањето“ на стрип-уметноста во Македонија кон крајот на триесеттите години на минатиот век, па до денес, главно гориво на македонскиот стрип е авторскиот ентузијазам и желбата за себеизразување. Во овој период, што всушност е друга битна причина за зголемената продукција на стриповски содржини кај нас, имам впечаток дека ентузијазмот на македонската стрип-сцена никогаш не бил толку силно изразен. Најголем процентуален удел за ваквата поволна состојба ми се чини дека се должи на активацијата на голем број млади и постари стрип-автори преку нивно постројување околу виртуелното собиралиште „Макстрип“, а потем и со нивното формално организирање во здружението „Макстрипови“. Благодарение на ентузијазмот на оваа група автори, одржани се повеќе стрип-изложби, стрип-работилници, гостувања на стрип-фестивали, а по пауза од нецели пет години за првпат е покрената и нова македонска стрип-ревија – „Синдром“.

 

 

Како фактор за зголемувањето на стриповските настани би ја спомнал и појавата на прилепската издавачка куќа „Варм комикс“, која објавува стрипови од италијанска продукција, како и сѐ поголемата демократизација во поглед на објавувањето секвенцијални дела. Благодарение на семрежјето и зголемениот достап до него, веќе секој може да објави стрип, на тој начин заобиколувајќи ги медиумите и уредниците кои немаат премногу слух за оваа уметност. Иако не постои дилема дека во овој период кај нас има изразено зголемување на бројот на стриповските содржини, би требало да се спомне дека тоа во одреден процент е сепак лажливо. Имено, во споредба со деведесеттите и со периодот 2000 – 2007 година, пронаоѓањето информации за овој период е значително полесно, не само поради тоа што е временски поблиску до нас, туку и поради придобивките кои ги носи новото време.

Постои ли сврзно ткиво, односно нешто што е општа карактеристика за македонскиот стрип во периодот обработен во новата Визуелна хроника на македонскиот стрип?

Според одреден критериум, во кој било период и да истражуваме би откриле елементи кои се најкарактеристични и репетитивни. Деветесеттите години на минатиот век, на пример, не само од стриповски аспект се години на осамостојување. На почетокот од овој период, обработен во првата Визуелна хроника на македонскиот стрип, Македонија (неволно) раскрстува со стриповите од останатите (поранешни) југословенски републики кои дотогаш ги преплавуваат македонските киосци. Освен што уште некоја година продолжува да излегува првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, во деведесеттите се појавуваат и плејада домашни периодични стрип-публикации како што се: „Стрип експрес“, „Клик“, „Стрипотека“, „Тотем“, „Лифт“ и „Стрип Арт“. А, за разлика од денес, кога излегуваат во број од десетина годишно, во деведесеттите не е објавен ниту еден стрип-албум на македонски јазик.

Периодот 2000 – 2007 година, опфатен во втората Визуелна хроника, претставува период на преобразби и контрасти. Во него згаснуваат низа воспоставени стриповски традиции, за од нивната пепел да се родат нови, на тој начин правејќи го овој период транзициски. Дел од тие новоформирани стрип-субјекти и традиции продолжуваат и во четирилетката 2008 – 2011, опфатена во оваа најнова Визуелна хроника. Но, она што е позначајно е дека во неа се појавуваат и нови, дел од кои стигнуваат до кулминативна точка. А, како што спомнав погоре, најголем дел од тие нови стрип-настани се овозможени, барем во еден дел, благодарение на сметачите и семрежјето. Всушност, ако бараме најмал заеднички содржател за периодот 2008 – 2011 и новопојавената енергија на македонскиот стрип, тоа би биле новите технологии и засилениот авторски ентузијазам.

Па така, во овој период се појавуваат веб-стрипови, кои што авторите сами ги објавуваат на своите блогови, меѓу кои: „Светот на Бромо“ и „Флејкдеј“ на Владо Јаневски, „Волшебното катче на Цане“ на Тхе Мичо, „Папагалски живот“ на Михајло Младенов, „Пеколот“ на Денис Поповски и „Кромаг“ на Стеве Несторовски. Иако сметачите кај нас и претходно се користеле за изработка на стрипови, во овој период тоа веќе не е така инцидентна појава. И, за разлика од претходно кога сметачите се во служба главно за боење и впишување на текстот, добар дел од стриповите од овој период се изработени во целост со дигитален пристап, односно само со користење на компјутерски програми како алатки.

Освен во креативниот процес, сметачите и семрежјето им помагаат на авторите и за побрза комуникација. Ако некогаш требало да се патува со часови за да се оствари средба со одреден уредник или издавач, новите технологии овозможуваат тоа да се заврши со само неколку клика на тастатурата. Семрежјето овозможува и полесно остварување контакти, во резултат на што повеќе македонски автори објавуваат стрипови во САД, Обединетото Кралство, како и во земјите од бивша СФРЈ. Особено значајно место во овој период има форумот „Макстрип“, кој претставува виртуелно собиралиште на безмалку целокупната македонска стрип-сцена. А, со позитивната повратна спрега во инспирирањето што ја постигнуваат неговите членови, тој делува како „spiritus movens“ за ново македонско стрип-творештво.

Од околу 240-те единици за македонскиот стрип опфатени во оваа трета Визуелна хроника, кои би ги издвоиле како најзначајни?

Прибележувајќи што е можно поголем број стрипови и настани во Визуелните хроники, се трудам да го оставам читателот самиот да одлучи кои се најбитните во соодветниот период или година. Со истата цел, освен со воведните текстови и со пренесените цитати од претходни написи на кои се потпишувам како автор, се обидов да избегнувам вметнување мои лични размислувања и да оставам фактите да говорат. А, како сликата би се видела и од други агли, во оваа трета Визуелна хроника поставив и околу осумдесет цитати од други стрип-читатели. Но, за да не останам должен на вашето прашање, како еден од најзначајните стриповски настани од овој период би го посочил „Капетан Грејт“, стрип на Давор Драмиќанин и Тхе Мичо (и Здравко Гиров) од кој во 2008 година се објавени десет броја. Интересно би било да се спомне дека „Капетан Грејт“ е веројатно првиот македонски стрип од поголем обем кој целосно е изработен дигитално. Оваа година се појавува и еден од првите македонски веб-стрипови – „(С)трип“, а кон крајот на истата со работа почнува прилепската издавачка куќа „Варм комикс“, објавувајќи стрипови со Алан Форд, а потем и со Загор, Дилан Дог, Марти Мистерија, Мистер Но и со Натан Невер.

На почетокот од наредната 2009 година се појавува македонскиот стрип форум „Макстрип“, кој што околу себе обединува поголем број од македонските стрип-автори и стрипофили, а со што самиот изродува низа стриповски активности како стрип-работилници и изложби на стрип-табли. Истата година почнува да излегува и новинскиот стрип „Пусто турско“ на Дарко Ристевски, а е објавен и стрип-албумот „Кратки резови“ на Игор Јовчевски, како и стрип-публикацијата „Олимписко примирје“ која излегува во две верзии – на македонски и на албански јазик. Според моите сознанија, „Олимписко примирје“ е прва стрип-публикација на македонски автори (Тхе Мичо и Димитар Солаковски) објавена на албански јазик. Во 2010 година се појавува новинскиот стрип „Петко“ на Тхе Мичо, излегува првиот број на промотивниот стрип-магазин „Синдром“ и првиот стрип-албум „Фацизам“ на Тонио Сан и Кинг Физе, а како логична прогресија на македонскиот стрип форум е основано и здружението „Макстрипови“.

Меѓу најзначајните настани во 2011 година е отпочнувањето со работа на скопската стрип-книжарница „Бункер“, објавувањето на стрип-албумот „Капетан Нитрат: Кратки (?) резови“ кој по сценарио на белградскиот сценарист Борислав Стонојевиќ го илустрира Александар Сотировски родум од Битола. Кон крајот на истата година е објавен и стрипот „Другарчиња“ кој според расказ на Ирфан Мартез го црта Фросина Трендафиловска. Ова нивно дело подоцна е објавено во Бугарија, под насловот „Пријателчета“, со што според мои сознанија станува прва стрип-публикација на македонски автори објавена на бугарски јазик и во Бугарија. Како особено значаен настан за македонскиот стрип во 2011 година би го посочил и објавувањето на графичката новела „Модус Вивенди“ на Дарко Богданов. Исклучително многу се радувам што авторот на оваа неверојатна публикација се согласи еден фрагмент од „Модус Вивенди“ да биде искористен како корица на мојата трета Визуелна хроника на македонскиот стрип.

 

 

Освен што ја прибележувате домашната стрип-историја, вие воедно и ја пишувате. Кажете ни нешто повеќе за неодамна освоената награда во Ваљево, како и за другите ваши скорашни стрип-активности?

На самиот почеток од годинава, како најубав новогодишен подарок, со илустраторката Катерина Николовска-Тери ја освоивме првата награда на Меѓународниот салон на стрип во Ваљево, Србија. Наградата ни беше доделена за краткиот стрип „Приказна за безбојното мече“, кој само неколку месеци претходно се закити со третото место на салонот во Велес. Неодамна неколку мои стрипови излегоа во електронското списание „(е)Лит“ на уредникот Јордан Коцевски, а мој опширен напис за македонската стрип-ревија „Деветка“ беше објавен во српската периодична публикација „Стрип пресинг“ на уредникот Марко Стојановиќ. Мој напис на тема стрип неодамна беше објавен и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност – „Современост“, кое го уредува Стефан Марковски, а до крајот на годината се очекува таков да излезе и во српското списание „Рас комик“ на уредникот Горан Трајковиќ, со кое веќе неколку години имам активна соработка. Се надевам дека светлото на денот наскоро ќе го види и стрип-серијалот „Потрагата на Коран“ на кој што, под уредничката палка на Гоце Цветановски и Адам Армит, до пред скоро време работев на летерингот.

Како збогатување на домашната понуда на стрип-изданија, неодамна беа објавени два нови броја на магазинот „Креатор“ во издание на Стрип центарот на Македонија – Велес, кој графички го уредувам веќе петта година. Од истиот издавач, односно исто така под уредништво на Ване Трајков, неодамна излегоа и стрип-албумите: „Шенко“ на доајенот на македонскиот стрип Миле Топуз и „Херлок Шолмс“ на хрватските автори Звонимир Фуртингер и Јулио Радиловиќ-Јулес, на кои исто така се потпишувам како дизајнер. Според мене, станува збор за едни од најквалитетните изданија на кои сум имал можност да работам, поради што топло ги препорачувам. Идниот месец би требало да излезе стрип-публикацијата „Македонијо, зелена пак ќе бидеш!“, во рамки на истоимениот проект, на која бев задолжен за графичкото обликување. А, наскоро би требало да затпочнам со летерирање на стрип-албум на мојот добар пријател Дарко Богданов од Виница со кого, како епилог на нашата досегашна десетгодишна соработка, минатата година беше објавена стрип-збирката „Ægri Somnia“. Работам на уште еден проект поврзан со историјата на деветтата уметност, но тоа нека биде изненадување.

Би можеле ли догодина да очекуваме нова Визуелна хроника?

Исто како што развојот на македонскиот стрип не зависи ексклузивно од авторите, ниту издавањето на наредните хроники не зависи само од мене. Потребните факти за наредната Визуелна хроника, која ќе го опфаќа периодот 2012 – 2015, се одамна собрани и таа е безмалку финиширана. А, во истата насока би сакал да упатам апел до македонските автори, доколку некој од нив сака да праша дали одреден негов стриповски успех е опфатен во неа, односно би сакал да ми укаже на таков, да ме контактира. Служејќи се со сите ресурси кои ми се достапни, се обидов самиот да откријам и опфатам што повеќе стриповски настани. Сепак, поради природата на нештата, постојат такви кои се тешки за откривање.

На пример, наши автори објавувале во странски публикации, без за тоа да испратат допис до домашните медиуми, постојат стрип-публикации објавени кај нас кои што ги нема во македонските библиотеки, како и стриповски настани кои иако се случиле на македонско тло, домашните медиуми како да не биле заинтересирани да ги покријат. Па, со цел документирање на што поцеловит дел од портретот на македонскиот стрип во периодот 2012 – 2015, би се радувал доколку ми стигнат пораки од творците на истиот. А, како одговор на вашето прашање дали наредната Визуелна хроника на македонскиот стрип ќе излезе догодина, можам само да кажам: не се многу нештата што ги посакувам повеќе од тоа.