Showing posts with label Статуи. Show all posts
Showing posts with label Статуи. Show all posts

Wednesday, June 04, 2014

Не е само еден понов споменик

Во понеделник, на 26 мај 2014 година, во весникот Вечер, беше објавен написот „Спомениците не се за пентарење!“ во кој што, меѓу другото, пишува:

„Ова пак дете од фотографијата која ја направи екипата на ВЕЧЕР сака да се пентари по споменикот "Просјак".“

Всушност на прикажаната фотографија во Вечер се гледа не споменикот „Просјак“, туку „Жена со гитара“ кој се наоѓа на кејот „13 Ноември“.

Извор на фотографијата: „Спомениците не се за пентарење!“, Вечер
 
[фотографија на споменикот „Жена со гитара“, ќе биде објавен во утрешниот напис на овој блог]

Не е само еден понов споменик па да му се знае името.

Sunday, January 05, 2014

Споменик на паднатите борци - Скопје

Некогаш на кејот 13-ти Октомври, во Скопје, постоел Споменикот на паднатите борци.

Немам информации за тоа кога е изграден, знам само дека споменикот постоел во 1934 година, па веројатно е изграден во чест на паднатите борци (можеби српски) од Балканските војни.

Не сајтот Старо Скопје се спомнува за споменик на солунските војници кој постоел во периодот 1918 - 1928 година (можеби и пред и по тој период). Претпоставувам дека се работи за истиот споменик.

Во периодот 1918 - 1928 година, освен споменатиот сквер на улица Караѓорѓева, во градот имало уште четири сквера - на плоштадот Крал Петар, кај Споменикот на солунските војници, кај Железничката станица и кај Машката гимназија. Првите три биле целосно уредени и засадени со грмушки и цвеќиња. - Старо Скопје

Немам информации кога споменикот е отстранет, но истиот го немам забележано на фотографии по Втората светска војна.

Monday, November 04, 2013

За лавот како македонски симбол и за спомениците

Пред околу една година го прочитaв следново:

„Секој оној кој што плука на спомениците на лавови*, плука на самиот себе и на целиот македонски народ и историја.“

Јасно е дека лавот има огромна симболика за Македонците и за Македонија и како таков јас го почитувам, но знам и дека за таквата изработка на скулптури на лавови секое плукање е заслужено и оправдано.

Ако плукањето некого го боли, не тоа ми била намерата, и уште поважно тој некој нека знае дека за мене таквата претстава на македонскиот симбол лавот ме боли уште повеќе.

Целиот овој случај ме потсети на споменикот на рускиот цар Александар III, во Санкт Петерсбург, Русија. Синот на Александар III - царот Николај II, сакајќи да оддаде почит на својот татко, издал наредба за изработка на негов споменик.

Споменикот бил откриен на 23 мај 1909 година и наместо со него да се симболизира величината на царот Александар III, тој заедно со царот претставен на него станал објект на исмевање.

Исто како што и спомениците поставени на мостот Гоце Делчев веднаш беа наречени „трансформери“ и „прегладнети лавови“ и оваа карикатурална претстава на царот Александар III поставен на дебел коњ меѓу народот станала позната меѓу другото и како „Хипопотам“ и „плашило“.

Големиот руски уметник - Ilya Repin за коњот на оваа скулптура рекол „ова е слика на рускиот народ угнетен од својот цар“, со што само ја прочитал и не толку затскриената пораката со која авторот на овој споменик сакал да го прикаже царот како суров диктатор.

Самиот автор на скулптурата Paolo Trubetskoy, кој подоцна избегал во Франција изјавил „Јас само прикажав едно животно качено на друго“, со тоа изедначуваќи го царот со животно.

Па така наместо да оддаде почит и да го прикаже својот татко како величествен владетел, Николај II ненамерно поставил споменик кој сам по себе критика за владеењето на царот Александар III и цел на исмевање од страна на рускиот народ.


За да се покаже почитта кон нешто или некого не е доволно само да му се изгради споменик, а неопходно е истиот тој споменик да биде естетски направен и јасно да ја искажува причината поради која е поставен. За крај нека размисли секој дали би врамил своја фотографија на која е излезен грдо.

*се мисли на оние поставени од двете страни на мостот Гоце Делчев во Скопје.

Wednesday, May 29, 2013

Македонија во Гинис

Завчера (27.05.2013) прочитав дека Ашхабад, главниот град на Туркменистан, го држи Гинисовиот рекорд за град со најголем број на градби во бел мермер [Гинис: Ашхабад е градот со најмногу бел мермер во светот, МИА].

 
Се поставува прашањето зошто ли Р. Македонија чека. Општина Центар во Скопје може комотно и без никакви потешкотии да се закити со Гинисовите рекорди за најголем број на споменици и по глава на жител и на единица мерка за површина.

Остваруваме.

Sunday, March 17, 2013

Споменици на српските кралеви во Скопје

Брзината со која се подигнуваат нови споменици во Македонија никогаш не било поголема, но сепак тоа не значи дека и во минатото споменици не се подигале.

Пред камениот мост во Скопје, приближно на истото местото каде што денес се наоѓаат спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев, за време на кралството СХС постоеле споменици на српските кралеви Петар Први и Александар Први Караѓорѓевиќ.




























Овие споменици биле поставени во 1937 година.

...паметници на плоштадот нема. Дури во 1937-та – цели седумдесет години пред Скендербеј да дојава од Круја до мермерната платформа кај стоковната куќа „Илинден“ – на висок постамент се искачил првиот скопски споменик на коњ и јавач. И тоа не еден - туку два: Кралот Петар Први и син му Александар Први Караѓорѓевиќ, поставени на едната и на другата страна од Камени мост. Кралот Ослободител и кралот Обединител - чувари на мостот што води кон т.н. царски друм... (Нова Македонија - Томислав Османли - 31.01.2009)





















Отстранети се за време на Втората светска војна.

Сум слушнал, имено, дека оние два споменика од почекот на текстов, посветени на двата српски крала, новопристигнатите бугарски власти ги симнале и ги засолниле од погледите на јавноста. По ослободувањето, среде општиот недостиг на храна за народот и материјал за бележење на историската победа, новата власт во депото ги наоѓа двата испрашени ненародни коњаника, дава налог да се стопат и од претопениот материјал го лее споменикот - на Ослободителите на Скопје... Кој знае дали е така, но приказнава сум ја чул како вистинита. (Нова Македонија - Томислав Османли - 31.01.2009)

Wednesday, February 27, 2013

Што може да се научи од два споменика

Разбирливо и природно е членовите на партиите на власт од една страна и оние во опозиција од друга страна да бидат политички опонентни и да се однесуваат така, ама кога тоа политичко ривалство ќе премине во непријателство и вистинска омраза која што резултира со некомуникација и некооперативност, се случуваат апсурдности и тоа на штета на граѓаните.

Резултатот од раскараноста и некоординираноста помеѓу централната власт и општинската власт во Карпош е подигањето на два споменици на еден ист херој, на релативно мала оддалеченост (во ист град) и на само неколку седмици временска разлика.

Во Карпош штотуку никна споменик на Кузман Јосифовски Питу, а за кратко време според најавите на ВМРО-ДПМНЕ се очекува исто така во Скопје да никне уште еден споменик на истиот македонски херој.[1] Сосема непотребно.

[1] „ВМРО-ДПМНЕ: Питу ќе добие многу поголем споменик од оној во Карпош“, Хајд Парк, 23 февруари 2013 (17:37): „Споменик на Кузман Јосифовски Питу наскоро ќе биде поставен и во општина Центар, а тој ќе биде значитлено поголем од оној што денеска беше подигнат во општина Карпош.“

Wednesday, January 30, 2013

Споменик на Мајка Тереза

Во врска со подарокот на индискиот бизнисмен Субрата Рој, споменик на Мајка Тереза[1], во овој напис би сакал да ја изразам мојата поддршка за предлогот на неколку членови на форумот Build.mk[2], наместо на плоштадот Македонија како што е најавено и планирано[3], споменикот да биде поставен до спомен домот на Мајка Тереза.

Членовите на форумот Build.mk наведуваат дека доколку овој споменик биде поставен на плоштадот Македонија, со тоа од една страна ќе се блокира погледот кон централната фонтана и споменикот Воин на коњ, како и пристапот преку еден пешачки коридор до самиот плоштад.

Графичка реализација[4]:


Аргументите зошто споменикот на Мајка Тереза да се постави до постоечкиот Спомен дом на Мајка Тереза се:
  • за со тоа да се формира целина со Спомен домот на Мајка Тереза.
  • за споменикот да биде видлив од повеќе агли - ул. Македонија, ул. Д. Чуповски, наместо да биде збутан меѓу два објекти на тесна уличка.
  • за да доминира во просторот наместо да си парира со споменикот Воин на коњ, имајќи предвид дека според најавата на Рој споменикот ќе биде монументален... [5]


Се надевам дека властите ќе увидат дека посоодветна локација за овој споменик е до Спомен домот на Мајка Тереза и дека ќе преземат соодветни мерки.

[1] „Поставена плочата за монументалниот споменик на Мајка Тереза“, Дневник 25.01.2013, 17:04: „...спомен-обележје на Мајка Тереза. Споменикот ќе биде подарок од нејзината втора татковина - Индија, донација од компанијата „Сахара Индија“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој...“
[2] kultuzin, xnx... build.mk
[3] „Наскоро споменик на Мајка Тереза на плоштад Македонија“, Дневник, 25.01.2013, 11:58
[4] xnx, Build.mk
[5]  „Поставена плочата за монументалниот споменик на Мајка Тереза“, Дневник 25.01.2013, 17:04: „Не се соопштени детали за изгледот и големината на споменикот, ниту кога ќе почне изградбата, но беше нагласено дека ќе биде монументално дело...“

Tuesday, May 15, 2012

Скендербег почна да 'рѓосува!

Во врска со тоа што спо­ме­ни­ци­те на Гоце Делчев и Даме Груев, добија зелана нијанса Благородна Крстевска - Мој­сов­ска, советник во општина Центар, праша (01.02.2012, 10:20 Вест):

„Ка­ко е можно споменикот на Скендербег, кој е поставен пред лавовите, и спомени­ци­те на Плоштад да не позелени туку да си остане онаков каков што е донесен од леарница ?! А овие кои се правени во толку скапи ле­ар­ни­ци, за нецела година ја губат бојата“

Па госпоѓо советник, споменикот на Ѓорѓија Кастриот Скендербег не позелене, ама пак затоа почна да 'рѓосува како што може да се види од фотографиите (А.С.) направени пред само неколку дена (10-ти мај).

Доближено:





Се надевам дека од општината ќе го санираат овa.

Friday, January 06, 2012

Воин на коњ???

На повеќе места го прочитав изговорот дека причината поради која споменикот на плоштадот Македонија го носи официјалниот назив "Воин на коњ", а не "Александар III Македонски" или "Александар Велики" е Времената спогодба потпишана во 1995 година.

Ова е целосно погрешно. Во Времената спогодба никаде не пишува за некаква забрана да се поставуваат статуи на Александар III Македонски односно да се именуваат како такви.

Еве врска кон времената спогодба, па кој не верува - нека најде каде во неа пишува за таквата забрана.

Не помал доказ е и тоа што во Р. Македонија веќе постојат статуи на Александар III Македонски во Прилеп и во Штип. И на двете споменати статуи стои називот "Александар III Македонски", а не "Полугол воин со сариса" односно "Набиен џуџест воин".

Доколку во Времената спогодба имаше нешто за ова, Грција ќе го искористеше против нас за време на тужбата во Хаг, односно судот ќе досудеше дека и ние сме ја прекршиле Времената спогодба.

Friday, November 04, 2011

Предлог скулптура

Предлог за дислоцирање на споменикот на императорот Јустинијан и на негово место поставување на групна скулптура "Илинденци" (или друга групна скулптура од тој период).

Предлогот е испратен до Министерството за култура на Република Македонија info(ат)kultura.gov.mk и до општина центар.





Целта на овој предлог е формирање на логична целина од спомениците поставени до Камениот мост, од оваа страна:

1 Формирање на историска целина

-Складност во периодите во кои личностите претставени на спомениците работеле:
Гоце Делчев и Даме Груев живееле и дејствувале во истиот период - крај на деветнаесети и почеток на дваесети век. Исто така и Гемиџиите (1899 – 1903) живееле за време на периодот од т.н. турско ропство. За разлика од нив Императорот Јустинијан живеел неколку векови пред нив, односно од 483 до 565. Според предлогот за дислоцирање на споменикот на Јустинијан и на негово место поставување на споменик на Илинденците (1903) нескладноста со времето во кое личностите претставени на спомениците живееле и делувале не би постоела.

-Работеле за иста идеја - ослободување на Македонија од Турскиот јарем:
Гоце Делчев, Даме Груев и Гемиџиите делувале против Отоманската Империја и идеалот им бил ослободување на Македонија од т.н. Турско ропство. За разлика од нив Јустинијан бил византиски император. Со дислоцирање на Споменикот на Јустинијан и на негово место поставување на групната скулптура Илинденци нескладноста во врска со идеалот за кој личностите претставени на спомениците работеле не би постоела.

2. Формирање на чисто естетско-симетрична целина

-Симетрија по однос на материјалот од кој спомениците се изработени:
За разлика од актуелната ситуација во која трите споменика се изработени од брозна, а споменикот на Јустинијан е изработен од мермер, предлог скулптурата "Илинденци" би била изработена од бронза со што не би се двоела и би била складна со останатите три споменика.

-Симетрија по однос на бројноста на ликовите прикажани на скулптурите:
Со дислоцирањето на споменикот на Јустинијан и на негово место поставување на нов групен споменик би се добила симетрија по однос на бројноста на прикажаните ликови и помеѓу скулптурата "Гемиџии" и предлог скулптурата "Илинденци" со тоа што и двете скулптури би биле групни за разлика од актуелната ситуација во која Гемиџии е групна, а Јустинијан поединечна скулптура.

*Со предлогот се сугерира дислокација на скулптурата на Императорот Јустинијан од постоечкото на друго место, а не негово уништување или слично.

Wednesday, August 03, 2011

Скулптури на објектот на МНР

Писмо до Министерството за надворешни работи

mailmnr (at) mfa.gov.mk

до Министерството за култура

info (at) kultura.gov.mk

до Градоначалник на општина центар (веб страна)

gradonacalnik (at) opstinacentar.gov.mk

до Претседател на општина центар

sovet (at) opstinacentar.gov.mk

По повод најавата за поставување на скулптури на светски државници и политичари на новата зграда на министерството за надворешни работи:

Триметарски скулптури на светски политичари ќе ја красат фасадата на новата зграда на Министерството за надворешни работи. Линколн и Черчил ќе бидат едни од десетиците ликови што симболично ќе „висат“ на зградата во која ќе биде сместена администрацијата, а ќе наминуваат и дипломати.

Почитувани,

По повод информацијата дека на новата зграда на Министерството за надворешни работи ќе бидат поставени скулптури на светски политичари и државници.

Би сакале да Ве замолиме да размислите за поставување на скулптури исклучиво на оние политичари кои ја подржувале македонската борба и со симпатии гледале кон народот на Македонија.

Зарем не е подобро на овој начин преку скулптури да им се одолжиме на оние кои биле на македонска страна, одошто да се поставуваат скулптури на некои светски политичари кои можеби имаат голем удел во светската и нивната национална историја, но немаат никаква врска со Македонија. Сепак не се работи за објект на ООН, туку за објект на Македонија.

Некои од политичарите за кои вреди да се разгледа можноста за поставување на нивни скулптури:

Вилијам Гледстон - Британски политичар, премиер и поборник за независна македонска држава. Познат е по изјавата "А зошто да не биде Македонија на Македонците, како што е Бугарија на Бугарите и Србија на Србите?"

Кемал Ататурк - Турски политичар и државник, татко на модерна Турција. Се залагал за независност на Македонија (и Албанија), роден е во егејскиот дел на Македонија, учел во Битола, а според некои извори неговата мајка е Македонка (а татко му Албанец).

Роџер Кејсмент - политичар, ирски патриот и поет којшто има изјавено "Знам за две трагични истории - таа на Ирска и онаа на Македонија. И двете биле осиромашувани и мачени".

Ханс-Лотар Штепан - германски политичар, прв германски амбасадор на Германија во Македонија и голем пријател на Македонија. Автор на книгата "Македонскиот јазол".

Лоренс Иглбергер - американски државен секретар, пријател на Македонија и поборник Македонија да си го задржи името, кој што при едно негово интервју има изјавено "Македонците се едни од најсилните луѓе во светот". Познат е по својот прекар "Лоренс од Македонија".

Коста Новаковиќ - српски политичар и противник на великосрпските планови за ширење кон Македонија, кој што ја има напишано книгата "Македонија на Македонците! Земјата на земјоделците"

и многу други политичари, хуманитарци, уметници.

Сметаме дека е неопходна поширока дебата како поголем дел од народот и стручната јавност би ги искажале своите мислења.

Со надеж дека сугестијата ќе биде сериозно разгледана.
Потпис

Monday, June 27, 2011

За споменикот на Александар

За време на бранење тема по ликовна уметност, авторот на овој блог го кажа следното:

- Лизип, скулпторот на македонскиот кралски двор меѓу другите го направил и Александар III Македонски...

На што мојот професор слатко се изнасмеа.

Најпрво помислив дека сум згрешил и дека не станува збор за Лизип, а за некој друг, но за кратко време ми стана јасно дека она што го зборувам нема како да е грешка. Тамам се решив да повторам, кога професорот ме прекина:

- Не Лизип туку Филип и Олимпија го направиле Александар, а потоа и група на учени луѓе на чело со Аристотел допринеле за тој да стане она што и станал. Лизип само направил негова скулптура.

И во право беше. Александар е човекот и историската личност којашто заслужува да се слави, а не скулптурата којашто колку и да е убава е само негова бледа сенка.

Денови во Македонија се постави скулптурата на Александар. Не онаа на Лизип туку на друг автор.

На овој настан дел од народот радосно извика:

-Конечно кралот пристигна дома!

Ама тоа не е кралот, туку само негова скулптура. И затоа кога ја критикувам уметничката вредност на ова дело, јас не сум предавник затоа што не го критикувам ликот и делото на Александар туку само скулптурата на која што тој е претставен.

Па дури и самиот Александар ги критикувал делата на коишто тој бил прикажен, како на пример во случајот кога бил насликан премногу мрачен од страна на Апеле. А дали би му се допаднал неговиот споменик на плоштадот Македонија ќе пишувам некој нареден пат.