Wednesday, December 30, 2020

„Ægri Somnia“: Интервју со Дарко Богданов

Дарко Богданов е несомнено едно од најактивните имиња на македонската стрип сцена. Со стрип се занимава од раното детство, а за првпат, на своја шеснаесетгодишна возраст, објавува на почетокот од 2001 година во седмиот број на тогашната македонска ревија „Стрип Арт“. Оттогаш неговите стрипови ги красат страниците на бројни списанијата, меѓу кои „Стрип Креатор“ и „Синдром“, за веќе во 2011 година да го објави своето првенче – графичката новела „Модус Вивенди“ на која се потпишува како комплетен автор. Во 2014, како плод на неколкугодишната соработка со сценаристот Јордан Коцевски, излегува албумот „Мрак Хумор Тишина“, а по две години, на самиот крај од 2016 година, исто така во соработка со Коцевски, го објавува албумот „Витези од соседството“. Во 2018 година пак, навлегува делумно и во теоретичарските води, кога заедно со Александар Стеванов и Сашо Гачев е ко автор на монографската публикација „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“, книга посветена на македонските стрип автори кои работеле и издавале свои стрип табли во изданијата на овој новосадски издавач.

За своите стрипови, Богданов има освоено пет награди, а зад себе има и три самостојни и бројни групни изложби на стрип-табли и илустрации, како во Македонија, така и во странство. Тој е член на Здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница, со кое има реализирано голем број на групни изложби и проекти, а беше дел и од организацискиот тим кој веќе две години по ред ја организира ликовната колонија „Св. Ѓорѓи“ во виничкото село Блатец.

Дури и во оваа пандемиска 2020 година Богданов не запира на полето на стрипот, на самиот крај на годината е присутен со ново издание, стрип албумот „Ægri Somnia“, овојпат создаден во соработка со сценаристот Александар Стеванов, и е издание кое ги собира на едно место сите нивни заеднички стрипови до сега. Убав повод за разговор кој резултираше со интервјуто кое следува. 

1. За почеток, зошто „Ægri Somnia“?

Зошто да не? Самиот израз го означува тоа што е присутно во животот на секој човек на светот. Односно, сите сме биле во такви ситуации кога едноставно тоа што го сметаме за реалност е тесна рамка која знаеме да ја пробиеме, да навлеземе во непозната територија или непознатата територија да навлезе во нашата „реалност“ и тие две нешта да се преклопат или надополнат. На некој начин тоа ќе му дојде како некој вид на халуцинантна и магиска состојба, кога нашата потсвест го зема приматот, и станува наша свест, или ако не повеќе, тогаш до одредена мера делува и влијае врз нашата рационалност, па се преиспитуваме и анализираме што точно гледаме, каде се наоѓаме, што е вистина и на што за нас самите да веруваме. Главниот мотив на овие стрипови е точно тоа, во различни форми раскажано и визуелизирано, и иако некои од стриповите се сместени во одредени историски периоди, главното нешто е што тие приказни се занимаваат точно со тие човечки состојби. Името инаку е идеја на сценаристот на сите овие стрипови, Александар Стеванов, и навистина мислам дека совршено ги поврзува и дефинира како една целина.

 

2. Во предговорот велите дека на некој начин албумот претставува продолжение на вашето првенче „Модус Вивенди“.

Да, точно. Токму поради тие работи кажани во претходниот одговор. И во мојот прв стрип, можеби многу повеќе отколку во овој албум тежиштето на нарацијата паѓа точно на тој ониризам, и тие душевни процеси кај еден човек. Таму една од главните инспирации беше и песната од Радован Павловски „Момчето што спие на пладне“ која сама по себе е генијално совршен надреализам и манифест на несвесното, со одлични впечатливи поетски слики во секој стих. Секако тоа што јас го направив како стрип не беше само адаптација на постоечки текст, а всушност мое лично и персонално видување на целата приказна со што се пробија рамките на таа песна и се создаде ново, независно дело со свој живот и белег. И точно тоа е работата што го поврзува тој стрип албум со овој сега,и од мојот аспект како илустратор, претставува логична еволуција и надградба и развој.

3. Навикнати сме, можеби и погрешно, да го толкуваме стрипот како медиум наменет за деца. Вашите стрипови, пак, во спротивно се мрачни. Зошто?

Затоа што мракот е тука за после тоа поубаво да се види светлината. Едноставно, стрипот како медиум и изразно средство на почетокот навистина се појавил точно баш наменет за детска публика, за нивната разонода, затоа и од таму останало и модерното американско име на стрипот – „comics“, односно нешто комично, нешто весело. Со тек на време и појавување на нови и нови автори, тој еволуира, се развива, и чекор по чекор се создаваат нови жанрови, нови приказни, нови експериментирања, па се развива и самиот наратив, самите ликови, се појавува реализмот, па потоа со појавата на андерграунд стрипот се појавува и психоделичната и надреалистична фаза, па потоа се до наши дни, кога всушност стрипот во многу голема мера е на ниво на сериозна литература, и некои стрипови дури добивале и големи книжевни награди и признанија. Па тука некаде е можеби и причината зошто во главно моите стрипови се мрачни (дали визуелно или текстуално). Иако и ден денес уживам во некои класични ремек дела на стрип уметноста и редовно и ги читам и собирам, сметам дека стрипот има неверојатно голем потенцијал и неистражена територија за создавање на сериозни и длабоко осмислени приказни, кои делуваат на сите сетила на читателот, на неговото интелектуално надградување и проширување на хоризонти, нешто што треба да го прави секое квалитетно уметничко дело, независно од медиумот. И така, како што ние како суштества сме со комплексни душевни преживувања и искуства и знаења, како и што никогаш не е се така црно и бело, сметам дека едно квалитетно стрипско дело треба да биде слоевито, не секогаш буквалистичко, а некогаш да се остави и читателот сам интерактивно да се ангажира, да се буди интелектуално, да размислува, да ги преиспитува сам постапките на некој лик низ своја призма, кои се побудите, кои се принципите и моралноста и зошто се такви какви што се, наместо да се затупува и заспива со некои приказни од Брус Вилис стил „убиј ги сите и спаси го светот.“ Стрипот го има тој момент на забава, да, и треба да го има, многу важно е и тоа, но треба да се сфати дека тврдењето дека стрипот е само забава е голема лага што можеби некогаш и некои стрип автори дури го тврделе. И секогаш, илуминацијата кај секого се појавува баш во мракот, баш во мрачните теми, и само така на крај човек може да дојде до светлото на крајот од тунелот, а доколку ги тераме само „светлите“ тематики, тоа светло со секој чекор е се понедостижно и понедостижно.

4. Значи ли тоа дека стрипот првенствено го користите како средство за експресија на вашите светогледи?

Целосно. Светогледи, принципи, размислувања, убедувања, желби, стравови, нешто што човек во секојдневието тешко или ретко може да го искаже преку говор, овде сето тоа се пренесува во еден комплексен визуелно текстуален медиум.

5. Можеби тематскиот мрак е општоприсутен кај сите седум објавени стрипови, но затоа пак стилистички тие значително се разликуваат еден од друг.

Да, затоа што најголема грешка е човек да работи по шаблон и секоја приказна и тематика во еден стил. Тоа точно се согледува и во самите сценарија на Александар, кој од стрип до стрип исто така експериментира и навлегува длабоко во суштината на конкретната приказна. Секоја приказна си има своја независност и живот кои треба да се пренесат на вистинскиот начин. Од друга страна, мојот дел од работата е пак визуелниот приказ, кој е различен во секој стрип, и материјалите за цртање се исто така различни, потоа цртачкиот стил, секогаш во зависност од барањата на самата приказна. И секако најбитно, човек треба и емотивно и енергетски

да се вложи, да не прави ништо ради реда, ништо збрзано без ревизија, без големи истражувања и размислувања, доколку сака неговиот стрип да е релевантен и да има тежина. Има многу нијанси на кои треба да се посветува внимание, дали во дијалози, дали во кадрирањето, дали во целокупниот визуелен момент, не е само да се земе да се седне и тоа што од прва ќе се нацрта и напише, тоа да е прв и последен драфт. Па ние на овој свет сите сме да ги предизвикуваме и пробиваме бариерите, а не да талкаме во баналното сивило, и рутински да ги извршуваме нашите елементарни задачи. Така и со стриповите кои рутински се цртаат и пуштаат во јавност, без разлика дали можеби имаат шупливи приказни и се инстант забава која откако ќе се затвори корицата на стрипот се заборава.

6. Каде изданието би можело да се набави и подготвувате ли можеби негова промоција?

Изданието првенствено ќе може да се набави во стрип книжарницата Бункер во Скопје, како и од самите автори, а секако потоа ќе се распространи и во други продажни места. За промоција, се зависи каква ќе биде ситуацијата со КОВИД – 19 и рестриктивните мерки кои годинава неверојатно многу ги отежнаа сите можни планирања на културни активности. Но промоција е зацртана и целосно во план, дали порано, дали можеби малку подоцна.

7. Подготвувате ли нешто ново во моментов?

Секогаш се подготвува или веќе се има започнато нешто ново. Никогаш не сме во минус со стрип проекти, некои допрва треба да се реализираат, некои се реализирани многу одамна но немало прилика да се издадат до сега, некои пак кои требало да се реализираат порано, биле ротирани и одложени од нас самите. Најпрво ете, треба да се доработат некои пократки стрипови по сценарио на Александар, а и некои долги (албумски), кои требаше поодамна да ги завршиме, но кој знае зошто е добро што не се уште завршени, може само позитивно да влијае тоа одложување, па сега како поискусни да ги доработиме. Потоа ако е сẻ по план, да се финализира како издание еден детски стрип на кој сум комплетен автор и кој е нацртан уште пред повеќе од 10 години, но го чека погодниот момент за објавување. Постои и концепт и идеја за еден по уметнички и експериментален стрип кој ми се вртка во глава подолго време, каде ќе сум комплетен автор, и ќе продолжи во стил на „Модус Вивенди“, но по обемно, по експериментално, и по мрачно, хаха. Секако, не можам да го занемарам и продолжението на „Витезите од соседството“, за кој сценариото на Јордан Коцевски стрпливо чека кај мене на работната маса, и се спрема во еден момент да биде исцртано. Има работа, секогаш.

8. За крај на ова интервју, а имајќи предвид дека се наоѓаме на самиот крај и на годината, за вас како љубител на стрипот кој настан поврзан со деветтата уметност во Македонија ви остави најсилен впечаток? 

Поради КОВИД кризата, настаните се скоро непостоечки навистина. Годинава едвај можеше да се испланира одење до супермаркет, камоли настан со културно уметничка содржина. Но доколку за настани ги сметаме новите стрип изданија, тогаш, спротивно на кризата и апатијата што зафати, имаше голема активност. За мене, две изданија што ми оставија најголем впечаток се дефинитивно и без конкуренција (со опасност да сум пристрасен, дека автор е Александар со кој соработувам) вториот дел од „Визуелната хроника на македонскиот стрип“ и книгата за Жељко Книвалд, кој е автор на (до сега) најстариот познат стрип кој се појавил во Македонија. Мислам дека тие изданија се навистина капитални, и неверојатно значајни за целокупната стрип култура и сцена кај нас. Се надевам следната година ке излезе и третиот дел од хрониката, па потоа четвртиот, петиот, а во меѓувреме и други изданија од типот на книгата за Книвалд.

No comments: