Saturday, April 23, 2011

Изгубени пари

Пред две години неочекувано ми се собраа неколу големи сметки, а кога мора да се плати единственото решение ми беше да ги ставам парите в џеб и да тргнам кон местото на злосторот. Стигнав навреме, но ко за беља ме вратија за друг ден. Случајно одејки назад кон дома забележав дека парите ми ги нема.

Решив дека сум ги изгубил.

Немаше што да правам, целиот депресиран тргнав кон блискиот парк за да го убивам денот. Шетајки се безцелно, до една телефонска кабина во паркот наидов на изгубен паричник. Паричникот го виде уште еден случаен минувач. Иако не ме познаваше ми пријде и ми рече заедно да го подигнеме и доколку внатре има пари и легитимација заедно да го вратиме на неговиот сопственик. Се согласив.

Го подигнавме паричникот од земјата полни со очекување. Кога го отворивме видовме дека е празен. Немаше ни скршен денар. И двајцата се изнасмеавме и се поздравивме.

Изгубив пари, ама некако ми се врати довербата кај луѓето.

Не ми се враќаше дома. Отидов на гости кај едни пријатели за да се пожалам, мислев така ќе ми помине тагата. Им раскажав за двојната иронија којашто ми се случила: да изгубам пари, да најдам паричник, а тој да биде празен. Наместо сочувство ми се изнасмеаа на глас.

Стигнав дома, превртев сè и не ги најдов парите.

Си легнав да спијам, ама не можев. Станав и уште еднаш превртев сè ама пак не ги најдов.

Повторно легнав. Размислував дали доколку никој не ме видеше и доколку паричникот што го видов не беше празен ќе ги земев парите и немаше да ги вратам на сопственикот. Веројатно така би било справедливо. Веројатно тоа би му дошло како компензација за парите што ги изгубив. Некој ги нашол моите пари и ги задржал, зошто јас да не ги задржам тие што сум ги нашол?

Веројатно затоа што знаев какво е чувството да изгубиш пари. Затоа што доколку некој ми тропнеше на врата за да ми ги врати ќе бев најсреќниот човек во светот. Ама тоа немаше како да се случи. Не е до недостатокот на чесни луѓе, до мене е. Јас не користам паричник во којшто би имало лична карта или белешка за сопственикот. Парите ги пикам право во џеб, а на нив не пишува чии се за некој да ми ги врати.

Лоша навика.

По неколку дена веќе помирен со загубата и гладен поради антикризните мерки и кратењето на буџетот за храна, буричкајки низ проѕирната кутија за монети, под неа ги забележав изгубените пари. Како да добив бинго. Бев најсреќниот човек во светот.

Наречете го поетска правда или пак можеби некој од горе гледа.

Од тој ден почнав да користам паричник.

No comments: