Saturday, July 09, 2011

I, Macedonian на Нова Македонија

Јавна благодарност до Фросина Димеска и Владимир Николоски за убавите зборови кажани за блогот, односно за промоцијата на иницијативите од истиот.

Фросина Димеска (Нова Македонија):

Анонимни, ангажирани, брзи во реакцијата и ефикасни во постигнувањата. Дејствуваат како вистинска интернет-герила. Здружени во мотото „Како е да се биде вистински интернет-Македонец“ со години реагираат на секоја фиромизација на државата на официјалната меѓународна сцена, упатуваат протестни ноти до државните и до меѓународните институции и бараат користење на уставното име на Македонија.
Луѓето што го одржуваат блогот www.i-macedonian.blogspot.com, всушност, се вистинска супкултурна група, која многу ефикасно ја коригира работата на официјалното Министерство за надворешни работи, кое неретко заборава да упати протестна нота при несоодветното именување на државава.

Владимир Николоски (Нова Македонија):

Пред една недела Грузија побара од светот да ја ословува со името Џорџија, а со цел да ги прекрати сите врски и сеќавања со минатото и со руската етимологија. Тоа е легитимно барање на секоја суверена земја исто како што е легитимно и нашето барање светот да ја признае Македонија под уставното име. Сепак, единствено македонските блогери што го водат www.i-macedonian.blogspot.com ја искористија оваа можност да им укажат на официјалните власти во Грузија дека не може да очекуваат Македонците да ги ословуваат со името Џорџија, сé додека тие ја именуваат нашата земја со референцата ФИРОМ. Без да се навлегува во прашањето дали ваквата реакција на блогерите ќе предизвика повратен одговор од грузиските власти, нивниот потег треба да се поздрави и да се почитува бидејќи покажува дека одредени луѓе во земјава, иако се реткост, а свесни за неправдата што ни ја нанесува Грција, прават сé што е во нивна моќ светот да чуе за Македонија и за апсурдниот проблем со името. Нивната активност треба да биде урнек како треба да се однесува секој граѓанин на Македонија.

Ова го сфаќаме не само како потврда на досегашната успешно завршена работа туку пред сè како поттик за понатамошно активно залагање за бришење на привремената референца и за промоција на нашето вековно име - Македонија.

No comments: