Monday, February 06, 2012

Георгиевски за античка Македонија

За една бугарска документарна емисија, поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски изјави:

„Мнозинството од Македонците веќе се сметаат дека се потомци на античка Македонија, благодарејќи пред сè на државната политика која во последните интензивно три години комплетно ја менува историјата на Македонија...“

За првиот дел, односно дека повеќето Македонци сметаат дека античка Македонија е нераскинлив дел од македонската историја се согласувам целосно. Но не и со тоа дека ова мислење е вештачки всадено кај граѓаните од страна на актуелната Влада.

Сметам дека е апсолутно непотребно со факти да го негирам ова негово тврдење затоа што и претходно повеќе пати сум пишувал дека не само ние, денес, туку дека и Македонците од пред еден век се поистоветувале со античка Македонија (види: Антиквизација).

Наместо тоа јас само би сакал да раскажам за еден настан од мојот живот кој што говори нешто сосем друго од погоре цитираното.

Пред околу една декада, при крајот на четврта година средно образование, по предметот историја, за матура ја избрав темата - Александар III Македонски. Потсетувам тоа не само што не беше во последните три години туку и во тоа време со Македонија не раководеше оваа владеачка гарнитура. Па тврдењето на Георгиевски дека главна причина за мислењето кај повеќето Македонци, па и кај мене, дека постои континуитет од античка Македонија до ден денес нема како да се должи „пред сè на државната политика“ во последните три години.

Искрено не би можел да кажам дека тој интерес за античка Македонија ми го побудија учебниците по историја од тоа време. Не знам каква е ситуацијата денес, но тогаш за античка Македонија во учебникот по историја сè на сè дали имаше и пет лекции.

Сепак роден сам од себе интересот за Македонија од антиката евидентно постоеше во мене исто како што постоеше и чувството дека античка Македонија е нераскинлив дел од македонската историја.

Кога му кажав на мојот професор по историја дека сакам да пишувам и да ја бранам темата за Александар Велики, тој едвај се согласи да ми ја одобри поради тоа што според негово кажување веќе неколку години по ред ученици ја избирале токму оваа тема. Значи не сум бил само јас заинтересиран за античка Македонија туку и други ученици од генерациите пред мене.

Темата пред некоја година ја поставив на Интернет, каде што секој може да ја види, а овие работи за кои говорам со цел статистичка анализа интересно би било и научно да се проверат и регистрираат.

No comments: