Thursday, August 13, 2015

Потрагата по допадливост е најкраткиот пат за авторот да се изгуби себеси

На Балканската смотра на млади стрип-автори што се одржа во Србија, а на која Стеванов стана лауреат за стрипот „Вистинска љубов“, учествуваа 1.709 автори од вкупно 36 земји во светот
 
АЛЕКСАНДАР СТЕВАНОВ, СТРИП-СЦЕНАРИСТ И ИЛУСТРАТОР

Штипјанецот Александар Стеванов е добитник на признанието за најдобар стрип-сценарист на 17. Балканска смотра на млади стрип-автори што се одржа во Лесковац, Србија. На конкурсот на кој Стеванов стана лауреат за стрипот „Вистинска љубов“ учествуваа 1.709 автори од вкупно 36 земји во светот. Гости на Балканската смотра, пак, беа околу 80 светски познати стрип-имиња, меѓу кои и цртачи на мегапопуларните Бетмен, Конан и Загор. Стеванов досега има објавено свои креации во повеќе броеви на магазинот „Креатор“, во електронските списанија „Македонска ризница“ и „Чивилук“, во списанието „Синдром“... Минатата година објави стрип во српската ревија „Комикс“, a пред неколку месеци негов стрип беше објавен во списанието „Парабелум“ во Република Српска. Моментално работи како илустратор на два стрип-албуми: „27 860“ и на детскиот стрип „Девојче на Месечината“.

Очекуваше ли да добиеш ваква награда?

- Наградата за најдобар млад балкански стрип-сценарист ме изненади и ме затекна целосно неподготвен. Не само затоа што бев на граница на исполнување на условот „млад автор“, односно автор до 30-годишна возраст, туку и затоа што знаев дека конкуренцијата на овој фестивал е огромна и ужасно квалитетна. Кога мојата пријателка, младата стрип-авторка Јована Велинова, ме извести дека сум освоил награда во Лесковац, помислив дека се работи за грешка и не ѝ поверував, сѐ додека не видов дека веста е објавена во медиумите. Оваа награда е потврда не само лично за мене ами и за Македонија, која, и покрај тоа што е мала, претставува плодна почва за креативни луѓе и квалитетни стрип-автори.

Стрипот се вика „Вистинска љубов“. За што станува збор?

- Површно гледано се работи за љубовна приказна, како што кажува и самиот наслов. Но ако се прочепка малку подлабоко и ако се проанализира, ќе се види дека темата е судирот помеѓу два света, кои и да се тие. Во стрипот, на пет страници, се обидов да го претставам непремостливиот јаз меѓу две личности, разликите меѓу внатрешниот свет и надворешниот, можното и неможното, како и границата меѓу јавето и имагинарноста. Љубовта, во случајот, е само врвот на сантата мраз во една приказна со подлабоко значење. Можеби интересно би било да се спомне дека овој стрип е делумно базиран, односно инспириран од реален настан.

Сметаш ли дека љубовта опеана (дури и во стрип) секогаш е „загарантиран рецепт“ за допадливост?

- Љубовта е нешто што го преокупира секој здрав, најаден и материјално обезбеден човек. Таа е илузивна, непредвидлива и неретко нелогична и луда. Секој еден човек, без оглед од каде и да е тој, има вродена потреба да биде сакан и да сака и тоа е посилно од нас. Или како што рекол американскиот поет Ралф Валдо Емерсон: „All the world loves a lover“. Оттаму и не е чудно што толку често љубовта се опева во песните и е барем споредна тема во книгите и филмовите. Тоа е потреба и на самите автори, но и на публиката. Во интерес на вистината, иако наградениот стрип би можело да се каже дека е љубовен, јас всушност ретко пишувам за љубовта, што дури и некои мои соработници-илустратори го посочуваат како мана. Што се однесува до допадливоста, ѕвезда-водилка никогаш не ми било она што го правам да биде допадливо и да се закитам со пофалба или награда, ами моето творештво да биде автентично и да извира од вистинскиот јас. Потрагата по допадливост е најкраткиот пат на кој еден автор може да се изгуби себеси. Она што го пишувам во моите сценарија е тоа што сакам да го кажам и за што имам потреба да се искажам. Сакам моите дела да бидат нешто што доаѓа од длабочините на моето срце и барем во еден дел да бидат одраз на мојата личност, па макар и никому не му се допаднале.

На какви теми најчесто работиш?

- Од научнофантастични стрипови со вселенски бродови, преку формалистички стрип, па сѐ до надреализам и суров реализам. Секогаш трагам по откривање нови светови, стилови, форми и изразни средства. Дури и на моите соработници-илустратори неретко им сугерирам да го менуваат стилот во зависност од приказната и самите да експериментираат. Со илустраторката Весна Ничевска, на пример, работиме на еден стрип без панели, со што одиме по самата граница на дефиницијата за стрипот како уметност. Како стрип-сценарист секогаш се раководам по правилото, сѐ додека приказната е добра и интересна, воопшто не е важно која е темата. Како за илустрација, последно нешто што го напишав се две сценарија за стрип-албуми. Едното е мистична вестерн-приказна за каубој-пустиник од карпестите планини, а другото, пак, нешто сосема поразлично - урбана приказна со надреалистичен привкус, која еден дедо ѝ ја раскажува на внучката.

Каква е ситуацијата со стрипот кај нас во споредба со Балканот, па дури и во светот? Што преовладува повеќе, квалитет или квантитет?

- Компарацијата со светот, во кој стрипот е мултимилионска индустрија, би можела да изгледа по малку разочарувачки. Меѓутоа, според бројот на автори по глава на жител, како и според нивниот квалитет, мислам дека успешно им парираме на преостанатите земји во регионот, па и во светот. Од некои сме дури и децении понапред. Сепак, мислам дека ние треба да се споредуваме не со другите, ами првенствено со себеси, односно да се трудиме секоја година, во стриповски план, да биде поуспешна од претходната. А тоа, барем колку што јас ги следам случувањата на македонската стрип-сцена, де факто и се случува. Иако не еднаш сме слушнале дека во Македонија нема стрип, сепак вистината е дека за да се купат сите стрип-изданија објавени во Македонија, како и оние од македонски автори објавени во странство, годишно ќе треба да одвоите неколку стотици евра. За крај би рекол дека македонската стрип-сцена, и покрај сите свои недостатоци и мани, е полна со страст, жива, динамична и интересна за следење. Таа крие купишта тајни, некои почудни и од стрип-приказна, кои чекаат да бидат откриени и претставени пред пошироката македонска јавност.    
     
Автор: Биљана Стојановска/biljana.s@novamakedonija.com.mk

Преземено од: Нова Македонија

No comments: