Friday, December 20, 2019

Претставување на македонската стрип-сцена во Ваљево

На 20 и 21 декември, македонската стрип-сцена се сели во соседна Србија. На изложбата „Македонски стрип“, која во галеријата при Центарот за култура во Ваљево ќе биде отворена во петок, во 19:00 часот, посетителите ќе имаат можност да го погледнат најновото македонско стрип-творештво. 


Изложбата е дел од официјалната програма на третиот Ваљевски стрип фестивал. На неа со свои дела ќе бидат застапени: Лазар Ангелков, Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Васил Гаврилов, Јорданчо Давидовски, Катерина Николовска-Тери, Стефан Николовски, Александра Ристеска, Максим Ристески, Александар Стеванов, Ана Марија Стефаноска, Иле Стојановски, Ване Трајков, Љупчо Филипов, Александар Цакоски и Оливер Цветковски.


Во улога на селектор на македонските стрипови се јавува Томе Трајков, координатор на Стрип центарот на Македонија и на Меѓународниот салон на стрип во Велес. Токму нему, на програмскиот директор Дејан Богојевиќ и на селекторот на меѓународната изложба Зоран Стефановиќ, ќе им припадне честа да го прогласат Ваљевскиот стрип фестивал за отворен.


„Избрани се стрипови од разни генерации меѓу кои и на прерано починатиот бард на македонскиот стрип – Љупчо Филипов. Доминираат стрипови од актуелните македонски автори кои излагале на Mеѓународниот стрип салон во Велес и во магазинот ’Креатор‘, единственото постојано стрип-издание кај нас“, изјави селекторот Трајков.

Ова е едно од ретките групни организирани претставување на македонската стрип-сцена надвор од државните граници. За последен пат македонскиот стрип гостуваше во странство во 2013 година, кога во Лесковац, на Балканската смотра на млади стрип автори беше поставена изложбата насловена „Македонскиот стрип денес“.

Види и:

No comments: