Sunday, April 22, 2012

Реакција

На 12. април се случи едно страшно убиство. Во деновите кои следеа, низ некои светски медиуми, не само што не преовладуваше професионализам и објективност, туку се случи уште нешто незамисливо:

- убиените државјани на Република Македонија, етнички Македонци, од страна на агенцијата „Assosiated Press“ (и други) беа „етикетирани“ како „албански рибари“.

Таквото известување, не само што е израз на непочитување кон жртвите, нивните фамилии, Република Македонија и Македонците, туку е и дезинформација, која влијае негативно на односите меѓу етникумите, безбедноста на Република Македонија, Балканот, па и пошироко.

Без навлегување во причините за тоа, Ве повикуваме сите, без разлика на етничка, религиска, партиска или било каква припадност, да го искористите своето човечко и демократско право на протест против тој чин, со копирање на текстот кој следува и испраќање на што поголем број електронски адреси на разни Здруженија на новинари, новинарски ангенции и информативни куќи.

Текстот засега е на македонски, англиски, германски (ВРСКА) и српско – хрватски – босански (ВРСКА)*, а се додадени и неколку електронски адреси и адреси од интернет страници.

Доколку не се согласувате делумно или целосно со текстот кој ние, група граѓани го спремивме, бидете слободни да го изразите својот протест со свои зборови.

Благодарност и Поздрав

Адреси за праќање:

contact@znm.org.mk
znm@znm.org.mk

(* - користена е екавица и латинично писмо, со надеж дека нема да ни замерат што не сме во можност да подготвуваме посебни текстови на секој јазик посебно.)

------------------------

(Текст на Македонски)

Почитувани Дами и Господа,

На 12. Април оваа година, во близината на Скопје, Република Македонија, се случи убиство на 5 (пет) граѓани на Република Македонија. Во информирањето за настанот, агенцијата „Assotiated Press“, од непознати причини, наместо да ги претстави убиените како 5 (пет) убиени граѓани на Република Македонија, крајно непрофесионално и недолично на една информативна куќа од таков ранг и со толкаво искуство, а и сосема спротивно на вистината, убиените ги претставува како „албански рибари.“

Пред сè, убиените се државјани на Република Македонија, а после тоа етнички Македонци, православни Христијани, и рибари за рекреација, но во никој случај „албански Рибари.“

Во Република Македонија покрај етничките Македонци, кои се мнозинство, живеат и етнички Албанци, но дури и кога би станувало за припадници од тоа малцинство, тоа не ги прави „албански рибари.“ Во најмала рака, се „македонски Албанци“, „етнички Албанци од Македонија“ или „Албанци од Македонија.“

На агенцијата и било испратено известување дека се работи за убиени етнички Македонци и за појава на мали инциденти поради сомневање на дел од локалното етничко македонско население, дека извршители на убиството се етнички Албанци.

И покрај тоа, агенцијата објавува комплетно неточна вест, која доведува до погрешни заклучоци, но воопшто не кореспондира со фактичката состојба, не само за овај трагичен настан, туку и за Република Македонија и нејзините жители, а и околината. (Република Албанија е соседна земја, како ли се чуствуваат нејзините државјани кога ја читаат веста?!)

Морам да споменам, дека во оваа ситуација, во која меѓуетничките односи се нарушени поради претходни настани, за кои агенцијата „Assotiated Press“ исто добро е запозната, и е неодговорно да се направи таква грешка, со која се извртува комплетната слика. И навистина се прашувам: Дали некој, кој си дозволува ваков скандал, заслужува да биде носител на највисокото новинарско признание?

Самата композиција на текстот, содржината, поставува непријатно прашање:
- Дали на вработените во „Assotiated Press“ не им се познати некои основни работи?

Извадок од веста, цитирам:

The Albanian lake fishermen were found shot dead last week. Police have not commented on reports that the killings may have been racially motivated.”

Извадок од Статутот на „IFJ“ (Меѓународната федерација на новинари), од нивната веб страна, цитирам:

"The IFJ is opposed to discrimination of all kinds and condemns the use of media as propaganda or to promote intolerance and conflict."

Извадок од Декларацијата на IFJ, цитирам:

"7.The journalist shall be aware of the danger of discrimination being furthered by the media, and shall do the utmost to avoid facilitating such discrimination based on, among other things, race, sex, sexual orientation, language, religion, political or other opinions, and national or social origins."

Со непотребното етикетирање на загинатите како „албански рибари“, се дава меѓуетнички или меѓунационален белег, во зависност од тоа кој како го толкува употребениот термин, како што со истакнувањето на тоа дека „можеби убиствата биле расно мотивирани“, се штети на угледот на новинарите и новинарството, се штети на многу други работи.

Меѓу другото и на самата безбедносна состојба во регионот и на односите меѓу Македонците и Албанците.

Го изразувам својот протест поради овај потег на АП, како и своето разочарување од агенциите кои ја презедоа веста во таква форма, и ги замолувам сите новинари и вработени во информативните куќи да си ја извршуваат работата одговорно и професионално.

Потпишан

No comments: