Sunday, January 13, 2013

ОД ГЕМИЏИИТЕ ДО ВЛАСТА ЗА ИМЕТО!

Пишува Тодор ПЕТРОВ

Европската Унија и НАТО-Алијансата не се достојни за промена на државното име Македонија!

Впрочем, ничиј мандат не е достоен за продажба на државното име Македонија! Било која власт нема овластување да разговара и договори промена на името Македонија! Македонија не смее да стане заложник на страста за власт и сласта за пари на елита која е подготвена да прифати промена на најсветото - државното име, името на народот и јазикот! Не постои оправдано алиби за тоа свесно самоубиство на нацијата! Флоскулите “заемно прифатливо решение и “разумен компромис“ за прашањето за името се глупост. За името едноставно не се разговара! Некои прашања не заслужуваат одговор!

И нека никој не заборава дека гемиџиите се дел од колективната меморија на Македонците! Нивниот паметник на кејот на Вардар во центарот на македонската метропола не е егзотика, туку поука како се брани и сака татковината, како се гине за слободата! Гемиџиите не се закана, туку свест на нацијата за опстанокот и иднината! Македонскиот народ и во многу полоши времиња и во поголема сиромаштија се борел за својата слобода и за своја држава Македонија! Таа слобода и држава денес никој нема право да ја продава и предава! Се плашам некому да не му летне главата поради името на државата!

Нека никој не заборава, дека ништо нема да го испере пред судот на народот, правдата и историјата: Промената на државното име Македонија значи злосторство против човештвото, геноцид врз македонскиот народ, флагрантно кршење на Уставот на државата Македонија и на меѓународното право, како и на Повелбата на Обединетите Нации и на Универзалната декларација за човекови права! Промената на државното име Македонија претставува велепредавство што не застарува! Промената на државното име Македонија значи амнестија и легализација на грчката окупација на македонската земја и на грчкиот геноцид врз македонскиот народ кој континуирано од Балканските војни (1912-1913) се врши до денес! Промената на државното име Македонија значи дестабилизација на државата и на Балканот во целина!

И нека не измислуваат формулации, инсталации, ново државно име за меѓународна употреба без промена на Уставот и книшка под мишка дека и со новото меѓународно име повторно ќе сме биле Македонци кои зборуваат македонски. Тие лаги не проаѓаат! Промената на државното име, меѓу другото, ни го одзема правото за грижа за Македонците во соседните земји на Републиката, промената на државното име ги множи со нула Македонците во Албанија, Бугарија, Грција и Србија, Македонците во светот надвор од татковината.

Македонците во целиот свет бараат итен и безусловен прекин на разговорите за промена на државното име Македонија и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената северна грчка и југо-западна бугарска провинција Македонија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик “Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и на македонскиот јазик, независно од историските хипотеки.

Не постои ништо помоќно, отколку идејата чие време е дојдено! 2013-та и припаѓа на Македонија! Зарем на 100 годишнината од поделбата и геноцидот треба името да го промениме?! Македонија не смее да стане заложник на американскиот и европскиот неоколонијализам. Која чест да им ја спасиме на САД и Европската Унија во односите со Македонија? Притисоците за промена на државното име не се чест, туку резил за правото и демократијата! Да не заборавиме, дека секоја Империја има почеток и крај. Американскиот империјализам и европскиот центризам се трајно минато свршено време. Светот ниту започнува ниту завршува во Брисел и Стразбур. Светот се развива мултиполарно. Македонија е во стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави или барем така мислиме, но тоа не ја менува вистината дека американската империја го достигна својот залез, а Европската Унија својата декаденција, со солидарноста со Атина за промена на името на една суверена нација и на една суверена држава. Во светот мора да владеат правилата на законот, еднаквоста, правдата и братството!

Доколку антимакедонизмот на Елада, грчкиот геноцид врз македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Хеленската Република за промена на државното име Македонија се вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина, Македонците го отфрлаат пристапувањето на државата Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО-Алијансата! Македонија покрај евро-атлантските, ги преферира и евро-азиските интеграции, движењето на неврзаните, Турција, Руската Федерација, Кина, Индија, Арапската Лига, Исламската Конференција. Од пријатели никогаш доста.

Ако не не’ сакаат како Македонци и Македонија, сите нека запаметат, дека на референдум ќе гласаме против пристапување на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО-Алијансата, нивната приказна во Македонија нема повеќе да проаѓа!

Да не мислиме што ќе биде ако не го смениме името, тие што тоа од нас го бараат нека размислуваат што ќе биде кога ќе го продолжиме членството во Обединетите Нации како Македонија! Ниту светот војна ќе ни објави, ниту ќе не изолираат. Агонијата во која е втурнато општеството со агресијата за промена на државното име, оваа година мора да ја прекинеме. Прашањето за државното име мораме да го затвориме правно во Обединетите Нации каде што апсурдот и почна. Ирелевантни се во таа постапка амбициите за сојуз со ЕУ и НАТО-Алијансата. Тие отпосле следуваат. Ниту прекинот на разговорите за државното име претставува суспензија на Привремената македонско-грчка согласност меѓу Македонија и Грција од 13 септември 1995 година.

Само да се присетиме, на 27 јуни 1992 година, Европскиот совет на Европската Заедница донесе Декларација за поранешна Југославија, што се однесува до признавањето на Република Македонија “со име кое нема да го вклучува терминот Македонија“. Собранието на Република Македонија на 3 јули 1992 година донесе Декларација за неприфатливост и отфрлање на овој дел од европската декларација. Европа не и’ објави војна на Македонија! Веднаш по тоа, на 29 јули 1992 година Собранието на Македонија донесе Одлука за стапување на Македонија во членство на Организацијата на Обединетите Нации, а на 11 септември 1992 година го донесе Законот за државното знаме, со кое шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа стана симбол на знамето на државата Македонија! Европа не и’ објави војна на Македонија! И во ЕУ има членки кои не’ признаваат како Република Македонија!

Цело време не убедуваа дека доколку Македонија не го смени името, Советот за безбедност на Обединетите Нации тоа место нас ќе го стори. Заборавија дека Обединетите Нации не определуваат имиња на држави, народи и јазици. Заборавија дека Обединетите Нации не се светска влада, туку меѓународна владина организација. Заборавија дека сме членка на Обединетите Нации со апликација под државното име Македонија. Заборавија дека во 1992 година тогашната македонска власт (Киро Глигоров и Бранко Црвенковски) се согласи времено да ни се обраќаат со “The former Yugoslav Republic of Macedonia“ само во системот на Обединетите Нации. Заборавија дека “The former Yugoslav Republic of Macedonia“ не е меѓународно име, туку времено обраќање во системот на Обединетите Нации, само за времето на разговорите за разликата за државното име со јужниот сосед Грција. Заборавија дека Македонија не разговара за договор за ново меѓународно име. Заборавија дека ниту Ниту Резолуцијата 817 од 7 април 1993 година на Советот за безбедност на Обединетите Нации, ниту Резолуцијата 47/225 на Генералното собрание на Обединетите Нации од 8 април 1993 година, ниту Резолуцијата 845 од 18 јуни 1993 година на Советот за безбедност на Обединетите Нации, ниту Привремената македонско-грчка согласност од 13 септември 1995 година, не прејудицираат ниту утврдуваат обврска за промена на државното име, освен разговор за разликата за државното име, која е очигледна и без епилог, затоа што за име не се разговара! Договор е и да не се договориме!

Да не заборавиме дека Стојан Андов на 8 јули 2011 година во колумна за неделникот ФОКУС анализирајќи ја оставката на Антонио Милошоски од министер за надворешни работи со обвинение за лажен патриотизам поради поднесената тужба против Грција во Меѓународниот суд на правдата во Хаг за кршење на обврските преземени од нејзина страна од членот 11 од Привремената македонско-грчка согласност од 13 септември 1995 година, на премиерот Никола Груевски му советуваше: “Покрај сите експерти за кои се даваат големи пари, а кои се нагажирани во спорот, по сите дипломатски канали на Македонија и’ се дава до знаење дека каква и да биде одлуката во Хаг, ќе ја влоши позицијата во спорот со Грција: односите ќе се заострат, а и последните пријатели кои сакаат да ни помогнат ќе ни свртат грб. Од меѓународната заедница до Груевски доаѓаат сигналите да ги искористи шеесетте дена што преостануваат додека уште има смисол да се реши спорот без да биде објавена судската одлука!“ За жал на Андов, Меѓународниот суд во Хаг на 5 декември 2011 година донесе Одлука по тужбата на Македонија против Грција. И покрај гатањата на сенилниот и потрошениот Андов, светот повторно не и’ објави војна на Македонија, светот повторно не и’ го сврте грбот на Македонија! Македонија не ги изгуби пријателите! Државите не се маалски другарчиња, се скарале за џамлии и повеќе не разговараат. Општествата се сложени динамички системи со безброј врски независно од власта во државите која е менлива и минлива.

И затоа, власта да не подлегне на притисоците за промена на државното име Македонија. Може некој американски државен службеник да мисли дека Груевски го брани името како алиби да не биде Македонија во НАТO. Ама, ако беше така, немаше најголемата амбасада на САД и база на ЦИА во регионот да добие одобрение за градење на Калето! Опасни се симулациите за смена на власта и нејзино рекомпонирање спротивно на слободната волја на граѓаните со цел промена на државното име Македонија. Никој да не помислува, ќе дојдат СДСМ па тие ќе го сменат името и ќе ги задоволат интересите на ЦИА!? Симулациите за дестабилизација на нацијата и регионот се многу многу опасна играчка за мали деца! Инсталации во власта може да го блокираат секое предупредување и објава во медиумите, ама вистината не може да ја скријат а одговорноста уште помалку кога ќе пукне балонот. И оваа игранка на СДСМ ќе заврши. Таа партија или ќе се реформира или нема да ја има и од тоа нема светот да престане да диши. Партиите се формираат и се расформираат. Ја биле, та не биле. Други се раѓаат. Бранко нема лиценца на социјалдемократијата, која со СДСМ пак врска нема. Не умира демократијата во Македонија без Бранко и СДСМ ... И Киро е во Бутел, па Македонија повторно оди напред!

Да веруваме дека партиите нема да заборават, моќта и власта ја црпат од македонскиот народ и граѓаните против промената на државното име Македонија! Македонците отфрлаат власт и партии што заговараат промена на државното име Македонија. Ништо не е посвето од Македонија и ништо не е залудно за одбраната на името и достоинството на татковината! Македонија вечна!

No comments: