Tuesday, December 18, 2012

Во битката против Македонија, не си ги важат ниту сопствените потписи

Едвај ли некој во земјава е изненаден од тоа што нашиот јужен сосед, наместо сите расположливи сили да ги насочи кон решавање на своите економски проблеми, одлучи повторно да ја блокира Македонија и да не дозволи добивање датум за започнување на преговорите со Европската Унија. Со ова официјална Атина уште еден пат свесно одлучи да не го почитува меѓународното право и бесрамно да ја прекрши Времената спогодба која што ја потпиша во 1995 година. Во член 11 од истата, јасно стои дека Грција се согласува да не приговара на апликацијата или на членството на Македонија во меѓународни, мултилатерални и регионални организации и институции. Нелегалноста на грчките попречувања, во декември минатата година, беше потврдена и од Меѓународниот суд во Хаг.

Во блокадата на Македонија овој пат Грција, за прв пат јавно, беше помогната и од Бугарија. Со ова официјална Софија, која што во последните неколку месеци инсистира на унапредување во меѓудржавен договор, на декларацијата на Македонија и Бугарија од февруари 1999 година, го прекрши духот на истата таа декларација. Во член 1, 2 и 3 од заедничката декларација е предвидено дека двете земји ќе соработуваат во меѓународните организации и дека ќе придонесуваат за стабилноста и соработката во регионот, како и во процесите за создавање на единствена Европа. Со блокадата која што Бугарија ни ја приреди, таа директно ги попречи процесите на создавање на единствена Европа, постапи недобрососедски и спротивно на предвиденото во заедничката декларација, како и спротивно на своите декларативни заложби за подобрување на односите со нашата земја.

Според најновите случувања од патот на Македонија во ЕУ, уште еднаш се потврди дека Грција, а сега веќе и Бугарија, кога се работи за наштетувањето на нашата земја не си го почитуваат ниту сопствениот потпис.

А.С. објавено во MKD-news.mk (15/12/2012 10:30)

No comments: