Thursday, May 12, 2011

Протестно писмо до Претседателот

Протестно писмо до Претседателот - врска

Почитуван Претседателе на Република Македонија

Во врска со Вашата неодамнешна изјава дека вреди да се размисли за прифаќање на предлогот за преименувањето на "Република Македонија" во "Република Македонија (Скопје)" и дека граѓаните треба да се убедат дека со тоа ново име нема да се загрози нивниот национален иденитет. (Курир)

Сакаме да Ви укажеме дека Вие не сте на позицијата Претседател на Република Македонија за да не убедувате нас граѓаните што е добро, а што не е добро за нас. Вистинската демократија бара Вие да го слушате и почитувате гласот на нас граѓаните, а не да ни наметнувате решенија. Вие сте на позицијата Претседател затоа што ние граѓаните сме Ве поставиле таму, а верувајки Ви на зборовите дека ќе се залагате за непроменливост на уставното и вистинско име на нашата татковина. Немојте да не разочарувате и да отстапувате од Вашите предизборни ветувања.

Би сакале уште сега да го искажеме нашето несогласување со Вашето тврдење дека за името "Република Македонија (Скопје)" вреди да се размисли и сметаме дека со ова име и те како се загрозува идентитетот на Македонија и на Македонците.

Загрижени сме дека со ова евентуално преименување комбинирано со агресивната грчка пропагандна машинерија, по не многу долго време има реална опасност нашата земја да добие и второ преименување во "РМ (Скопје)", а подоцна и само во "Скопје". Со ова ќе се оствари грчкиот план за целосно бришење на терминот "Македонија" од името на нашата татковина.

Доколку ние не можеме да си го задржиме постојното уставно име, бидете сигурни дека нема да можеме да ја спречиме и таа трансформација на името "Република Македонија (Скопје)" во "Скопје". За тоа може да посведочи и кратењето на привремената референца "Бивша југословенска Република Македонија" во "ФИРОМ"

Би сакале да Ви ставиме до знаење дека дури и доколку преименувањето се однесува само на привремената референца тоа сепак ќе е на наша штета имајќи предвид дека привремената референца е привремена, не е име туку референца и поголем дел од светот знае дека ни е наметната. "Република Македонија (Скопје)" ќе остане трајно меѓународно име за нашата земја од кое никогаш нема да може да избегаме. За разлика од сега кога борбата сеуште трае и сеуште има реална можност да си го зачуваме нашето уставно и вистинско име, тогаш битката ќе е целосно изгубена. За разлика од сега кога над 120 земји во светот не признаваат под нашето уставно и вистинско име, тогаш сите земји во светот до една ќе ни се обраќаат со тоа ново, трајно меѓународно име "Република Македонија (Скопје)".

Имајки предвид дека од ова сложено ново име не може да се извлече придавка, во најдобар случај Македонците ќе станат "граѓани на Република Македонија (Скопје)", а јазикот неминовно од македонски ќе се претвори во "јазик на Република Македонија (Скопје)"

Покажете знаење и умешност за да ја излечете нашата татковина од овој наметнат проблем со името, но не со замена на еден проблем со нов проблем. Не би сакале политиката за решавање на проблемот којшто Грците го имаат со името на нашата земја да ја водите во насока на замена не една неправда со нова неправда.

Сметаме дека веќе знаете и дека нема потреба да Ви објаснуваме дека планот на Грција во врска со нивниот проблем со името на нашата татковина не е името само по себе, а е далеку подлабок, покомплексен и цели целосен етноцид на сè што е македонско.

Имајки предид дека прашањето за името е мошне чувствително прашање коешто задира во сржта на секој Македонец би сакале да Ве замолиме да биде порезервиран во Вашите изјавите и да престанете да споменувате било какви предлози за промена на името на нашата татковина Република Македонија. Кога еднаш ќе се почне да се лицитира со нови прифатливи имиња тоа значи дека сме капитулирале и дека сме се согласиле со промена на името. Сето тоа ги руши нашите позиции за проговори за зачувување на нашето вистинско и уставно име.

Со почит граѓанин на Република Македонија којшто не сака да стане граѓанин на Република Македонија (Скопје)

No comments: