Tuesday, December 13, 2011

Представка до уставен за табличките

Иницијативата за преиспитување на уставноста на Правилникот за формата и содржината на регистерските таблици на возилата и начинот на нивно издавање, објавен во сл. весник на РМ бр.107 од 10.08.2011 , е заведена во Уставниот суд под: у.бр. 224/2011, поднесена на 09.12.2011.

Представка до уставен за табличките

До
Уставниот суд на Република Македонија - Скопје

Предлог

за поведување на постапка за преоценување на Уставноста на членови од Правилникот за формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата и начинот и постапката на нивно издавање, објавен во Службениот весник на РМ, бр. 107 од 10.8.2011 година.

Бараме да се поведе постапка за преоценување на член 2, став 1 од Правилникот за формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата и начинот и постапката на нивно издавање, објавен во Службениот весник на РМ, бр. 107 од 10.8.2011 година, од причина што:

Во горенаведениот член, како ОСНОВНО писмо кое го дефинира изгледот и функцијата на регистарските таблички е ЛАТИНСКОТО.

И тоа е прецизирано вака:

„ (1) Регистарската таблица за моторно и приклучно возило е изработена од метал прекриена со ретрорефлектирачка фолија во бела боја на која со црни букви и броеви е испишано: буквена ознака на регистрационото подрачје на латиница, регистарски број составен од четири броеви и променлива буквена ознака составена од две букви на латиница.“

Почитуван суде,

Регистарските таблички на моторните возила учесници во сообраќајот претставуваат јавни ознаки и како такви се дел од јавната комуникација во Републиката, што се остварува на македонски јазик, како службен јазик во Републиката и со неговото кирилско писмо, и тоа е јасно дефинирано во

Уставот на Република Македонија во член 7 кој гласи:

„Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.“

Сепак овој орган на јавната управа не го почитувал овој член на уставот и ОСНОВНАТА форма на оваа јавна ознака ја дефинирал на писмо кое НЕ Е СЛУЖБЕНО.

Министерството за Внатрешни работи по понатамошниот текст на превилникот вметнал член со кој се обидел да го легализира ОСНОВНИОТ ОБЛИК НА ЛАТИНСКО писмо, со кирилски превод со следниот став:

„Помеѓу буквената ознака на регистрационото подрачје и регистарскиот број на возилото е поставена црвена правоаголна подлога, на која со жолти букви се испишани буквената ознака на регистрационото подрачје и променливата буквена ознака, на кирилица.“

Со ова тие го ставиле службеното кирилско писмо во подредена, второстепена, НЕОСНОВНА положба, и му доделиле НЕСУШТЕСТВЕНА улога, туку е ставен како објаснителен елемент во оваа јавна ознака.

Ова е видливо помеѓу другото и од графичкиот прилог – Образец бр1. Каде Латинското писмо има ОСНОВНА ФУНКЦИЈА во овој јавен знак.

Освен од правната поставеност, каде е јасно дека службеното писмо на Република Македонија е од второстепен значај, од графичкиот прилог е јасно видливо дека службеното писмо е во несуштествена употреба, и има субмисивна местоположба, со големина – ДЕСЕТКТРАТНО ПОМАЛА, И НА НЕСУШТЕСТВЕНО МЕСТО, од неслужбеното – латинско писмо кое е видливо доминантно и со основна функција на предметните таблички.

Јасно е дека уставотворецот не предвидел дека Македонскиот јазик и неговото писмо се во службена употреба како второстепен, туку како ПРВОСТЕПЕН и во својот основен вид.

Без сенка од сомнеж е видливо дека МВР го оформило предметниот правилник и наведените членови од него - на Латински писмо, а во понатамошниот текст додал не са основна, суштинска употреба, кирилски букви туку ги вметнал на табличките за законска мимикрија, обид да се прелаже јавноста и чуварите на правото дека всушност табличките се на кирилско писмо.

Неспорен е фактот дека табличките предмет на овој челен на правилникот

НЕ СЕ на Кирилски писмо, - туку покрај другото, ВО НИВ ИМА И кирилско писмо.

Овој факт суштествено ја менува правниот и фактичкиот статус на употребеното службено писмо.

Поради овие причини, бараме од судот, да го прогласи член 2, став 1 од Правилникот за формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата и начинот и постапката на нивно издавање, објавен во Службениот весник на РМ, бр. 107 од 10.8.2011 година, за НЕУСТАВЕН, и да го УКИНЕ.

No comments: