Showing posts with label Христијанство. Show all posts
Showing posts with label Христијанство. Show all posts

Saturday, October 12, 2013

Протоереј Златко Ангелески за бајачите - интервју

Во последните неколку години, не е воопшто мал бројот на регистрирани случаи на измамени македонски граѓани од страна на гатачи. Притоа не само што нивната доверба била злоупотребена, туку истите останале и без високи суми на тешко заработени пари или пак без вредни парчиња семеен наќит. Токму по овој повод, за ставот на православието кон овој феномен, направивме интервју со Протоереј Златко Ангелески, кое што можете да го прочитате во продолжение.

1. Какво е гледиштето на православието, вклучително и на МПЦ-ОА, за т.н. гатачи, бајачи и исцелители?

Ставот на Православната Црква во однос на гатачите, бајачите и сличните ним е базиран врз Светото Писмо и Каноните на Православната Црква. Она што го работат тие луѓе се нарекува „болна мистика“. Болната мистика е потполно спротивна на здравата, бидејќи е спротивен нејзиниот избор. Додека здравата мистика доаѓа од Бог, болната доаѓа од ѓаволот. Меѓутоа, иако постои таа спротивност, сосема е тешко да се разликува која мистика е божествена, а која - ѓаволска. Зашто сатаната е толку итар за да заблудува и да втера во прелага, па затоа се јавува не во својот грозен вид, туку во привлечна форма, како светол ангел, како поттикнувач на душата на добро, како добропосакувач, како Божји пратеник. Свети апостол Павле, големиот познавач на духовниот живот, јасно сведочи дека „самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“ (2. Кор. 11: 14).

2. А што е со оние кои што тврдат дека стигнуваат до резултати посретство православието и Исус Христос и дека нивните способности се божји дар?

Денес често се среќаваат луѓе, кои со необична жед се впуштаат во опасните, за грешните, области на духовниот свет. Едни се оддаваат на чувствителни молитвени возбуди, други на спиритистички сеанси, трети - барање небесни јавувања. Всушност, сите тие се жртва на еднаква, во основата, болна мистичност, и ако им речете, за да ги предупредите, дека си играат со огнот, дека можат да бидат измамени од бесовите, кои често се јавуваат како светли ангели, тие имаат готов одговор: „Ние тоа го знаеме! Ние имаме дури и сведоштва дека покрај ангелите често се јавуваат и демоните. Но, ние разбираме кои духови се добри, а кои зли. Затоа сме внимателни. Добрите ги примаме, а злите ги отфрламе“. Таквите луѓе со ништо не можат да бидат вразумени. Тие во себе се убедени, дека не можат да погрешат при испитувањето на духовите. Затоа од високо и со чувство на сожаление гледаат на вас, кога ги советувате да се пазат од лукавствата на демоните. А тие, бедни, така жестоко се заведени и така итро се измамени! Преподобниот Нил Синајски, откриваќи ги сатанските лукавства, говори: „Треба да го знаеш следното лукавство на демоните. Понекогаш тие се разделуваат во групи. Едни доаѓаат со соблазни и кога ти ќе побараш помош, доаѓаат другите во ангелски вид и ги прогонуваат првите, за да бидеш излажан и ти дека тие се вистинските ангели и во себе да помислиш дека си достоен за нив“.

3. Зарем Исус Христос и одредени светци не исцелувале? Не допуштате ли дека сепак некои од овие бајачи и исцелители навистина работат со божји благослов? Можете ли да објасните зошто едното е „болна мистика“, а она што православните светци го правеле не е?

Здравата мистика се заснова врз правилната вера во Бога и цврстата евангелска моралност. Здравата мистика уште се темели врз цврстата евангелска духовност, или моралност, односно врз светоста. А, светоста може да се изгради само врз една основа - благодатната основа на смирението. Етиката, која што го исклучила смирението како темел на добродетелниот живот, не може да биде ниту цврста, ниту евангелска. Таа етика е етика на гордоста, односно, богопротивна, ѓаволска етика. Кога некој има видение, треба да поседува големо духовно-благодатно искуство и идеална чистота во срцето, за да може да познае какви се неговите натприродни мистични доживувања - Божји или сатански. Молењето пред икони, прекрстувањето, примањето најдобри совети преку „небесните“ гласови за морален живот, за молитвен подвиг и слично, сè уште не е гаранција дека се контактира со добрите духови. Токму за тоа многу познати сатанисти се послужиле, и се служат, со такви благочестиви форми, за да го покријат своето нечестие. Најтрагично во духовната состојба на лесномислените духоопштници е тоа, кога мислат дека Му служат на Бога, тие се плен на ѓаволот. Здравата благодатна мистика обично е потполно природна и се изразува во секојдневното покајно-молитвено општење со Неописливиот и Недостишливиот Бог, со Пресвета Богородица, со светиот ангел-пазител и со светите, тие големи духовни мажи, кои за наше обраќање составиле толку многубројни и прекрасни молитви! Ете, таа здрава и спасителна мистика светата Црква им ја предложува на сите свои чеда. Зашто, според дотука пишаниот религиозно-мистичен пат - преку задлабочувањето во Православната вера, преку достигнување на висока и чиста евеангелска духовност, преку секојдневниот молитвен разговор со Бога и светите, секој може да достигне до небото, каде што вечно ќе пребива во рајските убавини и ќе биде во непосредно општење со небесните жители.

4. Во последните неколку години, барем ако судиме според честотата на медиумските известувања, бројот на луѓето кои што посетиле т.н. бајачи и патем биле измамени од истите е прилично висок. Каде ги лоцирате причините за ова?

Луѓето бараат знаци заради нивната маловерност. Тоа го правеле и фарисеите и садукеите во Христово време, иако Христос секојдневно пред нивни очи правел исцеленија и чуда, па сепак, тоа за нив не било доволно. И самиот апостол Тома рече: „Додека не видам, нема да поверувам“. Затоа, обичниот човек посакува лекот за проблемите да го добие веднаш и на лице место, како со некое маѓионичарско стапче, а токму тоа им го нудат бајачите и гатачите. Впрочем, ни телесното здравје не доаѓа преку ноќ. Потребен е период на лечење и рехабилитација, а да не говориме за духовно-психичките проблеми. Покајанието е процес на созревање, преиспитување, принесување на достојни плодови, поправање, исправање, па дури потоа можат да се видат плодовите од искреното покајание. Томиното апостолско неверие, нивното навредливо барање на очигледни докази, ни сведочи дека во сето ова се пројавила и Божјата волја. На Бога Му било угодно, апостолите постепено и природно да дојдат до свесна вера во Христа Исуса, Синот Божји, бидејќи било потребно да одат по светот и да ја проповедаат и да ја шират Црквата. Затоа тие морале да имаат вера која не допуштала никаков сомнеж и никакво двоумење, па само таква вера од нив да прими и целиот свет. Не била доволна само слепа вера, бидејќи со таква вера апостолите не би биле во состојба да извршат такво грандиозно дело, таков огромен напор и подвиг, каков што извршиле. Ним им била потребна само длабока, свесна и разумна вера – вера која го победи светот.

5. Што МПЦ-ОА презема во врска со ваквата практика?

МПЦ-ОА презема конкретни чекори преку постојани поуки до верниците низ проповедите и низ предавањата. Секој еден, кој побарал помош и совет од свештениците, како да постапува со бајачите и гатачите, поучен е дека таму не треба да оди и да ги применува нивните надрилекарства. Доколку бил и доколку ги послушал нивните совети, треба искрено да се покае и исповеда кај свештеникот, со цврсто ветување дека никогаш повеќе нема да оди кај нив. За жал, голем дел од гатачите и бајачите успеваат да се инфилтрираат и во манастирски настојателства, па да узурпираат дури и манастирски имоти, а тогаш нивниот успех се зголемува, зашто се претставуваат како „светии“, кои, ете, божем работат во името на црквата. Во вакви случаи МПЦ-ОА бара помош и од државните институции за отстранување на непоканетите гости.

6. Но дали според православието се допушта дека таквите бајачи и исцелители вистински, практично помагаат за отстранување на некоја болест или пак се работи за ништо повеќе од шарлатанство?

Лесно би можела да се разликува благодатната сатанска посета, ако, како што првото поучува на добро и исполнување со радост, второто јавно нè поттикнување на зло и донесува жалост. Но, тоа сосема не е секогаш така. Демоните се безобразно итри! Тие така успешно ги имитираат Божјите јавувања, па дури и искусни испосници, преисполнети со Божја благодат, понекогаш бесовските измами ги примале за Божји откровенија. Која стапица не е замаскирана со гранки и лисја? Која јадица не е облечена во црвче или некоја друга мамка? Демоните, како лукави ловци на човечките души, знаат како да ги замаскираат своите стапици. Јавувајќи се во светлина, како ангели, тие обично ѝ поттикнуваат најубави мислења на својата жртва: „Моли се! Пости! Оди во црква!“ и слично, ако речат: „Блудствувај! Кради! Пијанчи се!“ - кој би ги послушал? Ѓаволот одлично знае, дека и неговите слуги, додека потполно не се сатанизираат, се воодушевуваат од добри побуди. Тој го користи тоа дотерување на нивната душа, за да ги исполни своите пеколни цели. Типичен случај на ѓаволското лукавство можеме да сретеме како е опишан во Делата на светите Апостоли (16: 16-18). Свети апостол Павле отишол да проповеда во Македонија, поттикнат од едно благодатно видение. Со своите ученици се населил во градот Филипи. Еден ден, придружен од верните сопатници, тој отишол на молитва. По пат го сретнала една слугинка, во која имало дух да претскажува и која што им донесувала голема печалба на своите господари со своето претскажување. Кога врвела покрај нив, таа почнала да вика: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог и ни го објавуваат патот на спасението“. Така тоа го правела многу пати. Свети апостол Павле, откако му се здосадило, се обратил и му рекол на духот: „Во името на Исуса Христа ти заповедам да излезеш од неа!“. И духот во истиот часот ја напуштил. На прв поглед, свети апостол Павле како да постапил неправедно. Наместо да се радува, дека духот во слугинката го објавува него и неговите ученици „слуги на Севишниот Бог“, и дека среде непознатите жители на тој град им прави најдобра реклама, тој го изгонува! Но, погледнато подлабоко, Христовиот апостол постапил сосема правилно, бидејќи тој ги знаел темните замисли на лукавите (2. Кор. 2: 11). Зад таа привидно добронамерна услуга на демонот, најверојатно се криел таков лукав план; да ги оддели оние, кои што ќе стекнат во него доверба, и да ги излаже да тргнат по него, за да ги погуби. Свети Јован Златоуст многу вистинито забележува: „Ѓаволот секогаш кон вистината додава некоја лага“. Еве еден карактеристичен пример на бесовска измама: Некој млад монах живеел тивко во својата ќелија. Демоните, откако примиле надворешен вид на ангели, сакале да го соблазнат: тие доаѓале при него, го разбудувале, му покажувале светлина и го поканувале на божествена служба. Монахот отишол при еден старец и му рекол: „Оче, ангели доаѓаат при мене и ме покануваат на божествена служба“. Старецот му рекол: „Немој да ги слушаш, чедо! Тоа се демоните. Кога ќе дојдат да те разбудат, речи им: Кога ќе посакам, тогаш ќе станам!“ Кога примил таков совет, монахот се вратил во својата ќелија. Другата ноќ демоните, според својот обичај, повторно дошле да го разбудат. Но, тој им одговрил: „Кога ќе посакам јас, тогаш ќе станам, а вас нема да ве слушам!“ Тие му одговориле: „Оној старец, кој е лицемер, те расипал, затоа не сакаш да нè слушаш. Но, ти треба да знаеш, дека при него дојде еден брат и му побара пари на заем, велејќи дека нема пари и ништо не му даде. Од ова треба да разбереш дека тој е лицемер“. Монахот рано утрото се разбудил, отишол при старецот и му раскажал сè што слушнал од бесовите. Старецот одговорил: „Дека имав пари, тоа е точно. А дека не ги дадов на братот, кој од мене ги бараше, тоа го направив, затоа што добро знаев дека ќе ѝ напакости на својата душа, ако му ги дадам. Од таа причина си дозволив да нарушам една заповед, наместо преку исполнување на таа заповед, да ги нарушам Десетте заповеди. Од тоа нарушување би можело да произлезе голема смут, причина за која требаше да бидат парите кои јас ќе му ги дарував. А ти не ги слушај демоните, кои сакаат да те излажат“. Исполнувајќи ги советите на старецот, монахот се спасил. А, што ќе се случеше ако тој послушник се оддадеше на бесовските сугерирања? Тие најнапред му рекоа: „Станувај на божествена служба!“, потоа: „Сега само моли се, затоа што веќе достигна совршенство!“, а на крај ќе го научеа, со нивна помош, да врши и „чудеса“. Така полека-полека тие ќе го потчинеа на себе и ќе му всадеа таква сатанска гордост, која директно би го погубила. Не треба да се мисли дека настаните, како овој штотуку раскажуваниот, до нас дошле од длабоката древност по пат на сказни и приказни. И во нашата современост има многу слични јавувања. Сите денешни мистични доживувања, кои предизвикуваат интересирања, се темелат или на нездрава православна вера, или на нецврста евангелска духовност и го носат печатот на незабележителната ѓаволска измама. Во нашата црковна активност се среќаваат многу луѓе, кои што не се со поболени нерви, па да бидат сметани за патологични случаи, а водат еден потполно нормален живот, но ако се предадат на религиозни доживувања, гледаат „ангели“ и контактираат со духови, повикуваат души на умрени и примаат севозможни „небесни“ откровенија... Тие мислат дека се во врска со светителот духовен мир, зашто настаните, кои им се случиле биле премногу „убави“. А како може сатаната да поучува на добро? Наивна политика, логика! Зарем злите духови, кои се жедни да се вратат во довербата на лесноверните христијани, ќе почнат да им се јавуваат со своите „рогови“? Па, тие така би ги оддалечувале од себе! Ѓаволот не е толку плиткоумен, колку што се неговите жртви! Неговите лукавства не можат да се опфатат со еден поглед, ниту неговите замисли да се разобличат само со еден доказ. Во Откровението на свети Јован Богослов не се зборува за плиткоумие на сатаната, туку за „длабини сатански“ (2: 24)!

7. Што, околу оваа тематика, би сакале да им порачате на македонските православни верници?

Да запомнеме дека, најсилното средство за борба против демоните е смиреномудрието! Оној, кој вистински е смирен, стои повисоко од оној кој врши чудеса! „Многумина примиле спасение, без да имаат дар на пророштва и прозорливст, на знаци и чудотворсрство, пишува свети Јован Лествички, но, без смирение никој нема да влезе во небесната одаја“. А во отечникот на свети Игнатиј Брјанчанинов читаме: „На еден старец му сооопштиле дека некој се удостоил да гледа ангели. Старецот одговорил: Блажени се оние, кои непрестајно ги гледаат своите гревови!“ Да бидеме религиозно трезвени! Да ја прегрнеме спасителната, здравата, благодатна мистика, која, не се состои во гледање на сомнителни виденија, туку во гледање на своите гревови и во покајание за нив! Молитвено да контактираме со Бог и со небесните жители, без да стремиме чувствено да гледаме разни ликови! Да ги чистиме срцата од разни страсти и пороци, постојано да се смируваме, растејќи во Божјата благодат, за да ги досигнеме плодовите на Светиот Дух, кои се: „Радост, мир, долготрпение, благост, милосрдие, љубов, смирение, вера, кротост, воздржание“ (Гал. 5: 22-23), затоа што на нашите души многу им поубаво кога ќе добиеме смирение - односно на своите добродедтели, отколу виденија, кои можат да бидат повод за да се возгордееме и да погинеме. На судниот ден многумина чудотворци ќе му речат на Праведниот Судија: „Господи, Господи, не во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?“ Но, тие ќе го слушнат гласот Божји, бидејќи немале смирение и се гордееле со натприродните дарби: „Бегајте од мене вие што не правите законски дела!“ (Матеј 7: 22-23). А пред бедните во дух, односно пред смирените, широко ќе се отворат вратите на Царството Небесно (Матеј 5: 3). Тие ќе бидат пуштени да влезат внатре, за да бидат вечно со Царот на смирението, Господ Исус Христос.

Интервјуто го направи: Александар Стеванов
во соработка со: Благојче Андонов
Извор: Македонска Ризница, број 15

Wednesday, October 09, 2013

Документарни филмови за Антихристот

Колекција на документарни филмови за Антихристот.

„Антихрист е христијански концепт, отелотворение на злото, на основа на толкувања на делови од Новиот Завет. Во Новиот Завет, терминот антихрист се споменува вкупно пет пати, еднаш во множина и четири пати во еднина.
Според традиционалното христијанско верување, во неговото второ доаѓање на земјата, Исус ќе се соочи со Антихристот. Како што Исус Христос е спасител и идеален модел за љубовта кон човештвото, така Антихристот е претставник на злото и негов антипод“, Wikipedia.



Friday, September 27, 2013

Документарни филмови за Ангелите

Колекција на документарни филмови за Ангелите.

„Ангели се гласници на Господ според еврејската и христијанската Библија. Зборот ангел доаѓа од грчкото ἄγγελος, што пак е превод на מלאך (mal'akh) од еврејската Библија Танак; а сличен збор ملائكة (Malāīkah), се користи во Коранот.“, Wikipedia.



Saturday, September 21, 2013

Документарни филмови за Ѓаволот

Колекција од документарни филмови за Ѓаволот.

„Ѓавол е име што се дава на натприродниот ентитет, кој, во повеќето западни религии, е главното отелотворување на злото. Овој ентитет вообичаено се нарекува со повеќе други имиња, вклучувајќи ги: Сатана, Асмодеј, Белзебуб, Луцифер и/или Мефистофел. Во класичната демонологија, секое од овие имиња се однесува на посебен натприроден ентитет, и постои значајно несогласување кои од нив се навистина зли“, Wikipedia.





Tuesday, September 17, 2013

Документарни филмови за Исус Христос

Колекција на документарни филмови за Исус Христос.

„Исус (72 година пред новaта ера до 2636 од новата ера) бил еврејски пророк и рабин од Назарет, кој многу Евреи го сметале за голем учител. По неговата смрт станал централна фигура во христијанството и важна фигура во другите религии. Муслиманите го сметаат за пророк, а христијаните за Месија и Син Божји, односно второто лице (ипостас) на Светото Тројство. Исто така се нарекува уште и Бог Слово (логос), кој поради спасувањето на човечкото општество од неговите гревови се „претворил“ и станал човек – Исус Христос“, Wikipedia

























Sunday, May 12, 2013

Сонцата од црквата во Разловци

Во селото Разловци, каде што во 1876 година македонскиот народ со крв го натопил својот вековен идеал за слободна и независна Македонија, се наоѓа христијанскиот храм „Свети цар Константин и царица Елена“. Она што е посебно интересно за оваа црква од пијанечкиот регион, е тоа што покрај фреските на светци, во неа можe да се видат насликани и поголем број на осум и шеснаесетзрачни сонца, слични на оние на античката македонска династија Аргеади.


За разлика од сонцето од Кутлеш (Вергина) кое што е откриено дури во 1977 година, сонцата од црквата „Свети цар Константин и царица Елена“ никогаш и немало потреба да бидат откривани. Од нејзината изградба во околу 1850 година, па сè до денес, тие духовно го просветлуваат секој оној кој што ќе влезе во неа, немо сведочејќи за античкиот континуитет на Македонија и на Македонците.




Текст: Александар Стеванов; Фото: Радмила Симевска [објавено во Македонска Ризница, бр. 10 и MKD-news.mk]

Monday, January 07, 2013

Свети Петар ја покрстил првата европска христијанка?

На 27.12.2012, во написот „Пет нови споменици во Центар - Света Лидија Македонска на плоштадот Богородица“ објавен во дневниот весник Вест беше соопштено дека во центарот на Скопје ќе бидат поставени пет нови споменици, меѓу кои и на Св. Лидија, „пр­ва­та личност што била крстена од апостолот Петар на европска почва“.


Всушност првата европска христијанка не била покрстена од Св. Петар, туку од Св. Павле*.

*„Земјата што ја збогати Европа“, Macedonian Documents, 22 јули 2011: „Недалеку од градот, Свети Павле имал официјална средба со неколку Македонки (домородни жени), дел од кои што и ја основале црквата во Филипи, прва христијанска црква на европскиот континент. Нивна лидерка била Македонката Лидија, која што и се смета за прва жена од Европа која што го примила христијанството (според книгата на F. F. Bruce -St.Paul in Macedonia)“

Friday, January 07, 2011

Среќен Божиќ

На 6 јануари, ден пред Божиќ, според јулијанскиот календар по којшто се раководи и МПЦ - ОА се слави Бадник или Коледе. Православните христијани го слават како ден во кој се навестува раѓањето на богочовекот Исус.

На овој празник во Македонија, ноќта се пали ОГАН, кој ја симболизира СВЕТЛИНАТА на СОНЦЕТО, а според Шапкарев и самата етимологија на зборот Бадник (будник) е таа ноќ да се биде буден или да се бдее. Според традицијата богатата трпезата не се раскрева од масата, а се остава така цела вечер затоа што се верува дека дедо боже (Господ) и ќе се симне и ќе се нахрани од неа.

Се смета дека празникот има длабоки предхристијански корени во врска со одминувањето на зимската краткодневница, наголемувањето на денот и раѓање на новото СОНЦЕ. Па и на многу фрески во Македонија ореолот на Исус е всушност СОНЦЕ.

Пред околу 100 години, токму на Бадник, ноќта спроти Божиќ, дедото на мојата баба (мојот прапрадедо) враќајќи се од пазар забележал силна СВЕТЛИНА која како СОНЦЕ ја осветлила земјата и ноќта ја претворила во ден. Дали од страв или од премореност не погледнал нагоре за да види какво било небото. Кога веќе се созел од возбудата веќе било доцна - светлината исчезнала. Оваа приказна се пренесува како семејно наследство во мојата фамилија. Ми ја има раскажувано мајка ми, нејзе нејзината мајка, а пак таа слушала од нејзините родители.

Светлината којашто му се појавила коинцидира со обичајот да се пали ОГАН и со предхристијанското обожавање на СОНЦЕТО. Коинцидира и со верувањето дека на овој ден дедо боже се симнува од небото. Исто како што Господ му се појавил на Мојсеј во форма на СВЕТЛИНА (огнено дрво) така и мојот прапрадедо мислел дека силната светлина којашто се појавило таа ноќ била всушност знак за симнувањето на Господ од небото.

Дали има некаква поврзаност на оваа случка на невообичаена светлина којашто му се појавила на овој мој предок со настаните кои го навестиле раѓањет на Исус Христус и дали сепак ваквите верувања кај православните христијани во Македонија имаат некоја длабока причина за нивното постоење не би знаел, а ниту пак би сакал да претпоставувам.

Секако можеме да речеме дека се работи за случајност, за астрономски феномен - метеор или пак за измислица, сепак јас не го пишувам ова за да убедувам или разубедувам некого во што да верува или да не верува, туку само од сентиментални причини.

Дел од тоа како сум живеел, моите потомци доколку имаат желба ќе можат да дознаат. Имам документирано на фотографии, на видеокасети, а и на Интернет, но во минатото не било така. Од кого можам да разберам за своите предци од пред сто и кусур години освен од овие семејни приказни? Каде оди гласот на нашите предци кога веќе ги нема? Ако нивните поколенија не раскажат, не го стават сеќавањето на Интернет, во овие модерни времиња кога родителите имаат се помалку време за своите деца и обратно, сеќавањето за нив ќе исчезне засекогаш.

Среќен Божиќ!

Thursday, July 29, 2010

Идолите и Библијата

Ако за време на комунизмот се забрануваше христијанството и преку убиства и затварања се градеше култ на личноста, денес со помошта на парите во Македонија се гради култ кон ЕУ и НАТО. Секој оној кој е против ЕУ и НАТО не му се дава демократското право да избира, туку среброљубците веднаш го распнуват на крст поради "големиот грев" наречен евроскептицизам.

Што вели Библијата за идолопоклоништвото

Книга на пророк Езекиел 14

6 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Обратете се, одвратете се од своите идоли! Одвратете го лицето од своите гнасности!

7 Зашто секому од Израелевиот дом и од придојдениците што се населија во Израел, кој ќе се одметне од Мене и кој ги носи идолите во срцето и ги насочува очите во она што го поттикнува на грев, па и покрај тоа дојде при пророкот да преку него бара совет од Мене, нему Јас Самиот, Господ ќе му одговорам;

8 ќе се свртам против него и ќе направам од него знак и пословица; ќе го откорнам од Својот народ! И ќе знаете дека Јас Сум Господ.


Зарем повеќе не е грев да се градат лажни идоли, макар биле тие моќните ЕУ и НАТО?

Велат дека Библијата го знае одговорот на секое прашање. Колку само вистина има во тоа може да се види од следниот извадок

5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат?

6 А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата?

7 Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени?


Грција има повеќе права затоа што е во ЕУ и НАТО, а вие не сте. Зарем христијаните не веруваат повеќе дека сите луѓе се еднакви во очите на бога.

Само сменете го името и ќе бидете примени во ЕУ и НАТО. Зарем со таа помисла тие не го хулат нашето библиско име, а со самото тоа и божјата воља?

Sunday, July 04, 2010

In the Name of Macedonia

Многупати сме ја слушнале молитвата:

Во името на отецот, синот и светиот дух.

In the Name of the Father, the Son, and the Holy Spirit.

Зошто е "во името"?

Во Библијата имињата имаат важно место (претходно беа спомнати Авраам, Сара, Петар). Името е поставено како еквивалент за ентитетот што го носи. Во името се отсликани главните карактеристики на тој ентитет како и обратно.

Не случајно ангел и рекол на Марија (Евангелие според Лука 1:31)

И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус.

Ако името не било важно како што некои не учат денес, тогаш Господ преку ангел немало воопшто да влијае врз изборот.

Еве што рекол Петар (Дела на Светите Апостоли 10:43)

Сите пророци сведочат за Него, дека секој кој верува во Него, ќе добие преку Неговото име опростување на гревовите.”

Да, името како најкратка можна форма за идентификација на одреден ентитет се поставува како еквивалент за ентитетот што го носи и на тој начин името ја добива таа моќ. Па и христијаните го носат називот христијани според христовото име и на тој начин го слават спасителот Исус Христос. Зарем би биле христијани, ако не се нарекуваме така.

Ова не е изолиран случај само во христијанството.

Сме слушале безброј пати и за "Во името на правдата", "Во името на љубовта"...

Преку пишување на своето ИМЕ на парче хартија ние потврдуваме дека се работи за нас, ополномоштуваме некој друг за да изврши некои дејствија во наше ИМЕ, ИМЕНУВАМЕ наши заменици...

Ние во името на нашата татковина Македонија... за името на нашата татковина Македонија! Амин!

Friday, July 02, 2010

Колку според Библијата името вреди

Во еден претходен пост пишував за името како носител на идентитетот и промената на идентитетот којашто според Библијата (стар завет и нов завет) следува од промената на името.

Во овој пост за тоа колку според Библијата вреди името. Нема многу да филозофирам, самото Свето Писмо ќе ни каже се што треба да се знае:

Пословици 22 :1

Добро име е подобро од големо богатство, и подобра е милоста од сребро и злато.

Проповедник 7:1

Подобро е доброто име отколку скапоценото масло, и смртниот ден отколку денот на раѓањето.

Еве и на англиски во случај некој странец скриен зад маската на голем христијанин зачудено ве праша: "Зошто се инатите и не го смените името веќе еднаш?"

Proverbs 22:1

A good name is rather to be chosen than great riches, and loving favour rather than silver and gold.

Ecclesiastes 7:1

A good name is better than precious ointment; and the day of death than the day of one's birth.

Ако сте христијани се надевам дека го почитувате напишаното во Библијата. Се надевам дека и за вас името Македонија вреди повеќе одошто големото богатство што ни се ветува од ЕУ и НАТО ако сме си ја преименувале татковината.

Затоа што како што се вели во Посланието на апостол Јаков 2:10:

Кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè.

Monday, June 21, 2010

За името и Библијата

Во Библијата неретко се среќава практиката на промена на имињата. Така во стариот завет Господ го менува името на Abram (Аврам) во Abraham (Авраам).

Genesis 17:5

5 No longer will you be called Abram; your name will be Abraham, for I have made you a father of many nations.

Исто го променил и името на неговата жена од Sarai (Сара) во Sarah (Сaaра).

Genesis 17:15

15 God also said to Abraham, “As for Sarai your wife, you are no longer to call her Sarai; her name will be Sarah.

Промената на имињата не е случајна, а е со цел да им се даде нов идентитет на личностите. Abram (Аврам) преведено на македонски значи "висок татко" (high father), a Abraham (Авраам) значи "татко на множество" (father of multitude). Значењето на новото име дополнително се појаснува и понатаму во Библијата.

Genesis 17:6

6 I will make you very fruitful; I will make nations of you, and kings will come from you.

Sarai (Сара) или преведено на македоски е "моја принцеза" (my princess), а Sarah (Сaaра) значи "мајка на нациите" (mother of nations). Понатаму во Библијата за значењето на името Sarah (Сaaра) се вели:

Genesis 17:16

16 I will bless her and will surely give you a son by her. I will bless her so that she will be the mother of nations; kings of peoples will come from her.”

Интересно е тоа како само една или две букви го менуваат целото значењето на едно име, а со тоа и идентитетот на човекот што го носи.

Што ли би кажале на ова поборниците за промена на името на нашата татковина и перачите на мозок што повторуваат дека се работи само за промена на името, а не и на идентитетот.

Ист е и случајот со Peter (Петар) следбеникот на Jesus (Исус). Прво тој бил рибар и се викал Simon (Симон) или преведено на македонски "Господ слушна" (God has heard). Откако почнал да го следи Jesus (Исус) го добил името Cephas (Кифа) те Peter (Петар) или преведено на македонски "Карпа" (rock).

John 1:42

42 And he brought him to Jesus. Jesus looked at him and said, “You are Simon son of John. You will be called Cephas (Peter).

И според до овде кажаното можеби некој ќе помисли дека штом е спомнувана во Библијата промената на име не е нешто спротивно на христијанските закони.

No sir!

Господ преку визија му се појавил на Paul (Павле) и му рекол да оди во Македонија. Не му рекол да оди таму во некое си место туку убаво било спомнато името Македонија. Еве го извадокот.

Acts 16

16:9 During the night Paul had a vision. A man from Macedonia was standing there and pleading with him, "Come over to Macedonia and help us!"

16:10 As soon as he had seen the vision, we immediately looked for a way to go to Macedonia, because we were convinced that God had called us to tell the people there the good news.

Тој не и го променил името и со самото тоа што рекол Македонија го потврдил нејзиниот идентитет. Она што Господ го направил не бива човек да го сруши. Ако Господ ја нарекол оваа земја Македонија тогаш никој го нема правото да ја преименува.

Македонија во Библијата не се среќава само во горниот цитат. Клинете овде за да ги погледнете и другите.

Првата покрстена христијанка на тлото на Европа била Македонката Лидија. И сега оние што се покрстија отпосле, нас не не пуштаат да влеземе во ЕУ освен ако не не крстат одново, како не би биле први.

Ако сте христијанин, а сакате да го смените името на Македонија, помислете малку за ова!