Wednesday, January 20, 2021

Награди за македонски автори на стрип фестивалот во Ваљево

На меѓународниот конкурс во рамки на стрип фестивалот во Ваљево, кој по четврти пат се одржа пред некој ден, традиционално дел од наградите отидоа кај македонски автори. Жирито во состав Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот, Дејан Богојевиќ, мултимедијален уметник, и Ана Новаковиќ, историчарка на уметност, едногласно одлучија првата награда да им припадне на Александар Стеванов и Катерина Николовска-Тери, обајцата по потекло од Штип.
 
 
Наградата им е доделена за стрипот „Приказна за безбојното мече“ за кој само неколку месеци претходно го освоија третото место на конкурсот во рамки на Меѓународниот стрип салон во Велес. Ова не е прво признание за Николовска и Стеванов на фестивалот во Ваљево. Во 2018 година, жирито во истиот состав ним им ја додели високата втора награда за стрипот „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот“.

„Веста за освоената прва награда ја примив како најубав новогодишен подарок. Особено ме радува тоа што доаѓа од фестивалот во Ваљево, кој високо го вреднувам, како и тоа што наградениот стрип ми е меѓу омилените од мојот сценаристички опус. Мислам дека и Катерина се надмина себе си при неговата визуелна реализација, поради што, ете, и резултатите не изостанаа“, изјави Стеванов.

Како што известуваат од организаторот „Арт група Акт“, годинава гран-прито на Ваљевскиот стрип фестивал му е доделено на Душан Рељиќ. Второнаградени на конкурсот се Стефан Круниќ и Вукашин Митровиќ, а третото место е доделено на Марко Стојановиќ и Марко Серафимовиќ. Душан Вукојев е добитник на наградата за најдобро раскажување, Невена Марковиќ на онаа за најдобар цртеж, а Миодраг Кулиќ е прогласен за најдобар во категоријата сатира.

Во конкуренција на стотина автори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Уругвај и Канада, со награда се закитува и Ѓорѓи Антевски од Куманово. За стрипот „Катарза“, нему му е врачено признанието за најдобра ликовност. Признание за најдобар млад автор освојува Ангела Петрушевска од Скопје, за стрипот „Приказна за животот и смртта“, а специјална пофалница за педагошка дејност е доделена на здружението Стрип центар на Македонија од Велес.

Објавено на:

 Други објави:

No comments: