Saturday, January 05, 2013

Историјата на Македонија во каталонско списание

Во најновиот број на каталонското историско списание Fent història, објавен е напис посветен на нашата татковина. Се работи за авторски текст на историчарот Октави Мајорки (Octavi Mallorquí), со наслов „Националниот идентитет на Македонија“ (La identitat nacional macedònia). Во написот од три страни, во кој што значително внимание е посветено на делото на македонскиот преродбеник Крсте Петков Мисирков, накратко е раскажана историјата на Македонија.

Мајорки забележува и дел од актуелните случувања во Македонија, со ставање акцент на т.н. процес на „антиквизација“.

Не е изоставен ниту  дводеценискиот спор со Грција, за кој што цитирана е Виолета Стефановска, претседател на македонската асоцијација културна куќа во Барселона. „Македонскиот случај е уникатен по природа проблем, со каков што во скорешната историја ниедна европска земја се нема соочено, Македонија мора да се бори за сопственото име и идентитет“, вели Стефановска.


Во написот посебно внимание е посветено на пропагандите на соседните на Македонија земји и на нивните освојувачки аспирации, а причините за нив авторот ги пронаоѓа во „стратешкото значење на местото“ на кое што Македонија е лоцирана. За „Македонското прашање тој вели дека е „фасцинантен субјект, кој што заслужува пообемна студија“.

Сепак, и покрај странските пропаганди, околу националната посебност на Македонците, Октави Мајорки е дециден и го завршува својот напис со зборовите „сметам дека не постои никаков сомнеж што се однесува до правото на Македонците да постојат како нација.“

Александар Стеванов, објавено на MKD-news.com

No comments: