Monday, March 19, 2012

Време е Австралија да каже Македонија

I, Macedonian продолжува со иницијативата за признавање на Македонија од страна на официјална Австралија под уставното име. Писмо испратено до Конзулатот на Австралија во Македонија и Амбасадата на Австралија во Белград (за Србија, Македонија, Романија и Црна Гора) со барање - признавање на Македонија под нејзиното вистинско, историско и уставно име - Македонија:


Почитуван Господине/Госпоѓо,

Од воспоставувањето на официјални дипломатски односи на 20.10.1995 година па сè до денес, Австралија неправедно ја ословува мојата татковина МАКЕДОНИЈА со вештачката привремена референца, наместо со нејзиното вистинско, историско и уставно име.

Ваквата негаторска надворешна политика на Австралија, кон МАКЕДОНИЈА, од почетокот на деведесетите години на минатиот век, не е резултат на историските факти и правичноста, туку на моќните австралиско - грчки лоби групи кои се негативно настроено кон сè што е македонско.

Иако причините за ваквата наметната надворешна политика на Австралија кон МАКЕДОНИЈА се јавна тајна, тие и официјално беа потврдени од своевремено големиот поборник за именување на МАКЕДОНИЈА со привремената референца, министерот за надворешни работи на Австралија - Гарет Еванс. Во функција на Претседател на Меѓународната кризна група, за време на посетета на МАКЕДОНИЈА, на 15. октомври 2006 година, тој изјави (Извор: Утрински Весник, 16. октомври 2006):

„Спорот (за името на Македонија) e бизарен и неодржлив. Изразувам надеж дека некоја од европските држави ќе собере храброст да го стори тоа што го направија САД.“

Она што го сторија САД беше признавањето на МАКЕДОНИЈА под нејзиното вистинско, историско и уставно име, па надежта на Еванс е истото да го направи и некоја европска држава. Всушност ние изразуваме надеж дека конечно Австралија ќе собере сили и храброст да и погледне на вистината в очи и да ја признае МАКЕДОНИЈА под нејзиното вистинско, историско и уставно име.

Над 130 земји во светот, вклучително и Канада, Бразил, Русија, Индија, Кина... Ја признаваат МАКЕДОНИЈА под нејзиното вистинско, историско и уставно име.

Негирањето на името МАКЕДОНИЈА е историски неоправдано, а особено кога е во прашање Австралија. Австралиското општество и пред МАКЕДОНИЈА да се оддели од југословенската федерација и пред да стане независна држава, во продолжение на децении ја има ословувано МАКЕДОНИЈА со нејзиното природно историско име – МАКЕДОНИЈА* Официална Австралија треба да ја следи таквата практика и да ја признае МАКЕДОНИЈА како МАКЕДОНИЈА без вештачки измислени придавки и додавки.

Негирањето на името на МАКЕДОНИЈА од страна на официјална Австралија треба еднаш засекогаш да престане, а истото и во моментов е во функција само поради инерција. И самиот креатор на ваквата австралиска надворешна политика, министерот за надворешни работи на Австралија Гарет Еванс, веќе одамна не ја именува МАКЕДОНИЈА со вештачката привремена референца туку со нејзиното вистинско, историско и уставно име - МАКЕДОНИЈА, што го покажа во повеќе наврати.

Австралија како земја која високо ги цени човековите права и слободи треба конечно да стави крај на нејзината наметната негаторска политика кон македонското име, која силно ги засега и навредува сите Македонци ширум светот. Демократско и неоспориво е правото на секоја една нација да избере име за својата земја. Австралија како и секоја друга земја во светот треба и мора да го почитува гласот на македонскиот народ кој што својата татковина со векови ја нарекувал со името МАКЕДОНИЈА. Зарем основните човекови права важат за сите, освен за нас Македонците?

И формално правно името МАКЕДОНИЈА (Република МАКЕДОНИЈА) слободно и демократски беше избрано за официјално име на земјата од страна на нејзините граѓани на референдумот за независност од 8. септември 1991 година. Но и децении пред тоа, во време кога земјата е во рамки на југословенската федерација таа формално правно го носи името Н.Р. МАКЕДОНИЈА (од 1946) и С.Р МАКЕДОНИЈА (од 1963 година).

Време е Австралија да престане да биде заложник на грчката националистичка политика кон МАКЕДОНИЈА и да престане да ја ословува оваа мирољубива европска земја со вештачки накалемен назив. Време е Австралија да ја подржи вистината и да ја признае МАКЕДОНИЈА под нејзиното вистинско историско и уставно име.

Почитуван Господине/Госпоѓо застанете на страната на вистината и помогнете неправдата кон МАКЕДОНИЈА и македонското име да се исправи. Токму сега е вистинскиот момент Австралија да го направи вистинскиот потег и јасно и гласно да каже – МАКЕДОНИЈА!

*Ваквата практика на австралиското општество е константно непроменета во текот на децении, за што ви го приложуваме следниот доказен материјал, чија веродостојност лесно можете да ја проверитe - врска

[ова писмо (А.С. лектура: Дукадин), беше испратено до Конзулатот на Австралија во Македонија и Амбасадата на Австралија во Белград (за Србија, Македонија, Романија и Црна Гора).
austcon@mt.net.mk

belgrade.embassy@dfat.gov.au


Помогнете и вие со тоа што ќе го пратите писмото на посочените адреси.

Доказниот материјал не беше испратен во форма на врска/линк како што е прикажано погоре, туку исто така како текст]

No comments: