Sunday, September 01, 2019

Македонски автор застапен во српскиот стрип-магазин „Рас комик“

Неодамна, во издание на Клубот на ликовни уметници, Канцеларијата за млади и Центарот за култура од Рашка, од печат излезе шестиот број на стрип-магазинот „Рас комик“. Покрај стриповите на автори од Србија, во него е објавен и есејот „Нултата година на југословенскиот стрип“ на македонскиот автор Александар Стеванов, како и неговиот стрип од четири табли „Сламберленд“, илустриран од Наташа Коњевиќ од Босна и Херцеговина.

 

„Првите три броја на ’Рас комик‘ се објавени во 2008 година, со цртачите од школата за цртање во Рашка, каде што и самиот се испробав како цртач. Списанието имаше за цел популаризација на деветтата уметност кај младите во Рашка, без големи амбиции. Меѓутоа, се испостави дека тоa заврши кај голем број колекционери во Србија. Во 2017 година одлучивме ’Рас комик‘ да продолжи со работата со помош на авторите кои доаѓаа на колонијата“, изјави Давид Трајковиќ, помошник уредник на „Рас комик“.

Како редовен соработник на списанието, ова претставува само продолжување на успешната соработка која Стеванов ја има со српската стрип-сцена. Кон крајот на минатата година во публикацијата „Линије фронта“ беше објавен стрипот „Надежта е нешто пердушесто“, кој по негово сценарио го црта Дарко Богданов од Виница, а наскоро во нишкото списание „Градина“ се очекува да излезе и неговиот опширен есеј посветен на своевремено популарниот новосадски стрип-херој – Лун.

No comments: