Thursday, January 24, 2013

Цар Самуил - стрип

На 8 декември 1967 година, во 126-от број на југословенската стрип едиција „Никад робом“ (Nikad robom), објавен е стрипот „Цар Самуил“ (Car Samuilo), посветен на истоимениот средновековен македонски владетел. Автори на ова дело се пионерите на македонскиот стрип Драган Ташковски како сценарист и Миле Топуз задолжен за цртежот.


Топуз е автор на поголем број на стрипови со историско-патриотска тематика. Меѓу нив се и стриповите „Strez gozpodar sa Proseka“ (28 ноември 1969), „Car Gavril Radomir“ (29 март 1968), „Đorđe Vojteh“ (2 август 1968), „Карпош, македонски сеоски краљ“ (13 декември 1968) и други, објавени во истава стрип едиција. [1][2][3]. Негови стрипови се објавувани и во списанијата „Наш Свет”, „Мак Стрип”, „Стрип Арт” и др.[2]

Насловни страни од стриповите на Топуз, објавени во „Никад робом“ [3]:


Изборот на историските теми не е воопшто случаен, имајќи предвид дека тој најчесто соработувал со сценаристот Драган Ташковки, кој што по професија е историчар.[4] Всушност првата соработка помеѓу Топуз и Ташковски е еден претходен стрип за царот Самуил. [1][4]

Во воведниот дел на стрипот „Цар Самуил“ насловен како „Подем и пад“ дадена е историска слика за Македонија и Балканот од пред еден милениум:

„Пред точно 1000 години на Балканот е создадено огромно словенско царство на чело со македонскиот цар Самуил. Со меч и оган, како во бајка, од малото брсјачко кнежество тој создал држава на просторот од Задар до Црното море, од Срем до Егејот, со столб и корен во Македонија.

Темелите на царството биле поставени кога неговиот татко, кнезот Никола, ги подигнал македонските селани и овчари против бугарските чети и ги истерал од Македонија, а притоа ги обединил македонските Словени во една целина. Тоа во суштина била една хомогена маса на која што се потпирала силата на царот Самуил. Победоносната битка за Лариса, преку која паднала цела Тесалија, потоа во 986 година победата над самиот византиски цар Василиј II кај Ихтимановиот премин, раѓале во главата на Самуил царски идеи кои не мирувале, а барале дејствие.

Полни 40 години ова словенско царство пркосило на сите бури и вертови од тоа време. Половина век успешно се бранело од ударите на византиските легиони. Но во 996 година, по завземањето на Драч, Самуил во напорен марш кренал со војската низ Термопилскиот теснец, Беотија и Атика и се запрел на брегот на Коринтскиот залив. И, веројатно, походот за освојување на Грција ќе продолжел, да не се случело она што ни самиот цар не можел да го очекува. Почнале првите порази кои го наговестувале  слабеењето на силата и, конечно, падот на една голема и моќна држава.“

И покрај тоа што стрипот е на српско-хрватски јазик со латинично писмо, интересна тривија е дека на тринаесетата страна, авторот на (покрај цртежот и) летерингот, Миле Топуз, наместо српско-хрватската „š“ (šта) по грешка, ја има напишано кириличната буква „ш“ (штa).

Александар Стеванов и Благојче Андонов

[1] Томислав Османли, Развој на стрипот во Македонија, седум децении стриповно творештво: Својот прв стрип илустраторот МИЛЕ ТОПУЗ го нацртал на 24-годишна возраст, но првпат стрип објавува во 1962 година во весникот „Трудбеник“. Станува збор за стрипуваната биографија на „Цар Самуил“, според сценариото на Драган Ташковски. Во „Дечје новине“ Миле Топуз објавува серија од десет „свески“ стрипувани биографии на историски личности од далечната историја (новата верзија на „Цар Самуил“, „Јован Владислав“, „Војтех“, „Карпош“), а во „Трудбеник“ и во „Наш свет“ во текот на 1981-82 година се занимава со илустрацијата и стрипот, обрнувајќи внимание на веродостојноста и на ликовниот квалитет на портретот во извесна мерка запоставувајќи го движењето. На својата определба за реалистичкиот стил на прикажување, Топуз и останува доследен до своите подоцнежни остварувања. Творечката Биографија на Миле Топуз, всушност може да се смета за врска помеѓу раната и кулминативната етапа од втората фаза во развојот на стрип-творештвото во Македонија.
[2] Temnik „Миле Топуз“, Макстрип форум, коментар 1:
Миле Топуз е еден од пионерите на македонското стрип творештво. Роден е во 1932 г. во Кочани. Завршил училиште за применета уметност во Љубљана. Во 1956 г. се вработува во “Нова Македонија” и заедно со Младен Туниќ станува еден од главните илустратори за детски списанија во Македонија. Првите стрип обиди ги прави во далечната 1958 г. во списанието “Титов Пионер”, во 1962 г. го објавува првиот стрип во весникот “Трудбеник”, а веќе во 1967 г. работи професионално за “Dečje Novine”, и има објавено десетина стрипови од македонската историја, во едицијата “Nikad Robom”. Некои од нив се за Цар Самуил, Гаврило Радомир, Ѓорги Војтех, Карпош, Кочо Рацин... Исто така објавувал стрипови и во “Наш Свет”, “Мак Стрип”, “Стрип Арт” и др. Има изработено многу илустрации за сликовници и книги за Детска Радост и Просветно Дело. Денес, како пензионер, се занимава со илустрација и сликарство.
[3] Temnik „Миле Топуз“, Макстрип форум, коментар 6

[4] Томислав Османли, Развој на стрипот во Македонија, седум децении стриповно творештво:
Речиси неразделен од делото на Миле Топуз е сценаристичкиот придонес на ДРАГАН ТАШКОВСКИ, којшто како историчар и научен работник, во своите сценарија негува своевиден пристап кон историската тема и материја, со следење на фактографијата на историските настани и личности за чиишто животописи ги пишува текстуалните стриповски предложоци. Првото сценарио на Ташковски е веќе спомнатиот „Цар Самуил“, што го објавува 1962 во цртеж на Миле Топуз, со кого што соработува во популарната едиција „Никад робом“ на издавачката куќа „Дечје новине“ од Горњи Милановац. Во оваа едиција Топуз цртачки ги реализира следните сценарија на Ташковски: „Краљ Пребонд“ (објавен на 1.09.1967), „Цар Самуило“ (8.12.1967), „Климент Охридски“ (2.02.1968), „Ѓорѓе Војтех“ (2.08.1968), „Карпош, македонски сеоски краљ“ (13.12.1968). На реализацијата на стрип- сценаријата на Драган Ташковски подоцна работи и нашиот единствен професионален стрип-цртач, Љупчо Филипов.

No comments: