Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета неприфатлив за македонската интернет заедница.
Додека големите македонски медиуми за предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета молчат, македонската интернет заедница е сè погласна во изразувањето на својот револт. За дочекувањето на нож на деловите од предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои се однесуваат на комуникацијата преку Интернет тие наведуваат низа причини.
„Предлог законот во Македонија чие второ читање ќе биде на 9 октомври (вторник) оваа година, се заканува значително да го промени начинот на кој ќе блогираме и на кој ќе функционираат сите веб сајтови и интернет провајдери во Македонија. Ова значи дека нашите блогови и сајтови можат да бидат исклучени без судски кога некој се пожали, а тоа е значително уништување на огромен број сајтови и блогови кои во моментот слободно ги шират информациите. Тоа значи дека ни се забранува основното човеково право – слобода на говор. Зарем сакате да бидеме како источните полудемократски земји каде одредени зборови се забранети со закон?
Ова значи дека јас како сопственик на сајт и слободен блогер би требало да внимавам на секој збор кој може да биде толкуван како навреда, па дури и тој збор да се појавува во коментарите, а со тоа ќе мора да ги исклучам коментарите од инстантно прикажување и да ги модерирам 24 часа на ден. Па дури и покрај тоа постои можност сајтот и блогот да ми бидат исклучени без предупредување, само доколку некој се пожали.“ - пишува Даниел Краљевски на својот блог.
Иако во предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета не се споменуваат поимите „блогер“ и „блог“, македонските блогери ова не го оценуваат како позитивност туку токму во нивното изоставување и во нејасно дефинираните и добро разграничени поими, според нив, се крие опасноста за селективно толкување на одредбите од законот.
„Се противам на овој предлог-закон, меѓу другото затоа што не е јасно дефинирано што точно е опфатено со поимот провајдер на интернет-услуги. Ако некој на мојот блог напише некое тврдење за некого, а поради тоа што сум му дал за право да коментира, без притоа да можам неговите тврдења да ги проверам, доколу се установи дека човекот клеветел, и јас ризикувам да бидам казнет за тоа.. Другата опција ми е да му го избришам коментарот во рок од 24 часа и со тоа да ги цензурирам моите читатели и да им го ускратувам правото на искажување на мислењето. За тоа што ќе го пишувам во моите статии пак да не зборувам. Таму ќе треба секој збор многу внимателно да се бира. Бидејќи ако се стигне до суд, се знае после каква ќе биде работата.“ - вели блогерот Емрах Реџепи.
Делот на предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој што се однесува на комуникацијата преку Интернет, македонските блогери, меѓу другото, го оценуваат и како противуставен и истакнуваат дека со него им се ускратува можноста и законски загарантираното право за јавно искажување на сопственото мислење. И Центарот за развој на медиуми, во анализата на овој предлог-закон презентирана на 05.10.2012 меѓу другото, за предлог-законот, поточно за членот 23 укажаа дека „се вклопува во дефиниција на цензура, а цензурата е забранета со став 5 од член 16 од Уставот.“
„Сметам дека предлог законот не допоринесува кон развојот на слободата на говор и мисла. Особено според мене се спорни деловите каде се врши ограничување на начинот на комуницирање преку т.н. нови медиуми - блогерството како начин на изнесување на мислења и ставови претежно на младата македонска интелектуална заедница. Исто така не сметам дека овој закон ќе придонесе кон развој на културата на говор и комуницирање типичен за интернет заедницата.“ - вели Кирил Ефремовски, новинар и блогер.
Од фондацијата Метаморфозис се осврнуваат и на, со овој предлог-закон, нарушувањето на презумпцијата на невиност. Имено во член 11 од предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета се предвидува дека провајдерот на интернет услуги нема да одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов самиот да докаже дека не бил свесен за навредливиот или клеветнички материјал објавен на порталот или да докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата.
„Со оглед на тоа што секој провајдер на интернет-услуги, односно администратор на веб-сајт, има технички можности за контрола на сите содржини (во крајна линија форма на контрола е бришење односно отстранување на сајтот од веб) спротивно на принципот за презумпција на невиност, со овој член сопствениците се ставаат во ситуација да мора да ја докажуваат дека биле невини, наместо оној кој ги тужи да треба да понуди докази за нивната вина односно зла намера.“ - порачуваат од Метаморфозис, фондација за интернет и општество.
Блогерите истакнуваат и дека со предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета наместо создавање на благопријатна клима за навремено и точно информирање крие опасност за создавање на медиумски мрак.
„Законот не се носи затоа што власта (политичка, финансиска, новинарска итн.) не може да ги казни тие што ја критикуваат, туку затоа што и е прекомплицирано и преспоро. А и зошто да му ја мисли толку, кога може да ги присили сопствениците (авторите) на блогови и провајдерите? Во такво опшество живееме: секој обвинет е виновен се додека не го докаже спротивното. Тоа е и разликата од „претходниот“ систем каде што комшијата те кодошел па власта те казнувала, а во „денешниот“ власта е единствената што (ќе) смее да те кодоши па комшиите (провајдерите и сопствениците на блогови) да те казнуваат.“ - вели Горан Пеоски.
Факт е дека треба да постои регулатива за проблематиката со навредите и клеветите на интернет, но се чини дека оваа која што е на пат да се усвои, барем од оние кои што се најактивни корисници на интернетот е оценета како далеку од идеална.
„Целиот процес на декриминализирање на клеветата и навредата, а со тоа и обидите да се регулира граѓанската одговорност во овој домен е проблематичен. Очигледно е дека власта сака да воспостави, односно предизвика уште поголема автоцензура кај луѓето кои сакаат јавно да го искажат своето мислење, односно професија им е да ја информираат јавноста. Притоа, се внимава истото да се прикаже како демократизација во овој домен и тоа досега успешно се прави од страна на власта, додека засегнатите изгледа немаат доволно капацитети да се спротивстават на тоа.
Што се однесува до ставот на Цивил, овој процес треба во потполност да се напушти и да се започне сосема нов во кој ќе бидат вклучени повеќе актери, особено оние што ќе бидат доволно мудри и храбри да ја истераат работата докрај во полза на слободата на говорот и потполно почитување на човековите права и слободи.“ - изјави Џабир Дерала, блогер и претседател на Цивил.
И додека написите на револтираните македонски Интернет корисници се множат, од Skopjehacklab ги охрабруваат граѓаните да ги пратат своите забелешки во врска со предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета до собранието и да апелираат за време на второто читање на предлог-законот, македонскиот интернет простор во знак на протест целосно да биде затемнет.
„Приклучете ја Вашата страна во акцијата за затемнување на македонскиот Интернет со додавање на едноставната скрипта. Второто читање на законот е во вторник на 09.10.2012 година, поставете го кодот на Вашата страна во 00.00 часот истиот ден и оставете го барем 24 часа.“ - пишува на страната Skopjehacklab.
А.С. Think.mk; Глобус
А.С. Think.mk; Глобус
No comments:
Post a Comment