Tuesday, July 24, 2012

Подемот на македонскиот стрип

Во Македонија отсекогаш постоеле креативни луѓе со високи критериуми за она што е убаво. Историско сведоштво за нивниот уметнички порив се симболите во карпи, кои се стари и по неколку милениуми, античките мозаици во Хераклеја и Стоби, средновековните фрески во христијанските цркви, шарените македонски народни везови.

Овој вековен творечки ген на македонскиот народ се манифестира и ден денес во сите уметности, а меѓу нив и во деветата уметност, неговото величество „стрипот“. На најстариот стрип фестивал во регионот, кој од шести до осми јули се одржа во Лесковац, соседна Србија, присуствуваа учесници и од Македонија. Всушност македонските стрип автори беа оние кои го отворија овој реномиран стрип фестивал.

Познатиот македонски стрип цртач и илустратор Игор Јовчевски редовно учествува на Балканската смотра на млади стрип автори.

„Ова е мое петто или шесто учество на овој фестивал на стрип и морам да признаaм дека веќе се чувствувам како ветеран. Балканската смотра на млади стрип автори е најстариот стрип фестивал на балканскиве простори, 14 години се завидна традиција.

Овој фестивал важи за еден од најопуштените фестивали, каде што контактите помеѓу авторите, учесници и љубителите на стрипот се најнепосредни. Пред неколку години, освоив дури и награда за илустрација (додека сè уште можев да влезам во конкуренција за награда, лимитот е 30 години) и бев пресреќен. Тоа беше моја прва награда.

Конкретно оваа година честа да ја отвориме смотрата ја имавме јас и мојот другар и колега Дарко Богданов, промовирајќи ги нашите последни дела, јас мојата збирка илустрации „Sword, Sorcery, Colt & Stetson“, а Дарко неговата графичка новела „Modus Vivendi“. Промоцијата помина во најдобар ред, луѓето беа заинтересирани за нашите дела, ги пофаќаа, ги разгледуваа и делеа комплименти.

Моето искуство со стрип фестивалите е секогаш позитивно. На овие фестивали запознав и дел од моите цртачки идоли: Керац, Перовиќ, Ковачевиќ, Бриндиси, Алесандрини, Вентури... На некои од нив се закитив и со награди (Белград, Лесковац), а со тоа се надевам и дека го испромовирав достојно македонскиот стрип.“ - вели Јовчевски.

И македонскиот стрип автор и дипломиран ликовен уметник Дарко Богданов ги сподели своите импресии од учеството во официјалниот дел на овој стрип фестивал.

„Со самото тоа што смотрата ја отворија македонски автори е повеќе од јасно дека нашата стрип сцена е доста ценета и почитувана во балканските стрип кругови и на балканските стрип фестивали, каде што сме редовни гости дали со присуство или пак со изложување на нашите дела.

Повеќе од очигледно е дека нашите колеги и пријатели од соседството следат што се случува на македонската стрип сцена, следат што се издава, и запознати дека се работи, дека се креираат стрипови, а показател за целиот тој труд е тоа што македонски автори секоја година земаат по некоја награда на балканските стрип фестивали.

Интересно е тоа што токму во Лесковац еден од главните гости Руди Алјиновиќ, легенда на југословенскиот стрип и еден од најголемите авторитети, кога станува збор за стрип теорија и критика, пофално се изрази за македонските автори чии дела беа изложени таму. Можеби тоа не звучи посебно значајно, но сепак кога доаѓа од човек од неговиот ранг, тоа значи дека барем нешто кај нас се прави како што треба.“ - вели Дарко Богданов.

Пофални зборови за македонските учесници на Балканската смотра на млади автори стигнаа и од нивните колеги од Македонија.

„На стрип фестивалот во Лесковац оваа година имаше многу претставници од македонската стрип сцена, а особен впечаток ми остави претставувањето на двата многу битни настани за македонскиот стрип оваа година, а тоа е излегувањето на графичката новела „Modus Vivendi“ на Дарко Богданов и комплетот илустрации „Sword, Sorcery, Colt & Stetson“ од Игор Јовчевски. Мило ми е што српските организатори им дадоа толку внимание, кое впрочем тие одамна го заслужуваат.

Мислам дека кај повеќе македонски претставници на стрип уметноста постои голема љубов и ентузијазам на тоа поле, кои и покрај целата финансиска криза и слабата институционална поддршка, остануваат доследни на практицирањето на овој начин на уметничко изразување како начин на живеење. За среќа постојат и групирања меѓу истомисленици и најверојатно секое такво групирање може да изроди нови и уште побројни и квалитетни настани на македонската стрип сцена.“ – вели Весна Ничевска Саравинова, дипломиран ликовен уметник и стрип автор.

Иако, за разлика од некои други уметности, во нашите медиуми не се одвојува доволно простор за негова промоција, сепак македонскиот стрип е реалност. Една од движечките сили за стрипот во Македонија се луѓето од форумот Макстрип и од здружението Макстрипови.

„Македонскиот стрип форум www.makstrip.com.mk при крај на годинава ќе ја наполни својата 4-та година во виртуелниот свет. Може ќе звучи нескромно, но со залагањето на целата екипа која е активна таму (администратори, автори и колекционери), можам со сигурност да тврдам дека ја раздвиживме целата стрип сцена, се зголеми стрип дружбата, соработките, а најбитно – креирањето стрипови.

По две години од започнувањето на форумот, веќе се преминавме на наредното ниво, односно формиравме „Здружение за промовирање на стрип културата - Макстрипови“, зад кое стои истата млада екипа. Двете најглавни цели ни се да ги вратиме старите цртачи на стрипови (автори и колекционери) кон нивната пасија, но и да ги едуцираме најмладите за стрипот, тајните на цртањето и пишувањето стрипови.

Една од активностите на здружението е издавањето на промотивниот стрип магазин „Синдром“. Во него, во седумте досега издадени броеви, беа презентирани дела на преку 40 автори од Македонија, на возраст од 15 до 55 години.

Авторите од Макстрип учествуваат на голем број на манифестации и изложби ширум земјава, а истите одржаа презентации и промоции на македонската стрип сцена на повеќе фестивали низ Балканов (Лесковац, Призрен, Белград, Лакташи...).

Во овој период, најголемо достигнување ни беше започнувањето на две стрип школи за деца од основните училишта - „Секој ПЕТок, Стрип во ПЕТ.“ Работата со млади таленти е градење основа за уште посилна стрип сцена и во иднина. Талентот е присутен кај младите цртачи, фантазијата им е неограничена. Првата стрип школа беше во О. У. Христијан Тодоровски Карпош, додека втората сè уште се одржува во О. У. Ј. Х. Песталоци. Со овие школи сакаме да ја изградиме иднината на македонскиот стрип, најмладите таленти да го засакаат стрипот и брзо да влезат во неговите тајни.“ – вели Давор Драмиќанин, стрип сценарист и потпретседател на здружението Макстрипови.

За актуелната состојба на македонската стрип сцена, и за учеството и добиените награди на меѓународните фестивали, тој е дециден:

„На прашањето за македонската стрип сцена, јас би дал еден мал осврт на последниве пет – шест години, затоа што мислам дека овој период е добра основа за враќање на подзаборавената деветта уметност.

Новата македонска стрип сцена е присутна на поголемите балкански стрип фестивали, а доделените награди и признанија само го потврдуваат квалитетот на домашните автори. Во последниве години навистина многу автори освоија награди.“

Награди за нашите стрип автори не изостанаа и овој пат. За својот стрип каиш „Волшебното катче на Цане“, стрип авторот и илустратор Михајло Димитриевски, познат и како Тхе Мичо, во Лесковац беше награден во категоријата сатиричен стрип.


„Наградата ми значи тоа што би требало и секоја награда да значи – признавање на минатиот труд и поттик да работам напорно и упорно понатаму. Нормално, не треба човек да работи за да биде награден или пофален, туку треба да работи зашто сака да работи, т. е. да твори и да ужива во истото. Признавањето на тој труд одвреме – навреме дава дополнителен мотив за понатаму. А, и не е лошо чат – пат наградата `ко ќе е парична да може да падне и частење.

Смотрата помина како и секоја година – фантастично. Треба да се знае дека таа не располага со светски буџет, туку со мали средства. Луѓето максимално се трудат да ни овозможат добри услови за работа и дружење. Тоа е и основата на стрипот – дружењето и забавата. Значи цел ден сме заедно, дискутираме и цртаме на теми за и околу стрипот. Преубаво искуство и можност барем еднаш годишно да се видиме со колегите и пред сè пријателите од соседството.

Македонските автори се одлично прифатени каде и да одат. Има некое наметнато мислење дека кај нас нема стрип, нема автори и слично, а фактичката ситуација е обратна. Моментално како никогаш досега во Mакедонија има еден куп квалитетни стрип автори, илустратори и аниматори. Стрип културата кај нас постоела и ќе постои, а тоа што моментално се случува кај нас е препород на оваа убава и можеби подзаборавена културна гранка кај нас. Подзаборавена, но не мртва.

Речиси и да нема балканска манифестација без присуство на македонски автори и речиси и да нема награда која не сме ја освоиле, на овој или на оној начин, барем на балканско ниво. Треба да се сфати дека не заостануваме зад светската стрип сцена, туку сме дел од неа и дека постоиме. Исто така, треба конечно да се престане со омаловажување или неприфаќање на нешто што постои и е пред нас. Како што почна и како што гледам - нема да застане.

Единствена забелешка за стрипот кај нас е немањето на издавач кој би објавувал македонски стрипови. Значи стрипови од македонски автори, а не италијански бози од 100 евра. Исто така би го спомнал и апсолутното непостоење, до сега, на стрип фестивал. Нешто има, ама ниту од далеку не потсетува на тоа што би требало да биде. Се надевам дека наскоро Македонија ќе добие стрип фестивал кој ќе биде во рамките, ако не на светските, барем на балканскиве - кои се покажаа и тоа како успешни.

Живееме во подрачје кое изобилува со креативност. Можеби тоа не можеше да се искористи во минатото или имаше пречки од кој било вид, ама со развојот на техологијата Македонија допрва ќе покаже што има во оваа област.“ - вели Михајло Димитриевски.

Дека македонскиот стрип во последиот период оди само во нагорна линија едногласни се повеќето македонски автори и вљубеници во стрипот.

„Со оглед на тоа дека македонската стрип сцена со години, ако не и со децении беше во некаков ќорсокак поради секакви причини, во последниве неколку години навистина има раздвижување на тој план. Се појавуваат нови автори и се издаваат нови публикации.

Работата оди во нагорна линија, но сè уште е доста далеку од она што навистина треба да биде. Сепак, мислам дека има шанси и надеж за македонскиот стрип, најважно е да не пресуши ентузијазмот и креативноста, да се креираат убави стрип приказни за читателите, и секако, да се анимираат луѓето, младите пред сè, дека ете и кај нас постои таа неверојатна уметничка дисциплина, што се вика - стрип“ - вели Дарко Богданов.

Ако денес на фреската од 1164 година „Оплакувањето на Христос“ од црквата Св. Пантелејмон во Нерези, се присетуваме како на предвесник на европската ренесанса, можеби идните генерации на времето во кое што ние денес живееме ќе се сеќаваат како на ренесансен период за стрипот во Македонија.

„Според мене македонскиот стрип доживува ренесанса. Имаме голем број на автори, цртачи и сценаристи, кои што работат и објавуваат на овој или на оној начин, а најважно од сè е дека публиката полека, но сигурно, стрипски се описменува. Бројот на изданијата расте, како бројот на ревии, така и бројот на самостојни стрип албуми и графички новели од наши автори. Единствените работи каде што тапкаме во место се достојна издавачка куќа и достоен стрип-фестивал.“ - вели македонскиот стрип цртач и илустратор Игор Јовчевски.

автор: А.С. (лектура: Дукадин), објавено и во Македонска Нација и Макстрип

No comments: