Wednesday, January 02, 2013

НАШАТА ЦРВЕНА ЛИНИЈА СЕ ВИКА МАКЕДОНИЈА!

Пишува Тодор ПЕТРОВ

Повторно и повторно слушаме: Идентитетот е нашата црвена линија! А, името за што ни е, за поткусурување? Во тоа е заблудата! Демек, можеме да договориме промена на името, па дури и опсег на употреба, ама да останеме и понатаму Македонци и нашиот јазик да го викаме македонски!

Некои велат, не знаат, затоа така зборат, под разумен компромис подразбирале промена на името, ама не и на името на народот и јазикот. За името сме можеле да преговараме, ама за именувањето на народот и јазикот, НЕ!

Која глупост! Освен, ако мислат дека народот пие нафта и расте на гранка, па не знае кој што збори. Поминаа тие времиња.

За што воопшто разговараат или преговараат властите во Македонија сите овие дваесет години и со кого, за што?! За промена на државното име Македонија?! Еве Киро го нема меѓу живите, прелажа дека временото обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија/The former Yugoslav Republic of Macedonia“ ќе трае само два месеци и пред заминување на нацијата дури не и’ се ни извини за таа лага. Што ги принудува властите во Македонија да разговараат за промена на државното име Македонија? Да не го прекршат зборот на Киро? Да не се плашат дека врз Македонија ќе фрлат атомска бомба да не’ нема? И ако договорат промена на државното име, што ќе добијат, поголем камен врз гробот во гробишта? Ќе ги памти некој некогаш, освен како велепрадавници?

И бидејќи повторувањето е мајка на знаењето и ние ќе повториме.

По меѓународно право, името на државата е идентитетот на нацијата! А, името на нацијата е името на државата! По бојата на кожата не се препознава етничкото потекло на луѓето. Декларација за идентитетот не е вербализам или резолуција под мишка, туку пасошот како документ за лична идентификација. Таму ви е внесен кодот: името и презимето, датумот и местото на раѓањето, адресата во местото на живеење, матичниот број, националноста односно државјанството и името на државата чие државјанство го поседувате. Патем, пасошот е сопственост на државата која го издала!

Сте ги провериле новите биометриски пасоши? Во нив, во графата националност, што подразбира државјанство, пишува МАКЕДОНСКО/MACEDONIAN, што значи и МАКЕДОНЕЦ! Така им пишува на сите граѓани на Македонија, независно од нивното етничко потекло, затоа што по меѓународното право, националноста по автоматизам произлегува од името на државата! Односно, националноста е синоним за државјанството! Во пасошите нема графа “етничко потекло“ за носителот на пасошот. И затоа, на сите нови биометриски пасоши, на Македонците по потекло, на Албанците по потекло, на Турците по потекло, на Србите по потекло, на Ромите по потекло, на Бошњаците по потекло, на Власите по потекло, на Еѓупците по потекло, на Хрватите по потекло, на Црногорците по потекло, на сите, независно од нивното етничко потекло, во графата “Националност/Nationality/Nationalite“ им пишува “МАКЕДОНСКО/MACEDONIAN“! Никому ништо не му фали.

Ако ви текнува, кога во првиот повеќепартиски Парламент се носеше Законот за државјанство на Република Македонија во 1992 година, независниот пратеник Тодор Петров предложи амандман, секој странец кој ќе прими државјанство на Република Македонија, да потпише декларација дека ја прифаќа припадноста на македонската националност, затоа што по меѓународно право сите по државјанство во државата Македонија се Македонци независно од нивното етничко потекло. Тогаш скокнаа СДСМ и го обвинија пратеникот Тодор Петров за фашизам. ПДП ги поддржа, упатувајќи остри напади дека во Македонија има фашизам и дека еден од тие фашисти бил Тодор Петров! На прашањето на пратеникот од ПДП Мохамед Халили, што би биле по дефиницијата на Петров Албанците во Македонија, одговорот беше “Македонци со албанско етничко потекло“. Подоцна во претседателската кампања 1999 година, кога кандидат на СДСМ беше Тито Петковски а на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски, Тито насекаде трубеше дека во Македонија по државјанство сите се Македонци независно од етничкото потекло. Подоцна со измените на Законот за државјанство направија дури и дополнување “сите кои примаат државјанство на Република Македонија мора да пополнат изјава дека ќе бидат лојални државјани на Македонија“.

Тоа е веќе трајно минато свршено време. Еве, земјината топка се преврте, Господ знае колкупати, од тогаш до денес и повторно дојде тоа на Тодор Петров. Тодор Петров пред дваесет години не измисли топла вода, го кажа и тогаш и денес тоа што за цел свет важи и е нормална процедура, дека во Македонија по државјанство сите се Македонци, поради името на државата Македонија, независно од нивното етничко потекло!

Или еден едноставен пример: кога на граница ќе се идентификувате со пасош на државата Франција, за сите, Вие сте Французин, никој не Ве прашува за Вашето етничко потекло, независно дури ни од бојата на кожата. Црната боја на кожата не значи дека Вие сте Сенегалец, Етиопјанин или Нигериец. Може да сте црнец, ама поголем Французин и од францускиот претседател!

Националното се разбира не го анулира или елиминира, туку го супституира, го инкорпорира етничкото. Националното е нова дефиниција на државното, во однос на граѓаните, како правен однос меѓу државата и поединецот, еднакви пред Уставот и законите, независно од нивното етничко потекло, верско уверување, социјална положба, пол и раса. Етносите кои ги создавале државите, го супститурале, го инкорпорирале етничкото во државното и затоа кај нив името на државата е нераскинливо врзано со името на мнозинскиот државотворниот етнос, како луѓе од ист род, со иста култура, ист јазик, иста историја и територија. Се разбира, нацијата ги подразбира и малцинствата како национални малцинства, кои по потекло, културолошки и јазично може и да не припаѓаат на мнозинскиот етност во државата. Тоа се или делови на други етноси кои оформиле своја држава во соседството или делови на други етноси на сосема далечни територии, тука присутни поради историски миграции, природни или принудни.

Така лицата кои имаат американски пасош се Американци, лицата кои поседуваат германски пасош се Германци, лицата кои поседуваат италијански пасош се Италијанци, поради името на државата чии државјани се: Америка, Германија, Италија итн...

Ако Вашата држава се вика Северна Македонија, а државата Грција има провинција Македонија, лицата од провинцијата Македонија во државата Грција ќе се именуваат Македонци, а лицата од државата Северна Македонија, поради името на државата, целиот свет ќе ги препознава како Северномакедонци. Соодветно на Горна Македонија - Горномакедонци, на Вардарска Македонија - Вардаромакедонци.

Во англискиот јазик има едно правило сите држави пред државното име, независно од уставното уредување или географската одредница или идеолошката одредница, имаат еден граматички член “OF“. Затоа, државјаните на Америка се Американци, бидејќи името на државата е United States OF America, независно што ние, на македонски го преведуваме како Соединети Американски Држави без граматички предлог меѓу трите збора. Тоа во македонскиот јазик го нема. Без тоа не би постоеле Американци во светот. Државјаните на Франција се Французи, бидејќи името на државата е Реpublic of France. Државјаните на Германија се Германци, бидејќи името на државата е Federal Republic of Germany.

Не замајуваат странски мешетари и наши платеници, дека еве има држави во светот како Северна Кореја и Јужна Кореја, државјаните и на едната и на другата држава се Корејанци. Демек, ако ние на државното име Македонија придодадеме географска одредница, тоа нема да го промени името на македонскиот народ односно на Македонците. А токму во тоа е заблудата. Не постои држава Северна Кореја! Не постои држава Јужна Кореја! После Втората Светска Војна, во 1945 година, Кореја беше поделена долж 38-та паралела на две држави: северниот ентитет под советска управа именуван како Демократска Народна Република Кореја (Democratic People's Republic OF Korea) и јужниот ентитет под американска управа именуван како Република Кореја (Republic OF Korea). Поради она OF во двете држави живеат Корејанци. Не заборавајте, не постои држава Северна Кореја (North Korea), не постои држава Јужна Кореја (South Korea). Кога би постоеле државата North Korea во неа би живееле Севернокорејанци, а во државата South Korea би живееле Јужнокорејанци.

Затоа Грција бара географска одредница пред државното име Македонија, наводно затоа што нивната северна провинција, исто така, се вика Македонија. И вели, “македонското прашање е идеолошка конструкција на Студената војна“, Македонци не постојат. Грците во грчка Македонија се Македонците, а не државјаните на нејзиниот северен сосед, за кој нуди име со географска одредница. Нашите платеници, пак, велат, а зошто да не приафтиме географска одредница?! Притоа не смееме да заборавиме дека Атина никаде не спомнува дека северната грчка провинција Македонија, Грција за првпат во својата историја ја окупира во Балканските војни 1912-1913 вршејќи етничко чистење и геноцид врз домородните Македонци. Иста во однесувањето пред светот е и власта во Македонија која никаде и никогаш не спомнува дека Атина во Балканските војни го окупира јужниот (Егејскиот) дел на Македонија и изврши етничко чистење и геноцид врз домородните Македонци!

Истовремено, Грција бара, странските мешетари ни нудат, нашите недоносени прифаќаат: Република Македонија со латинична транскрипција како Republika Makedonija, а не на англиски јазик Republic OF Macedonia, за да го снема она фамозно OF! Republika Makedonija на англиски се чита Рипаблика Мекидонајџа, а не Рипаблик оф Меседониа. Светот да ја заборави Македонија како име на нашата држава, да се раскине врската меѓу македонскиот народ и името на државата Македонија и Province of Macedonia да остане ексклузивно право само за Грција!

Кога сме веќе кај географската одредница Северна, треба да го имаме на ум и фактот дека после дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, Грција ја подели провинцијата Македонија на три региони “Западна Македонија“, “Централна Македонија“ и “Источна Македонија“. Нам ни кројат одредница “Северна Македонија“, ама во Грција нема регион “Јужна Македонија“. Чудно, нели? Ама, проѕирно! Дури и не постои држава “Јужна Македонија“. Но, веќе се’ е прочитано!

Затоа, на нашиве недоносени постојано ќе им повторуваме: името на државата е идентитетот на нацијата! Името на македонскиот народ е нераскинливо поврзано со државното име Македонија! Промената на државното име Македонија, значи трајна промена на името на македонскиот народ и јазик, по автоматизам! Промената на државното име не е слобода на мислата или демократија, туку злосторство против човештвото, геноцид врз македонскиот народ и кривично дело велепредавство! Кој мисли дека може, нека проба! Гемиџиите не биле Индијанци туку Македонци!

Прашањето за државното име е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога македонскиот народ и граѓаните во апсолутно мнозинство гласаа “за самостојна и суверена држава Македонија“ без додавки и без придавки. Одлуката на референдум е задолжителна за сите! Поради тоа, бараме итен и безусловен прекин на разговорите за државното име и продолжување на членството во Обединетите Нации под името Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“, без латинична транскрипција на македонскиот јазик, туку на англиски јазик “Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и јазик, како јасна разлика од истоимената југозападна бугарска провинција Македонија и северна грчка провинција Македонија!

Доколку антимакедонизмот на Атина, грчкиот геноцид врз македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Атина се вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Хеленската Република, Македонците го отфрлаат пристапувањето на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО! Македонците покрај евро-атлантските ги претпочитаат и евро-азиските интеграции!

Почитувани Македонци, читајте и не заборавајте, насекаде повторувајте и под нос на сите пикајте им, повторувањето секако е мајка на знаењето: НАШАТА ЦРВЕНА ЛИНИЈА СЕ ВИКА МАКЕДОНИЈА! Ни точка ни запирка, ни збор пред неа ни по неа: ИМЕТО НА НАШАТА ДРЖАВА Е МАКЕДОНИЈА И ЗАТОА СМЕ МАКЕДОНЦИ! ИМЕТО НА НАШАТА ДРЖАВА Е МАКЕДОНИЈА ЗАТОА ШТО НИЕ СМЕ МАКЕДОНЦИ! И не сме Македонци затоа што дојдовме од зад Карпатите како Словени, та се нарековме така поради името на територијата што ја населивме, туку затоа што отсекогаш сме биле тука и затоа што отсекогаш сме биле Македонци и затоа што отсекогаш ова била наша татковина МАКЕДОНИЈА! Тоа јужно под Гевгвелија и источно од Струмица е исто така Македонија, ама таа - окупираната! Амин!

No comments: