Wednesday, May 30, 2012

Гркот Гаврилидис

Акис Гаврилидис (Άκης Γαβριηλίδης) е Грк роден во Солун, во 1964 година. Има завршено право на Универзитетот Аристотел и е доктор на правна филозофија, а од 1995 година живее надвор од родната земја - главно во Брисел, Белгија каде што работи како преведувач. Сиве овие години активно се занимава со пишување - автор е на пет книги на различна тематика: траумата и сеќавањата на грчката граѓанска војна, психоаналитичен пристап на грчкиот национализам идр. Автор е и на поголем број на статии за актуелни настани кои што се објавени во различни весници и списанија, а во слободното време пушта музика на радио.

И тамам помислувате дека и тој како и „сите други Грци“ го има истиот став кога е во прашање името на Република Македонија, веднаш ќе се убедите во спротивното преку ова интервју кое го направивме со него.

1. Дали некогаш сте биле во Македонија?

Не, никогаш не сум бил во Република Македонија. Да бидам искрен не знам многу за земјата и за нејзините жители. Единствените знаења ми се од читање и (ограничена) комуникација со луѓе од таму кои сум ги среќавал во Грција, Белгија или во трети земји.

2. Значи имате пријатели - Македонци?

Познавам неколку луѓе од Република Македонија, сите академски граѓани. Само се двоумам дали за нив би можел да го употребам терминот „пријатели“, не затоа што не ги ценам, туку затоа што за жал немам редовна комуникација со нив (освен понекогаш преку Фејсбук).

3. Каков е вашиот впечаток за нив?

Мојот впечаток е дека се многу великодушни, со отворен ум и мотивирани луѓе. Јас не би можел да генерализирам, но мојот впечаток е таков. Одделно од тоа, имам впечаток дека, и покрај различниот јазик и потекло, ние споделуваме многу работи, кои се нематеријални, речиси скриени, на друго ниво, како на пример гестови, јазикот на телото, употребата на слични метафори... Работи кои сè уште се останати од периодот кога националните држави и нивните граници не биле стриктно поставени.

4. Дали вам лично ви пречи името на нашата земја - Република Македонија?

Не само што не ми пречи, туку и мислам дека е единственото можно име кое што одговара. И одделно од тоа, фактот дека една земја, или било кој друг, приговара за името на друга земја и/или името на нејзините граѓани за мене е речиси непристоен. Не е наша работа, ниту на било кој друг, да го диктира тоа.

Се разбира по ова прашање, јас сум дел од една малубројна група во грчкото општество.

5. Кои се нештата кои што ги поврзуваат Македонија и Грција и нивните граѓани?

Мое чувство е дека насекаде на Балканот има подземен тек, „резервоар“ од заеднички „биополитички“ сеќавања, поврзани со јазикот, готвењето, музиката, однесувањето... од периодот пред националните држави; тек кој не поврзува (сите подоцна создадени како)„чисти“ Грци, Македонци, Срби итн.

До скоро време, сите модерни национални држави, вклучително и Турција, тежнееа да не обрнуваат внимание на тие заеднички елементи бидејќи сметаа дека се остатоци од „пред модерниот“ авторитарен, речиси срамен период кој што ние сите наскоро треба да го заборавиме и оставиме зад нас во Отоманската Империја. Но јас мислам и се надевам дека ова отфрлање започнува да станува се помалку апсолутно...

6. Како од Грција и Македонија да направиме искрени пријателски земји? Што секој од нас треба да направи во врска со тоа?

Омразата и недовербата произведувани во последните 20 години, се многу сложен и тежок товар, а јас немам лесни решенија или препораки. Се разбира дека е од суштинско значење да се задржат - или создадат - хоризонтални врски меѓу недржавни чинители од двете (или повеќе?) страни, меѓу поединци, групи, уметници, академици итн. Но, за тоа ќе биде потребно, исто така да се заврши домашната работа и да се спроведе во рамките на секоја страна, бидејќи, како што често се случува, кога мразиме некого, ние обично го мразиме во него она што во нас самите го сметаме за неподносливо.

Моја практична препорака, е дека сепак би било подобро идентитетските прашања да се одвојат од оние за антиката, археологијата, натписи, Александар и Филип итн Овие прашања невозможно е да се одговорат со сигурност, па со инсистирањето на нив само ќе ги овековечиме несогласувања. Но, дури и да беа 100 % разјаснети, тие не би можеле да обезбедат решение за моменталните политички несогласувања. Она што се случило пред 2000 години не може да го детерминира она што ние денес треба да го правиме. Верувам дека на македонскиот народ и држава треба да им се признае правото да се нарекуваат себеси онака како што се нарекуваат, не затоа што тие со векови чуваат некоја недопрена суштина, туку поради политичката желба која ја имаат во овој момент.

Приказната за „античкиот народ кој 2500 години живее на едно место и зборува на истиот јазик“, беше изградба на база на грчкиот национализам од 19ти век, и мислам дека грчкото општество сè уште ја „плаќа цената“ за оваа опсесија. Нема ништо во врска со тоа за што вие би требало да завидувате, верувајте ми... Јас разбирам дека притисокот за компарација е силен и заразен, но ако македонското општество се спротивстави и го избегне копирањето на слични глупости, тоа ќе биде во негова корист.

7. Дали имате порака до македонските граѓани кои го читаат ова интервју?

Единствено нешто кое што би сакал да го додадам е дека ситуацијата е премногу комплицирана за да се исцрпи со само неколку реченици, па ако вашите читатели се заинтересирани да прочитаат нешто повеќе, ги упатувам на една моја подолга статија која на англиски јазик, заедно со статиите на неколку други учени, збирно ќе бидат објавени оваа година во Скопје од страна на Македонскиот Информативен Центар, под називот „The name issue revisited“.

Неколку книги (грчки јазик) од Гаврилидис можете да најдете на неговиот Scribd профил.

A. С. објавено и во Македонска Нација.

Верзија на англиски и на грчки јазик (Нова Зора).

3 comments:

Anonymous said...

"Имате ли послание към македонските граждани, които четат това интервю"
Македонци са не само гражданите на Р. Македония!

Anonymous said...

"Имате ли послание към македонските граждани, които четат това интервю?"
Македонци са не само гражданите на република Македония!

Macedonian Macedonia said...

Macedonians of today are DIRECT descendants of the Ancient Macedonians
http://www.historyofmacedonia.org/ConciseMacedonia/AncientGenes.html

Ancient Quotes on the Macedonians as Distinct Nation
http://www.historyofmacedonia.org/AncientMacedonia/AncientEvidence.html