Tuesday, May 24, 2011

Анализа: партиите за наметнатиот спор со името

Анализа за тоа што може да се очекувува од партиите во врска со името и спорот со Грција доколу од граѓаните го добијат мандатот да формираат Влада.

Во рамките на анализата беа пратени повеќе пораки до официјалните партиски електронски адреси на повеќето партии и до официјалните електронски адреси кои дел од партиите ги имаа посочено за праќање на прашања.

Прашањето до сите нив гласеше:

„Дали и зошто вашата партија би била најдобар избор, споредено со конкурентските партии, за гласачите чиј што примарен интерес е непроменливост на името Република Македонија?“

Еве што дел од партиите на коишто им беше поставено прашањето одговорија, како и што тоа стои во нивната програма во врска со името на Република Македонија и наметнатиот спор од страна на Грција:

1. СДСМ

СДСМ нивниот одговор на нашето прашање го пратија, по околу 6 часа преку Twitter. Поради ограниченоста на буквите во пораките на платформата, одговорот им е толку краток.

„Затоа што Владата на СДСМ обезбеди кандидатски статус за Македонија без да биде поставено прашањето за името“

Одговор пак преку е-пошта не добивме иако уредно беа контактирани и на тој начин.

Во нивната програма во врска со наметнатиот спор од Грција стои:

„За прашањата од највисок национален интерес не е можно да се разговара без претходен консензус на сите релевантни политички субјекти.

Новата Влада е подготвена да трага и да изнајде компромисно решение за надминување на проблемот со Грција. Новата Влада по ова прашање ќе вложи силни напори да обезбеди консензус помеѓу сите релевантни политички субјекти. Новата Влада прашањето за надминување на наметнатиот спор со Грција ќе го консултира со граѓаните преку референдум.

Идентитетските прашања не можат и нема да бидат предмет на какви било преговори."

2. ВМРО-ДПМНЕ

Иако пративме порака до нивната официјална партиска е-пошта со барање за одговор на прашањето и иако пративме порака и преку контактната форма „Отворено со ВМРО-ДПМНЕ“, тие не одговорија. Пративме порака и до адресата посочена за упатување на прашања до премиерот на кој ашто стои дека на секое прашање ќе биде одговорено најмногу до 48 часа, но сепак не добивме одговор!

Во нивната програма во врска со името и наметнатиот спор со името пишува:

„Во однос на политичкиот спор кој го наметна Грција за уставното име на нашата земја, Република Македонија е упатена на изнаоѓање на достоинствен компромис, во рамките на разговорите што се водат под покровителство на Обединетите нации. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот политички дијалог, врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи.

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик.

ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари поединци, влада или собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение.

ВМРО-ДПМНЕ, и покрај ваквите наметнати препреки, останува силно посветена на процесот на интеграција во семејството во кое припаѓа политички, културно и економски. Членството во ЕУ и НАТО ќе значи додадена вредносткако за нашата, така и за регионалната стабилност, политичко заедништво и економски развој.“

3. Демократска Десница

Демократска Десница одговорија на нашето прашање за околу 12 часа, преку е-пошта:

„Ние како Демократска Десница не сме за промена на името на Република Македонија но се залагаме за членство во Европската унија и решавање на проблемот. Следете на на нашата веб страна демократскадесница.орг или на фан страната на нашиот претседател господинот Филип Петровски“

Добивме и опширен одговор од М-р Елизабета Ристовска Петровска, носител на листа на кандидати за пратеници на Изборна единица 3, со приближно исти ставови кој што сепак нема да го објавиме.

Во програмата на Демократска Десница во врска со наметнатиот спор со името од страна на Грција стои:

„Партијата се залага за постигнување на хармонизирана национална позиција со сите политички партии за проблемот со името. Мораме да одбегнеме поларизиран политички свет кој само ги намалува нашите можности за членство во НАТО и ЕУ.

Пристапувањето кон преговори за проблемот со името, може да има успех само доколку сме единствени и обединети, со јасно хармонизирна национална позиција за националните интереси на Република Македонија.

Демократска Десница смета дека треба да продолжат преговорите за името под покровителство на ОН. Избегнувањето на дневните провокации од страна на Република Грција, воспоставувањето на добрососедски односи со неа, понатамошен развој на деловните односи и бизнис релации се насоките во кои треба да се движиме.“

4. Либерално Демократска Партија

Оваа партија не ја контактиравме од проста причина што немаат оставено електронска адреса или друга контакт форма со која би можеле да ги контактираме преку Интернет.

Во нивната програма во врска со наметнатиот спор за името од страна на Грција стои:

„Надминување на клучната пречка за нашето европско и евроатланско интегрирање

ЛДП, континуирано и упорно, од Букурешткиот самит наваму, се залага за неодложно градење на консолидирана државна позиција преку процес на хармонизација на позициите на релевантните политички чинители во земјата. Без постоење на таква усогласена и што е можно пошироко потврдена позиција, шансите на нашата земја за поволен исход од разговорите се речиси никакви. Одговорноста за отсуство на каква и да е иницијатива и лидерство во таа насока паѓа исклучиво на актуелните носители на највисоките државни функции - претседателот на државата и премиерот.

ЛДП се залага процесот да продолжи да се одвива исклучиво во веќе зададените рамки со Резолуцијата 817 и 845 на ООН. Изместувањето на овој процес од овие рамки, може само неповолно да се одрази на македонските интереси. Оттаму, и засилените директни контакти на премиерско ниво не можат и не смеат да го супституираат и дисторзираат процесот.

Рамката на ООН е најповолниот можен контекст за заштита на нашите клучни државни и национални интереси, бидејќи таму двете страни се и целосно формално рамноправни.

ЛДП јасно укажува дека решението што евентуално ќе се постигне не смее да излегува од прецизно дефинираниот предмет на договорите поставен во Резолуцијата 817. Оттаму, прашањата врзани за македонскиот етнички идентитет и македонскиот јазик, на ниту еден начин не можат да бидат третирани во решението што евентуално ќе се постигне.

ЛДП јасно укажува дека решението што евентуално ќе се постигне, на ниту еден начин не може да го допира неспорното право на самоидентификација, како основна манифестација на правото на самоопределување.

ЛДП јасно укажува дека Уставот на РМ не треба повторно да биде предмет на измени во контекст на ова прашање.

ЛДП се залага решението што евентуално ќе се постигне низ процесот во ООН да се даде на референдумска потврда на граѓаните. Така потврденото решение ќе гарантира негова одржливост.“

Останатите партии коишто не нè удостоија со одговор, а на кои што им беше пратено прашањето се: ВМРО-НП, Либерална Партија, НСДП, Социјалдемократска Унија...

Некои партии како Достоинство и Обединети за Македонија сè уште немаат Интернет сајт па тоа беше причината поради која не најдовме ниту што нудат во програмата, а не најдовме ниту нивна е-пошта за да ги прашаме каков е нивниот став околу името и наметнатиот спор од страна на Грција.

Од ова можеме да заклучиме дека транспарентноста по ова важно државно прашање и Интернет комуникацијата со нивните потенцијални гласачи за повеќето од партиите не е на ниво на кое што би требало да е.

No comments: