Интервју со Шенол Мемиш, новинар и фоторепортер со 20 годишно искуство во повеќе македонски печатени и електронски медиуми, и основач и претседател на Македонско-турското здружение “Мустафа Кемал Ататурк“ - Битола.
1. Од кога постои Македонско-турското здружение “Мустафа Кемал Ататурк“ и како дојдовте на идеја за негово основање?
2. Кои се активностите кои ги презема здружението?
3. Освен турското знаме, редовно го истакнувате и знамето на Република Македонија. Впрочем тоа може да се види и на логото на вашето здружение. Каков е вашиот став за палењето и сквернавењето на македонското знаме од одредени наши сограѓани?
4. Како го оценувате степенот на права кои во Македонија ги имаат Турците?
5. Имајќи ја предвид историјата на регионов од пред неколку векови не е ли чудно што денес Македонија и Турција имаат одлични политички и економски односи?
6. Сепак во која насока гледате можност за продлабочување на македонско-турската соработка?
7. Ви доаѓаат ли често гости од Турција и какви се нивните импресии од престојот во нашата земја?
8. Во последниве години поголем број на Турци го продолжија своето образование на македонските универзитети. На што се должи тоа?
9. Се чини дека таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, кој што се школувал во Битола, е личноста која во голема мера допринесува за блискоста меѓу Македонија и Туција. За разлика од ова, пак, Александар III Македонски поради тврдењето на право на ексклузивитет од нашите јужни соседи претствува само пречка во релацијата Македонија - Грција.
10. Постои ли соработка меѓу вашето здружение и здруженијата на Македонците во Турција?
11. Неодамна организиравте и курсеви за турски јазик. Колкав е интересот на македонските граѓани за негово изучување?
12. Какви ви се плановите за во иднина?
13. Некаква порака за крај?
А.С. објавено и на Македонска Нација
1. Од кога постои Македонско-турското здружение “Мустафа Кемал Ататурк“ и како дојдовте на идеја за негово основање?
Здружението е формирано на почетокот од 2007 година со седиште во Битола, и со два огранока - во Скопје и Прилеп. На почетокот од 90-тите години од минатиот век, во Битола функционираше слично здружение, кое од за мене непознати причини, пред неколку години, целосно згасна.
Како град во кој живеат околу 2000 Турци, град кој изобилува со споменици од Османлискиот период (иако дел од нив се во лоша состојба), и пред сè град во кој дел од своето образование го стекнал Мустафа Кемал Ататурк, формирањето на ова здружение се наметна како неопходно.
Петгодишното наше функционирање, конечно вроди со плод. Оваа година, се стекнавме со две признанија, “Најуспешно здружение за 2011“ доделена од ТВ “Тера“ и “Битолски весник“ и со диплома “Најдобри промотори на Р. Македонија во светот во 2011 година“.
2. Кои се активностите кои ги презема здружението?
Овие 5 години, навистина имавме многу активности, но ќе се обидам да ги набројам позначајните:
- Монографија за Битола на македонски, турски и англиски јазик, промовирана во Р. Турција, во Битола, и на Саемот на книгата во Скопје.
- Курсеви по турски јазик.
- Изложби на македонски уметници во Р.Турција и обратно.
- Соорганизатори на манифестацијата “Балкански културни средби“.
- Хуманитарни акции.
- Радио емисии.
- Едукативни брошури на повеќе јазици.
- Бизнис средби на македонски и турски стопанственици и др.
Амбасадата на Р. Турција во Скопје, Амбасадата на Р. Македонија во Анкара, Општина Битола, Општина Новаци, Министерството за култура на Р. Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Фондацијата “ТИКА“, се нашите партнери и поддржувачи овие 5 години, без чија помош здружението немаше да ги постигне овие резултати.
Искрено се надевам, дека во иднина, оваа листа повеќекратно ќе се зголеми. Исто така, благодарни сме им на сите медиуми од Р. Македонија и Р. Турција кои ја следат нашата работа и навремено ја информираат јавноста за нашите активности.
Како новинар, знам што значи добрата медиумска покриеност и во таа насока нашата канцеларија во Битола е секогаш отворена за “седмата сила“.
3. Освен турското знаме, редовно го истакнувате и знамето на Република Македонија. Впрочем тоа може да се види и на логото на вашето здружение. Каков е вашиот став за палењето и сквернавењето на македонското знаме од одредени наши сограѓани?
Само луд човек може да пали знаме на држава во која е роден или живее!
4. Како го оценувате степенот на права кои во Македонија ги имаат Турците?
Во Р. Македонија, Турците се организирани во неколку политички партии и повеќе невладини организации преку кои ги остваруваат своите права. Во Собранието, редовно има пратеници од турска националност, а во сите досегашни влади, без разлика која партија е на власт, најмалку по еден министер е Турчин. Во Уставот на Р. Македонија, Турците се споменати како рамноправни граѓани на оваа држава. Турскиот јазик е службен во општините каде има повеќе од 20% Турци.
Проблеми има во образованието на турски јазик, недостигаат учебници и учениците во некои училишта се приморени да учат на примитивен начин. Исто така, во области населени со Јуручко турско население во Источна Македонија, има недостиг од амбуланти, селски водоводи и канализација, локални патишта. Но, тоа се проблеми на кои се работи и јас се надевам, дека и тие ќе бидат надминати за одреден временски период.
Исто така, дел од политичките партии на Турците во Р. Македонија, не ги признаваа пописните резулати од последниот попис на населението од 2002-ра година, тврдејќи дека во Р. Македонија живеат повеќе Турци. За жал, последниот попис беше прекинат, па така не можевме да видиме, дали на ова пребројување ќе нè има повеќе или помалку.
5. Имајќи ја предвид историјата на регионов од пред неколку векови не е ли чудно што денес Македонија и Турција имаат одлични политички и економски односи?
Многу држави, кои во минатото војувале, денеска се сојузници. Р. Македонија била дел од големата Отоманска Империја, а по повлекувањето на турските војски од Балканот, тука останале да живеат неколку милиони Турци, поделени во неколку држави. Турците кои живеат во Р. Македонија, денеска се мостот на зближување на овие две држави. За жал, за време на минатиот систем, стотици илјади Турци ја напуштиле Р. Македонија и другите балкански држави и се отселиле во Р. Турција.
По осамостојувањето, Р. Турција ја призна Р. Македонија без никакво условување и ни стави дознаење дека ќе ни помага на секој можен начин.
На економски план, до пред неколку години, не можевме да се пофалиме со некоја голема соработка и милионски вложувања. Но, денеска, две децении по осамостојувањето, Владата на Никола Груевски успеа да привлече најмногу инвестиции од Р. Турција, со кои, реално, се обезбеди економски раст и нови вработувања. “ТАВ“, “Халк Банка“, “Џеваир холдинг“, претходно “Рамстор“ и “Зираат банка“, и стотици помалку познати корпорации веќе се во Р. Македонија.
Македонија доби најсовремен и најубав аеродром на Балканот, во Скопје ќе никнат облакодери, во Економската зона “Жабени“, близу Битола, турската градежна фирма “Пера констракшн“ ја гради фабриката за автоделови на германскиот гигант “Кромберг и Шуберт“, се отвори колеџот “Кемал Јахја“, “Балкан Универзитет“...
Според Амбасадорот на Р. Македонија во Анкара, Горан Тасковски, главна цел на двете држави е, досегашната економска соработка која во пари изнесува нешто повеќе од 400 милиони евра, да достигне една милијарда во наредните неколку години.
6. Сепак во која насока гледате можност за продлабочување на македонско-турската соработка?
Р. Турција е наш стратешки партнер и нашата држава треба да се стреми да ги продлабочува односите во сите полиња, затоа што ние ќе имаме поголем бенифит од таа соработка како помали и посиромашни.
7. Ви доаѓаат ли често гости од Турција и какви се нивните импресии од престојот во нашата земја?
Битола е “под опсада“ од турски туристи. Нема ден, два-три автобуси со туристи да не го посетат градот во кој учел Мустафа Кемал Ататурк. Исто така, во Битола, се организираат и семинари, бизнис средби на македонски и турски стопанственици, посети на професори од турски универзитети со кои соработува битолскиот универзитет...
Воодушевени се од старите градби, Хераклеа, Широк Сокак, Старата чаршија, музејот. Во Битола има што да се види!
8. Во последниве години поголем број на Турци го продолжија своето образование на македонските универзитети. На што се должи тоа?
На прво место на цените на школување во Р. Македонија, кои се повеќекратно пониски отколку во Р. Турција и како второ, таму, уписите на факултет се ноќна мора за средношколците, затоа што за разлика од кај нас, само најдобрите ученици, после неколку тестирања, можат да ги започнат студиите на некој од универзитетите.
9. Се чини дека таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, кој што се школувал во Битола, е личноста која во голема мера допринесува за блискоста меѓу Македонија и Туција. За разлика од ова, пак, Александар III Македонски поради тврдењето на право на ексклузивитет од нашите јужни соседи претствува само пречка во релацијата Македонија - Грција.
Интересно е да се напомене дека Мустафа Кемал Ататурк ги поврзува Р. Турција, Р. Македонија и Р. Грција, затоа што, неговиот татко е од с. Коџаџик, Центар Жупа, мајка му е од Солун, каде е и роден, се школувал во Битола, а станал прв претседател на модерната турска држава. Трите држави се горди со овој факт - во Солун, родната куќа на Ататурк е претворена во Спомен куќа, во Битола, во зградата во која учел, е сместена првата Спомен соба на Балканот, а во с. Коџаџик, оваа година, започна да се гради Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк, чија градба ја финансираат Р. Македонија и Р. Турција.
Од трите држави, ниту една не бара право на ексклузивитет на неговото име и дело, напротив, Турците од регионот се горди на овој човек и на неговото балканско потекло. Во целиот свет, се ценат неговите дела, неговите реформи со кои од заостаната феудална Турција создаде модерна држава, која денеска преставува економска и воена сила, со околу 80 милиони жители. Нашето здружение, со гордост го носи неговото име, и кога при нашите посети во Р.Турција се преставуваме кои сме и од каде доаѓаме, секогаш на нас гледаат со симпатии.
За Р. Турција, ние сме Македонија и за нив е нејасно барањето на Р. Грција за промена на нашето име. Турците нè поддржуваат за прием во НАТО без условување, а што се однесува до ЕУ, двете држави се заедно во чекалната подолг период.
10. Постои ли соработка меѓу вашето здружение и здруженијата на Македонците во Турција?
Ние сме збратимени со Турско-македонското здружение од Анкара, и со нивна помош, минатата година организиравме изложба на слики на еден наш член во турската престолнина. Исто така, нивна делегација, секоја година учествува речиси на сите поголеми и позначајни активности кои се организираат од наша страна во Р. Македонија.
При промоцијата на првата монографија за Битола на македонски, турски и англиски јазик во градот Ајдин, остваривме контакти со повеќе здруженија од Егејска Турција, регион во кој се претпоставува дека живеат повеќе од еден милион турски иселеници од Р. Македонија и нивни потомци.
11. Неодамна организиравте и курсеви за турски јазик. Колкав е интересот на македонските граѓани за негово изучување?
Нашето здружение, изминативе три години, организираше курсеви во Скопје и Битола, а од септември, ќе почне и курс по турски јазик во Прилеп. Интересот е голем, посебно очекуваме голем интерес за курсот во Прилеп, затоа што, според моите сознанија, до сега таму не е одржан курс по турски јазик.
Партнер и поддржувач на овие активности е Фондацијата “ТИКА“, која има седиште и во Скопје, Р. Македонија.
12. Какви ви се плановите за во иднина?
Работа и само работа. Промоција на Р. Македонија во Р. Турција и обратно, продлабочување на и така добрите односи на сите полиња, проекти за поттикнување на соживотот во Р. Македонија, изложби, концерти, промоции...
13. Некаква порака за крај?
Македонија е сè што имаме. На ова парче земја, живеат различни народи, зборуваат различен јазик, живеат со различни традиции, но сите сме од крв и месо. Поделбите по било каква основа се контрапродуктивни и водат само до осиромашување на населението и етнички конфликти.
Не е многу далеку 2001 година, кога во т.н борба за човекови права, загинаа стотина млади лица од повеќе националности. Не смееме да дозволиме тоа никогаш да се повтори. Сакаме да живееме во Европска Македонија, мултикултурна, мултиетничка, која ќе биде достојно место за живеење на сите кои сме се родиле тука.
А.С. објавено и на Македонска Нација
No comments:
Post a Comment