Thursday, December 16, 2010

Скопската врска

На фејсбук страницата за најдобар промотор на Македонија, случајно го забележав следниот коментар: „Не ми е потребна никаква награда, јас ја промовирам Македонија од моментот во кој ја открив вашата прекрасна земја :)“. Тоа беше коментар од Енрико Блумер, менаџер и продуцент од Италија.

Ми стана интересно. Зошто некој човек од Итaлија би сакал да ја промовира Македонија? Која е поврзаноста? Тој беше доволно љубезен за да го одговори тоа и нешто повеќе:

„Еден од моите основни интереси во сферата на музиката е џезот, и тоа како промотор и организатор. Во 1987 година, во Италија јас бев еден од основачите на асоцијацијата Европска Џез Мрежа. Бев член на бордот на директори кога вo 2007 година добивме молба за членство од Оливер Белопета за Скопскиот Џез Фестивал. Бев задолжен за интервјуирање на луѓето кои ги доставуваат молбите па затоа истата година се сретнав со Белопета во Амстердам.

Пред оваа средба не знаев ништо за Скопје и Македонија, освен тоа што кога имав 8 години слушнав за земјотресот бидејќи синот на мојот заболекар кој патувал низ Скопје, загинал таа ноќ.

Скопскиот Џез Фестивал беше примен во асоцијацијата и Оливер Белопета ме покани во Скопје за фестивалот. Мојот прв впечаток за градот беше многу силен. Стигнав на плоштадот Македонија два дена по смртта на Тоше Проески. Илјадници луѓе од сите возрасти се молеа на колена и палеа свеќи. Никогаш во животот не бев видел такво нешто. Веднаш се вљубив во луѓето од Македонија, чувствувајки ја и јас истата болка.

Наредните неколку дека запознав многу луѓе и се стекнав со нови пријатели. Повеќето беа музичари но имаше и од други професии. Го посетив целиот град вклучително и старата скопска чаршија. Почувствував некаква посебна атмосфера во Скопје. Насекаде имаше пријателски луѓе, луѓе кои сè уште сакаат да поминат време за дружење со други луѓе. Нешто што во мојата земја, а посебно во мојот крај - јас сум од Бергамо, северна Италија - е исчезнато. Сретнав многу млади луѓе со голема култура, свежи идеи и желба за создавање на нови нешта.

Се вратив повторно во 2008 година и решив да започнам нешто со што би ја прикажал Македонија и Скопје во странство, барем што се однесува до мојата област. Па во февруари 2009 година, пристигнав во Скопје со еден од најдобрите италијански џез трубачи и го ставив во група заедно со Џијан Емин и Георги Шарески.

Коста Мартиновски, директорот на Чифте Амам, ни даде дозвола да снимаме во оваа неверојанта, стара градба. Тоа беше волшебна ноќ и во таа ноќ албумот наречен Амам беше роден. Потоа го нареков триото The Skopje Connection (Скопската врска), го издадов компакт дискот и почнав да го дистрибуирам ширум светот.



Истата година, конечно добив покана од Европскиот Џез Фестивал наречен 12 поени (12 point) за Георги Шарески Квартет. Тоа е фестивал за млади музичари, 12 групи кои претставуваат 12 различни земји од Европската Унија. Всушност не беше баш лесно да се убеди организторот, бидејки Македонија не беше и сè уште не е земја членка на ЕУ. Но се согласија со мене дека би бил добар сигнал за политичарите и добра можност да се прикажат македонските уметници на натпревар во ЕУ. Настапија со голем успех во Норвешка, минатата година во Март.

Исто така имаше некои проблеми за да ги убедиме да го користат името Македонија, наместо БЈРМ. Истиот проблем го имав со сајтот на Европската Џез Мрежа, но на крај сите се согласија со мене дека треба да ја викаме вашата земја користејки го името што вие и вашата Влада го користите. Поради ова добивме многу непријатни електронски пораки од Грција, потпишани со „Грчки државјанин“. Нема потреба да се дава одговор...

Оваа година соработував со новинарот Бранка Костиќ Марковиќ, моја добра пријателка за правењето на документарецот за Александар Стефаноски, првиот пејач од Македонија кој настапил во Миланската Скала (Teatro La Scala). Документарецот се емитуваше на телевизија Телма.

ОК, се извинувам за моето подолго пишување, но кога зборувам за Македонија не можам да се сопрам! Најдобри желби Енрико“

За англиската верзија кликнете овде!

No comments: