Wednesday, May 30, 2012

Заменетиот јазик

Вчера во Македонија се крена голема врева поради провокаторскиот бугарски „документарен“ филм - „Заменетиот јазик“ со кој што авторите бесрамно се осмелија да го негираат македонскиот јазик. По овој повод, претседателот на СМК, Тодор Петров и не без право напиша дека „антимакедонизмот во Бугарија галопира“, а од порталот Mkd.mk дека се работи за џабе документарец.



Креирањето на вакви филмови во кои авторите сакаат да ги претстават Македонците како Бугари не само што не ѝ користат на Бугарија туку и ѝ прават голема штета. Ваквите филмови со кои се негираат основните човекови права на Македонците не можат да бидат мост за градење на пријателство меѓу двете држави туку само пречка во нивното зближување.

Нека помислат тие самите како ќе се чуствуваат ако некој од Македонија направи документарец во кој што ќе се негира постоењето на бугарскиот јазик и нација и истите ќе се сметаат за некаква си вештачка творба создадена по налог на некаква сила. Дали ќе бидат благодарни и пријателски расположени или ќе бидат испровоцирани да го замразат поради тоа што им гази на нивните свети национални чувства.

Сè додека од страна на дел од Бугарите гласно се негира македонскиот народ и јазик - јазот меѓу Македонците и Бугарите ќе биде непремостлив. И наместо народите на двете држави да градат искрено пријателство тие ќе се оддалечуваат едни од други сè повеќе.

Наивно и неодговорно е да се мисли дека негирањето на Македонците како народ и на нивниот јазик од страна Бугарите нема да повлече негативни последици за нив самите. Таквите негации и сега и во минатото, па и во иднина ќе резултираат со бурни негативни реакции од страна на Македонците на сметка на Бугарите, што на крајот на краиштата ќе допринесат за заладување на односите меѓу двата народа. Виновникот за ваквите заладувања на односите меѓу двата народа нека не го бараат другаде, најмалку кај Македонците. Виновникот за ова можат да го видат ако самите застанат пред огледало.

Од целиот овој случај излегува дека не Србите се виновни за тоа што Македонците стојат на дистанца од Бугарите, како што во документарецот авторите се обидуваат да покажат, туку дека виновниците се токму тие - Бугарите (дел од нив), поради нивното настојување дека Македонците не се тоа што се. Ако добронамерните Бугари искрено сакаат да градат пријателски односи со Македонците треба да ги осудат ваквите провокаторски филмови со кои се негира еден цел народ.

Иронично е тоа што одредени Бугари кои според она што го кажуваат сакаат Македонците и Бугарите да бидат браќа (демек ист народ), а со нивните несмасни дела прават тие да се најголеми непријатели. Доколку Бугарите навистина сакаат да градат блиски односи со Македонците тие најпрво треба да ги признаат Македонците како одделен народ кој зборува на сличен, но сепак различен јазик (Македниците постоењето на бугарскиот народ и јазик веќе одамна го имаат признаено и ретко кој има проблем со тоа). Во едни такви услови нема пречка за градење на пријателски односи и нема пречка зошто Македонецот да се чувствува загрозен и со сомнеж да гледа во постапките на бугарскиот народ.

Во документарниот филм се инсистира на тоа дека македонскиот јазик настанал со србизирање на некаков си бугарски јазик. Но во филмот не се кажува дека за истиот тој демек бугарски јазик, бугарскиот кнез Фердинанд ќе каже дека е различен од бугарскиот и дека е посебен јазик (Ам.Ф.ПО, мф, 446, пов. бр.228, Цариград, 26.03.1896):

„Во Македонија главната маса на населението ниту се Бугари ниту Срби, туку Словени и Христијани кои зборуваат јазик подеднакво далечен или подеднакво близок на српскиот и бугарскиот јазик, но јазик кој е посебен дијалект ако не и посебен јазик.“

Ако треба да се надмудруваме и да докажуваме кој од кој јазик настанал јас можам да приложам цитат на бугарскиот дипломатски претставник во Цариград, Глигор Начовиќ кој вели (1903 година):

„Неблагодарни од турската управа, лишени од важни правдини, изложени на сите можни прогони. Македонците бегаат во Грција, Србија и најмногу во Бугарија. Тука има 150 000, од кои само во Софија 30 000 од едно население од 75 000.“

Значи Македонците сочинувале 40 проценти од целокупното населението во Софија и ова не го кажува било кој туку бугарски дипломатски претставник!

Според ова не е нелогично да се заклучи дека сличноста меѓу македонскиот и бугарскиот јазик не е поради тоа што македонскиот јазик првоначално (пред кодификацијата) бил бугарски, туку попрво затоа што бугарскиот јазик во себе попримил македонски јазични карактерности од сиве овие надојдени бегалци од Македонија. Невозможно е да се поверува дека 40 проценти од населението на главниот град на Бугарија не извршиле никакво влијание на бугарскиот јазик од тоа време.

Сличноста меѓу македонскиот и бугарскиот јазик постоела и за време на петвековното османлиско господство, а постои и сега. Во тоа време, меѓу другото, јазиците се мешале затоа што не постоеле формални граници меѓу Македонија и Бугарија, а денес и затоа што сме соседни земји.

Но ова не значи дека јазикот на кој што нашите предци од време на османлиското владеење говореле е бугарски јазик, исто како што не значи и дека јазикот кој што денес во Македонија се зборува е дијалект на бугарскиот. Всушност ако и ние како и авторите на документарниот филм земеме да манипулираме со сличноста меѓу двата јазика може да излеземе со наш заклучок дека всушност Бугарите се тие кои говорат на македонски јазик, а не обратно.

За ова можеме да се послужиме со цитат на Професорот Волф Ошлис. Во врска со постоењето и староста на македонскиот јазик, тој често пати потсетува на ставовите на германскиот славист Рајнхолд Траутман кој што македонскиот јазик го смета за најстар словенски јазик:

„Ние во Германија одамна се придржуваме кон ставот на овој научник, кој уште во 1948 година пишуваше дека македонскиот јазик истовремено е и најстариот словенски јазик, имено мајчиниот јазик на Кирил и Методиј и најмладиот административен и наставен јазик во словенското јазично семејство.“

Според ова излегува дека македонскиот јазик како најстар словенски јазик нема како едно време да бил бугарски (нема како да влече потекло од бугарскиот), туку само бугарскиот може едно време да бил македонски јазик (односно да потекнува од македонскиот).

Во овој контекст, во врска со староста на македонскиот јазик чешкиот професор и еминентен проучувач на македонскиот јазик - Иван Доровски вели дека на дијалекти на македонскиот јазик говореле и Старите Словени уште во 6 и 7 век, сè до Пелопонез. И според ова излегува дека нема како македонскиот јазик да влече корени од бугарскиот. Тој во врска со негирањето на македонскиот јазик како одделен јазик ќе каже:

„Секое негово оспорување нема научна основа, туку вонјазична и вонлитературна, политичка основа.“

За сличноста, но и за различност меѓу македонскиот и бугарскиот јазик познатиот лингвист Виктор Фридман ќе каже:

"...of course Macedonian is a distinct language. It is similar to Bulgarian, but just as Swedish and Norwegian are similar languages, but separate, so, too, are Macedonian and Bulgarian."

Постоењето на македонскиот јазик како одделен јазик го потврдиле и низа други лингвисти: Рина Усикова, Нуло Миниси, Ала Шешкен, Влоѓимјеж Пјанка, Иван Доровски и др. Сите тие, како и голем број на други реномирани лингвисти, постојано порачуваат дека македонскиот идентитет не смее да се оспорува и дека македонскиот јазик е доволен аргумент за постоењето на македонската нација и култура (благодарност до Благојче Андонов).

За постоењето на македонскиот јазик како одделен јазик полскиот македонист Масеј Кафка вели:

„Македонија постои, Македонците постојат, нацијата постои, треба само да се занимаваат со култура, со јазик, со литература. Тука нема спор.“

Проф. д-р. Гизела Хаван од Универзитетот во Хале, Германија, за македонскиот јазик вели:

„Македонскиот јазик е мал меѓу словенските јазици, но тој треба да се гледа и негува како орхидеја. Во Германија на неколку универзитети има интерес за студирање на катедрите за македонски јазик.“

Пол Фостер, експерт за јазиците и културите на Балканот и во Источна Европа од универзитетот Индијана во САД, за постоењето на македонскиот јазик вели:

„Не може, апсолутно не може еден чиновник или политичар во Европа да го избрише македонскиот јазик. Тој живее во говорот на луѓето, кои го зборуваат. Македонскиот јазик постои меѓу Македонците, но и другите луѓе што го користат. Македонскиот јазик постои додека постои македонскиот народ.“

Погоре претставените цитати не се од било кого, туку од реномирани и потврдени екперти во областа на лингвистиката. Да се запрашаме кои сè соговорници ги имаат земено авторите на „документарниот“ филм за да го негираат македонскиот јазик? Едниот е Љубчо Георгиевски, самодеклариран бугарофил, кој во филмот е претставен како филолог, а истиот нема работено ниту еден ден во оваа област!

Зошто авторите го викнале токму него, а не некој Македонец кој за разлика од Љубчо Георгиевски се чувствува како Македонец, а не како Бугарин? Затоа што нив не ги интересира вистината туку целта им е пропагандизам и одбрана на некаква си претходно зацртана фиктивна теза.

Друг соговорник им е Ким Мехмети, етнички Албанец од Македонија!? Истиот оној Ким, кој што пред некоја година плачеше поради тоа што во Македонската енциклопедија етничките Албанци не биле претставени како што треба, сега најде да соли памет за сличноста меѓу историјата на Македонците и Бугарите.

Од далеку се гледа селективноста во пристапот на авторите на филмот и предвремената цензура на луѓе кои не се согласуваат со фиктивните заклучоци на нивното зацртано сценарио, штом ги избрале овие двајца.

Она што сите треба да го сфатиме е дека јазикот е динамична, жива материја која постојано се менува.

Прочитајте некое дело од Шекспир на оригиналниот англиски јазик на кој што било пишувано и споредете го со некоја денешна книга. Ќе пронајдете дека книгите на Шекспир изобилуваат со куп зборови (и формулации) кои денес не би се нашле во никоја современа книга на англиски јазик. Случајот со македонскиот јазик не е воопшто поразличен. И тој во текот на децениите и вековите се менувал и сè уште продолжува да се менува, исто како што се менува и секој друг јазик во светот, вклучително и бугарскиот.

Тоа што македонскиот јазик пред да биде кодифициран како литературен македонски јазик, не значи дека не постоел како народен македонски јазик. Уште помалку значи дека пред кодификацијата тој јазик не бил македонски туку бугарски.

Заклучокот дека македонскиот јазик настанал со србизирање на бугарскиот јазик од Македонија е крајно неточен и манипулативен.

Всушност ако треба да бидеме максимално коректни треба да признаеме дека српскиот јазик сепак извршил влијание (србизми) врз македонскиот јазик во периодот во кој што Македонија е во (или под) рамките на федерацијата Југославија. Но тоа не значи дека попримањето на извесен број на србизми всушност бил предуслов за создавање на македонскиот јазик.

Како што и претходно спомнав јазикот е динамичка категорија. Ако некогаш македонскиот, па и бугарскиот јазик, трпел влијание и попримал зборови од турскиот јазик за време на петвековната османлиска окупација, наивно е да мислиме дека македонскиот не попримил србизми во периодот во кој Македонија е дел од федерацијата Југославија.

Доколку некој смета дека македонскиот јазик настанал поради попримање на одреден број на србизми, тогаш истиот тој употребувајќи иста искривена логика ќе треба да заклучи дека и бугарскиот јазик станал бугарски јазик поради примање на турцизми.

Па и денес и македонскиот јазик и бугарскиот јазик попримаат странски зборови, а најчесто англиски, што не значи дека тоа попримање на странски зборови е дел од некаков заговор како што авторите на бугарскиот документарец сакаат да го прикажат случајот со македонскиот јазик кој демек бил вештачки создаден за да ги денационализира демек македонските Бугари.

Бугарите и денес за благодарам се служат со францускиот збор „мерси“, па никој не им фаќа за кусур и не им го негира јазикот.

Македонскиот цар Самоил, во филмот (18:18) се претставува како „демек македонски цар“ (што ќе рече лажно претставен како македонски), но авторите на филмот не кажуваат дека истиот овој цар, бугарскиот поет Иван Вазов во песната „Беласица“ ќе го нарече „македонски император“ (Бугарите за Македонија):

„И мисли македонский император
че чува в писъка на горский вятър
на двайсет слепи полкове плачът“

Според нив излегува дека и Иван Вазов е македонски пропагандист.

Во бугарскиот филм се негира и античното македонско наследство (околу 21:50) односно тоа се претставува како пропагандизам. На авторите на филмот како што беше покажано претходно не им пречи да кажуваат дека во македонскиот јазик за време на федерацијата Југославија се вметнуваат србизми, но во случајов молчат за тоа дека за долгогодишното затскривање на македонското античко наследство главна причина е истата таа југословенска федерција. Античкото македонско наследство на Македонците се затскрива имено за да може да се пропагира и инсталира тезата за сè словенството во рамки на таа југословенска федерација.

Одговорот за тоа зошто авторите на бугарскиот филм го негираат и исмеваат античкото македонско наследство е следниов (Античко минато - предмет на исмевање):

„Знаејќи дека Македонците и Бугарите не може да се еден народ ако Македонците денес се потомци на античките Македонци, а Бугарите не се, тие... се трудат да го исмеат и претстават како лажно античкото минато на Македонија, а со тоа се надеваат барем дел од Македонците под ваквиот притискок да прифатат дека античкото минато на Македонците е заблуда. Дополнително олеснување им е тоа што ваквите тврдења се на иста линија со грчките кои исто така сакаат да им го одземат правото на Македонците да се гордеат со своето античко минато, како би си го приграбале само за себе.“

Всушност Македонците со векови наназад биле свесни за нивниот континуитет и потекло од античките Македонци. По повод 1000-годишнината од смртта на Свети Методиј, во 1885 година во Солун, Григор Прличев ќе каже (Историја на тн. антиквизација):

„Мајка Македонија е многу ослабната. Откако го роди големиот Александар, откако ги породи светите Кирил и Методија, оттогаш мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнемоштена. Но мајка што роди вакви синови, во иднина ќе роди и други како нив... Ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, кои ќе бидат светилници на нашите училишта и столбови на нашата вера и кои ќе го прославуваат македонското име!“

За континуитетот на Македонците дури од времето на антиката соопштуваат не само Македонци туку и Бугари. Во весникот Македонија, во статија од 18 јануари, 1871 година, со наслов „Македонското прашање“ бугарскиот политичар и поет Петко Рачев Славејков го пишува следното (Историја на тн. антиквизација):

„Многу пати сме слушале од Македонистите дека тие не се Бугари туку Македонци, потомци на Античките Македонци...“

Јасно е зошто во бугарскиот филм ова нешто не е посочено.

Во 19.05 минута од „документарниот“ филм, Проф. д-р Иван Кочев, универзитетски професор ќе каже:

„Се што било бугарско, денес (во Македонија, м.з.) се декларира за македонско. И тоа се случува многу лесно, се прецртува затекнатото бугарски и се запишува македонски. И се станува македонско.“

На што Тодор Петров во својата реакција вели:

„Бугарите знаат како оди тоа со прецртувањето. После Информбирото, 1948 година, во матичните книги во графата народност кај сите со потекло Македонец, е прецртана со црвено пенкало и над записот Македонец е допишано „Бугарин“. И така сите Македонци во Бугарија станаа Бугари! Знаат како тоа се прави во Бугарија.“

И всушност тоа е резултатот од ваквиот документарец. Тие не обвинуваат нас, ние како засегната страна им возвраќаме со контраобвинувања. И сето тоа продолжува во еден порочен круг во кој што нема простор за градење на пријателство.

Доколку целта на авторите на овој документарец била да создаваат непријателство меѓу Бугарите и Македонците, морам да признаам дека успејале во тоа. Нека продолжат со истите методи, а за јаловата жетва која што ќе ја жнеат нека знаат дека е таква баш поради тоа што таква и си ја посејале.

1 comment:

Anonymous said...

АНТИМАКЕДОНИЗМОТ ВО БУГАРИЈА ГАЛОПИРА

Пишува Тодор ПЕТРОВ

На 28 мај 2012 година ви Бугарија објавен е документарен филм насловен “Подметнатиот јазик“, автор на филмот Весела Смилец, оператор Доброљуб Илиев, режисер Олег Ковачев, консултант Костадин Филипов. Филмот, според наводот на авторот, го покажува развојот на “тој т.н. јазик“ (авторот мисли на македонскиот јазик, м.з.) и напорите да биде разграничен од бугарскиот и да се одметне со мешавина од српски зборови и зборови од латинско потекло. Така вели авторот.

Во филмот се коментираат поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, Филимена Марковска сопругата на Венко Марковски кој учествувал во првата јазична комисија во 1945 година, д-р Стојан Ристески од Охрид, Живко Серафимов Аџија публицист од Скопје, Ким Мехмети пистаел од Скопје и проф. Иван Кочев, предавач на Благоевградскиот универзитет.

Веќе видени приказни. Не е проблемот во Македонија дали Македонците се Бугари, туку дали во Бугарија има Бугари без македонски корени. Оти во Бугарија, македонско малцинство нема, таму само Ромите и Турците не се Македонци!

Во филмот се препознатливите ликови, кои постојано се репризираат во речиси сите антимакедонски содржини на Бугарија. Љубчо Георгиевски, коалициониот партнер на СДСМ и на Бранко Црвенковски. Бранко за Љубчо е синоним за посрбен Македонец, ама заедничкото им е да се смени името за да се затвори македонското прашање. Тука Пандора Бакојани им е главниот идеолог “За нас македонското прашање е идеолошка конструкција на Студената војна и за да го затвориме, треба конечно да го промениме името на нашиот северен сосед... Ние историјата на Македонија еднаш ја напишавме, повторно нема да го правиме тоа!“ Ама нападот и на Бранко и на Љубчо против Никола е дека Груевски ни подметнува грчка култура и историја. Која пародија од марионети и караѓози! До вчера смртни непријатели, Љубчо за Бранко бугарофил (Љубчо го демантира дека не само Георгиевски туку и сите Македонци се Бугари), Бранко за Љубчо србо-комунист, ама денес коалициони партнери, не се избираат средства да се рекомпонира власта за да смени државното име Македонија!

Ким Мехмети кој до 12 часот ги мрази сите, а после 12 и самиот себе, е приказна со педигре. Парадер за демократија на ТВ-А1 со сите братја на купче. Еднаш ги гледавме во обидот за пуч без финале.

Зарем се уште веруваат дека народот не гледа, не слуша и не чита?

Исправени сме пред искушенија и предизвици, ама ќе се одбраниме, ќе останеме тоа што отсекогаш сме биле: Македонци, само Македонци и ништо друго освен Македонци од дедо Ное, до денес! А, тие, нека си ги бараат корените, ќе стигнат до на дедо Ное! Пак Македонци! Се тече, се’ се менува! Македонија вечна!