Showing posts with label Општество. Show all posts
Showing posts with label Општество. Show all posts

Wednesday, October 08, 2014

Оф, оф, аман

На 16 март 2010 година, Александар Диневски на својот блог во написот „Оф, оф, аман“ ја споделил истоимената македонска патриотска народна песна. 

За неа, под текстот од песната, истиот тој Александар Диневски кој што важеше за патриот и поборник за зачувување на македонското име и идентитет, а денес е осуден за шпионажа, напишал: „Некогаш, многу ни значеше оваа песна…“  

Со овој напис сакам да дадам симболична подршка за него и битката која што ја води.



Оф, оф, аман, од големите јадови.
Оф, оф, аман, од карцери и затвори.
Три години станаа војник кај служев,
а сега во затвор да лежам.

Не ми е жал, што сме млади осудени.
Не ми е жал што сме млади затворени,
туку ми е жал што се исполни
желбата на наш’те душмани.
...

Tuesday, October 07, 2014

Александро

Вчера, на неколку домашни медиуми, видов дека е донесена судската одлука за обвинетите во т.н. случај „Шпион“. Меѓу другото, беше известено дека Александар Диневски, детектив и бивш разузнувач, е осуден на четири и пол годишна затворска казна.

„На Александар Диневски за делото шпионажа судот му изрече четири и пол години затвор“[1]

Александар првенствено го знам како почитуван блогер, еден од оние, кои и покрај тоа што не многу често објавуваа нови написи, кога ќе објавеа, редовно предизвикуваа интерес. Можам да кажам дека и јас бев еден од многуте кои што со задоволство го разлистуваа неговиот блог.


Го знам и како еден од „Осуммината“, чие што делување, како што самиот Александар пишува „го означи почетокот на еден нов феномен во македонската политичка реалност означен како македонска политичка пролет“.[2]

„Феноменот на „Осуммината“ ќе остане трајно врежан во колективното сеќавање на македонскиот народ како почеток на рушење на стариот систем чиј крај веќе  се наѕираше. Звучи парадоксално но вистинито – додека во останатите републики демократските процеси ги туркаа интелектуалци, независни новинари и политички дисиденти, во Македонија ударот дојде од таму од каде најмалку се очекуваше – од припадници на тајната полиција која отсекогаш важеше за ударна тупаница на единствената комунистичка партија! Можеби затоа дотогашниот репресивен систем чија моќ почиваше на безмилосната пропаганда и уште побезмилосната репресија се најде на колена! Колку само бедно и јадно делуваа тогашните врхушки и на Партијата и на Владата очајно обидувајки се да го сочуваат системот и ковајки заговори и тајни планови за конечна пресметка со непослушните свои „чувари“ вклучувајки ја можноста за нивна физичка ликвидација.
Само неколку месеци пред тоа, во април истата година на удар на совесните и охрабрени припадници на тогашниот РСВР се најде целокупната државна и партиска врхушка на чело со неприкосновениот Владетел во сенка Лазар Колишевски. Пред налетот на жестоките и отворени критики во рамките на РСВР падна целокупната раководна структура на чело со тогашниот министер за внатрешни работи Александар Андоновски и уште дваесеттина именувани и избрани функционери на РСВР.

Вработените во МВР за прв пат јавно проговорија за тогаш актуелниот Вевчански случај, за монтираните политички процеси, за политичката репресија над македонските интелегенција, за поданичката улога на Македонија во однос на „Центарот“, за темните петна од македонската историја (случаите на Скопскиот партизански одред, убиствата на Кочо Рацин, Кузман Јосифовски – Питу, Панде Чесноска, Лена Стојчевска, стрелањето на 54 те велешани, ликвидацијата на скопското Кале…), за досиејата на политичките неистомисленици и пред се’ за улогата на Колишевски во сите тие процеси. „Мечката од пештера“ (нашата тајна шифра за Лазо) конечно беше извлечена на чистина!“ [2]

Со Александар никогаш се немаме запознаено лично, но во врска со едно хоби, по мое барање, во еден наврат преку интернет разменивме неколку пораки. Ми остана во сеќавање поради тоа што беше непосреден, приземен и исклучително учтив. Иако не ме познаваше лично, на секое мое прашање опширно одговараше.

Денес го прочитав следново:

„Ексразузнавачот Александар Диневски започнал штрајк со глад во затворот во Шутка, потврдуваат за Канал 5 од управата за извршување санкции. Од таму објаснуваат дека штрајкот го започнал денеска со тоа што не го земал ручекот. Причина за штрајкот е незадоволстовото од пресудата за Шпион со која тој беше огласен виновен и доби четири ипол години затвор. Обвинет е за 3 кривични дела злосторничко здружување шпионажа и оддавање државна тајна. Вчера Кривичниот суд ги изрече казните за првата шпионска афера...“ [3]

Не сум запознаен со случајот во кој што тој и останатите обвинети се товареа, ниту пак дали е осуден праведно или не. Тоа оставам да го каже времето. Во овој напис, едноставно од човечки аспект сакав да го споделам она малку што го знам за Александар Диневски, а во кое што нема ништо негативно.


Види и:

Sunday, December 15, 2013

Светот е мал

Пред неколку години на автобуска станица во еден германски град.

Стојам сам, како изгубен Германец, чекајќи автобус и единствено друштво одвреме навреме ми прави некој поизгубен од мене. Како и секој добар турист така и јас со драго срце и нескриен ентузијазам им објаснувам на мештаните каде е општината и како најбргу да стигнат до женската катедрала небаре секој ден патувам натаму. Чекам веќе неколу часа и чувствувам како заситеноста од штотуку изедениот американски мекдоналдс хамбургер полека исчезнува.

На неколку метри од мене здогледувам едно младо момче. И тој има куфери, сигурно и тој ќе патува. Може ли на човекa да му прочиташ од лицето што е по националност? Овој мене ми личи на роден и израснат Германец.

Му приоѓам и на германски го прашувам кога ќе стигне автобусот за Ниш. Јок, не ме разбра. Искашлувам два-три пати и пробувам да си го подобрам ацентот. Добро е ме разбра. Ми вели дека и тој ќе патува со автобусот кој што го чекам јас. Што мајка би барал Германец на Балкан? Можеби изгубил работно место поради светската економска криза, па сега ќе бара кај нас. Веројатно нема да го дознаам одговорот на ова прашање. Германскиот ми е добар само колку да изговорам по некоја проста реченица и да не останам гладен. Простопроширени и сложени може да ми изгорат повеќе струјни кола во главата.

Кажувам „Данкешен“, и војнички се повлекувам два чекори назад.

Времето бавно минува чекајќи го автобусот за кој што и двајцата не знаевме кога точно ќе стигне. Да бевме во Јапонија, министерот за транспорт и врски сигурно ќе си поднесеше оставка. Којзнае дали овде имаат таков? Врски во Германија не поминуваат.

Некој изговара нешто на бугарски. Па да, откако јас ќе слезам во Ниш, автобусот ќе продолжи за Бугарија. Повеќе од логично е дека ќе патуваат и Бугари. Се вртам, а таму нема никој освен Германецот со своите куфери. Хммм, а да не халуцинирам? Можеби и во Германија ставаат дрога во сокчињата? Ама денес не пиев сок. Се вртам напред и продолжувам да медитирам.

Повторно истата реченица на бугарски „Колко е часот?“

Германецот изгледа не бил Германец. Интересна ситуација: Македонец и Бугарин се среќаваат во Германија.

„Аааа, точно 14“, му велам јас.

Бугарскиот сум го владеел каде-каде повеќе од германскиот. Направивме муабет за сè и сешто, освен за политика и историја. Нив веројатно ќе ги чуваме за крај пред испраќање.

Времето побрзо минува кога не го трошиш сам. Ми вели дека имал девојка од Бугарија. Го гледам чудно. Е ако де, голема работа, Бугарин имал девојка од Бугарија, не е напис за рубриката „Верувале иле не“. Почудно ќе ми беше ако речеше дека имал дечко.

Ми вели „А ти од кој град во Бугарија си?“

„Јас? Не, па јас не сум од Бугарија. Јас сум од Македонија. Македонец, згора на тоа и чисткрвен.“

Сега тој ме гледа чудно.

Вели „A јас пак сум Србин.“

Ситуацијата станува покомплицирана: Македонец и Србин си прават муабет во Германија на бугарски јазик. Па што не кажеш така. Српски разбирам повеќе и од германски и од бугарски земени заедно. Причај српски да те цио свет разуме. Македонија до Индија, Србија до Токио.

Автобусот пристигна. Од станицата во овој град се качија само двајца. Јас и мојот пријател што личи на Германец, а е Србин и има девојка од Бугарија. Како ли само ќе стигнам до Македонија. Дваесет и кусур саати во автобус не се баш најпријатна помисла.

„Еј, одзади има и други Македонци“, ми вели Србинот. „Од Ниш ќе можете да патувате заедно.“

Супер! Којзнае од кога не сум зборувал на македонски. Од Германија до Словенија веќе нема граници. Сега ги префрлија сите од оваа страна. Ако, нека има, ќе се најдат за лоши денови. Правиме пауза. Ги барам Македонците. Аха, еве ги прават муабет со Србинот. Им приоѓам, а тој им вели „Еве и тој е од Македонија.“

Пружам рака да се запознаеме, а тие ми проговараат нешто на српски. Збунет сум и им одговарам на германски. Кој кога зафркна не знам.

На неколку километри пред Ниш се испратив со пријателот од Србија и продолжив да го спијам дванаесетиот сон. Мора да се соберат сили. Уште малку, па претовар. Долг беше патот од Македонија до Германија. Од Германија до Македонија е малку подолг. Некои луѓе цел живот чекаат за да го поминат. Мене ми беа потребни само две недели за во двете насоки.

На станицата во Ниш имавме 45 минутна пауза. Сменивме валута и каде ако не право во кафеана. А таму иако гладни како кучиња скитници си порачавме само пиво. Во Германија бев строго на сокчиња. Во Македонија сум се опивал и без повод, а таму не пробав ни голтка алкохол. Не прашувајте, не знам зошто. Веројатно го промашив терминот. Ммм убаво било пивото, речиси како македонското.

Се качивме во новиот автобус, сега на пат кон Скопје. А таму Македонците почнаа да го искажуваат своето задоволство од српското пиво на Србите кои патуваа со нас. Зачудени лица. Србите си го кажаа своето „ама тоа пиво не е српско, туку црногорско. Сега сме одделна држава знаете? Требало да си земете некое баш српско.“

„Не знаевме“, се правда Македонецот и покажува знаци на каење.

До каде стигнавме кога се очекува од Македонците да купуваат строго српско пиво, а во кафеаните Србите продават претежно странско.

Полесно се спие со алкохол во крвта. Веројатно ќе го преспијам целиот пат до Скопје. Потоа нов претовар. А од таму до дома сигурно ќе најдам некое ново, ништо помалку интересно, друштво.

Светот навистина е мал... Само Александар бил Велики.

А.С.

Friday, October 18, 2013

„Јас сум за тоа да не го менуваме името“

„Јас сум за тоа да не го менуваме името, да ги прекинеме преговорите со ЕУ и да пробаме некако самите со свои сили да опстанеме на ова парче земја.“ Мирјана Најчевска [1]

Кога некој претходно сметал дека треба, а сега смета дека не треба да се менува уставното име на Република Македонија.

БЕСЦЕНЕТО!


Види и:

Thursday, September 05, 2013

Референцата најмногу им пречела на етничките Албанци?

Во интервју за Алсат-М, а пренесено, меѓу другите, од Утрински весник[1], лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави:

„Крајно време е да се реши спорот со името. Ние веќе не ја сакаме референцата БЈРМ. Албанците не се согласуваат да се викаат БЈРМ затоа што тие не се Словени[2]“

Се постаува прашањето штом етничките Албанци, како што тврди Ахмети, не ја сакаат референцата, зошто тогаш по ѓаволите не влијаат Албанија да престане да се обраќа на Македонија користејќи ја истата таа привремената референца?[3] Всушност на прво место, штом Албанците не ја сакаат референцата, зошто тогаш Албанија воопшто ја користи референцата? Албанија работи против интересите на Албанците?

Од што етничките Албанци не ја сакале референцата, пошто не биле Словени, истата дури и ја ставиле на оваа иредентистичка мапа, креација на болни умови:


Да беше добронамерен во намерите, наместо да се занимава со пуштање на пробни балони за промена на името на земјата во која што и тој живее и која што и него го храни и доколку навистина референцата толку многу му пречеше, небаре повеќе одошто на етничките Македонци, Ахмети досега сто пати ќе се обидеше да издејствува и ќе издејствуваше Албанија да ја признае Македонија под уставното име.

Арно ама...

[1] Ахмети: Идентитетот не е дел од спорот, Утрински весник, 17.05.2013
[2] алудира на „...југословенска Република...“

Monday, September 02, 2013

Јазикот наш...

Декларација на „македонски јазик“ на, увезени во „Македонја“, очила произведени во Хонг Конг.




Јазикот наш...

Sunday, August 25, 2013

Основни разлики меѓу патриот и квазипатриот

Неколку едноставни примери за тоа како полесно да ги разликувате патриотите од квазипатриотите:

Доколку замолите некој патриот за помош за било каков проект за доброто на Македонија тој доколку може ќе ви помогне без да се контрира со вас и без да навлегува во излишни филозофии.

Од друга страна пак ако за истото замолите некој квазиптриотот тој ќе ја занемари благородната суштина на иницијативата и ќе се фати за нешто тривијално кон кое ќе го насочи целокупниот фокус. Секогаш ќе најде влакно во јајцето дури и кога го нема и ќе си измисли изговор поткрепен со еден куп лажни докази само и само за да не помогне.

Варијатните со кои ќе те одбие од мое лично искуство се овие:

1. Ќе протестира дека наместо старото знаме со тн сонце од Кутлеш како дел од иницијативата е ставено актуелното знаме. ОК не е нелегитимно да протестира, старото знаме ни е во срцето на сите нас, ама знајќи дека се упатени на погрешно место ваквите протести не вродуваат со плод и служат само за лечење на личните фрустрации и дефокусирање од главната идеја.

2. Ќе ти напише дека не си ти тој којшто треба да се занимава со такви работи и дека има позаслужни Македонци кои треба тоа да го иницираат. А зошто тие негови позаслужни Македонци не го направиле тоа досега, зарем некој ги бранел?

3. Ќе ви забележи дека текстот не е напишан на македонски јазик, туку на англиски што е нормално во услови кога се цели (испраќа) до англојазично говорно подрачје (до човек којшто не разбира македонски). Да му пишеш на македонски јазик некому којшто не разбира македонски е сеедно како да си му пратил празно писмо.

4. Ќе ви рече дека како горд Македонец за него е навредливо и е под неговата чест да моли некого за нешто, а вие единствено што барате од него е да помогне некоја институција или сајт да престане да не фиромизира. Во книгата на патриотот фиромизирањето е многу поголема навреда одошто некого да се замоли (протестираш за) да престане да ја нарекува нашата земја со привремената референца.

Sunday, August 18, 2013

Свеста на македонскиот народ за своето античко-македонско наследство

Од одредени групации во македонското општество не еднаш сме слушале дека поврзувањето на античка Македонија со Македонија денес е вештачки процес, донесен по диктат од актуелната владејачка гарнитура и дека истиот е насилно наметнат врз Македонците. Во овој напис би сакал преку неколку фотографии направени низ градот Штип да го покажам спротивното, односно дека и самиот македонски народ е високосвесен и се чувствува како потомок на античко-македонската цивилизација, до толку што мотиви од тоа време избрал да ги постави за логоа на своите компании.


Во штипската населба „Осми Ноември“ е лоцирана продавницата „Александар-М“.

Покрај тоа што името на оваа продавница можеби е кратенка од името на најславниот македонски крал и војсководач Александар III Македонски, и на самото лого има поставено античко-македонски симбол шеснаесетзрачно златно сонце (попознато како сонце/ѕвезда од Кутлеш/Вергина).


Но ова не е единствената продавница во Штип, во чие што лого е вметнат античко-македонскиот симбол. Истиот може да се види и на логото на маркетот „Сонце“ кој што се наоѓа на улица „Сремски фронт“ во населбата „Сењак“ (карши печатницата Полиестердеј).



Кога некој би спорел дека актуелната власт го има инспирирано сопственикот на овој маркет да го „антиквизира“ неговото лого, само би споменал дека маркетот постои од 2000 година, а логото оттогаш до денес е истото.

Естетската вредност на двете споменати логоа е тема за друг разговор, поентата на овој напис е дека свеста на македонскиот народ за своето античко-македонско наследство постои и дека истата зазема прилично висока позиција.

И на самата порта на влезот на куќата до маркетот „Сонце“ може да се види поставено метално шеснаесетзрачно сонце (попознато како сонце/ѕвезда од Кутлеш/Вергина). Вакво нешто имам забележано на повеќе порти на приватни домови низ Штип, но засега не располагам со фотографии за потврда.

Фото и текст: А.С.

Tuesday, August 13, 2013

Шамија, очила и цедалка на главата

На повеќе македонски портали, меѓу кои и Сител, беше пренесена информацијата за Чехот Лукаш Нови кој што за лична карта се фотографирал со цедалка на главата. [1]

Лукаш Нови

Според неговото образложение, тоа му било дозволено поради религиозни причини, како припадник на верата пастафаријанизам (pastafarianism).[2]

Да се запрашаме дали доколку господинот со цедалка на главата беше од Македонија, според македонскиот правилник, ќе му беше дозволено да се фотографира за лична карта со цедалка на глава.

Пред неколку години, во повеќе наврати во Македонија се расправаше за тоа дека треба, односно не треба, на жените муслиманки да им биде дозволено да се фотографираат со шамија на главата поради верски причини.[3][4] 

Одредбите по ова прашање во член 7 од ПРАВИЛНИК ЗА ОБРАЗЕЦОТ НА БАРАЊЕТО ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ОБРАЗЕЦОТ НА ПОТВРДАТА ЗА ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ОБРАЗЕЦОТ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ПОСТАПКАТА ЗА ИЗДАВАЊЕ ИЗАМЕНА НА ЛИЧНАТА КАРТА И ЗА НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ НА ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ИЗДАДЕНИТЕ ЛИЧНИ КАРТИ [5] оставаат простор за слободно интерпретирање и избор. Имено во овој член се вели:

„Подносителот на барањето, согласно ICAO стандардот, се фотографира од лице (анфас), со неутрален и јасен израз и без било каква покривка на лицето, на обична позадина во светла боја, без присуство на други лица или предмети. Доколку лицето носи очила, истите не можат да ги покриваат очите и да покажуваат одблесок на светлина. При фотографирањето, лицето не треба да носи покривка на главата (капа, шамија исл.), освен во одредени случаи, кои се однесуваат на посебни околности утврдени од страна на органот што ја издава личната карта (религиозни, медицински или културни).“

Се вели дека лицето не треба да носи покривка на главата како шамија или капа, а дека истото не важи при религиозни, медицински или културни ситуации.

Не знам колку денес на муслиманките кои што живеат во Македонија им се дозволува да се фотографираат со шамии на главите, но пред околу години дена на една телевизија, македонска муслиманка (етничка Албанка) се пофали дека за лична карта ѝ било дозволено да се фотографира со шамија на главата, а како заслужна за остварувањето на ова директно ја посочи министерката за внатрешни работи на Република Македонија.

Сепак дали мислите дека доколку господинот од Чешка беше всушност од Македонија и доколку сакаше да се фотографира за лична карта со цедалка на глава ќе му беше дозволено и нему да ги испочитува начелата на својата религија, исто како што им се дозволува на некои од муслиманките?

Наспроти погоре споделениот случај, на штипјанецот Мики Трајчевски, познат меѓу народот како Мики Ли [6],  не му било дозволено за лична карта да се фотографира со очила, поради што истиот не може да ги оствари своите граѓански права за добивање на социјална помош, стан исл.

Мики Ли

Според кажување (пред околу една година) на човек инволвиран во целиот случај со добивање на лична карта на Мики, и покрај наговарањата, тој не сакал да ги тргне очилата поради тоа што тие биле негов заштитен знак и нераскинлив дел од неговиот имиџ (односно од причини поврзани со неговата култура). Сепак се чини дека одределбите за посебни културни околности при кои што би му било дозволено да се фотографира за лична карта со очила, тогаш за Мики не важеле.

По еден друг повод, во 2009 година, Мики Ли има кажано:

„Мојот изглед е мој свет и не го менувам за ништо, макар да гладувам цел живот“ [6]

Кажал и не излажал.

За крај уште еднаш: дали доколку Чехот беше Македонец, ќе му беше дозволено во Македонија да се фотографира за лична карта со цедалка на главата?

[5] Стр. 6 - Бр. 116 СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 27 септември 2007

Friday, August 02, 2013

Македонија VS Република Македонија

Реакција на  Павле Филипов Васкопулос во врска со настанот спомнат во написот: „Аврамопулос до новинар на МИА: Ако си од Македонија зборувај грчки“:

„За жал македонски новинари, особено на клучни позиции, делуваат или наивно или полуписмено. Конкретно:

1.Кога македонски новинар прашува било кој Грк, дипломат или политичар, треба да се претставува дека е од РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА а не само од МАКЕДОНИЈА.

2. Така од една страна го форсира уставното име, а од друга страна на тој начин одзема секаков аргумент на Грците да манипулират со терминот Македонија, термин кој што во Грција означува грчки географски регион. Грчките дипломати и политичари, како Аврамопулос, се истренирани да шпекулират.

3. Кога македонски новинар има Грк за соговорник, а притоа го користи устаното име, префиксот РЕПУБЛИКА или REPUBIC OF пред терминот Македонија, сам по себе, одзема секаков аргумент на Гркот да манипулира со термините...“

Sunday, June 30, 2013

Збогум блогеру

Се будам во ова тмурно дождливо летно утро и со неверување ја читам веста која што веќе ги беше преплавила социјалните медиуми - „Почина Роберто Беличанец“. Не го познавав лично, но на Блогерај во старите добри времиња често го следев неговиот блог This is not America (rb.blog.mk). Според неколкуте коментари кои што ги беше оставил знам дека и тој повремено ме читаше мене. Со многу негови ставови не се согласував, па сепак тоа не пречеше некои негови ставови и самиот да ги споделувам.


За разлика од некои други кои што по повод трагичниот настан, по социјалните мрежи, злорадосно прокоментирале дека наскоро ќе биде во земјата по која што толку многу плукаше, јас лично сметам дека Македонија изгуби значајна и интересна личност, која што не се плашеше да ги искритикува грешките на власта и неправдите кои што се случуваа во општеството.

На неговиот блог сè уште стои кредото:

„Да се бориш за правото на различниот од тебе е доблест.
Да се бориш за правото на истиот како тебе е солидарност.
Да се бориш само за себе е себичност.“

За мене Беличанец ќе остане запаметен по една негова мисла, која што своевремено ја пренесов во еден мој блог напис од 2009 година, по повод апсурдностите кои што се случуваат со освојувањето на титулата „најпатриот“ од недоделкани полуписмени личности и тоа преку говор на омраза. Одеше вака некако - колку помалку си го познаваш македонскиот јазик толку повеќе ја сакаш Македонија.

Дополнително:

Tuesday, June 18, 2013

Невести од Албанија

Завчера на телевизија Сител беше емитувана репортажа за Албанки кои што се омажиле за Македонци од источниот дел на Македонија, со крајно позитивни сведоштва од сопрузите и од самите невести.[1][2]

Секоја чест за двете невести од Албанија кои што во репортажата меѓу другото изјавија:

„Јас уште на 13 години имав желба да се омажам во Македонија. Тука ми е многу убаво... Која е паметна да си дојде тука. Овде има колку сакаш. Да трчат да дојдат.“

Ако за разлика од реалната ситуација, поголемиот дел од родените во Македонија етнички Албанци чувствуваа толкава љубов кон Македонија, меѓуетничките односи во земјава ќе беа за пример.

Сепак морам да спомнам дека практиката да се земаат (купуваат) невести од Албанија не за сите македонски сопрузи била толку розева. Еве една вистинита приказна на истата тема, но со дијаметрално различна завршница. Пред неколку години мој познаник, кој што живее во село во источниот дел на Македонија, разбрал дека може да купи невеста од Албанија. За оваа цел, бидејќи немал доволно пари, тој подигнал кредит и заедно со посредник се упатил кон Албанија.

Откако невестата била бендисана, се склучила зделка и парите биле дадени на нејзиното семејство. По само неколку недели брачна идила во Македонија, невестата ја фатила носталгија, посакала да ги види своите родители и роднини во Албанија и повеќе не се вратила кај сопругот.

За разлика од репортажата која што Сител завчера ја прикажа, во која што двајцата среќни македонски сопрузи на невести од Албанија дадоа изјави, за негативната страна на купувањето невести од Албанија тешко дека некој прелажан сопруг јавно би посведочил. И не можам да ги обвинам - кој е тој кој што би сакал пред очите на цела Македонија да излезе двојна будала.

Tuesday, June 11, 2013

Курир - информативен или пропагандистички сајт?

Во една те иста реченица да изнесеш две невистини и не е баш така едноставно. Сепак на некој од авторите на најдобриот информативен сајт за минатата година[1] му успеа и тоа. Во вчерашниот (10 јуни 2013) напис „Феномен во Асоцијацијата на архитекти: Има само еден вработен, а организира протести“ пишува:

„Асоцијацијата на архитекти на Македонија организира протест против модернизација на ГТЦ, организира средби за истата намена и дејствува против дел од проектот кој Македонците масовно го поддржуваат.“


Со планираните активности за промена на ликот на ГТЦ не е предвидена модернизација на овој објект, како што тврдат од Курир, а напротив негово демодирање. Облекување во анахрон за денешно време барокен стил на нешто што било модерно во времето во кое што е изградено не претставува негова модернизација туку уназадување и промена на неговиот идентитет преку наметнување на, за него, несвојствен изглед.

За тврдењето на Курир дека Македонците масовно го поддржуваат проектот Скопје 2014 доволно е да се видат досегашните анкети за да се заклучи дека и не е баш така. Впрочем ако се погледнат ќе се види дека во најголем дел од нив поголем процент од испитаниците, граѓани на Република Македонија, имаат негативно мислење за проектот Скопје 2014.[2]

Наместо информирање на граѓаните со ваквиот напис од Курир изигруваат апологети на проектот Скопје 2014. Нешто слично се случи пред помалку од месец дена кога од Курир се обидоа вљубеник во брутализмот да го прикажат како поддржувач на „барокно“ Скопје 2014.[3][4]

После ова за мене Курир не е ништо друго, туку обичен пропагандистички сајт од кој што тешко дека може да се извлече непристрасна информација.

Sunday, June 09, 2013

Крушево збратимен со романскиот град Наводари

Во текот на вчерашниот ден (8 јуни 2013), неколку романски медиуми[1][2][3][4] известија дека романскиот град Наводари и македонскиот град Крушево се збратимиле во петокот (7 јуни 2013).

„Наводари (Năvodari) збратимен со македонскиот град Крушево

Градот Наводари во петокот се збратими со македонскиот град Крушево, а овој чин беше потврден со потпишување од страна на градоначалниците на двете општини.“[1]

За ова не извести ниту еден македонски медиум. Се чини дека наместо оваа вест ним поважни им беа пресметките меѓу власта и опозицијата кои нивните проблеми си ги решаваат преку манипулации и држење во заложништво на македонскиот народ.

Thursday, June 06, 2013

Абортус

Во контекст на дилемата „за“ или „против“ абортус, која што последниов период го подели македонското општество[1][2][3][4][5][6], без оглед на тоа кој е вашиот став по ова прашање би препорачал да го изгледате документарниот филм Children of the Decree.


Saturday, May 18, 2013

... Doesn't care about people

Саут Парк (South Park)[1], сезона 8, епизода 8, училиштето мора да ја смени маскотата крава, поради протестите на PETA[2]:

Mr. Garrison: Now children, it's not that bad. There's plenty of great new mascots on the sheet to choose from. The Hurricanes, the Blizzards, the Redskins, the Indians...

Wendy: But aren't Indians and Redskins just as offensive?

Mr. Garrison: No, those are fine. PETA doesn't care about people.

На 11 март оваа година, ЕУ конечно ја забрани продажбата на козметички производи тестирани врз животни. Иницијативата за забрана на ваквите производи наречена „Say NO to CRUEL COSMETICS“ ја предводеше The European Coalition to End Animal Experiments (ECEAE). На сајтот www.nocruelcosmetics.org каде што е поставена петицијата за оваа иницијатива, сега стои испишано:

We did it!

After 23 years of hard-fought campaigning by the ECEAE, the European Union is finally set to ban the sale of all new animal tested cosmetics on 11th March 2013. Europe has listened - and said No to Cruel Cosmetics!

We couldn’t be happier for the animals. Thank you to everyone who has supported our campaign.

И самиот јас ја поддржував и продолжувам да ја поддржувам идејата за ваквата иницијатива. Во овој контекст би спомнал и дека пред околу една година за нејзина поголема популаризација во Македонија се понудив без никаков надомест да го преведам текстот од петицијата на македонски јазик [3]. Па сепак од другата страна наидов на некооперативност и лицемерие.


Којзнае зошто, можеби затоа што овие животнољубци немаа ниту трошка почит кон правото на неколку милиони Македонци да се нарекуваат онака како што се нарекуваат со векови. На истиот сајт (во листата на земји на петицијата) наместо уставното име на нашата земја беше и сè уште е испишана времената референца. Поради ова, исто така пред околу една година, контактирав неколку од челните луѓе на коалицијата, со молба нашата татковина да престанат да ја ословуваат со времената референца, но ниеден мој обид не вроди со плод.

За проблемов со именувањето на нашата земја на сајтот www.nocruelcosmetics.org (во листата на земји на петицијата), во мај 2012 година ги контактирав Анима Мунди, поради тоа што во Скопје го организираа настанот „Кажи НЕ на сурова козметика“[4][5], кој што беше дел од иницијативата на ECEAE „Say NO to CRUEL COSMETICS“:

...No cruel cosmetics на нивниот сајт, односно на петицијата, во листата на земји нè ФИРОМизираат (нè имаат заведено под привремената референца - Macedonia, the former yugoslav Republic of).

http://www.nocruelcosmetics.org/sign_up.php

Не е фер асоцијација која што кажува дека се залага за правата на животните да не почитува човекови права.
Јас им пишав повеќе пати како што секогаш правам кога ќе видам дека некој нè ФИРОМизира, но од таму останаа игнорантни на моите посочувања.

Би те замолил и тебе, а и вас како организација ако не ви е тешко да им пишете со барање да престанат да нè фиромизираат.


Сепак вашиот збор како организатори на нивната кампања во Скопје (http://www.nocruelcosmetics.org/article.php?pid=80&post_url=the-no-cruel-cosmetics-campaign-reaches-skopje) за нив вреди далеку повеќе од мојот и има поголема тежина.

Ако ви треба посочување на факти зошто треба да нè именуваат со Македонија (или Република Македонија) пиши ми - со драго срце ќе помогнам во тој дел...

Немам идеја дали од Анима Мунди презеле некое дејствие или пак не, поради едноставниот факт што од таму не ме удостоија со никаков одговор.

И за крај:

The European Coalition to End Animal Experiments doesn't care about people

[1] South Park, Wikipedia
[2] People for the Ethical Treatment of Animals, Wikipedia
[3] Текстот од петицијата беше достапен на повеќе јазици меѓу кои: англиски, германски, бугарски, хрватски, чешки, дански, естонски, фински, француски, грчки, унгарски, италијански, шпански, полски, норвешки, романски, португалски, словачки и словенечки.
[4] Кажи НЕ на сурова козметика!/Say NO to cruel cosmetics! „Здружението за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“ во соработка со „МОЈА КОЗМЕТИКА“ (www.mojakozmetika.mk) организираше настан на 22.04.2012 (недела) пред спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје со наслов „Кажи НЕ на сурова козметика“. На настанот делевме инфо-материјали и собиравме донации и потписи. “
[5] The No Cruel Cosmetics campaign reaches Skopje

Thursday, May 16, 2013

Zlaten dab

Вчера (среда, 15 мај 2013) Прилепска пиварница ја претстави новата амбалажа за пивото „Златен даб“ (Златен даб - ребрендиран, Канал 5).

Настрана тоа што сега со новата амбалажа повеќе одговара да се вика „Зелен даб“, која ли е воопшто потребата називот на пивото да биде испишан не на македонска кирилица како до сега, туку со латинично писмо. Истово важи и за називот на производителот „Прилепска пиварница“, односно „Prilepska Pivarnica“.


Македонски напишано на латиница е како...

Thursday, February 28, 2013

Кога ќе се остане без шублер...

Минатата година, во месец октомври, напредните од Холандската амбасада во Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права го отворија првиот Центар за поддршка на LGBTI заедницата во Македонија. [1]

И ОК е, и јас сум против дискриминација на соодветната популација, ама пак до толку да се немало шублер. А што е со заштитата на правата на Македонците на кои што секојдневно им се негира идентитетот, јазикот, името на државата, етничката припадност, историјата, црквата...

Ако од Холандската амбасада имаа чувство за мерка, најпрво ќе излезеа со соопштение за јавноста во кое што ќе кажеа дека основните човекови права на Македонците во некои соседни земји не се почитуваат, па дури потоа ќе отвореа Центар за LGBTI популацијата во Македонија. Ако од Холандската амбасада навистина се грижеа за човековите права, барем еднаш јавно ќе кажеа дека Македонците, една цела нација, се држат во заложништво и се мета на дискриминаторската политика на една земја членка на нивната Унија.

За напредните од ЕУ, правата на неколку илјади хомосексуалци се сто пати поважни од правата на милиони Македонци.

[1]Во Скопје се отвара канцеларија за поддршка на Хомосексуалците, Mkd-News.com, 22/10/2012

Wednesday, February 20, 2013

Зошто тоа се случи?

2001 година, година кога многу Македонци ги изгубија своите чеда на бојните полиња. Година кога покојниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски мораше да носи тешки одлуки за доброто на државата. Тоа беше една од најтешките години за нашата држава.

Зошто се случи сето тоа тогаш? За денеска за жал да стои македонскиот народ и со срам да каже дека имаме министер за одбрана на Република Македонија којшто во 2001 година се бореше ПРОТИВ Македонија!

Се секавам јас како мал, мојот прв братучед само што се вери и одма другиот ден го однесоа на вежба во Тетово! Зошто тоа се случи? За да ни се смеат сите соседни земји!

Срамота е што премиерот Никола Груевски го постави Албанецов за министер за одбрана на Република Македонија! Многу пати сум рекол, и пак ќе речам, член сум на владејачката партија и секогаш помагам во интересите на истата, ама ми се гади од оваа одлука на владата и ја доведува во прашање мојата поддршка кон партијата. Дали всушност вреди?

Matthew Penevski