Во соседна Србија, деновиве беше објавен најновиот број на публикацијата „Линије фронта“ во која со свој стрип е застапен и македонскиот автор Владо Николовски. Се работи за стрипот од четири табли „12 септември 1914, Петроварадинска тврдина“, кој Николовски го црта според сценарио на Предраг Ѓуриќ од Нови Сад.
„Со Предраг заеднички имаме направено десетина кратки стрипови. Последниот од нив обработува вистинска случка од почетокот на Првата светска војна, кога Австроунгарците стрелаат неколку локални заробени мештани меѓу кои и познатата млада сликарка Даница Јовановиќ“, посочува Николовски.
„Линије фронта“ е популарна стрип-едиција во издание на белградски „Систем комикс“, која со поддршка од Францускиот институт во Србија се појавува со цел одбележување на стогодишнината од Првата светска војна (1914 - 1918). Следејќи ја досегашната традиција, како што известуваат од издавачот, седумте објавени стрипови и во овој деветти број ги истражуваат остатоците од колективното несвесно поврзани со Големата војна.
Покрај Николовски, во оваа српска едиција со свои стрипови досега се имаат претставено и македонските автори Александар Стеванов, Дарко Богданов, Иво Николов и Јован Секулоски.
No comments:
Post a Comment