Monday, December 12, 2011

Апел за спас на Алшар

Светски Македонски Конгрес:

Апел за спас на Алшар!

12 декември 2011 година, Скопје, Македонија - Македонскиот рудник Алшар на Кожуф е најголемото наоѓалиште на талиумовите минерали во светот. Од десетиците регистрирани дури седум ги има само во Македонија, а за најзначен се смета - лорандитот, што служи за детекција на неутринот, кој директно потекнува од јадрото на Сонцето и единствено на планетата го има во Македонија. Талиумот во Алшар, а со тоа и неутринот, по своето количество во Македонија е светски планетарен раритет, и претставува најголема тајна на човештвото, бидејќи во себе ги крие одговорите на постанокот, минатото и иднината на вселената и на сончевиот систем, а истовремено се користи во вселенските истражувања и во телекомуникациските технологии!

Истражувањата со неутринот треба да покажат како се создава енергијата на сонцето и на таа база да се создаде нов моќен енергетски извор, соодветен на сонцето, што ќе ја измени алармантната состојба на загадувањето со фосилни горива и ќе доведе до производство на еколошки чиста енергија без радијација. Науката смета дека единствено лорандитот во светот ги препознава реакциите кои доаѓаат директно од јадрото на Сонцето. Истражувањата треба да докажат дека од тие реакции може да се добие таканаречено “вештачко сонце” кое би ослободувало енергија за потребите на огромни простори.

Светскиот Македонски Конгрес го поздрави своевремено донесувањето на Законот за прогласување на локалитетот Алшар за споменик на природата во јули 2009 година, заради заштита на неговите геолошко-ботанички особености, кои се од исклучително значење за заштита на природата, како и воспоставувањето на зона за негова строга заштита. СМК смета дека Министерството за животна средина и просторно планирање - Управата за животна средина, кому е доверено управувањето со Алшар и натаму треба да презема строги и квалитетни мерки за спречување на штетни активности од физички и правни лица, односно да обезбеди максимално поволни услови за заштита и развој на природата, и да го елиминира искористувањето на минералните суровини од споменикот на природата за какви било цели и намени.

Меѓутоа, СМК располага со сознанија дека во Владата се води процедура за донесување на Закон за престанок на важноста на Законот за прогласување на локалитетот Алшар за споменик на природата, заради овозможување профитна експлоатација на злато во рудниците на Алшар на приватна компанија, што може да го уништи овој светски раритет и талиумовите минерали и кристали.

СМК ја анимира домашната и странската јавност, еколошките здруженија, интелектуалците и младите, граѓаните, да побараат и извршат притисок врз Владата да го повлече од натамошна процедура предлогот за донесување на Закон за престанок на важноста или за изменување на Законот за прогласување на локалитетот Алшар за споменик на природата.

СМК смета дека Алшар и натаму треба да остане под режимот на споменик на природата уреден со закон, како зона на строга заштита, додека не се воспостават технологии кои ќе овозможат научно-истражувачка работа со цел детекција на сончевите неутрина, битно за производство на бесплатна енергија и спас на човековата цивилизација со анализа на процесите во сончевото јадро.

No comments: