Thursday, July 09, 2020

Сончева депонија

На крајниот североисточен дел од Штип, во непосредна близина на шума од борови насади, полека но сигурно „никнува“ новата населба наречена Сончев град. И додека истата се промовира како ексклузивно место за живеење, на само половина километар источно од неа, со уште позабрзано темпо „никнува“ депонија.


На фотографиите се прикажани најскорешните купчиња отпад, оставени во срцето на неколку децении старата борова шума. Сепак, имајте предвид дека она што камерата не успеала да го фати е дури и пострашно. А, најстрашно од сѐ, можеби е тоа што ваквото несовесно однесување на некои граѓани продолжува да се толерира веќе со години.


Среќа што дивата депонија се наоѓа на неколку стотини метри од населбите, односно на место каде што не живеат луѓе, би рекле оние кои полупразната чаша секогаш ја гледаат полуполна. Но, доколку трупањето ѓубре продолжи со ова темпо, а властите и понатаму продолжат да го игнорираат проблемот, само прашање на време е кога и на таквата среќна околност ќе ѝ дојде крајот.


Ако до пред некое време ѓубрето беше само „декор“ покрај патот, од неодамна ваквите потсетници на „цивилизацијата“ веќе почнаа да ја покриваат и шумската патеката по која неретко се движат велосипедисти и вљубеници во природата. Поговорката вели, прочепкај во ѓубрето што некој го остава за да видиш за каков човек станува збор. За какви луѓе станува збор во случајов, оставаме секој од вас да си одговори самиот. 


Текст: А. С. Фотографии и видео: Сашо Гачев

No comments: