Wednesday, November 28, 2012

Означување на територии

Ви препорачувам да ја прочитате колумната на Дарко Јаневски „Албанска тетоважа на Македонија“, од 26 ноември 2012 година (Нова Македонија.) која го обработува феноменот на означување на територии од призма на случувањата поврзани со прославите во Република Македонија на стогодишнината од албанската независност. Еве ја главната поента:

„Оттука, албанското знаме, кое во исто време е и национално знаме на Албанците (а неговата употреба во РМ ја искомплицира онаа наша комедија од Уставен суд), но и знаме на Република Албанија, не мора, но и може да предизвика посериозни проблеми. Со него не сакаме да провоцираме, вели Али Ахмети. И тоа и не мора да е лажна изјава. Едно знаме, само по себе, не може да претставува провокација. Како што и оние простории за туширање во нацистичките логори, сами по себе, не значеле опасност. Тие стануваат проблем кога во нив ќе се внесат луѓе и кога низ отворите ќе се фрли отров. Така што, во случајов, не е проблем албанскиот орел на црвена подлога, туку начинот на кој Албанците ја отвораат својата прослава.

Не треба многу ум за да се сфати дека наспроти смирувачките тонови од нивните официјални политички лица, тие оваа пригода ја користат за да ја тетовираат, за да ја маркираат територијата што ја сметаат за своја, за албанска. Тоа за нив не е територија на Македонија на која, меѓу другите, живеат и Албанци, туку тоа е ексклузивно нивна територија на која во исто време е забодено копјето со симболот на сите Албанци, но и копјето со симболот на Република Албанија.“

Имено еден од главните проблеми, ако не и главниот, во целиов овој комплекс на проблеми и контроверзи поврзани со веењето на албанското знаме во Република Македонија, е тоа што знамето е во исто време и знаме на заедницата на етничките Албанци во Република Македонија и знаме на соседната држава Република Албанија. Поставувањето на тоа знаме на територијата на Република Македонија може да се сфати не само како израз на нечија етничка припадност туку и како окупација од страна на Република Албанија на територијата на која што е поставено. Ова второ сфаќање уште повеќе добива на сила имајќи предвид дека тоа знаме првенствено е знаме на Република Албанија, а дури потоа (меѓу другото и незаконски) на заедницата на етничките Албанци во Република Македонија. Со самото тоа, ова знаме како државен симбол првенствено на Република Албанија, претставува провокација и опасност од територијални претензии.

Меѓу другото и за да се избегне овој проблем, кој што е еден од главните извори на провокации во сиве овие настани со веењето на албанското знаме во Република Македонија, на овој блог, во статијата „Знаме на етничките Албанци од Македонија“ од 27 април 2012 година, беше предложено знамето на заедницата на етничките Албанци во Република Македонија, барем по малку да се разликува од она на Република Албанија.

Со тоа би се избегнал провоцирачкиот дел, дека поставувањето на знамето значи освојување на територија од друга држава, односно дека постојат територијални претензии. Усвојувањето на една ваква идеја со која знамето на заедницата на етничките Албанци во Република Македонија да биде различно од државното знаме на Република Албанија би била првенствено во корист на етничите Албанци од Република Македонија. Со тоа би се намалиле негативните реакции од страна на дел од етничките Македонци (и другите етноси кои живеат во Република Македонија) при веењето на ова знаме, а воедно и етничките Албанци кои што живеат во Република Македонија не би се лишиле со ништо од изразувањето на нивната етничка припадност.

No comments: