Wednesday, December 23, 2020

Кој е авторот на најстариот стрип создаден на македонски тло? – интервју со Александар Стеванов

Името на еден од најголемите поборници за популаризација на стрипот во нашата земја е Александар Стеванов. Од 2010 година, кога посериозно почнува да се бави со оваа уметност, тој редовно учествува на стрип конкурсите во земјава и регионот, за што сведочат десетината освоени награди. Освен како сценарист на стрипови, Стеванов се бави и со проучување на стриповното минато. Резултат на таа негова втора пасија е книгата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ од која годинава излезе вториот том. Пред неколку дена излезе уште една негова публикација од областа на стрип историјата, книгата „Жељко Книвалд“, што пак е повод за интервјуто што следи.

За почеток, со што Жељко Книвалд заслужил публикација именувана по него?

Со неговото име за првпат се сретнав пред неполни десет години, читајќи ја книгата „Стрип – запис со човечки лик“, на нашиот истакнат писател, новинар, есеист, драматург, сценарист и теоретичар на медиумите – Томислав Османли. По укажување на Јелица Тодорчевска, во оваа исклучително битна публикација Османли открива дека најстариот стрип создаден на македонско тло датира од учебната 1937/38 година. Иако не е графички озаглавен, од истата книга дознаваме дека насловот на тој најстар стрип е „Репортажа низ II машка гимназија“, како и тоа дека е составен од два панели, со текст испишан на српски јазик. Објавен е во „За нас и о нама“, ѕиден весник на Културно-литерарната дружина „Бранислав Нушиќ“, а како негов комплетен автор се потпишува Жељко Книвалд, во тоа време ученик во некогашната скопска Втора машка гимназија. Верувам ќе се согласите, фактот дека Жељко го зазема хронолошки почетното место во историјата на домашниот стрип е доволен и за поголеми почести.

Раскажете ни нешто повеќе за него.

Имено, тоа е и причината за создавањето на оваа публикација. Читајќи го поглавјето посветено на македонскиот стрип од споменатата книга на Османли, не можев да престанам да се прашувам кој бил човекот зад името Желимир Книвалд. Уште во тоа време ми беше јасно дека веројатно се работи за доселеник, но од каде, кога и зошто? Не ми беше познато ни што се случило подоцна со него, продолжил ли да се бави со цртање, накаде го одвел животниот пат и како тој изгледал. Како сценарист на стрипови, знам дека еден од најлесните начини да се создадат ликови со кои читателот ќе се соживее е со тоа што ќе им се нанесе неправда. Таквата практика, што ја среќаваме од Библијата па до Рамбо, во романот наречен живот ме натера и мене да се соживеам со Жељко Книвалд. И покрај тоа што благодарение на неговиот авторски ангажман почнува стрип историјата во Македонија, за него не се знаеше речиси ништо. Па, со цел исправање на историската неправда започнав со истражување кое од анализа на потеклото на неговото презиме, преку пребарување низ семејни стебла, меѓу кои и такви изготвени од словенечкиот генеалог Петер Хавлина, на крај ме однесе до остварување контакт со неговите потомци, односно со неговиот син Крунослав Книвалд. 

 
Од каде, кога и зошто дошол во Скопје?

Како син на Милан и неговата сопруга Викторија, Жељко Книвалд се родил во Словенска Бистрица, град во источниот дел на Словенија, на 28 октомври 1920 година, само две години по прогласувањето на словенечката независност од Австроунгарија. Раното детство го поминал во родниот град, по што се преселил во Зајечар, Источна Србија, каде учел основно училиште, а потем во Скопје, каде што се запишал во некогашната Втора машка гимназија. Причините за споменатите преселби низ некогашното Кралство СХС/Југославија можат да се припишат на професијата на неговиот татко кој бил воено лице – аптекарски капетан прва класа.

А, се знае ли што го поттикнало да го нацрта стрипот?

Инспирација несомнено му биле неговите соученици и Втората машка гимназија во Скопје, што всушност е и тема на стрипот со кој Жељко ќе влезе во историјата на деветтата уметност на овие простори. Што се однесува до причините што го поттикнале да создаде стрип, можеме да претпоставиме дека се резултат на неговата вродена креативност и желба за цртање во комбинација со духот на времето. Неговиот татко, Милан, аматерски се бавел со уметност, па освен што му го пренел генот, веројатно делувал и воспитно во таа насока. Стрипови во Словенија биле објавувани и пред раѓањето на Жељко, а со преселбата во Србија бил изложен на нив во уште поголеми количини. Воедно и самата Културно-литерарна дружина „Бранислав Нушиќ“ била претплатена на странски списанија во кои биле објавувани стрипови, што дополнително го запознало со убавините на стрип-уметноста. А, дека граматиката на оваа уметноста не му била непознаница може да се заклучи и од неговиот стрип објавен во весникот „За нас и о нама“. 

 
Што се случило подоцна со него?

Откако го завршил осмиот клас гимназија и матурирал во 1940 година, Жељко трајно се иселил од Скопје. Најпрво заминал за Белград, каде што се запишал на Фармацевтскиот факултет, а веќе наредната година ги продолжил студиите во Загреб. По завршувањето на високото образование поминал извесен период во ЈНА, по што бил пратен во мисија за возобновување на аптекарската служба во Истра. Но, ни тогаш, а ниту по враќањето во Загреб не престанал да другарува со цртањето. Во материјалите кои што ги добив на увид благодарение на неговиот син Крунослав, забележав и неколку секвенцијални дела, односно стрипови.

Вашата книга излегува по повод стогодишнината од раѓањето на овој скопски стрип пионер. Значи ли тоа дека таа беше напишана повеќе години претходно, а само чекавте најсоодветен момент за нејзино објавување?

Всушност, периодот на настанок на оваа книга како да се должи на необичен пакт помеѓу четвртата димензија и некоја непозната величина. Ни самиот не можам да си го објаснам фактот дека излегува како роденденски подарок за стогодишнината од раѓањето на Жељко Книвалд. Ваквото поклопување е не само по однос на годината, туку и на месецот – октомври. Во 2018 година, по укажување од Марија Книвалд од Краљево, открив неколку семејни стебла во кои можеше да се забележи и неговото име. Во написот „По трагите на првиот македонски стрип“ и претходно имав пишувано за Жељко, а ваквите новооткриени информации ме поттикна да се навратам на темата. Имајте предвид дека до тоа време не знаев дека е роден во 1920 година, како би го темпирал излегувањето на оваа книга која првично беше планирана да биде само напис од три–четири страници. Всушност, ни тогаш не бев потполно сигурен дека е роден во 1920 година, а ниту пак дека Жељко од генеалогиите и оној по кого трагам се една иста личност. Исто така со помош од Марија, во јуни/јули 2019 година остварив контакт со синот на Жељко – Крунослав, кој ми ги потврди информациите што ги имав и ми достави голем број нови. Па благодарение на тоа, текстот што го пишував прерасна во мала книга, која иако непланирано од моја страна, излегува точно на стогодишнината од раѓањето на нејзиниот протагонист.
 

Мислите ли дека книгава би им била интересна на читателите?

Оние што прочитале нешто од мене знаат дека моите писанија се налик академските, со обилни објаснувања во фусноти, повикувања/кредитирања на други автори и упатувања на дополнителна литература која евентуално би им користела на некои идни истражувачи. Но, оние што прочитале нешто од мене знаат и дека мојот стил на пишување е далеку од академски. Таков е случајот и со оваа книга која не е раскажана во манирот на класична биографија – се родил, живеел, починал – а, поскоро како детективска приказна во која полека се размотува клопчето на мојата потрага по информации. За разлика од строго научните текстови, таа е фабуларно структурирана: со заплети, навраќања, дилеми, дигресии, ќорсокаци и расплети. А, поради тоа сметам дека би им била интересна и на оние кои што се интересираат за стрип и животописи онолку колку што јас се „интересирам“ за фудбал. 

Рековте дека сте имале помош при истражувањето?

Споменатата книга „Стрип – запис со човечки лик“ освен што ми беше инспирација и јас да почнам да го истражувам македонското стриповно минато, е и предуслов за постоењето на оваа книга. Доколку Османли не го откриеше Жељко Книвалд пред пошироката јавност, повеќе од сигурно е дека мојата книга немаше да постои. На тој начин, кажано во стилот на Њутн, „Жељко Книвалд“ стои на рамењата на џинот „Стрип – запис со човечки лик“. На моја огромна радост, самиот Османли се согласи да го напише предговорот кон мојата книга, што сметам дека е најсоодветен начин за таа да започне. Благодарност им должам и на Марија Книвалд за несебичната помош во мојата потрага по информации, на Крунослав Книвалд за љубезно доставените информации по однос на неговиот татко, на Гоце Панговски за лектурата на текстот на англиски, како и на Саше Гачев за неговата анализа на стрипот на Жељко од драматуршки аспект. Би сакал да потцртам и дека оваа книга немаше да постои без финансиската поддршка од Градот Скопје, како проект во рамки на програмата за остварување на локалниот интерес во културата за 2020 година, за што сум им многу благодарен.
 
 
Во книгата велите дека ја допуштате можноста Жељко Книвалд сепак да не е автор на најстариот стрип создаден во Македонија. Што ако се појави некој порано реализиран стрип?

Доколку се појави порано реализиран стрип, јас би бил меѓу првите кои би го поздравиле тоа откритие. Ваквите истражувања на минатото се групен спорт, сите ние се обидуваме да го реконструираме мозаикот. А, по однос на Жељко Книвалд, евентуалното пронаоѓање на постар стрип не мислам дека би ја намалило вредноста на неговиот подвиг.

Годинава го објавивте и продолжението од книгата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“. Како постигнувате?

Објавувањето е само врвот на сантата мраз. Она што не се гледа е сместено во неколкуте претходни години поминати во истражување и другарување со стрип-уметноста.

Што идно би можеле да очекуваме од вас?

До крајот на годината би требало да излезат два мои опширни написи на тема стрип, едниот во списанието „Современост“, а другиот во српската стрип ревија „Рас комик“. Наскоро се очекува да излезе и стрип-збирката „Ægri somnia“ на мојот добар пријател Дарко Богданов, за потребите на која ги напишав сценаријата. За понатаму, ќе видиме што времето ќе донесе.
 
Јагода Василева (објавено на Патем)

No comments: