Tuesday, November 15, 2011

Нови регистерски таблички на кирилица - иницијатива

Додека водиме битка по светските и европски институции да докажеме кои сме, да го одбраниме идентитетот, се организираат манифестации, протести и петиции за институции и луѓе од туѓина што ни го подриваат идентитетот со разни перфидни постапки, македонски државни институции се откажуваат од она што е најмногу наше, суштествен дел од македонскиот идентитет, писмото кое е создадено на овие простори – Кирилското, а со тоа и го подриваат нашиот македонски идентитет, без оглед дали е тоа смислено или од небрежност.

Од Нова година МВР најави издавање на нови таблички за македонските возила, и тие ќе бидат на ЛАТИНСКО ПИСМО , што е противуставно!

Член 7 од Уставот на РМ:

Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

И овие таблички на автомобилите кои сега ги возиме се на латинско писмо, но тие веќе паднаа на уставен суд на 13.03.1994год, каде меѓу другото вели:

Според мислењето на Судот, регистарските таблички на моторните возила учесници во сообраќајот претставуваат јавни ознаки и како такви се дел од јавната комуникација во Републиката, што се остварува на македонски јазик, како службен јазик во Републиката и со неговото кирилско писмо.

За компромис има место, не треба многу мислење - за тоа може да видиме како е кај соседите. Решението е просто, да се употребуваат само кирилските букви кои се совпаѓаат со латинските: ABESJKMHOPCTYX, - 14 на број. Тоа во комбинација со 4 бројки овозможува преку 2 милиона комбинации по регистарско подрачје.

Македонија е потписник на Виенската конвенции за сообраќај каде е регулирано дека за возило кое сака да патува меѓународно мора да ползува табличка со латинско писмо. СЕПАК, постојат земји кои користат исклучиво букви од своите азбуки (грчката и кирилицата) кои се ПРЕПОКРИВААТ со оние на латинската азбука.

Еве извод од објаснението за табличките на земји кои немаат латинско писмо:

„Only letters from the intersection between the Latin and Greek alphabets by glyph appearance are used, namely A, B, E, Z, H, I, K, M, N, O, P, T, Y, X (in Greek alphabetical order). This is because Greece is a contracting party to the Vienna Convention on Road Traffic, which in Article 35 requires registration numbers to be displayed in capital Latin characters and Arabic numerals. Similar system is used in Russia, Ukraine, Belarus, Bosnia and Herzegovina and Bulgaria.“

http://en.wikipedia.org/wiki/Vehicle_registration_plates_of_Greece
http://en.wikipedia.org/wiki/Vehicle_registration_plates_of_Bulgaria
http://en.wikipedia.org/wiki/Vehicle_registration_plates_of_Russia
http://en.wikipedia.org/wiki/Vehicle_registration_plates_of_Ukraine
http://en.wikipedia.org/wiki/Vehicle_registration_plates_of_Belarus


Па така, за секое регистарско подрачје, да се користат буквите од називот кои се содржат во него. Тоа би можело да биде вака:

Скопје – СК Охрид – ОХ Гостивар – ОВ/OС Велес – ВЕ Гевгелија – ЕЕ; Кичево – КЕ Штип – ТР Кавадарци – КВ Битола - ТО/ОА/ВТ, Прилеп – РЕ/РР; Куманово – КУ, ...итн

Се надевам дека нема да дозволиме самите да си ја ништиме и потценуваме родната азбука - КИРИЛСКАТА, на самото место каде таа е родена – МАКЕДОНИЈА, и со тоа да си ги подриваме атрибутите на нашата нација, кои толку ревносно ги браниме и се бориме против надворешните негатори. Се надевам дека нагонот за самоуништување овој пат ќе го совладаме, и ќе ја вратиме Кирилицата на местото каде припаѓа - во јавната употреба во основна форма.

Ве повикувам да го вложите својот протест до Министерството за Внатрешни работи, итно и енергично.

Доколку Министерството не го промени спорниот правилник и го врати кирилското писмо на табличките до 2ри Декември, на 5ти ќе биде поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста на правилникот за издавање на таблички за моторните возила во Република Македонија.

Преземено од FB со љубезна дозвола на авторот на иницијативата.

No comments: