Showing posts with label Поезија. Show all posts
Showing posts with label Поезија. Show all posts

Saturday, March 08, 2014

Мајка

Пред неколку години до мене стигна пропагандната книга со детски творби „Растеме под знамето на Тито“ (Rastemo pod zastavom Tita), издадена во Белград во 1982 година. Заинтересиран за тоа што децата од Македонија во рамки на бивша Југославија твореле во тоа време наидов до за мене зачудувачко сознание.

Во оваа книга речиси сите песни претставуваат пофални слова за Тито [1], но не и песната на една млада Македонка по име Светлана Петрова од Скопје.

Насловот на песната е „Мајка“, а барем мене ова нејзино дело многу ме потсетува на македонска патриотска песна. И тоа замислете во книга посветена на Тито во времето кога Македонија сè уште била во (или под) рамки на Југославија, а секоја идеја за независност се осудувала.

Повеќе македонски револуционери ја нарекуваат Македонија мајка [2], а и според една хипотеза името Македонија значи божица Мајка.

Ѕвездата (а подолу и сонцето) што мајката (Македонија) порачува да изгрее потсетува на т.н. ѕвезда (сонце) од Кутлеш (Вергина) која по една деценија ќе биде поставена на црвеното знаме на слободна независна и суверена Република Македонија (и на знамето со осумзрачно сонце од 1995 година).

Разурнувањето на темните ѕидини потсетува на предстојното рушење на комунистичкиот режим и на стегите на Федерацијата Југославија во која Македонија во тоа време се наоѓала.

За некого можеби ова е сосема обична песна, но за мене е песна во која македонските гени и македонскиот дух, преку едно девојче проговориле за времето предвесник на независноста на Македонија.

Среќен Осми март македонски мајки!

[1] „Домовина то је Тито“, „Тито“ (има повеќе песни со истиот овој наслов), „Ми растемо под заставу Тита“, „Захвални смо Титу“, „Растемо под заставом Тита“ (има повеќе песни со истиот овој наслов), „Титова штафета“, „Титово трајање“, „Херој Тито“, „Неуручено писмо Титу“...
[2] Пример писмо од Христо Узунов до својата мајка: Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.

Friday, May 24, 2013

Инспирација

Инспирација

Ко потаен поток на планина вишна
што раѓа река страотна и бесна,
ко море од солзи и болка скришна
извира тивко и мојава песна.

На жуборот веќе не се слуша појот,
дожд ја облива земјата цела.
Звуци, тракатанци, во вечност се ројат,
од помен ги мијат столетните дела.

А некогаш бевме и облак и светлост,
и небесна стапка по водена шир.
Твојот лик, привид, одраз без милост,
во мисливе сега не ми дава мир.

Ко снегулка ситна во априлска мугра
што сонце ја ништи со бакнеж свој врел,
ко полноќен кошмар и преспани утра
угинува мигум и свет еден цел.

А.С.

Објавено во Чивилук, независно алтернативно арт списание за урбани мисли, бр. 44 (мај, 2013)


Wednesday, December 26, 2012

Магор предновогодишно поетско читање, sucks!

На сајтот Cooltura.mk кој што повремено го следам, (на 18 декември) забележав дека е објавен напис за конкурс за предновогодишно поетско читање, во организација на издавачката куќа Магор [1]. Во објавениот текст на Cooltura.mk, кој што во голем дел е идентичен со дописот испратен од Магор, пишуваше дека сите оние кои што ќе испратат од една до три песни, на посочената адреса, „ќе бидат известени дали нивните песни се одбрани за читањето или не“.

Веќе наредниот ден, на 19 декември им испратив една моја песна и културно ги замолив да ме известат дали е прифатена или не е. Впрочем и на креираниот за конкурсот FB настaн (FB event) јасно стоеше дека ќе ги известат сите кои им пратиле своја песна [2]. Сепак одговор не добив. Мислејќи дека пораката поради некоја причина ја немаат добиено, на 21 декември, ден кој што беше краен за праќање поезија [3], им пишав уште еднаш. Одговор повторно не добив. Читањето според објавата треба да се одржи од 24 до 26 декември. Денес е 26 декемви, а одговор сè уште нема. Според информации до кои стигнав, не сум единствениот кој што не е известен.

Ќе беше коректно да вратат, без оглед дали песната е прифатена или пак не е. Не само од култура, туку и затоа што тие самите си ја имаат земено таа обврска, да ги известат сите оние кои што им пратиле песна, дали истата е одобрена за читање или не е [4]. Ќе беше уште поубаво да дадат и свој коментар на добиената песна, зошто е прифатена или зошто е одбиена, ама очигледно толку си го ценат конкурсот и толку го уважуваат трудот на оние кои што им пратиле свое дело.

Аирлија уште еден конкурс во низата, со крајно несериозен и некоректен пристап. Нешто слично како и изборот на најдобар македонски блог за 2012 година. [5]

Предновогодишно поетско читање во Магор, од мене имаш two thumbs down.


1. „Предновогодишно поетско читање во МагорCooltura.mk, 18 декември 2012 година.
2. „Конкурс за предновогодишно читање во Магор“, 17 декември 2012 година.
3. Во написот, објавен на Cooltura.mk дури и го имаат погрешено денот и датумот. Пишуваше дека 21 декември е сабота, а всушност, 21 беше петок. „Сите кои сакаат да учествуваат можат да пратат до три свои песни... најдоцна до сабота, 21 декември“.
4. Во написот, објавен на Cooltura.mk пишуваше „Сите кои сакаат да учествуваат можат да пратат до три свои песни... Сите ќе бидат известени дали нивните песни се одбрани за читањето или не.“, а истото го пишува и во креираниот за Магор FB настан (FB event).
5. „Македонски блог за 2012 година“, I, Macedonian, 17 декември 2012 година.

Monday, July 02, 2012

Слепи сништа

Слепи сништа

Го изгубив сонот в непозната страна,
а срцето по него плаче и боли.
Ми остана в гради сал' скриена рана
и чемер, празнина, што кон тебе води.

Денот не заспива, а ноќта се буди,
волшебни птици пеат во лет.
Сам сум со мислите и мисла ме чуди,
а ти си далеку од тој чуден свет.

Погледни ме в очи ќе видиш што ми е,
зграпчи го сјајот од згаснати свеќи.
Ѕирни ми в душа да сфатиш кој крие,
истерај мрак со прегратки меки.

Продолжува денот и сè е ко вчера,
трепкаат ѕвезди до божилак свет.
Жив сум, а мртов со скршена вера
и ти си далеку, а јас пак сум слеп.

А. Стеванов


Објавена во Чивилук, број 34, јули 2012, стр 27

Saturday, January 15, 2011

Не викајте ме Торбеш

Неколку стиха излезени од длабочините на душата на македонскиот поет Сами Лимани:

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто и сонцето пци ќе ми го исколат
и кобили со врели копита
градиве ќе ми ги здробат.

Зарем ова не ве потсетува на кампањата "Don't you FYROM me" во која бараме да не нè нарекуваат со вештачка кованица која не е наше име.

Зошто непотребно да се делиме сами меѓу себе? Македонците муслимани се наши браќа и ние имаме обврска да ги прифатиме како такви.

Нема потреба ним да им го колеме ова преубаво македонско Сонце, кое сака да грее за сите оние коишто стојат под него.

Зошто? Еве зошто:

Ме викате Торбеш но горам од љубов
за секоја грутка на мојава земја.
Вардар, Пирин, Егеј ми го пленат умов
на срце ги носам како пролет цветна.

Не знам дали е застапена во нашето образование, но ако не е тоа под итно треба да се поправи. Во врска со македонштината која не зависи од религиската определба, самата песна е посилно сведоштво и може повеќе да каже одошто нечии излитените зборови.

Доколку сакате да ја прочитате целата негова песна "Не викајте ме Торбеш" кликнете овде!

Sunday, October 10, 2010

Гоце и денешните случувања

Пред некој месец читајки ги стиховите од песната Гоце на Радован Павловски, објавени на блогот на колегата Alex the Great, сосема спонтано ми побудија инспирација за да повлечам паралела меѓу она што се говори во неа и за некои актуелни случувања во Македонија денес. За дел од првичните впечатоци искоментираав и таму, а мислите кои отпосле ми се родија ќе ги споделам овде.

Радован Павловски - Гоце

Се чини дека авторот визионерски ги предвидел случувањата и искушенијата со кои денес Македонија се соочува. Или пак можеби бил доволно мудар да го заклучи тоа од историјата која вечно се повторува циклично. Особено осудени на тоа повторување се оние кои не ја знаат и не учат од неа.

Дури само од зборовите: сонце, земја и мајка песната сама по себе блика од македонштина. Можеби ако ја чита некој странец и нема многу да осети, ама ако некој ја знае македонската вистина и ако го допрел срцето на ова земја нема како да остане рамнодушен.

Како ова да не те погоди право во душа:

Та додека едни народи
Се гаѓаат во срце со Аморови стрели
Овде под покрив од меч
На дар се делат тирании

А можеби денес кога повеќе од било кога во Македонија за сметка на вистинското македонско сонце, измамнички се гради култот и идолопоклоништвото кон ЕУ и НАТО и како замена за сменетото име ни се нуди лажното сонце евроатлантската интеграција најактуелни се стиховите:

Се плашам да не ве измамат
Оти има
Лажно сонце и рана пролет
Среде зима тешка