Saturday, December 21, 2019

Награди за македонски автори на стрип фестивал во Ваљево

На меѓународниот конкурс во рамки на Ваљевскиот стрип фестивал, кој од 20 до 21 декември се одржува по третпат во Ваљево, соседна Србија, и годинава не изостанаа награди за македонските стрипари. Жирито предводено од Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград и Дејан Богојевиќ, уметнички директор на фестивалот, за најдобри во категоријата „Раскажување“ ги прогласи сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница. Наградата, за стрипот „Си беше еднаш еден човек“, во нивно отсуство ја прими Томе Трајков, координатор на Стрип центарот на Македонија.

„Кога нечие ликовно-текстуално раскажување е оценето од стручни имиња во областа кои се секако далеку поголеми од нашите, задоволството е на највисокото ниво, затоа што тоа е првенствената причина поради која и се занимаваме со овој медиум. Уште повеќе што сценаријата на Александар се универзуми сами по себе, кои уживам да ги цртам, и после секој наш заеднички стрип и двајцата сме уште посозреани како луѓе и како автори од тоа какви сме биле претходно“, изјави стрип-авторот Богданов.


Од пристигнатите дела на 103 автори од единаесет земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Литванија, Македонија, Романија, Русија, Србија, Унгарија, Уругвај и Црна Гора), меѓу наградените е и ветеранот на македонската стрип-сцена – Златко Крстевски од Прилеп. За стрипот без наслов, тој беше прогласен за најдобар во категоријата „Општествен ангажман“.

Гран-прито на ова трето издание на Ваљевскиот стрип фестивал беше врачено на Марко Стојановиќ и Сабахудин Мурановиќ-Муран, по чие дело „Јефтино и скупо“ годинава е именувана меѓународната изложба на која се поставени најдобрите пристигнати стрипови. За првонаграден беше прогласен авторот Давид Вартабедијан за стрипот „Пасје време“, второнаградени се Сенка Милутиновиќ и Марко Шерер за „Лудаков коњ“, а според одлуката на жирито со третото место се закити Филип Станковиќ за стрипот „Ibrahim Coyle: Матори случај“.


Една од трите главни изложби во рамки на годинашниот Ваљевски стрип фестивал е резервирана за македонскиот стрип. На неа, во Центарот за култура во Ваљево, со свои стрипови учествуваат седумнаесет македонски стрипари од различни генерации. Меѓу изложените дела се и такви на авторите: Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Ване Трајков, Љупчо Филипов и Катерина Николовска-Тери, која минатата година на оваа меѓународна манифестација го освои високото второ место.

Види и:

No comments: