Sunday, January 18, 2015

Сланина со зелка

Велат за сè има прв пат. За прв пат на овој блог, се надевам не и за последен, претставувам рецепт за јадење. Се работи за јадење кое што, првично во намерата да ја потрошам заостаната храна, сам го измислив, но оттогаш на Интернет сум сретнал не еден сличен рецепт. Со оглед на тоа дека ми се допадна, не е сложено за подготовка и сметам дека е богато на различни вкусови, повремено си го подготвувам.

Потребни состојки за две лица:

  • 250 грама сланина [1]
  • главица кромид, ситно сечкана
  • чешне лук, ситно сечкано
  • главица кромид, сечкана на кругчиња
  • џинка
  • 200 грама зелка,
  • 200 грама кисела зелка [2]
  • две кафени лажици зачин вегета
  • црн бибер
  • буковец
  • свеж лимон

Сланината, сечкана на парчиња, се става да се пржи во тавче на претходно добро загреано масло. Се пржи до заруменување, по што се додава ситно исечкана главица кромид. Кога кромидот ќе омекне се додава исечканото чешне лук. 

Кога кромидот ќе се карамелизира се додаваат две лажички зачин вегета, се поросува со црн бибер. Веднаш потоа се додава и втората главица кромид сечкана на кругчиња и исечканата џинка. По 2-3 минути се додава исечканата зелка. Смесата продолжува да се пржи уште десетина минути.


Откако ќе се сервира во чинии, јадењето се поросува со малку буковец и на него се исцедува свеж лимон.

[1] наместо сланина може да се подготви и со свинско месо.
[2] доколку немате кисела зелка, може и обична

No comments: