Saturday, August 10, 2019

Заврши Меѓународната стрип колонија – Рашка 2019

Вчера заврши осмата по ред Меѓународна стрип колонија – Рашка 2019, која беше одржана недалеку од Рашка, во туристичкиот комплекс во с. Семетеш, Србија. Продолжувајќи ја неколкугодишната успешна соработка помеѓу Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, од една страна, и Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Центарот за култура „Градац“ од Рашка, од друга, и на оваа колонија беше претставена македонската стрип-сцена.

„Засега имаме одлична соработка со Македонија и Црна Гора, а се надевам дека со време ќе воспоставиме контакт и со школите од Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, така обединувајќи ја југословенската стрип-сцена. Освен стрип-школите, на списокот се секогаш три до четири предавачи и пар доајени на стрипот, чие присуство е значајно не само заради едукација и мотивација на младите туку и заради добрата репутација на самата колонија“, изјави Горан Трајковиќ, идеен творец на оваа манифестација.
 
Меѓу позвучните имиња, годинава учество зедоа легендите на југословенскиот стрип Жељко Пахек и Миша Мијатовиќ, раководителите на стрип-школите од Белград, Крагујевац и Ваљево – Владимир Весовиќ, Срѓан Стаменковиќ и Филип Станковиќ, како и Дарко Стојановиќ кому годинава му беше организирана изложба. Рамо до рамо со нив, како единствен автор надвор од границите на Србија, со што колонијата доби на меѓународен карактер, учество зеде и Александар Стеванов, стрип-сценарист од Штип.
 
 
Соработката и дружбата помеѓу македонската и рашката стрип-сцена е договорено да продолжи веќе кон крајот на овој месец, на втората Меѓународна стрип колонија во Велес. Покрај стрип-автори од Рашка и Македонија, од 21 до 25 август во овој најцентрален македонски град се очекува да присуствуваат и такви од престолнината на Србија и од Лесковац, како и од Хрватска и Финска.

No comments: